Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе ѝ се обрати на нацијата, откако ја откажа својата редовна годишна прес-конференција и говор пред Парламентот во декември 2022 година. Тоа беше првпат по повеќе од 10 години да се одложи обраќањето до јавноста.
Тогаш Институтот за проучување на војни (ISW) наведе дека една од причините за откажување на обраќањето е недостатокот на позитивна агенда.
Во исто време, Вашингтон пост напиша дека тоа е само уште еден знак дека тој нема дополнителен план за Украина.
Путин е познат по тоа што повторува познати и често лажни наративи, па се проценува дека можеби нема да каже ништо суштинско во своето обраќање до нацијата на 21 февруари, без оглед на жестоките борби во Украина.
Рускиот устав бара претседателот еднаш годишно да се обрати пред Парламентот, а Путин не го сторил тоа од април 2021 година. Двата дома на рускиот парламент треба да одржат, како што беше најавено, непланирани седници следниот ден, по што ќе следи масовен митинг и концерт во Москва - што покажува дека можеби нешто се подготвува.
Во говорите, забелешките и писмата и пред и по почетокот на инвазијата од големи размери, Путин ги повторуваше познатите и честопати лажни наративи за Украина и други прашања, удирајќи кон Вашингтон и Западот како целина.
Па така, без да има на повидок никакви индикации за крај на неговата војна против Украина, и континуирано задушување на сите форми на политичко несогласување во Русија, говорот на Путин можеби нема да донесе многу нови содржини.
Сепак, еве некои работи на кои треба да им се обрне внимание.
Ескалација
По претрпените неуспеси минатата година и по губењето на делови од украинска територија што нејзините сили претходни ги зазедоа, Русија е среде нова офанзива во источна Украина, главно во Донбас -- регионите Донецк и Луганск, каде што ги засили нападите кон крајот на јануари.
Воените аналитичари велат дека руската кампања не оди според планот, бидејќи трпи големи загуби додека полека напредува. Украина сè уште го држи градот Бахмут и покрај немилосрдните напади, а големиот број на жртви во битката за градот Вухледар ги нагласува проблемите со кои се соочува руската војска.
Исто така, имаше навестувања дека Русија би можела да започне нова, поголема офанзива во наредните месеци, испраќајќи повеќе војници во Украина во обид да постигне големи придобивки и покрај претходните неуспеси, вклучително и обидот да го заземе Киев во првите недели од инвазијата, како и проблемите со работна сила, моралот и организацијата.
А, Путин можеби сака убедливо да му возврати на Бајден, чија ненадејна посета на Киев на 20 февруари, беше демонстрација на поддршка за Украина и прекор на рускиот претседател.
„Кога Путин ја започна инвазијата пред речиси една година, мислеше дека Украина е слаба, а Западот е поделен. Мислеше дека може да не совлада, но ужасно погреши“, рече Бајден за време на посетата на Киев на 20 февруари, притоа не изговарајќи го името и титулата на Путин.
Според многу аналитичари, совладувањето на Западот е токму она на што Путин сè уште се надева. Како што велат, тој смета на тоа дека ќе го ослабне единството на Западот и ќе се намали снабдувањето со оружје и други видови поддршка на Украина, што ќе и овозможи на Русија порано или подоцна да добие предност.
Повлекување или „црвени линии“?
Малку е веројатно дека Путин ќе сигнализира какво било повлекување, а камоли директно да зборува за отстапки. Како прво, најголемите неуспеси на бојното поле до сега се случија минатата година, а разговорите за тоа дека руските сили ќе бидат потиснати во блиска иднина засега се стивнати.
Освен тоа, ако Русија се надева дека ќе ги совлада Украина и Западот, таа мора да продолжи со форсирање на воената кампања со месеци или дури со години, а Путин не покажа посебна загриженост за бројот на жртви што ги претрпеа неговите сили.
Говорејќи на 18 февруари на Минхенската безбедносна конференција, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека експертите пресметале дека околу 200 илјади руски војници биле убиени или ранети.
Во меѓувреме, Киев вети дека целосно ќе ја врати окупираната територија, вклучувајќи го и полуостровот Крим, кој Русија го окупираше во 2014 година, тврдејќи дека и припаѓа.
Но, дури и ако сака да бара договор што вклучува отстапување на која било територија што Русија ја зазеде или да вети дека нема да продолжи со кампања за понатамошно освојување, Путин ќе се соочи со пречка што самиот ќе ја направи: во септември тој официјално потврди дека украинските региони Донецк и Луганск , Запорожје и Херсон, од кои ниту еден не е целосно контролиран од руските сили, се дел од Русија.
Така, како што направија руските сили кога се повлекоа од градот Херсон во ноември, напуштањето на тие региони би го прекршило Уставот.
Затоа, наместо повлекување, поверојатно е нов ултиматум до Киев и Западот, обид за исцртување нови „црвени линии“ или закана од конкретни последици ако се преминат постоечките линии.
На инвазијата во февруари 2022 година ѝ претходеа необични барања што ќе ѝ го одземат суверенитетот на Украина и ќе ги поништат придобивките по падот на комунизмот и Советскиот Сојуз пред повеќе од 30 години.
Со оглед на неуспесите што Русија ги претрпе од почетокот на инвазијата и ветувањата на Бајден и другите западни лидери дека ќе го поддржат Киев „колку што е потребно“, Путин може да се бори да најде убедлив начин да го задржи тој притисок.
Ѕвечкање со нуклеарно оружје?
Путин и други руски функционери, особено поранешниот претседател Димитриј Медведев, упатија речиси отворени закани за потенцијална употреба на нуклеарно оружје во врска со војната во Украина.
Овие закани се формулирани на начин дизајнирани да бидат негирани и со тоа да го принудат Западот да шпекулира за намерите на Москва.
Но, додека американските власти рекоа дека не гледаат знаци за подготовка за употреба на нуклеарно оружје, а аналитичарите велат дека таквата употреба би била исклучително ризична за Русија, малкумина на Запад целосно ја отфрлаат можноста.
Проширување на целите на Русија?
Плановите за голем митинг и вонредни парламентарни седници ден по обраќањето на Путин би можеле да сугерираат нов чекор што Путин ќе го објави, ќе го преточи во законодавство и ќе го прослави во кореографско покажување на јавна поддршка, слично на начинот на заземање на Крим.
Државните медиуми јавуваат дека парламентот ќе донесе закони поврзани со четирите украински региони за кои Русија тврди дека се нејзини од септември, па можно е говорот на Путин да вклучи нов став или барање во врска со тие региони.
Руските власти тврдат дека Киев и Западот мора да прифатат дека тие региони и Крим сега се дел од Русија, нешто што тие ветија дека никогаш нема да го направат.
Но, имаше и шпекулации дека фанфарите би можеле да сугерираат дека Русија ќе ја искористи можноста да ја приближи Белорусија до Русија или да ја доведе во војна или да направи промена на статусот на Јужна Осетија и Абхазија, сепаратистичките региони на Грузија окупирани од Русија и подоцна признати како независни држави, но таа не се обиде да им се придружи.
Во публиката се очекува да бидат де факто лидерите на Абхазија и Јужна Осетија.
Додека Путин го користи своето обраќање до нацијата и другите конкретни настани за да испрати сигнали до светот и Западот, тој исто така, им се обраќа и на Русите, барајќи поддршка и повикува на единство.
„Путин „покрена неправедна, агресивна војна против Украина под смешни изговори. Тој очајно се обидува на оваа војна да и даде статус на „народна“ војна, обидувајќи се да ги направи сите руски граѓани негови соучесници“, напиша на Твитер затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.
Во обраќањето на 21 февруари, Путин веројатно ќе зборува за руската економија, прикажувајќи и ја како отпорна на западните санкции и ќе го нагласи наративот дека Русија не води агресивна војна со цел да ја потчини Украина, туку неопходна одбранбена војна против Соединетите Американски Држави и НАТО, за кои неосновано тврдеа дека го користат Киев како стап за потчинување, па дури и уништување на Русија.
Дали „специјалната операција“ ќе се претвори во војна?
Меѓу другото, домашната публика веројатно ќе слуша за навестувања за тоа дали Путин ќе објави дека она што Кремљ досега го нарекуваше „специјална воена операција“ сега е официјално војна и дали планира уште една голема мобилизација по претходната во септември со распоредени околу 300 илјади војници, што доведе до егзодус на Руси од земјата.
Американскиот државен секретар Блинкен на конференцијата за безбедност во Минхен рече дека „повеќе од милион Руси ја напуштиле својата земја затоа што не сакаат да бидат дел од оваа војна и правецот во кој се движи земјата“.
Како и во досегашните настапи на Путин, и ова обраќање ќе бие следено да се чујат изјави или сигнали за неговите политички планови и политичката иднина на Русија.
Обраќањето доаѓа околу 13 месеци пред претседателските избори, закажани за март 2024 година, откако беа усвоени уставните амандмани кои му дозволуваат на Путин да се кандидира за уште два шестгодишни мандати.