Достапни линкови

Павел: Во моментов не се можни преговори со Путин


Петр Павел, претседател на Чешка
Петр Павел, претседател на Чешка

Пристапувањето на Украина во Европската унија и НАТО е веројатно единствената гаранција за тоа како да се обезбеди стабилност во тој регион, изјави чешкиот претседател Петр Павел во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ)

  • - Во интервјуто, чешкиот претседател Павел го оцени како „умерен“ почетокот на украинската контраофанзива во војната што трае од февруари минатата година.
  • - „Верувам дека сè уште не сме ја виделе вистинската контраофанзива. И таа ќе дојде“, рече Павел.
  • - Тој ја нагласи континуираната поддршка на европскиот блок и членките на НАТО за Украина.
  • - Кога станува збор за евентуалното учество на војници од земјите-членки на НАТО, Павел изјави дека секое вклучување на воена сила „по дефиниција“ би значело влегување во војна со Русија.

РСЕ: Според вас, како уривањето на браната Каховка во рускиот окупиран дел на Херсонската област влијаеше на плановите на украинската војска да ги деокупира нејзините јужни територии?

Павел: Верувам дека овој настан имаше страшно влијание врз многу луѓе од двете страни. Ќе видиме само кој навистина стои зад тоа -- дали станува збор за несреќа, предизвикана од Русите, или дали била намера, дали намерата била само делумно или целосно уништување. Но, дефинитивно овој настан ќе има влијание не само врз цивилното население и на окупираните територии и на териториите кои се под контрола на украинската војска, ќе има влијание и врз животната средина, врз земјоделството, ќе ја загади областа. И, исто така, со бројот на мини, тоа ќе ги комплицира сите воени операции, вклучително и украинските операции. Значи, всушност, областа што беше поплавена е толку голема, што има влијание врз сите воени операции во областа.

РСЕ: А како ги оценувате првите денови од украинската контраофанзива?

Павел: Па, го видовме почетокот што беше, да речеме, умерен, верувам дека сеуште не сме ја виделе вистинската контра офанзива. Ќе има повеќе. Јас би го нарекол, со одредено воено искуство, како подготвителна на операција.

РСЕ: Дали сè уште имате верба дека ако Украина не постигне значителен напредок оваа година, ќе видиме дека оваа војна ќе се претвори во еден вид замрзнат конфликт, со повеќе или помалку статични линии.

Павел: Она што го гледаме денес е дека подготовката за контраофанзива траеше со месеци и сосема природно затоа што да се подготви значителна воена сила, да се опреми, да се обучи, да се добијат доволно ресурси од секаков вид, потребно е долго, долго време, многу ресурси, исто така бара многу напор од сите вклучени луѓе. Значи, дури и ако го земеме од оваа техничка гледна точка - за да се подготвиме за нова офанзива ќе биде потребно повторно долго време. Ако ги земеме предвид и временските услови кои се многу неповолни во текот на зимата, тогаш сега ќе дојдеме до заклучок дека што и да не се постигне оваa година, ќе треба да се одложи барем до пролетта следната година, со сите придружни тешкотии, вклучително и континуитет на поддршката.

Чешкиот претседател Петр Павел на интервју во РСЕ во Прага
Чешкиот претседател Петр Павел на интервју во РСЕ во Прага

Воена помош за Украина ќе продолжи

РСЕ: Имајќи предвид дека Западот постојано напредува во однос на испораката на оружје - од одбранбена во офанзивна, од ракети со среден дострел до долг дострел - дали категорично може да исклучите дека нема да видиме западни чизми на теренот во Украина?

Павел: Мислам дека ова прашање е сè уште исто. Не е важно дали трупите на НАТО ќе се приклучат на операцијата на самиот почеток или подоцна, правно сè уште е исто - без разлика која земја или група земји ќе се приклучат на конфликтот, тоа, по дефиниција, ќе значи дека НАТО се приклучил во војната со Русија. Мислам дека никој не сака таква војна, бидејќи и покрај сите слабости на руската војска и руската држава, тие многу веројатно би ја вратиле употребата на нуклеарно оружје во такво сценарио. Многупати го посочија тоа. И затоа мислам дека секој разумен политичар веројатно би ја игнорирал таквата опција.

РСЕ: Дали во оваа фаза го делите мислењето дека на Украинците очајно им се потребни борбени авиони Ф-16 или други ловци од западно производство? И ако е така, кога Украина ќе ги добие?

Павел: Она што го гледаме сега е почеток на обуката, но, за жал, обуката за борбени авиони трае многу повеќе од обуката за тенкови или оклопни возила. Значи, можеме да предвидиме најрано до четири, пет месеци, пред да можат да се користат на украинска територија. Но, според мое мислење, ние сме, кога велам „ние“, мислам на сите земји кои ја поддржуваат Украина во овој конфликт, веројатно бевме бавни во голем број области. И го одложивме обезбедувањето на некое оружје. Горд сум што Чешка не беше меѓу тие земји -- ние обезбедивме се што можевме од самиот почеток. Но, некои земји беа поневолни. Со развојот на конфликтот, тие сфатија дека нема друг начин освен поддршка на Украина до успехот на Украина во оваа војна. И затоа веројатно сега се поподготвени да ја обезбедат опремата што не сакаа да ја обезбедат на почетокот. Тоа го видовме во случајот со главните борбени тенкови, го гледаме со обезбедувањето артилерија со поголем дострел. И тоа го гледаме сега со обуката за пилотите на борбени авиони. Така, се надеваме, штом ќе заврши оваа обука, пилотите на оние Ф-16 кои се предлагаат да и бидат доставени на Украина ќе бидат искористени за многу подобра заштита на украинскиот воздух од каква било агресија.

Какви се очекувањата од престојниот самит на НАТО?

РСЕ: Што се однесува до НАТО, какви се вашите очекувања од Самитот на НАТО во Вилнус и која според вас ќе биде задоволителна декларација на самитот за членството на Украина, и дали според вас, претседателот Зеленски треба да дојде во Вилнус?

Павел: Дозволете ми да почнам од крајот. Мислам дека претседателот Зеленски ќе биде добредојден во Вилнус. Неговото присуство навистина би ја означило важноста на настанот. Она што го очекувам е навистина силен вокабулар кога станува збор за долгорочна поддршка на Украина. Гледам дека голем број земји се согласуваат за долгорочен план за поддршка на Украина кој нема да се заснова на еднократни придонеси, туку на внимателно планирана долгорочна процедура. Она што исто така го очекувам е дека нивото на сегашната Комисија за Украина на НАТО ќе се подигне на ниво на Совет, што исто така ќе означи многу подобар статус на Украина на овој форум. Но, јас исто така многу би поздравил јасен јазик за идното членство на Украина штом војната ќе заврши. Очигледно, процесот на пристапување не може да започне кога земјата се уште е во војна. Но, силно верувам дека сите лидери ќе разберат дека присуството на Украина и во НАТО и во ЕУ, е веројатно единствената гаранција како да се обезбеди стабилност во овој регион, како да се направат и НАТО и ЕУ посилни и како да се задржи Русија и нејзината агресивна политика.

Руска војна, а не само војна на Путин

РСЕ: Ајде да зборуваме малку за Русија. Дали можете да замислите какви било мировни преговори со режимот на Путин, да речеме, по некои убедливи украински успеси на бојното поле, или тоа би требало да бидат некои наследници на Путин кои не се поврзани со оваа ужасна војна со кои би можеле да комуницираат и Украина и Западот?

Павел: Сосема искрено, во моментов не сум многу среќен што слушам дека некои западни лидери размислуваат за средби со Путин. Искрено, не можам да го замислам тоа во моментов. Со лидери кои се толку цинични да лажат речиси секојдневно, кои ги искривуваат информациите, кои се способни да ја обвинат земјата што ја нападнаа, за злосторства? Многу е тешко да се замисли дека некој може да седне на маса со некој таков. Затоа што, ако не можете да им верувате на аргументите на вашиот колега на маса, како можете да се надевате дека ќе дојдете до разумен заклучок? Но, се надевам, штом ќе се развие ситуацијата и штом Украина ќе биде поуспешна во нивната контраофанзива, се надевам дека тоа ќе го доведе дури и руското раководство на поинаква позиција, и тие веројатно ќе бидат поподготвени да дојдат до прагматични преговори. Но, во овој момент, не го гледам тоа.

РСЕ: Дозволете ми да ви го поставам ова прашање - дали целата вина за руската агресија врз Украина треба да се префрли на Путин и Кремљ или целото руско општество сноси одговорност за тоа?

Павел: Доста често го слушав тој аргумент дека треба да го сфатиме само како војна на Путин, а не како војна на Русија. Тоа не е добар аргумент. Кога ќе ја погледнеме поддршката што ја ужива претседателот Путин меѓу руското население, кога ќе видиме колку луѓе ја поддржуваат војната, колку луѓе дури повикуваат на проширување на војната во други земји, тоа мора да го наречеме руска војна.

РСЕ: А што мислите за иднината на Русија? Дали западните земји, вклучително и Чешка, треба да одржуваат врски со руската опозиција надвор од Русија? Или овие луѓе се само политички безнадежни емигранти кои нема да влијаат на ниту еден процес во идната Русија?

Павел: Па, кога ќе ја погледнеме сегашната Русија, не сите луѓе се задоволни од режимот. И покрај тоа што поддршката за Владимир Путин и војната изнесува 75 или 80%, тогаш што е со оние кои преостануваат од 20 или повеќе проценти? Сигурен сум дека не сите Руси се задоволни со загубите, со намалениот животен стандард, со недостигот на стоки, без можности за патување наоколу, а исто така и со фактот дека Русите, генерално, ќе бидат сега веќе неколку генерации сметани за варвари за она што го направија. Така, секогаш постои шанса да се најдат луѓе во Русија, кои ќе можат да комуницираат, кои ќе бидат надеж за Русија да се промени, но ќе треба време. Не треба да бидеме толку кусогледи за да ја изолираме Русија целосно. Така, каде и да најдеме некој што ќе може да комуницира, кој ќе може да разговара за Русија во иднина, под различни услови, треба да ја искористиме таа можност.

XS
SM
MD
LG