Достапни линкови

Вести

Повеќе од 280 загинати во железничка несреќа во Индија

Железничка несреќа, Одиша,Индија 2 јуни 2023
Железничка несреќа, Одиша,Индија 2 јуни 2023

Најмалку 288 луѓе загинале, а 850 се повредени во повеќекратни судири на возови во источната индиска држава Одиша, јавува Би-Би-Си.

„Повеќе од 200 амбулантни возила се испратени на местото во областа Баласоре“, рече главниот секретар на Одиша, Прадип Јена.

Доцна во петокот патнички воз излетал од шините пред да биде погоден од друг на соседната пруга.

Тоа е најтешката железничка несреќа во Индија во овој век. Официјални лица велат дека бројот на загинати се очекува да се зголеми.

Судханшу Саранги, генерален директор на Противпожарната служба Одиша, рече дека бројот на загинати изнесува 288.

Главниот секретар на Одиша, Прадип Јена, претходно изјави дека се мобилизирани повеќе од 100 дополнителни лекари.

Индискиот премиер Нарендра Моди рече дека е вознемирен од инцидентот и дека неговите мисли се со ужалените семејства.

„На местото на несреќата во тек се спасувачки операции, а на погодените им се дава секаква можна помош“, напиша тој на Твитер.


Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Амит Шах го нарече инцидентот „длабоко вознемирувачки“.

Еден преживеан маж опиша дека 10 до 15 луѓе паднале врз него кога се случила несреќата.

„Ги повредив раката и задниот дел од главата. Кога излегов од возот, видов дека некој изгубил рака, некој останал без нога, додека нечие лице е изобличено“, изјавил преживеаниот за индиската новинска агенција АНИ.

Во земјава е прогласен Ден на жалост.

Се верува дека неколку вагони од Коромандел Експрес излетале од шините, а некои од нив завршиле на спротивната пруга, јавува Би-Би-Си.

Друг воз кој патувал од Џесванпура до Хура се верува дека удрил во превртените вагони.ж

Индиските власти соопштија дека товарен воз, кој стоел на местото на настанот , така бил вклучен во инцидентот. Детали не се соопштени.

Како што јавуваат медиумите, преживеаните патници брзаат да помогнат во спасувањето на затрупаните во урнатините.

Локалните автобуски компании помагаат и во транспортот на повредените патници.

„Индија ја има една од најголемите железнички мрежи во светот и несреќите се вообичаени, и покрај тоа што последователните влади инвестираат стотици милиони долари за подобрување на инфраструктурата, вели регионалниот уредник на БиБиСи во Јужна Азија, Анбарасан Етирајан.

Најлошата железничка катастрофа во Индија се случи во 1981 година, кога пренатрупаниот патнички воз излета од шините во река за време на циклон во државата Бихар, при што загинаа најмалку 800 луѓе.

види ги сите денешни вести

Гаши ја назначи Комисијата за здравство за надлежна за одржување на надзорната расправа за аерозагадувањето

Собрание, архивска фотографија
Собрание, архивска фотографија

Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство. Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево информираа дека тој ја назначил оваа Комисија како матично работно тело за расправата.

- Комисијата за здравство сега соодветно ќе ја свика седницата, за да се погрижи расправата да се одвива на организиран, деловнички и законски начин. Собранискиот надзор е суштински, но и почитувањето на Деловникот за одржување на кредибилитетот и отчетноста. Собранието останува посветено на решавање на важни јавни прашања, истовремено обезбедувајќи процедурален интегритет - се наведува во соопштението од Кабинетот на Гаши.

Кабинетот информира дека на 6 февруари претседателот на Постојната анкетна комисија, Димитар Апасиев доставил известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари, а дел од членовите на оваа Комисија на 13 февруари доставиле известување со кое укажале дека во однос на оваа јавна расправа има постапувања кои не се во согласност со Деловникот.

Укажувањата биле проследени до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која на 17 февруари заклучила дека не биле испочитувани процедуралните правила по што претседателот на Собранието го информирал Апасиев дека закажаната јавна расправа не може да продолжи под тие околности.

- На 30 јануари доставено е Барање од 20 пратеници до претседателот на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, преку Претседателот на Собранието за одржување на надзорна расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје – посочуваат од кабинетот во денешното соопштение.

Оттаму додаваат дека на 6 февруари, Апасиев доставил известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари 2025.

Во соопштението се посочува дека дел од членовите и замениците членови на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на Собранието доставиле известување во врска со надзорната расправа за аерозагадувањето закажана за 25 февруари 2025 година.

Во известувањето се укажува дека во врска со оваа јавна расправа има постапувања кои не се во согласност со Деловникот, објаснуваат од кабинетот од каде додаваат дека укажувањата биле проследени до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Комисијата пак, го разгледала предметот и на 17 февруари заклучила дека не се почитувани процедуралните правила.

-Следствено, на 19 февруари, претседателот го информираше Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности, се наведува во писмениот одговор од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Апасиев: Гаши да не ја опструира надзорната расправа за аерозагадувањето

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, пратеникот на Левица, Димитар Апасиев вчера (18 февруари) на прес-конференција обвини дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ прават опструкции и саботажи за надзорната расправа за аерозагадувањето.

Од претседателот на Собранието Африм Гаши побара да не го зема предвид мислењето на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања и да не го опструира процесот, бидејќи ќе се соочи со правни постапки.

Апасиев објасни дека добил допис од Гаши дека дваесет пратеници од опозицијата од него побарале да свика надзорна расправа за аерозагадувањето, што било негова деловничка должност така да постапи.

Тој рече дека Постојаната анкетна комисија веќе е во „неповратен“ процес на канење на четириесет гости меѓу кои премиерот и двајца министри, единаесет претставници на јавни органи, шест градоначалници, четири експерти и професори, осум екоактивисти, четири истражувачи новинари и тројца од приватен сектор.

Барање за одржување надзорна расправа испратија и 61 пратеник од владејачкото мнозинство во Собранието откако Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања донесе мислење. Како што вчера на прес-конференција изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, надзорна расправа ќе се случи со целосно почитување на одредбите од Деловникот.

Инцидент при блокадата на Студентскиот културен центар во Белград

СКЦ Белград, Србија
СКЦ Белград, Србија

Студентите кои ја блокираат зградата на Студентскиот културен центар (СКЦ) во Белград соопштија дека непознат маж денеска (19 февруари) го скршил стаклото на влезната врата од оваа установа и се обидел да ги погоди студентите со парчиња стакло.

Тие на социјалната мрежа Инстаграм информираа дека една студентка е погодена со парче стакло, но сепак никој не е повреден.

Инцидентот веќе е пријавен во полиција.

„Се надеваме дека вакви инциденти и напади на студентите на ослободениот СКЦ веќе нема да се случуваат за да можеме да продолжиме со организирање на најавените настани и работилници на кои работиме посветено во последната недела“, се наведува во соопштението од студентите кои додаваат дека работат и на поправка на штетата.

Од полицијата за Радио Слободна Европа изјавија дека се известени за инцидентот и дека трагаат по сторителот. За сè е известено и Јавното обвинителство во Белград.

Самоорганизираната група на студенти на 12 февруари објави блокада на Студентскиот културен центар.

„Блокадата на СКЦ и барањата кои доаѓаат со неа се дел од паралелната борба за враќање на студентските простори на студентите, на што гледаме како на логичен продолжеток на студентската борба и неопходен вид на понатамошна радикализација“, се вели во една од објавите на Инстаграм профилот „СКЦ во блокада“.

Се наведува дека остануваат четири основни студентски барања и дека одлуките во врска со блокадата нема да ги саботираат оние кои студентите ги носат на ниво на универзитет.

Дел од студентите два и пол месеци ги блокираат факултетите и протестираат низ целата земја повикувајќи на одговорност за смртта на 15 луѓе на Железничката станица на 1 ноември во Нови Сад.

Студентите кои учествуваат во блокадата на СКЦ соопштија дека оваа институција е „нетранспарентна“ наведувајќи дека ниту на јавноста ниту на студентите им се достапни статутот, имињата на членовите на управниот одбор, но и финансискиот план.

Управата на СКЦ не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа по повод блокадата на зградата и обвинувањата од студентите.

СКЦ по доаѓањето на Слободан Милошевиќ на власт во Србија на почетокот на деведесеттите години, беше одземен од Белградскиот универзитет и ставен под надлежност на Министерството за образование.

Европскиот парламент бара укинување на санкциите против Косово

Илустрација
Илустрација

Известувачот за Косово во Европскиот парламент, Рихо Терас го подготви годишниот Нацрт извештај за ситуацијата на Косово и напредокот на земјата кон Европската унија, кој ќе биде претставен на 20 февруари на седница на Комитетот за надворешни работи на ЕП.

Нацрт извештајот ја истакнува посветеноста на Косово кон европската интеграција и нагласува дека иднината на Косово лежи во ЕУ, како и дека напорите за повлекување на земјата од сивата зона се во интерес и на Косово и на Брисел.

Исто така, во извештајот се поддржува апликацијата на Косово за членство во ЕУ и ги повикува земјите-членки кои не го признале Косово да го сторат тоа без понатамошно одложување. Документот, напишан од Терас по консултации со партнерите и земајќи ги предвид наодите на Европската комисија, го нагласува „значителниот напредок во областа на правдата, безбедноста и слободите, борбата против организираниот криминал и функционирањето на пазарната економија", но жали за ограничениот напредок во владеењето на правото.


Нацрт извештајот повторно бара од Европската унија да ги укине санкциите против Косово, кои ги наметна во јуни 2023 година поради тензиите во северниот дел на земјата.

Санкциите вклучуваат замрзнување на неколку фондови на ЕУ и суспензија на состаноците на високо ниво со косовски официјални лица.

„Повикуваме на итно укинување на мерките на ЕУ против Косово, кои повеќе не се оправдани и кои се спротивставуваат на покажаната посветеност на Косово кон европските вредности и неговото усогласување со политиките на ЕУ", се вели во документот.

Европскиот парламент го поддржува барањето на Косово за членство во Советот на Европа и неговиот план да се приклучи на програмата на НАТО Партнерство за мир.

Во Нацрт-извештајот се бара во прилог на правните реформи, резултатите од истрагите и случаите на казнување да бидат видливи.

Исто така, изразена е сериозна загриженост поради системските слабости во правосудниот систем на Косово, особено во поглед на независноста.

„Ја повторуваме нашата загриженост поради одложувањата во судските предмети и критиките од страна на владините претставници за одлуките во поединечни случаи", се вели во нацрт-извештајот.

Се изразува загриженост и за безбедносната ситуација на северот на Косово, особено по вооружениот напад на Бањска во септември 2023 година и нападот на каналот Ибар-Лепенац во ноември 2024 година.


Во Нацрт извештајот се повикува виновниците за овие насилни акти да бидат донесени пред правдата.

Се изразува и жалење бидејќи Србија не ги донела пред лицето на правдата „лидерите на терористичкиот напад во Бањска, меѓу кои е и поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радојчиќ".

Во однос на ситуацијата во медиумите, нацрт-извештајот го споменува постоењето на плуралистичка средина и ја нагласува улогата на Независната комисија за медиуми, чија автономија „мора да биде силно заштитена".

Нацрт извештајот повикува на поголема транспарентност во однос на сопственоста и финансирањето на медиумите, со сериозна загриженост за случаите на напади врз новинари.

Во документот, исто така, се изразува поддршка за процесот на дијалог насочен кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и го поздравува назначувањето на Петер Соренсен за специјален пратеник на ЕУ за дијалог.

По презентирањето на нацртот во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, членовите на ЕП ќе имаат можност да изнесат амандмани за него. Потоа за нив прво ќе се гласа во Комитетот, по што Извештајот ќе биде усвоен како резолуција на Европскиот парламент.


Јаневска: Со новиот Закон за високо образование ќе се реформира Агенцијата за квалитет во високото образование

Весна Јаневска, министерка за образование и наука/архивска фотографија
Весна Јаневска, министерка за образование и наука/архивска фотографија

Новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО) – информираше денеска (19 февруари) на прес конференција, министерката за образование и наука Весна Јаневска.

„Агенцијата за квалитет во високо образование, не ги задоволува потребите и на вака релативно слабо поставен образовен систем и проблеми што се наоѓаат во високото образование. Очекуваме нов директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, бидејќи стариот е разрешен во Собрание. Ќе си распише Собранието конкурс, ќе има нов директор. Но, новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на оваа институција“, посочи Јаневска.

Според неа, очекувањата од новите законски измени се тие да доведат до поголема функционалност на оваа Агенција и таа да ги исполнува функциите што треба да ги прави.

Одговарајќи на новинарското прашање зошто одреди студии не добиваат акредитации а за нив има интерес, таа рече дека не може да каже зошто досега имало пречки од таков вид.

„Тоа прашање треба да го упатите до Одборот, директорот на Агенцијата претходен, на членовите од Одборот за акредитација и евалуација. Ниедна евалуација не е направена од постоењето на Агенцијата, за жал. Ние сакавме да направиме минатата година, одвоивме средства, но, не успеавме заради внатрешни проблеми на Агенцијата“, појасни ресорната министерка.

Изрази надеж дека со новото раководство ќе почне соработката за да може да се воведат нови студиски програми, некои да се стават во мирување, дел да се укинат.

Јаневска информираше и дека Министерството продолжува да работи на решавање на концепцијата за средно гимназиско образование.

Прашана во врска со образовни асистенти во средните училишта, таа рече дека ќе се потрудат да обезбедат за ученици кои ќе имаат потреба од нив.

„Законот вчера помина на Влада и ќе оди во собраниска процедура. Претходниот закон не предвидуваше образовни асистенти во средните училишта. Овој закон предвидува образовни асистенти и во средните училишта. Тоа што е сигурно е дека тие од септември оваа година, ќе имаат образовни асистенти, а во моментов, доколку има сериозна потреба и непополнето место за образовен асистент, ќе се потрудиме да обезбедиме и за овие ученици“, одговори Јаневска.

Инаку, новиот Закон за високо образование треба да биде усвоен во текот на оваа година. Јаневска за ова информираше од собраниската говорница за време на седницата за пратенички прашања на 28 ноември лани.

Околу 400 лица се „невидливи“ за државата, Зибери повика на решавање на проблемот

Насер Зибери, архивска фотографија
Насер Зибери, архивска фотографија

По повеќе од 13 години девојче од скопско Шуто Оризари добива документи, односно доаѓа до Извод од матична книга на родени. Со тоа веќе станува видливо за институциите и непречено ќе може да ги остварува своите права и да се запише во училиште. Народниот правобранител, Насер Зибери денеска (19 февруари) на прес-конференција укажа дека ова не е изолиран случај.

Тој апелираше до институциите да се анимираат и го решат проблемот за околу 400 „невидливи лица“ кои имаат побарано да добијат извод по законските измени во 2021 година.

Иако за решавање на проблемот потребен бил само документ од болницата каде е родено детето, случајот се затвора откако се вклучува дневниот Центарот, невладините и Народниот правобранител. Интересно е, што и на самиот Омбудсман му барале повеќе документи и му требале околу два месеци да го решат овој случај.

Раководителката на дневниот Центар во Шуто Оризари, Мерима Дестанова Физулај појасни дека постапката почнува од 2023 година, кога до нив се обраќа мајката на девојчето. Проблемот, како што рече, е тоа што иако девојчето е родено на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, таткото не живее во државата, а мајката не успеала да направи упис во матична книга.

Народниот правобранител, Зибери информираше дека проблем со упис во евиденција на матични книги и добивање на извод имаат повеќе лица.

На првиот повик од пријавени 700, анимирани и поттикнати се 400 да поднесат барање да се евидентираат. Од нив, 268 влегле во постапка, а 60 досега успеале да се стекнат со матичен број.

„Проблемот е долгогодишен и направени се низа законски измени во 2021 година, со кои се создадоа услови за уписот да се врши по службена должност. Но, сепак работите во пракса се поинакви. Доказ дека не функционира најсоодветно е тоа што и во тековната година, иако има нецели два месеци, имаме претставки од оваа област. Еден од поистакнатите примери е каде и мајката и детето не се евидентирани и практично се невидливи за институциите“, појасни Зибери.

Поголема ажурност на Управата за водење на матични книги

Зибери, посочи дека во препораките од годишниот извештај ќе се укаже дека Управата за водење на матични книги треба да биде поажурна.

Тој потсети дека во 2021 година, собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, а две години подоцна беше изменет и Законот за матична евиденција.

„Во текот на 2023 се направија соодветни измени и дополнувања и на одредбите од Законот за матична евиденција со што се создадоа предуслови лицата кои се запишуваат во посебната матична книга на родени и добиле извод од посебната матична книга да се запишат во редовната матична книга на родени по службена должност веднаш, а најдоцна во рок од 90 дена од влегувањето во сила на овој закон“, додаде Зибери на денешната прес конфереција.

Денот на донесувањето на овие законски измени се совпадна со погребот на 19-годишниот Мемет Камбер, кој почина поради компликации настанати како последица на неоткриен дијабет. Младиот Мемет немаше ниту лична карта, ниту здравствена книшка, што доведе дури и до бирократски пречки за тој да биде погребан.

Тогаш Институтот Ромалитико предупреди дека освен ова момче, има и други примери на лица кои го загубиле својот живот или пак се соочиле со сериозни потешкотии во процесот на добивање на здравствена заштита.

Усвојувањето на измените на Законот за матична евиденција беше поздравено од Агенцијата за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР која во соопштение наведе дека тие ќе овозможат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство.

Мерц ја отфрла можноста АфД да биде дел од негова владина коалиција

Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц
Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц

Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц, призна дека неговата партија гласала за нов закон за миграција со поддршка на екстремно-десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД), иако претходно ветил дека нема да соработуваат со неа.

„Свесен сум дека ова беше отстапување од договорот со останатите владејачки партии“, изјави Мерц на изборен митинг во Потсдам.

Мерц, кој е лидер на Христијанско-демократската унија (CDU) и кандидат за канцелар на конзервативниот блок, претходно им вети на социјалдемократите (SPD) и Зелените дека ќе носи одлуки исклучиво со нив, за да не создаде мнозинство со АфД - партија која другите партии ја одбиваат поради екстремизам.

Во ноември, по излегувањето на либералите од владата, се распадна „семафор коалицијата“ во Германија, оставајќи ги СПД и Зелените како единствени владејачки партии. Сепак, Мерц ги искористи гласовите на АфД за да изгласа закон за построга миграциона политика.

Како оправдување за оваа одлука, тој посочи на два неодамнешни насилни напади во Германија што ги извршиле мигранти. Во декември, маж од Саудиска Арабија уби шест лица и повреди речиси 300 на божиќен пазар во Магдебург. Во Ашфенбург, Авганистанец е главен осомничен за напад со нож во кој загинаа две лица.

Мерц, сепак, инсистира дека, ако стане канцелар по изборите на 23 февруари, нема да има никаква соработка со АфД.

„Нема да има соработка меѓу ЦДУ и АфД, ниту сега, ниту во иднина“, изјави кандидатот за канцелар од редовите на конзервативците.

Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 23 февруари.

Агелер: Внимателно ги следиме случувањата во правосудниот систем

Амбасадорката на САД во РСМ, Ангела Агелер, Скопје, 19 февруари 2025 година
Амбасадорката на САД во РСМ, Ангела Агелер, Скопје, 19 февруари 2025 година

Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека Соединетите Држави внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владниниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од страна на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието за петмината членови на Судскиот совет, кој се избрани од закондавниот дом и нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.

Агелер запрашана за коментар за владиниот предлог за разрешување на Коцевски кусо одговори дека нема коментар, но дека го следат процесот одблиску.

„Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот, според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме“, одговори кусо Агелер, по примопредавање на мобилно оперативно возило за Црвен крст.

Во врска со случувањата во Судскиот совет исто така не навлегуваше во детали и само кусо одговори дека одблиску го следат и тој процес.

„Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, одговори американската амбасадорка.

Владата на вчерашната седница, го разгледала мислењето од Министерство за правда и го задолжила ресорното Министерство да достави предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител пред истекот на неговиот мандат, кој потоа, како што вчера на прес-конференцијата портпаролката на Владата Марија Митева, ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители.

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски вчера изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.

Во меѓувреме, пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Претседателот законодавниот дом Африм Гаши, според Деловникот, треба да ги достави до нив и во рок од десет дена да добие одговор дали тие ќе се изјаснат за содржаните наводи.

Откако ќе помине овој рок без разлика дали членовите на Советот, кои се избрани од Собранието, ќе сакаат да се изјаснат или не, Гаши ќе може да ја закаже седницата на која ќе се расправа за интерпелациите. Согласно овие рокови, очекувањата се дека седницата на која ќе се расправа за интерпелациите би била до или на почетокот на март.

Советот на ЕУ ги усогласи ставовите за буџетот за 2026 година

илустрација
илустрација

Земјите членки на ЕУ ги усогласија своите ставови околу буџетот на Европската Унија за 2026 година, кој, според нив, ќе има клучна улога во развојот и реализацијата на долгорочните цели и политичките приоритети на блокот.

Усогласените ставови во рамки на Советот за економски и финансиски работи на ЕУ треба да и дадат политички насоки на Еврокомисијата во подготовката на Предлог-буџетот на ЕУ за следната година..

„Советот одново потврдува дека ЕУ останува посветена на обезбедувањето континуирана финансиска поддршка за Украина, онолку долго и онолку интензивно колку што е потребно, како и поддршка на нејзината отпорност и долгорочна обнова. Советот ја нагласува важноста буџетот за 2026 година да продолжи да ја манифестира солидарноста на Унијата со народот на Украина и да одговори на постоечките кризи“, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Советот оценува дека буџетот за 2026 година треба да биде во согласност со реалните потреби, да обезбеди разумно финансирање и да овозможи доволно средства за справување со евентуалните непредвидени околности и со предизвиците на Унијата.

„Во исто време, буџетот за 2026 година треба да обезбеди доволно ресурси за да се овозможи спроведување на програмите на Унијата, вклучувајќи ја и Регионалната итна поддршка за обнова (РЕСТОРЕ)“, се додава во соопштението.

Во заклучоците на Советот се нагласува и дека Комисијата при изработка на предлог-буџетот за 2026 година мора да води сметка за приоритетите утврдени со ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, вклучително и за прашањата поврзани со миграцијата.

Завршни зборови во судскиот процес против претседателот на РС, Додик

Милорад Додик пред судот на Босна и Херцеговина, Сараево, 19 февруари 2025 година
Милорад Додик пред судот на Босна и Херцеговина, Сараево, 19 февруари 2025 година

Во Судот на Босна и Херцеговина денеска (19 февруари) се одржуваат завршни зборови на обвинителот и одбраната на претседателот на Република Српска, Милорад Додик и поранешниот в.д. на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, кои се обвинети за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.

Додик е обвинет за потпишување на претседателски декрети, со кои се прогласени за валидни два неуставни закони на Република Српска, кои високиот претставник претходно ги поништи.

Лукиќ е обвинет за објавување на овие закони и уредби со кои се предвидува дека во тој ентитет не се применуваат одлуките на високиот претставник и на Уставниот суд на БиХ.

Ако Додик и Лукиќ бидат прогласени за виновни можат да бидат осудени на пет години затвор и забрана за политичко дејствување.

Судскиот совет има рок од три дена да донесе пресуда.

Највисоките претставници во РС, по состанокот пред два дена, најавија радикални одлуки доколку судот ги прогласи Додик и Лукиќ за виновни.

Притисоци вршат и претставници на властите на соседна Србија, но и на Унгарија.

Така, српскиот претседател Александар Вучиќ на 17 февруари во Будимпешта изјави дека се надева оти „во БиХ нема да бидат донесени пресуди кои би можеле да ја загрозат стабилноста“.

Два дена пред последното рочиште, унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на „престанок на казнувањето на Додик“, кој заедно со целото раководство на РС е под санкции од САД и Европската Унија поради корупција и поткопување на БиХ.

Што доведе до судење?

На седниците на Собранието на РС во јуни 2023 година беа донесени неуставни закони во кои се наведува дека правните акти на Високиот претставник нема да се објавуваат во Службен весник на РС, како и дека одлуките на Уставниот суд на БиХ, кои се конечни и обврзувачки според Уставот на БиХ, нема да се применуваат на територијата на овој ентитет.

Високиот претставник Кристијан Шмит, со Бонските овластувања, укина два закони за ентитетите на 1 јули 2023 година и воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот да се имплементираат одлуките на високиот претставник е кривично дело.

На 7 јули 2023 година, Додик потпиша декрети со кои овие закони се прогласени за валидни и тие беа објавени во Службен весник на РС.

Обвинителството на БиХ на 11 август поднесе обвинение против Додик и Лукиќ, а судот го потврди на 11 септември.

Кривична пријава за Перпарим Бајрами за закупот на деловен простор за Лотарија

Деловниот простор кој беше избран за ново седиште на Државната лотарија
Деловниот простор кој беше избран за ново седиште на Државната лотарија

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами за злоупотреба на службена положба и овластување, нанесувајќи му штета на ацкионерското друштво од 400.586 евра.

Финансиската полиција го сомничи Бајрами дека склучил договор за закуп на простории за потребите на Лотарија кои не биле соодветни и не биле согласно условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.

„Пријавениот склучил договор за закуп за деловни простории за 9 евра по м2 иако во тој период цената за м2 за слични објекти по намена и вид во населено место Визбегово се движела од 2.5 до 4.5 евра. Исто така, деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, односно, објектот - деловните простории требало да бидат реновирани и реконструирани при што за истото пријавениот предвидел и отпочнал Јавна набавка со износ од 1.300.000 евра за реновирање и реконструкција, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија“, појаснуваат од Финансиската полиција.

Во пријавата се наведува дека Бајрами предвидел посебен услов во јавниот повик, деловниот објект и магацинскиот простор да се со вкупна просторна површина од најмалку 2000 до најмногу 2500 м2 и истиот склучил договор за закуп на објект – деловни простории со површина од 2426 м2 иако вкупната површина на објектот по имотен лист изнесува 2924 м2.

Во пријавата се наведува и дека Бајрами иако во јавниот повик за прибирање понуди за закуп за деловни простории предвидел посебен услов понудувачот да има сопствено дворното место на објектот и да има простор за најмалку 50 паркинг места за патнички и товарни возила, истото не било опфатено во договорот за закуп склучен на 05.07. 2023 година.

Епилог по истражувањата на Радио Слободна Европа

Кривичната пријава на Финансиската полиција против екс директорот Перпарим Бајрами доаѓа како резултат на серијата истражувања на РСЕ за закупот на поранешниот ресторан за свадби кој беше избран за нов деловен простор на акционерското друштво.

Уште во октомври 2023 година, РСЕ објави дека Државна лотарија закупила деловен простор во скопско Визбегово. Според договорот за закуп, акционерското друштво се обврза да исплати 2,6 милиони евра на „Хеј ДООЕЛ“ за рентање на простор во следните 10 години. Односно, по речиси 22.000 евра месечна кирија.

Договор за закуп на деловни простории меѓу Државна лотарија на Република Северна Македонија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“
Договор за закуп на деловни простории меѓу Државна лотарија на Република Северна Македонија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“

Компанијата го купи земјиштето и објектот неколку месеци пред да склучи договор со Државна лотарија.

Прв сопственик на „Хеј ДООЕЛ“ беше Армин Машовиќ, а две недели како управител беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Веб - страницата на компанијата „Хеј ДООЕЛ“ беше регистрирана на лицето Шабан Амзовски, кој воедно беше и член на управниот обор на Државна лотарија.

Подоцна, сопственоста премина во рацете на газдата на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски.

За 13 месеци Државна лотарија и исплати над 300 илјади евра на „Хеј ДООЕЛ“ за закупот на поранешниот ресторан.

Во септември 2024 година, Државната лотарија еднострано го раскина овој договор, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека е основа за покренување кривична постапка.

Министерството за внатрешни работи во декември минатата година распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати.

И Перпарим Бајрами и Артан Груби се недостапни за органите на прогонот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG