Американскиот претседател Џо Бајден во говорот пред Претседателската палата во Варшава на 21 февруари ја повтори одлучната поддршка за полскиот сосед Украина во војната со Русија и одлучноста на НАТО, само неколку часа откако претседателот Владимир Путин се обиде да ја оправда неиспровоцираната инвазија на Русија и објави дека ќе го суспендира последниот преостанат договор за нуклеарно оружје на Москва со САД.
Американскиот претседател Џо Бајден дојде во посета на Полска само неколку дена пред првата годишнина од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина.
Во говорот во Варшава порача дека нема да запре подршката за Украина, а НАТО, и покрај сомнежите на рускиот претседател Владимир Путин, ќе остане обединето и посилно од било кога.
„Една година од оваа војна, Путин веќе не се сомнева во силата на нашата коалиција, но се уште се сомнева во нашата убеденост, се сомнева во нашата понатамошна поддршка на Украина, се сомнева дека НАТО ќе остане обединето. Но не треба да има сомнеж. Нашата поддршка за Украина нема да се намали, НАТО нема да биде поделено и ние нема да се умориме“, рече Бајден, што беше дочекано со овации.
Во својот говор во Варшава, тој истакна дека Украина „никогаш нема да биде победа за Русија“. Притоа нагласи дека американските санкции врз Русија, поради војната во Украина, ќе бидат задржани и проширени.
„Продолжуваме да го одржуваме најголемиот режим на санкции наметнат на која било земја во историјата. И ќе објавиме повеќе санкции оваа недела заедно со нашите партнери“, дополни Бајден.
Тој ги обвини руските сили за „извонредна бруталност“ во Украина, вклучително и „злосторства против човештвото“. Рече дека руските војници користеле силување како воено оружје, украле украински деца и бомбардирале железнички станици, породилишта и сиропиталишта. Тој исто така предупреди дека претстојат „тешки и горчливи денови“, но вети дека Соединетите Држави и нивните сојузници „ќе го чуваат грбот на Украина“ додека војната влегува во втората година.
Говорот на Бајден дојде само ден по неговото храбро, ненајавено патување во Киев, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Киев останува силен. Киев е горд“, изјави Бајден потенцирајќи ја својата поддршка.
Пред неговиот говор, Бајден се состана со полскиот претседател Анджеј Дуда, при што започна серија консултации со сојузниците за да се подготви за уште покомплицирана фаза на руската инвазија. Тој го опиша НАТО како „можеби најзначајниот сојуз во историјата“ .
Дуда пак, на средбата со Бајден, ја пофали ненајавената посета на американскиот претседател на Киев како „спектакуларна“, велејќи дека таа „го зајакна моралот на бранителите на Украина“.
„Вашата посета е важен знак за безбедноста, сигнал за одговорноста на САД за безбедноста на светот и Европа. Америка може да го зачува светскиот поредок“, рече Дуда за време на состанокот со Бајден.
Во среда, Бајден планира повторно да се сретне со Дуда, заедно со Букурешката деветка, група од најисточните членки на воената алијанса на НАТО.
Конфликтот во Украина, најголемата војна во Европа по Втората светска војна, веќе остави десетици илјади загинати, го уништи украинскиот инфраструктурен систем и ја оштети глобалната економија.
Бидејќи на војната не и се гледа крајот, годишнината е критичен момент за Бајден да се обиде да го зајакне европското единство и да повтори дека инвазијата на Путин беше директен напад врз меѓународниот поредок по Втората светска војна. Белата куќа се надева дека посетата на претседателот на Киев и Варшава ќе помогне да се зајакне американската и глобалната решеност.
Бајден ја отфрли идејата за намалување на американската поддршка за време на неговата посета на Киев.
„И покрај сите несогласувања што ги имаме во нашиот Конгрес за некои прашања, постои значителен договор за поддршка за Украина“, рече Бајден за вчерашната посета на Киев.
Таму, Бајден и вети на Украина дополнителна поддршка во својата борба да ги одврати руските напаѓачки сили. За Бајден, ова беше прва посета на Украина од почетокот на војната и, според Белата куќа, првата посета на американски претседател во воена зона, во земја каде нема американска војска.
За владата во Варшава пак, посетата на Бајден ја поттикнува стратешката важност на Полска. ЕУ нацијата со Украина дели граница долга 500 километри, а прими околу 1,5 милиони украински бегалци.
Ослабена на меѓународната сцена откако нејзината националистичка влада дојде на власт во 2015 година, имиџот на Полска беше трансформиран во текот на изминатата година со нејзината водечка улога во коалицијата што ја поддржува Украина. Со балтичките земји, Полска брзо стана клучен застапник на каузата на Украина во ЕУ и НАТО и испрати големи количини оружје и стана главна транзитна земја за меѓународна помош.
Полска, исто така, ги засили сопствените набавки на оружје, при што нејзиниот воен буџет оваа година се зголеми на повеќе од четири отсто од бруто домашниот производ.
Бајден во Полска е по втор пат, во изминатите 12 месеци.