Русија -- По серијата неодамнешни напади во регионот, Сергеј вели дека решил да патува од својот дом во Санкт Петербург до градот Белгород, кој е на само 40 километри од украинската граница, барајќи да се приклучи на локалната територијална одбранбена единица.
Гранатирањето и саботажата ја донесоа војната дома во пограничниот регион во последниве месеци, но низата напади во последните неколку недели, последниот од милициските групи настроени против Москва, оставија разурнување и предизвикаа најголеми воени напори за евакуација во Русија во децении.
Сергеј, како и повеќето што разговараа со „Норт Реалити“ - регионален медиум на руската служба на Радио Слободна Европа, инсистираше да биде идентификуван само по неговото име, вели дека сакал да се вклучи во војната и да се бори во Украина, но дека не бил примен поради хронични болести кои се развиле во неговите 50-ти години.
Откако ги слушнал извештаите дека ескалирале граничните напади, тој вели дека одлучил да патува од Санкт Петербург и да види дали доброволните единици на територијална одбрана во градот Белгород или во Шебекино - блискиот град на само 10 километри од украинската граница, ќе му дозволат да им придружи.
„Сè уште сакам да бидам корисен“, вели Сергеј. „Сакам да помогнам да се одржи редот и заштитата од напади.“
Шебекино, град со 40.000 жители, практично стана нов дел од линијата на фронтот, бидејќи нападите се интензивираат во Русија, вклучително и на станбени области. Нападите ја донесоа војната до прагот на Русија, 15 месеци откако руските ракети првпат го бомбардираа Киев и ја започнаа целосната инвазија на Москва.
Регионалниот гувернер на Белгород, Вјачеслав Гладков, вели дека повеќе од 2.500 жители биле евакуирани во најновите напади и однесени во привремени засолништа во спортските арени подалеку од границата. Околу 4.000, исто така, беа евакуирани од регионот на почетокот на јуни, а илјадници други си заминаа сами, според интервјуата спроведени од РСЕ.
Вкупниот број на жртви од нападите е нејасен, но официјални лица рекоа дека најмалку 13 лица загинале од почетокот на масовното гранатирање на пограничните области на регионот Белгород, а повеќе од 50 се повредени.
Линијата на фронтот доаѓа дома
Назад во Белгород, летните горештини целосно започнаа и на прв поглед се чини дека нормалниот живот е во полн ек, децата си играат во парковите, пензионерите продаваат цвеќиња, а учениците брзаат на часовите за да ги полагаат испитите за крајот на годината.
Но, растечките знаци на војна се насекаде низ градот. Долги редици се протегаат низ улицата Королева од стадионот Космос, бидејќи оние кои се погодени од нападите или принудени да ги евакуираат другите погранични градови, дојдоа за хуманитарна помош.
Билбордите кои повикуваат на поддршка за „специјалната воена операција“ - терминот што Москва го користи за инвазијата на Украина - стојат наредени во областа, заедно со избледените постери за прославата на Денот на победата во мај.
Надвор од еден од волонтерските шатори покрај стадионот, се појави брачен пар држејќи вреќи со храна. Мажот носеше маица со големо „Z“ преку стомакот - симбол на војната во Русија, додека жената носеше кошула на која пишуваше: „Добро се чувствувам, изгледам кул“.
Многумина од оние кои беа на ред за помош ја изразија својата поддршка за руската војна во Украина, иако многумина изразија фрустрација што минатиот септември руските сили се повлекоа од Харкив, регионот на Украина што граничи со регионот Белгород. Областа сега е повторно под украинска контрола, а руските власти рекоа дека Киев ја користи за да извршува напади.
Во текот на војната редовно се случува разгорување и прекугранично гранатирање меѓу украинските и руските сили.
Неодамнешните напади на Белгород, наводно, биле преземени од две паравоени групи -- Легијата на Слободна Русија и Рускиот волонтерски корпус -- кои тврдат дека се составени од Руси и се борат за каузата на Украина. Групите рекоа дека целат само кон безбедносна инфраструктура и ја прикажаа нивната борба како борба за ослободување од долгогодишното владеење на рускиот претседател Владимир Путин.
Но, видеата од прва рака, исто така, покажаа уништување на станбени области во Русија. Рускиот волонтерски корпус призна дека го гранатирал урбаното подрачје Шебекино со советски дизајнирани рактени фрлачи со повеќе ракети ("bouquets of Grads").
Украина негира дека нејзината војска е вмешана во упадите во Белгород. Како и да е, не е јасно како овие групи се вооружуваат и дејствуваат од украинска почва.
На друг пункт за дистрибуција на хуманитарна помош, овојпат поставен во трговскиот центар „Пет ѕвезди“ во Белгород, редот се движи побавно, а многу од оние што се наредени велат дека се од Шебекино и чекаат повеќе од три часа.
„Можете да забележите дека не сме задоволни од ова“, вели Виктор кој чека во редот. Тој е постар човек што го напуштил Шебекино и сега престојува кај роднините во Белгород.
„Тука е жешко, никој не испорачува вода за пиење, а нема ни лекари. Неколку стотици луѓе се само оставени да стојат овде“, додава Виктор. „Односот [од властите] беше подобар кон бегалците од Украина.
„Сега е скоро празно“
На Виктор и на некои други луѓе во регионот, нападите врз Шебекино, најодржливите напади врз руски град од почетокот на војната, јасно им ја покажале недоволната грижа на Москва за нивната судбина.
„[Шебекино] е мртов. Сега се е речиси празно“, вели Викор. „Има само уште едно останато лице на мојата улица“, вели тој.
Многу аналитичари шпекулираат дека дел од мотивацијата за нападите низ Белгород е да се скрши рускиот морал и да се ограничи домашната поддршка за воените напори.
Врз основа на неодамнешното патување на РСЕ во Шебекино и Белгород, се чини дека повеќето жители сè уште цврсто ја поддржуваат кампањата што е во тек во Украина, но се чини дека нападите ги продлабочија фрустрациите кај руските државни медиуми.
Владата посвети малку време на главните телевизиски канали под контрола на државата на уништувањето во Шебекино, што е очигледен обид да се избегне алармирањето на луѓето. Исто така, малку се објавува за бомбардирањето и убивањето на цивили.
Некои жители кои зборуваа за РСЕ во Шебекино изразија гнев поради тоа како водителите на државната телевизија се мачеле да го изговорат името на градот, иако ги пофалија напорите за евакуација.
Други изразија вознемиреност и збунетост од коментарите на заменикот на Државната дума Андреј Гурулев, член на Комитетот за одбрана, кој се чинеше дека повика на „бомбардирање“ на Шебекино додека беше во етерот со рускиот пропагандист Владимир Соловјов.
И покрај нападите, анкетите покажуваат дека мнозинството Руси не обрнуваат големо внимание на војната во Украина или на нападите на руска територија.
Според анкетата во мај спроведена од независниот центар Левада, со седиште во Москва, само 1 од 4 Руси внимателно ја следат војната и се подготвени да побараат дополнителни информации од оние на државните медиуми. Речиси половина од испитаниците рекле дека или ја следат војната површно или воопшто не ја следат.
Како одговор на нападите, локалните власти почнаа да нудат 50.000 рубли (приближно 650 долари) за погодените или раселените од борбите. Малите суми предизвикаа гнев кај луѓето кои пишуваа во групите на Телеграм, но и кај оние кои чекаа во хуманитарни редици и зборуваа за РСЕ.
„Секој е за себе“, рече Виктор. „Луѓето во Шебекино умираат. Не ни требаат [владините] слогани“.