Достапни линкови

Западните тенкови „витални“ во обидот на Украина да ги истера руските сили


Берлин, наводно, се обидел да ја поврзе секоја донација на Леопард 2 за Украина со одобрение на САД за трансферот на Абрамс
Берлин, наводно, се обидел да ја поврзе секоја донација на Леопард 2 за Украина со одобрение на САД за трансферот на Абрамс

Вооружените сили на Украина ќе добијат засилување откако Западот вети тенкови со супериорни способности. Тенкови можат подобро да забележат и да погодат цели на подолг дострел од руските, велат експертите.

По неколкунеделен интензивен притисок од сојузниците на НАТО и Киев, Германија се согласи да и донира напредни борбени тенкови Леопард 2 на Украина додека таа се подготвува за пролетна офанзива против руските сили.

Берлин им даде зелено светло и на другите членки на НАТО, како што е Полска, да ги префрлат тенковите Леопард 2 во Украина. Во истовреме Соединетите Држави решија да испратат 31 борбен тенк Абрамс во Украина, што е еквивалент на еден баталјон.

Кремљ: Испораката на германски тенкови во Украина не ветува ништо добро

Берлин, наводно, се обидел да ја поврзе секоја донација на Леопард 2 со одобрението на САД за трансферот на Абрамс. Украина, наводно, се подготвува за пролетна офанзива која ќе вклучи стотици тенкови заедно со други оклопни борбени возила, артилерија, пешадија и авијација, пристап кон војување познат како комбинирано оружје.

Тенковите се „витален дел од рецептот“, изјави за РСЕ пензионираниот армиски мајор Џон Спенсер, кој е претседател на студиите за урбано војување на политичкиот форум Медисон. Според него, на Украинците им треба тенк кој ќе го „надмине мноштвото руски тенкови“.

„Западните тенкови како Леопард 2 и Абрамс се супериорни затоа што имаат подобри способности, што им овозможува брзо да го пронајдат и гаѓаат непријателскиот цели и подобра стабилизација, овозможувајќи им да пукаат со точност додека се во движење“, вели Спенсер.

Лавров: конфликтот со Западот е „речиси вистинска војна“

Експертите оценуваат дека тие се исто така побезбедни од руските модели со силни врати што го одвојуваат екипажот внатре од складираната муниција. Досега Германија, САД и Британија се договорија да префрлат околу 60 тенкови, но се очекуваат повеќе најави во наредните денови и недели. Претходно овој месец, Британија соопшти дека ќе испрати 14 борбени тенкови „Челинџер 2“ во Украина.

„Навистина големо барање“

Валериј Залужниј, врховен командант на вооружените сили на Украина, во декември изјави дека на неговата земја ѝ требаат 300 тенкови, 600-700 оклопни борбени возила и 500 хаубици за да ги истуркаат Русите назад. Експертите сметаат дека тоа е премногу.

„На Украина ќе и требаат најмалку западни 100-150 тенкови за тие да имаат вистинско влијание на бојното поле“, изјави за РСЕ Марк Канчијан, воен аналитичар во Центарот за стратешки и меѓународни студии, додавајќи: „Иако таков број тенкови „нема да ја менуваат играта, ќе забележите дека нивните вооружени сили ќе будат поефикасни“.

Украина имала околу 850 тенкови пред војната и изгубила најмалку половина од нив, според Oryx, веб-страница која користи алатки со отворен код за броење на уништената опрема. Вистинската загуба е веројатно многу поголема. Украина не го открива бројот на тенкови, велејќи дека тоа е државна тајна.

Земјите на НАТО од Источна Европа и донираа стотици тенкови од советско производство на Украина во текот на првите 11 месеци од војната, но нивната способност да снабдуваат такво оружје е ограничена, што ги прави тенковите од Запад најочигледна алтернатива.

Покрај тоа, НАТО има поголем капацитет да ги снабдува сопствените тенкови со муниција. Тенковите на НАТО користат топ од 120 милиметри кој лесно се произведува во земјите-членки. Тенковите од советската ера користат топ од 125 милиметри, а набавката на муниција за тоа би можела да биде тешка, велат експертите.

Леопард 2 од германско производство, за прв пат произведен во 1979 година, е главниот борбен тенк што се користи во Европа, додека Абрамс, кој следеше една година подоцна, е голема сила за војската на САД. Тенковите Леопард 2 би можеле да бидат распоредени за пократко време од Абрамс, за кои е потребен подолг период на обука.

Спенсер смета дека Украина може да биде подготвена да го користи Леопард 2 за неколку недели. Меѓународниот институт за стратешки студии процени дека има повеќе од 2.000 тенкови Леопард 2 во Европа, вклучително и Турција, што им олеснува на државите да ги здружат своите ресурси за да достигнат критично ниво на поддршка.

Сепак, многу од тенковите Леопард 2 се постари модели кои се складирани со години и веројатно бараат одржување и надградба пред нивното потенцијално распоредување. Во меѓувреме, американските власти рекоа дека ќе бидат потребни месеци пред тенковите Абрамс да стигнат до Украина.

Администрацијата на Бајден го одолговлекуваше испраќањето на Абрамс со образложение дека нејзините гасни турбини согоруваат млазно гориво и со тоа ќе бидат потешки за користење, одржување и снабдување во споредба со Леопардите.

Некои експерти ја отфрлија таквата загриженост, велејќи дека вооружените сили на Украина ја покажале својата способност да се прилагодат на новата опрема. Недостаток на управувањето со различни модели на западни тенкови е тоа што Украина ќе мора да изгради синџир на снабдување за секој од нив, што ја комплицира логистиката.

Клучни за урбана војна

Американските власти рекоа дека западните тенкови ќе бидат клучна компонента во битките што се очекуваат на отворен терен во источна Украина во наредните недели и месеци. Се верува дека Русија се подготвува и за офанзива на пролет.

Спенсер вели дека борбените тенкови се исто така клучни во урбаното војување. „На Украинците им требаат тенкови за да продолжат напред и да ги вратат териториите, особено урбаните територии. Тоа е борбата“, рече тој.

Соединетите држави и нивните сојузници во НАТО претходно овој месец се согласија да испратат стотици оклопни борбени возила, понекогаш наречени „лесни тенкови“ во Украина. Борбените возила главно се користат за транспорт на војници околу бојното поле, но некои се способни да уништуваат тенкови.

Иако испораката на тенкови е голем напредок, тоа не е последниот вооружен систем што Украина го сака од Западот. Киев сè уште бара западни млазни ловци и ракети со долг дострел.

Соединетите држави одбија да и испратат на Украина ATACMS, прецизни ракети со дострел до 300 километри, поради загриженоста дека може да го ескалира конфликтот.

Џон Хербст, поранешен амбасадор на САД во Украина од 2003 до 2006 година, рече дека ракетите со долг дострел се уште поважни од западните тенкови поради нивната способност да ги уништат руските синџири на снабдување.

„Штом Украина ќе добие ракети со долг дострел, руските складишта за снабдување ќе бидат во опасност. Русија ќе мора да постави нови подалеку од фронтот. Ако Русите немаат опрема, нема да испраќаат војници во битка“, рече Хербст.

Канчијан пак, смета дека „најважното“ нешто за Украина е што воената помош продолжува на високо ниво од Соединетите држави и нивните сојузници во НАТО.

„Да гледаме долгорочно, тоа е многу поважно од која било конкретна ставка во пакетот помош. Украина не може да преживее или да победи ако износот на помошта значително се намали или пресуши“, вели тој.

XS
SM
MD
LG