Достапни линкови

Како од „око за око, заб за заб“ до помирување?


Илустрација
Илустрација

Дел од младите не штедат зборови кога сакаат да ги навредат врсниците, велат средношколците, а потврдуваат експертите. Како да им се помогне на жрвтите на булинг, но и на насилниците?

Ме задеваа во основно бидејќи имав подобри оценки, а бев и малку повлечена. Јас сум покрупно дете, па од мал бев жртва на булинг. Соучениците ми велеа дека мојата облека не е модерна или дека не е добро да се носи истата облека секој ден. Ова се дел од сведоштвата на средношколци за РСЕ, кои неодамна дискутираа за насилство меѓу младите, на дебата на Филозофскиот факултет во Скопје.

„Уште од мали, од дома им се кажува на децата - немој да правиш онака, немој да правиш вака, мораш да имаш добри оценки, не се дружи со овој, не се дружи со оној. И со самото им се создава некој страв да не бидат исклучени, затоа што родителите им го кажуваат тоа“, изјави Арелена Гостимировиќ, средношколка од Кавадарци.

Meѓу средношколците седна и министерот за образование, Јетон Шаќири, кој сподели личен пример од ученичките денови, кога како што рече, фудбалот добро му одел, но воопшто не му одело танцувањето, на пример, па затоа врсниците го задевале кога танцувал. Во видеото погледнете како помина дебатата.

Насилници, жртви и сеирџии - како против насилството?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:16 0:00

„Фраер си ако добро навредуваш“

Колку повеќе ги задеваш врсниците - толку поголем фраер си. Вака размислуваат дел од младите, забележува училишниот психолог во гимназијата „Никола Карев“, Гордана Блажевска Спиридонова, во изјава за РСЕ. Во нивниот микро-простор или во суб-културата на врсници има посебни правила, како правилата, „око за око, заб за заб“, истакнува таа.

„Она што го нарекуваат „роустање“ или исмевање, е стимулирано меѓу младите или како што мене ми го објаснија тие - тоа значи „вежбање на вилица со навредување“ или „фраер си ако добро навредуваш“, „фраер си ако буцкаш, коментираш, задеваш деца“. Во тој случај насилникот е на некој начин стимулиран, а излегува дека жртвата ако се жали е ранлив, слабак, ако некому каже е „цинкер“, објаснува Блажевска Спиридонова за РСЕ.

Таа вели дека насилството е дел од човековата природа и луѓето го имаат тој капацитет со раѓање, но задача на социјализацијата и на средината е тоа да го корегира и контролира, а искуството покажува дека средината потфрла во оваа задача.

Силеџијата има проблем и сака да доминира

Кој може да помогне? Пензионираната професорка по развојна психологија, Олга Мурџева Шкариќ, порачува - жртвата треба лично да доживее чувство дека „не може мене кој било да ме навредува“. Но, и да знае за самопомош.

„А кој е па и тој? Тој што навредува. А тој што навредува, силеџијата, знаете дека има многу поголеми проблеми од оној што е жртва. Силеџијата сака да доминира бидејќи нешто му е ускратено дома или некој во групата му станува конкурент, подобар е од него, а тој сака да биде најдобриот. Оттука, оној на кој му се намерачиле да биде жртва треба да знае за самопомош“, вели Мурџева Шкариќ.

Дивна Јанкова е психолог во училиштето „Наце Буѓони“ во Куманово. Во нејзиното претходно искуство на оваа позиција, во основно образование, сретнала позитивен пример кој ја охрабрува да верува дека училишните клубови со врснички медијатори се многу ефикасни.

„Еден ученик беше најголем насилник, не само кон учениците туку и кон инвентарот во училиштето и многу тешко се справувавме со него. Единствен начин кој сметав дека може да биде корисен, беше тоа да го вклучиме во клубот на ненасилна комуникација и медијација. Откако тој ја заврши обуката, стана најпримерен медијатор, односно поддржувач на ненасилна комуникација и носител на сите позитивни примери во училиштето“, вели Јанкова.

Медијацијата меѓу насилникот и жртвата дава резултати

Затоа, вели, и понатаму се посветува на концептот за врсничка медијација за решавање на конфликти и забележува дека по години континуирана работа со ваков пристап, бројот на тепачки во училиштето „Наце Буѓони“ на пример, е драстично намален.

„Во клубовите се јавуваат ученици кои се жртви. Учениците кои се обучени работат медијација со насилникот и со жртвата и доаѓаат до заедничко решение. Не мора да останат пријатели, ама да не останат непријатели. Склучуваат спогодба што е соодветна и за двете страни за да не продолжи синџирот на насилство понатаму“, додаде училишниот психолог Јанкова.

Според анкетата на Институтот за човекови права од Скопје, направена од декември 2021 година до февруари 2022 година, меѓу 995 ученици и 255 наставници во средни училишта на тема „булинг“ или врсничко насилство, говор на омраза и дискриминација, околу 1/3 од младите биле жртва на некоја форма на врсничко насилство во 2021. Повеќето сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште.

По нападот на ученик во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, на 3-ти мај, во кој загинаа осум ученици и еден чувар, а шест деца и еден наставник беа ранети, македонското Министерство за образование (МОН) отвори електронски адреси каде младите можат да пријавуваат насилство. Од МОН велат дека се пристигнати околу 20 пријави на адресите и по нив се постапува.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG