„Кога Путин ја започна својата инвазија пред речиси една година, тој мислеше дека Украина е слаба, а Западот е поделен. Мислеше дека може да не надмине. Но тој крајно погреши“, напиша американскиот претседател Џо Бајден на Твитер откако дојде во ненадејна посета на Киев, само неколку дена пред првата годишнина од руската инвазија на земјата. Тој во Киев пак порача дека освојувањето на Путин пропаѓа.
Фотографиите на социјалните мрежи покажуваат дека Бајден се среќава со својот украински колега, Володимир Зеленски, во центарот на украинскиот главен град на 20 февруари. За време на посетата на Бајден на Киев се слушнаа сирени за воздушен напад, но не беа пријавени проектили или воздушни напади.
Посетата е „исклучително важен знак за поддршка за сите Украинци“, рече Зеленски за посетата на американскиот претседател.
„Една година подоцна, Киев опстојува“, рече Бајден по средбата со Зеленски во украинската претседателска палата.
„И Украина опстојува. Демократијата опстојува. Американците стојат со вас и светот е со вас“, рече американскиот претседател.
Бајден помина пет часа во Киев и со Зеленски разговараше за следните чекори, оддавајќи им почит на загинатите војници во земјата. Тој се сретна и со персоналот на американската амбасада во Украина.
Американскиот претседетал застана во Киев ненајавено, на неговиот пат кон Полска, за одбележувањето на првата годишнина од почетокот на инвазијата на Украина.
Бајден додаде дека ќе најави уште една испорака на „критична опрема“ во Украина, вклучително и артилериска муниција, противоклопни системи и радари за воздушно набљудување за да помогнат во заштитата на Украинците од воздушни бомбардирања. Тој рече дека подоцна оваа недела Вашингтон ќе објави дополнителни санкции против елитите и компаниите „кои се обидуваат да ја избегнат или наполнат руската воена машина“.
Посетата доаѓа во време кога руските сили продолжуваат да ги напаѓаат воените позиции и цивилните населби во источна и јужна Украина, и покрај тоа што украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека руските загуби во Донецк се „исклучително значајни“.
Бајден ја пофали храброста на Украина за време на војната и посочи дека го посетил Киев шест пати додека бил потпретседател.
„Знаев дека ќе се вратам“, рече Бајден.
Тој, исто така, предупреди дека „бруталната и неправедна војна“ е далеку од добиена.
„Цената што Украина мораше да ја плати е исклучително висока. А жртвите се преголеми. Знаеме дека има многу тешки денови, недели и години пред нас. Но, целта на Русија беше да ја избрише Украина од мапата. Освојувачката војна на Путин пропаѓа“, рече Бајден.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, рече дека посетата на американскиот претседател јасно и сигнализира на Русија дека „никој не се плаши од вас“ и ја пофали посетата како „победа на украинскиот народ и претседателот Володимир Зеленски“.
Кулеба рече дека посетата е „историска“ и дека и Бајден и Зеленски се задоволни од разговорите.
На 24 февруари минатата година, Русија започна инвазија на Украина во која се убиени илјадници луѓе, милиони беа протерани од Украина, а градовите се претворени во урнатини.