Достапни линкови

Државата сè уште чека на модернизација на противпожарниот систем


Илустративна фотографија - Армијата учествува во гаснење на шумски пожари.
Илустративна фотографија - Армијата учествува во гаснење на шумски пожари.

Имплементирањето на системот NICS за следење на пожарите беше најавен минатата година, проектот не е реализиран делумно поради ситуацијата со Ковид-19, велат од Центарот за управување со кризи.

До декември оваа година во Центарот за управување со кризи (ЦУК) треба целосно да биде ставена во функција нова современа дигитална технологија за следење на ситуацијата со пожарите во земјата, вели за РСЕ директорот на ЦУК Агрон Буџаку.

Коментарите доаѓаат откако имплементацијата на ваквиот проект беше најавена уште во јули минатата година.

„Тоа е таканаречениот проект NICS за целиот Западен Балкан за дигитализација на Системот за управување со кризи. Ние меѓу земјите од Западен Балкан, можам и да се пофалам, дека бевме можеби најдобри во почеток на имплементација на тој систем, значи прво добиваме хардвер и софтвер за следење на ситуацијата, не само за пожари, туку за сите несреќи, за координација на сите институции со што ние и се занимаваме. Рековме дека од декември оваа година ќе биде сто проценти функционален и засега ние како носители на тој проект на НАТО, се уште работиме на тоа“, вели Буџаку.

Имплементацијата на овој проект беше најавена во јули минатата година. Системот NICS (Next Generation Incident Command System) треба да им помогне на надлежните во земјите од Западен Балкан во носење на подобри одлуки во итни ситуации, како што се вели во официјалните објави на НАТО. Тоа значи успешно спроведување на размена на информации и брз пристап до податоци во реално време преку голем број на уреди.

На пример со оваа технологија ЦУК ќе може во секој момент да знае каде е противпожарната единица, колите на Брзата помош или каде е полицијата.

Буџаку вели дека проектот делумно е спречен и поради ситуацијата со Ковид-19, но дека сепак ЦУК одржува обуки на институциите на локално ниво како да се вклучат системот.

Архива - пожар во Прилепско
Архива - пожар во Прилепско

Како до модернизација на противпожарните единици?

Последните информации на ЦУК за ситуацијата со пожарите покажуваат дека бројот на пожари е значително помал во однос минатите години. Буџаку објаснува дека ситуацијата е таква поради релативно влажната пролет и почетокот на летот, но и поради намаленото влијание на човечкиот фактор во палењето на пожари.

„Денес имаме само 4-5 интервенции во Крушево, Битола и Охрид во помали размери и се брзо завршени“, вели Буџаку.

За пожарникарите олдтајмери, за градоначалниците лимузини

Во однос на ситуацијата со возниот парк на противпожарните единици, податоците покажуваат дека тој е застарен и дека не ги задоволува стандардите за тоа колку противпожарни возила треба да има по глава на жител. Слична е ситуацијата со амбулантните возила.

Според дата база на Центарот за граѓански комуникации, седум противпожарни возила во земјава се постари од половина век.

Во земјава има 30 противпожарни единици кои гасат пожар со 220 возила со просечна старост од 27 години. Три четвртини од нив се произведени минатиот век.

Центарот за управување со кризи управуваа со акциите за гасење на пожарите, но нема свои луѓе кои интервенираат на терен.

Во системот за справување со пожарите Македонски шуми се одговорни да интервенираат за шумските пожари, па потоа противпожарните локални единици преку системот на Дирекцијата за заштита и спасување.

Противпожарните акции ги координира ЦУК, а Буџаку истакнува дека опремата за интервенции на терен, од една страна, е стара, додека од друга страна постојат општини кои не се во можност соодветно да одговорат во гасењето на пожарите.

„Законски е добро поставено, но немаме доволна координација на терен кога се работи за брзи интервенции“, вели Буџаку.

Тој додава дека треба нешто да се направи во обезбедување на поголема помош од централно ниво кон локалните власти за модернизирање на застарената опрема и за подобрување на координацијата меѓу институциите.

Инаку шумските пожари се најактивни во летните месеци за време на високи температури, но често, според преставници на интитуциите честа причина е човечкиот фактор.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG