Достапни линкови

Нобеловката за мир порачува: Трибунал за Путин и правда за жртвите


Олександра Матвијчук, претседателка на украинскиот Центар за граѓански слободи
Олександра Матвијчук, претседателка на украинскиот Центар за граѓански слободи

Русија, за една година од инвазијата, извршила повеќе од 31.000 различни видови тортура во Украина и неопходно е да се донесе правда за жртвите и нивните семејства, изјави добитничката на Нобеловата награда за мир, Украинката Олександра Матвијчук во интервју за Радио Слободна Европа. Пишува Анета Дуровиќ.

Центарот за граѓанско општество, на чие чело се наоѓа Олександра Матвијчук, е една од трите организации на кои им беше доделена Нобеловата награда за мир за 2022 година.

На 24 февруари се навршува една година откако Русија започна воена агресија против Украина, а фокусот на работата на Центарот е документирање на руските воени злосторства извршени во тој период.

Центарот се залага за формирање на специјален меѓународен трибунал за судење на Русија за кривично дело агресија.

Триесет и деветгодишната Олександра две децении е борец за човекови права. Пред руската инвазија на Украина, таа ги документирала кршењата на човековите права во, окупираните од Русија, Крим и Донбас.

Во нејзиниот стан често нема струја, вода или интернет. Ни вели дека не може ни да ги планира следните неколку часа, а камоли еден ден однапред. И покрај честите воздушни напади, таа одбива да оди во засолништето. Таа вели дека вака чувствува дека има барем малку контрола врз животот.

Говорот кој го прочита кога ја доби Нобеловата награда, го напиша на светлина од свеќи.

За РСЕ зборува за, како што вели, тешката и трауматична работа на документирање на воените злосторства и кои се патиштата до правдата.

„Не мора да си Украинец за да се солидаризираш со Украина. Доволно е да си човек“, нагласи Олександра во својот говор кога ја прими Нобеловата награда.

РСЕ: Центарот за граѓански слободи е вклучен во украинската кампања за формирање на специјален меѓународен трибунал за судење на Русија за кривично дело агресија. Дали е тоа еден од начините да им се донесе правда на жртвите на војната?

Матвијчук: Рускиот претседател Владимир Путин и највисокото руско раководство извршија злосторства на агресија. Сепак, не постои меѓународна инстанца која би можела да ги изведе пред лицето на правдата сторителите на ваквото кривично дело. Ниту Меѓународниот кривичен суд нема јурисдикција за кривичното дело агресија. Неопходно е да се формира специјален суд за да се изведат Путин, Лукашенко и другите воени злосторници пред лицето на правдата. Но и тоа не е доволно.

Покрај кривичното дело агресија, извршени се и други меѓународни злосторства - воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид. Институциите за спроведување на законот и судовите во Украина се преоптоварени од огромниот обем на злосторства. Меѓународниот кривичен суд ќе ги ограничи истрагите само на неколку избрани случаи.

Кој ќе донесе правда за стотиците илјади жртви чии случаи не се избрани?

Затоа треба да ги зајакнеме капацитетите на украинскиот правен систем и да воспоставиме хибриден механизам, кој би овозможил соработка на домашните и меѓународните истражители и судови.

Законот е единствениот начин да се врати достоинството на жртвата и да се прекине циклусот на неказнивост на воените злосторници.


РСЕ: Како изгледа вашата работа? Каков материјал собирате?

Матвијчук: Од почетокот на инвазијата, неколку десетици организации и ние ги здруживме нашите напори во иницијативата наречена „Трибунал за Путин“.

Воспоставивме мрежа на волонтери низ Украина, кои го документираат секое воено злосторство извршено во кое било, дури и во најмалото село во секој регион на Украина. Само во текот на 11-те месеци на агресија, документиравме повеќе од 31.000 воени злосторства. Едноставно, ја пренесуваме болката на тие луѓе, собирајќи директни сведоштва на жртви и сведоци.

Нашите волонтерски тимови ги снимаат во видео формат, а потоа го анализираме секој случај за да утврдиме што може да биде законски валидно и што треба да се заврши за да се исполнат меѓународните стандарди.

РСЕ: Какви сè примери забележавте?

Матвијчук: Илјадниците жртви со кои разговараме ни кажуваат за нивните тешки искуства. Тие опишуваат како биле тепани, силувани, мачени, осакатени. И сето тоа е многу потресно.

Тука се и случаите за цивили кои беа убиени на улиците. Ги има неколку илјади. Исто така, случаи за намерно бомбардирање на станбени згради, училишта, градинки, болници, коридори за евакуација. Да не зборуваме за случаите на киднапирање и присилна депортација во Русија.

Неодамна Русија со ракета погоди станбена зграда во Днипро. Се урна средишниот дел од зградата, а под урнатините останаа заробени десетици луѓе. Меѓу нив имало и мало девојче, кое за чудо ја избегнало смртта, бидејќи било во една од собите, додека нејзините родители биле во кујната и таму загинале.

Потоа, спасувачите копаа низ урнатините со часови, барајќи преживеани. Тие на раце носеа млада мајка, која тој ден ги загуби сопругот и едногодишното бебе.


РСЕ: Го напишавте вашиот говор за доделувањето на Нобеловата награда на светлина на свеќи. Под кои околности, како се чувствувавте?

Матвијчук: Го напишав мојот говор за Нобеловата награда дома, на масата во кујната, под светлина на свеќи. Пишував на компјутерот, додека траеше батеријата. За оваа година, од инвазијата на нашата земја, научивме да ги полниме сите можни уреди штом добиеме струја. И, се разбира, сите ние имаме многу надворешни полначи.

РСЕ: Не одите во засолниште?

Матвијчук: Не, не одам во засолниште кога се огласуваат сирените како предупредување за опасност од бомбардирање. И знам дека е опасно. Но, таа одлука е мојот начин да повратам барем некаква контрола врз животот. Само замислете го тоа чувство кога ќе сфатите дека не можете да го планирате вашиот следен ден, не можете ни да ги планирате следните неколку часа. Никогаш не знаеш кога ќе започнат воздушните напади или кога ќе снема струја.

Олександра Матвијчук на церемонијата на доделување на Нобеловата награда во Осло во декември 2022 година.
Олександра Матвијчук на церемонијата на доделување на Нобеловата награда во Осло во декември 2022 година.

РСЕ: Додека ја чекате правдата за која се борите, дали Нобеловата награда, е значајно признание, потврда за вашата борба?

Матвијчук: Долго време гласот на бранителите на човековите права не се слушаше во нашиот регион. Нобеловата награда за мир го направи видлив нашиот глас, гласот на бранителите на човековите права.

Држава која убива новинари, затвора активисти и ги растура мирните демонстрации е закана не само за Украинците и нејзините граѓани, туку и за целиот свет.

Сепак, и покрај сè, цивилизираниот свет продолжи да се ракува со рускиот претседател Владимир Путин и да води бизнис со Русија како и обично.

XS
SM
MD
LG