Вести
Советот на Европа усвои резолуција за заштита на малцинствата во Македонија
Комитетот на министрите на Советот на Европа усвои резолуција за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Северна Македонија.
Во препораките до властите во земјава за подобрување на имплементацијата на Рамковната конвенција се наведува дека треба да се преземат понатамошни чекори кон промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници.
Информацијата попладнево ја потврдија и од МНР објаснувајќи дека резолуцијата е резултат на редовна евалуација на Северна Македонија, во смисла на нејзино спроведување на обврските преземени со пристапувањето кон Рамковната конвенција за национални малцинства.
„Во процесот на усвојувањето на Резолуцијата, беа поднесените бројни амандмани од друга заинтересирана делегација кои не наидоа на поддршка од мнозинството земји членки на Совет на Европа. Помеѓу останатото, аргументацијата на високото мнозинството претставници е дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку истите треба да се засноваат на духот и принципите на меѓународното право и стандарди, како и објективните наоди на независните експерти кои рефлектираат на реалната состојба“, се наведува во соопштението од МНР.
Во препораките на резолуцијата се наведува дека за да се обезбеди одржливост на Стратегијата „Едно општество за сите“, властите треба да обезбедат политичка поддршка на високо ниво, солидно финансирање и достапност до практичарите во образованието, медиумите и граѓанското општество, како и на пошироката јавност.
Понатаму, се сугерира да се зголемат напорите за спречување случаи на кршење на човековите права врз Ромите од страна на полицијата. Властите треба да се погрижат механизмите за надзор во Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и во Канцеларијата на Народниот правобранител да бидат ефективни, а наводните случаи на полициско недолично однесување да бидат истражени и соодветно санкционирани.
Се препорачува и да се осигура дека инцидентите на криминал од омраза и говорот на омраза се навремено идентификувани, евидентирани и ефективно истражени и дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Резолуцијата е базирана врз наодите и препораките на Мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои меѓу другото, остварија и посета на земјава во ноември 2021 година. Мислењето е објавено на интернет страната на Совет на Европа во септември минатата година, а наскоро се очекува јавно достапна да биде и усвоената Резолуција.
Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства Северна Македонија ја има ратификувано на 10 април 1997 година.
види ги сите денешни вести
Харис до приврзаниците: Мораме да ги прифатиме резултатите од овие избори
Камала Харис им соопшти на насобраните во кампусот на Универзитетот Хауард во Вашингтон дека му честитала на Доналд Трамп за изборната победа и му рекла дека ќе му помогне во транзицијата на власта.
„Реков дека ќе има мирен трансфер на власта. Ние се придржуваме до принципот на мирен трансфер на власта. Ова ја разликува демократијата од монархија и тиранија. Не му должиме лојалност на претседателот и партијата, туку на американскиот устав“, рече таа.
Камала Харис го призна поразот, но рече дека не се откажува од борбата за слобода и правда што ја водела во кампањата.
„Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од тоа Американците да можат да ги остварат своите аспирации , во Америка каде жените имаат избор, во која училиштата и улиците се заштитени од оружено насилство. Млади луѓе, ве молиме знајте дека сè ќе биде во ред. Понекогаш борбата трае. Тоа не значи дека нема да победиме. Важно е никогаш да не се откажуваме, никогаш да не се откажуваме од обидот да го направиме светот подобар“, изјави Харис.
Во обраќањето, Харис кажа дека ги прифаќа резулатите од изборите, им се заблагодари на своите соработници, нејзиниот кандидат за потпретседател и волонтерите.
„Толку сум горда на нашата трка и како ја истрчавме“, рече таа.
Трамп победи и во Мичиген
Новоизбраниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, ја победи демократската кандидатка Камала Харис и во Мичиген, една од седумте клучни сојузни држави, пренесе Асошиетед Прес.
Со победата во Мичиген на претседателските избори во вторникот, Трамп обезбеди 292 електорски гласа, а 270 му беа доволни да се врати во Белата куќа.
Победникот сè уште не е познат во двете сојузни држави - Аризона и Невада, а Трамп, претседател од 2017 до 2021 година, има водство и во двете.
Тројца Швеѓани уапсени во Шпанија поради регрутирање малолетници за криминал
Полицијата во неколку европски земји уапси тројца шведски државјани во Шпанија на 6 ноември под сомнение дека регрутирале малолетници за да извршат кривични дела, вклучително и обид за убиство, соопштија властите.
Швеѓаните, кои беа уапсени во Аликанте за време на операција во која учествуваа шведски, дански и шпански сили, како и Европол и Европравда, се осомничени за обид за убиство и прекршоци поврзани со оружје, меѓу другите злосторства, соопшти шведското обвинителство.
Тие се обвинети за регрутирање млади „за учество во сериозни акти на насилство“ што се случија во пролетта и летото 2024 година во Данска и Шведска, соопштија обвинителите.
Тројцата осомничени водеа онлајн „криминална ќелија“ и објавија „реклами во кои се нудат нарачани убиства“ на онлајн каналот „насочувајќи ги ранливите млади од 13 до 14 години“, соопшти Европол.
„Онлајн каналот сега е затворен и истражителите работат на идентификување на други лица вклучени во оваа мрежа“, се вели во соопштението.
Агенцијата обезбеди дигитални докази и координирани разузнавачки информации кои помогнаа да се лоцира администраторот на прстенот во Шпанија.
„Иако регрутирањето малолетници во сериозен организиран криминал и тероризам не е новост, во последниве години тоа еволуираше во намерна тактика на криминалните мрежи за да се избегне откривање, апсење или гонење“, соопшти Европол.
Шведска се бореше во последниве години да го спречи порастот на насилството и бомбашките напади од вооружени банди, често извршени од малолетници регрутирани преку шифрирани услуги за пораки.
Нордиската земја со 10,5 милиони жители доживеа историски бран на насилство поврзано со банди во 2023 година, со 53 смртни случаи во 363 престрелки, покажуваат полициските податоци. Неодамна во Норвешка и Данска е забележано насилство поврзано со шведски банди.
Кина со честитки за победата на Трамп
Кина му честиташе на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД.
„Го почитуваме изборот на американскиот народ и му честитаме на г-дин Трамп за неговиот избор за претседател на САД“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Претходно, претставникот на Министерството за надворешни работи Мао Нинг изјави за новинарите дека Пекинг „ќе ги продолжи кинеско-американските односи врз основа на принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни“.
Поранешниот претседател Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори во САД, откако проекциите покажаа дека тој победи во неколку сојузни држави кои се сметаа за одлучувачки за исходот од изборите.
Во обраќањето во кое прогласи победа „каква што Америка нема видено“, Трамп на Американците им вети златна доба.
Таџикистански активист наводно се обидел да се самоубие во Германија во знак на протест против депортацијата
Таџикистанскиот опозициски активист Дилмурод Ергашев се обидел да се самоубие пред да биде депортиран од Германија во Таџикистан, објави истражувачката група Инсајдер на 6 ноември, цитирајќи го самопрогонетиот таџикистански опозициски активист Шарофид Гадоев. Според извештајот, германските полицајци го пронашле Ергашев како лежи во локва крв во ќелија во центарот за депортација.
Ергашев наводно се расекол по стомакот, телото и рацете и си ги оштетил вените. Тој беше на болничко лекување и покрај неговата состојба, Ергашев сепак требаше да биде депортиран во Таџикистан на 6 ноември.
„Сфаќајќи дека враќањето во Таџикистан значи неизбежни репресалии и брутални репресии од режимот на [таџикистанскиот претседател] Емомали Рахмон, Ергашев се обиде да се самоубие“, изјави Гадоев за Инсајдер.
„Ергашев попрво би умрел отколку да падне во рацете на „касапот“ на режимот познат по безмилосните репресалии против политичките противници“, додаде Гадоев.
40-годишникот е истакнат член на Групата 24, опозициско движење забрането во Таџикистан и дел од движењето Реформа и развој на Таџикистан основано од прогонети дисиденти.
Неговиот активизам вклучуваше учество на демонстрации во Берлин, особено за време на протестот против посетата на Рахмон на Германија во септември 2023 година.
Управниот суд во германскиот град Клеве донесе одлука за депортација на Ергашев на 28 октомври.
Три дена подоцна, меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч (ХРВ) ја осуди одлуката на судот, велејќи дека враќањето на Ергашев во Таџикистан би било прекршување на меѓународното право кое забранува „рефрлање“ - практика на враќање на поединци во земји каде што се соочуваат со ризик од тортура или сурово, нехумано постапување.
Овој принцип е содржан во различни меѓународни договори чиј потписник е Германија, се наведува во соопштението. Германија се соочуваше со критики за слични акции во минатото.
Така, во 2023 година, двајца таџикистански дисиденти, Абдулохи Шамсидин и Билол Курбоналиев, беа депортирани во Таџикистан, каде што веднаш беа притворени, а подоцна осудени на долги затворски казни под сомнителни обвиненија поврзани со обиди за уривање на уставниот поредок.
Извештаите покажуваат дека Шамседин се соочил со малтретирање додека бил во затвор. Дилмурод Ергашев е во Германија од февруари 2011 година и истата година поднел барање за азил од политички причини.
И покрај неколкуте барања, неговите барања за азил постојано беа одбивани. Според неговиот адвокат, германските имиграциски власти изразиле сомнеж во искреноста на посветеноста на Ергаш за каузите на опозицијата.
Таџикистанската влада е позната по своето систематско прогонство на членовите на опозицијата, особено оние поврзани со забранети групи како што е Групата 24.
Неодамнешниот извештај на ХРВ го издвои Таџикистан како земја на сериозна загриженост за транснационалната репресија, истакнувајќи дека владата активно ги таргетира критичарите во странство под обвинение за екстремизам и тероризам, што доведува до строги казни и малтретирање по присилното враќање.
Со оглед на документираниот активизам и учеството на Ергашев во протести, активистите го гледаат како јасна цел за прогон од таџикистанските власти.
ХРВ ги повика германските власти веднаш да ја прекинат депортацијата на Ергаш и да извршат темелна проверка на неговите потреби за заштита, нагласувајќи дека тој не треба да биде вратен во земја каде што се соочува со сериозен ризик од тортура.
Истрага против жител на струшко Велешта за детска порнографија
Поведена е истрага против 28-годишен жител на струшко Велешта за детска порнографија. Тој од ноември лани до мај годинава пренесувал, нудел и правел достапна детска порнографија преку компјутерски систем.
„Обезбедени се докази согласно кои осомничениот, преку Телеграм, Сигнал, Вајбер и други апликации за комуникација инсталирани на неговиот мобилен телефон, пристапувал и учествувал во затворени групи за комуникација, а комуницирал и директно со профили креирани од други лица од повеќе земји во светот и со нив споделувал, испраќал и примал фотографии и видео материјали кои очигледно прикажувале полови дејствија со малолетни лица. Во наведениот период тој и за себе прибавувал детска порнографија која била откриена на неговиот мобилен телефон кога му бил одземен“, стои во соопштението од државното Јавно обвинителство.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Вучиќ со чешкиот премиер за литиумот, нуклеарната енергија и ЕУ
Чешкиот премиер Петр Фиала на 6 ноември во Белград рече дека Србија и Чешка мора да го искористат „богатството во форма на огромни резерви на литиум што ги имаат“ и да создадат целосен синџир од батериите до финалниот производ, доколку сакаат да бидат стратешки независни.
Како што јави Бета, српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со премиерот на Чешка изјави дека разговарале за обезбедување заштита на животната средина и почитување на сите европски норми.
„Погледнавме како и на кој начин да обезбедиме заштита на животната средина и целосно почитување на сите права, правила и норми на Европската унија, кои се највисоки во светот“, изјави Вучиќ за новинарите во Палатата Србија.
Тој изјави и дека претставниците на Србија отишле во Чешка за да се запознаат со нуклеарната централа во таа земја, додавајќи дека таа земја го има истиот проблем како Србија - недостиг на струја во наредните години.
„Затоа бараме да ги пресликаме нивните искуства. Тие сега избираат партнер за нова нуклеарна централа, тоа мора да го правиме во иднина и не смееме да го криеме“, рече Вучиќ.
Петр Фиала рече дека Чешка успеала за две или три години да се ослободи од зависноста од Русија во енергетскиот сектор, но дека развојот на нуклеарната енергија е единствената можност да обезбеди долгорочна, безбедна и евтина енергија.
„Србија е соочена со слични предизвици и прави транзиција на сличен начин, изградбата на нуклеарна централа е многу разумно решение, тоа е пат кој бара храброст“, рече тој.
Србија сè уште зависи од Русија за испораките на гас. Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, таа почна, како и другите европски земји, да бара алтернатива за рускиот гас.
Петр Фиала рече дека ќе поддржи какво било решение за траен мир во Украина што ќе гарантира дека руската агресивна политика нема да успее.
„Не сакам Русија да ни се приближи, мислам дека тоа е опасност за нашата безбедност“, рече Фиала.
Тој изјави и дека Чешка ќе се обиде да го скрати патот на Србија кон ЕУ и додаде дека членството многукратно се исплатело, пренесува Бета.
„Чешката Република обезбедува постојана поддршка на патот на Србија кон ЕУ. Земјите од Западен Балкан не можат да останат пред вратата“, рече тој.
Вучиќ рече дека со чешкиот премиер разговарал и за соработка во областа на транспортот и инфраструктурата, односно железничкиот карго транспорт, тролејбуси, трамваи и возови, како и фармацијата.
Пред изјавите, беше разменет Меморандум за разбирање меѓу Министерството за економија на Србија и Министерството за индустрија и трговија и Чешка.
Четворица загинати и 25 спасени мигранти во близина на грчкиот остров Родос
Грчките власти извлекоа тела на четири лица од морето во близина на брегот на источниот егејски остров Родос, додека уште 25 лица се пронајдени живи на копно, откако шверцер на мигранти, наводно, ги принудил патниците да скокнат преку бродот додека ги префрлал од Турција во Грција, рече крајбрежната стража на 6 ноември.
Телата на тројца мажи и една жена се пронајдени рано во средата во близина на брегот на јужниот дел на Родос, соопшти крајбрежната стража. Група од 25 преживеани беа пронајдени на копно, при што полицијата првично ја лоцираше почетната група од 11 веднаш по полноќ, а останатите беа пронајдени подоцна.
Преживеаните им кажале на властите дека патувале кон грчкиот остров од блискиот турски брег со глисер кога шверцерот кој управувал со чамецот ги принудил да скокнат во водата и заминале, соопшти крајбрежната стража.
Акцијата за пребарување и спасување во областа беше прекината во средата попладне кога властите од преживеаните потврдија дека нема повеќе исчезнати лица. Националноста на патникот не е позната.
Ова е најновата трагедија што се случи додека мигрантите се обидуваат да се пробијат до Европската унија по морски пат или од блискиот турски брег или преку Средоземното Море од Северна Африка.
Грција лежи на популарната рута кон Европската унија за луѓето кои бегаат од војна и сиромаштија од Африка, Азија и Блискиот Исток.
Десетици илјади мигранти патуваат до грчките острови, обично со брод од блискиот турски брег или по подолгиот пат преку Средоземното Море од Северна Африка.
Министерот за миграција, Никос Панајотопулос, рече дека владата бара поостра миграциска политика на ЕУ и размислува за создавање притворни установи на островите Родос и Крит, откако стапката на пристигнувања по морски пат се зголеми повеќе од двојно почнувајќи од минатата есен.
До почетокот на ноември, нешто повеќе од 50.000 мигранти пристигнале во Грција, а повеќе од 43.000 пристигнале по море, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци на ОН.
Грузиската опозиција четврти ден протестира поради изборните резултати
Во Тбилиси се одржува митинг на опозицијата пред Апелациониот суд на Грузија, четврти протест во исто толку дена против резултатите од парламентарните избори на кои владејачката партија Грузиски сон прогласи победа.
Опозицијата, која одби да го признае резултатот поради обвинувањата за широко распространета изборна измама, одржува големи протести во Тбилиси откако промосковската партија Грузиски сон, која беше на власт во последните 12 години, победи со 54 отсто од гласовите. .
Грузискиот проевропски претседател Саломе Зурабишвили, исто така, одби да ги признае резултатите, велејќи дека изборите биле нарушени со манипулации и руско мешање.
Протестот во Тбилиси дојде откако судот во централниот град Гори на 6 ноември ја отфрли петицијата на набљудувачите на изборите за поништување на резултатите во неколку избирачки места во градот, каде што беше прекршена доверливоста на гласовите за време на парламентарните избори на 26 октомври.
Во Тбилиси се одржува митинг на опозицијата пред Апелациониот суд на Грузија, четврти протест во исто толку дена против резултатите од парламентарните избори на кои владејачката партија Грузиски сон прогласи победа.
Опозицијата, која одби да го признае резултатот поради обвинувањата за широко распространета изборна измама, одржува големи протести во Тбилиси откако промосковската партија Грузиски сон, која беше на власт во последните 12 години, победи со 54 отсто од гласовите.
Грузискиот проевропски претседател Саломе Зурабишвили, исто така, одби да ги признае резултатите, велејќи дека изборите биле нарушени со манипулации и руско мешање.
Коалицијата на организации за набљудување на изборите позната како Мој глас поднесе претставка до судот во Гори против Централната изборна комисија (ЦИК) со која бара поништување на резултатите во 14 градски општини каде што се документирани прекршоци.
Мојот глас објави дека набљудувачите на 1.131 избирачко место изјавиле дека има повеќе од 900 случаи на прекршување на изборните процедури.
Но, претседавачкиот судија Нино Гогатишвили одби да ја прифати петицијата по пет часа рочишта, поради што претставниците на набљудувачката коалиција изјавија дека ќе се жалат до Апелациониот суд.
Во меѓувреме, стотици луѓе се собраа пред Апелациониот суд, каде што се поднесуваат жалби против одлуките на пониските судови со кои беа одбиени барањата за поништување на гласовите поради измама. На опозициските лидери им беше забрането да присуствуваат на постапката во Апелациониот суд, поради што протестираа пред зградата.
Мицкоски: Кривичниот законик ќе биде опфатен со реформите во правосудниот систем
По забелешките на Европската комисија во извештајот за Северна Македонија за Кривичниот законик, премиерот Христијан Мицкоски вели дека тој ќе биде опфатен со реформите во правосудниот систем, но дека „тоа не го решава проблемот со „криминалците“ од изминатите седум години“.
Во однос на Кривичниот законик и тргањето на спорните членови, премиерот вели дека политичките криминалци го направиле за себе за да се заштитат.
„Сега најригорозен, гиљотина да донесеме тие ќе се повикаат на овој што ќе ги амнестира, бидејќи тие однесоа стотици милиони ваши пари, народни пари“, рече Мицкоски.
Премиерот вели дека криминалците не успеале за се да се амнестираат, најавувајќи дека деновиве јавноста ќе слушне.
„Политичките криминалци во изминативе години ги заробија институциите, а во меѓувреме купуваа трговски центри и дуќани во центарот на главниот град, ја распродаваа државата и правеа грешки. Ние такви грешки нема да правиме, и ние кога ќе седнеме на маса ќе преговараме до крајно решение, не само еден чакор да направиме. Не сакаме вас граѓаните да ве држиме како заложници“, рече Мицкоски.
Во извештајот за напредокот на Северна Македонија, Европската комисија оценува дека измените на Кривичниот законик од септември 2023 година „ја ослабнаа правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди“.
Според ЕК, земјава во наредната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.
Во кутии за банани сокриени 13 тони кокаин во Шпанија
Вкупно 13 тони кокаин спакуван во кутии за банани се запленети во Шпанија. Шпанската полиција на 6 ноември соопшти дека тоа е најголемата досега заплена на кокаин во земјата, втора по големина во Европска Унија и трета најголема во светот.
При акцијата на шпанската полиција приведено е едно лице, а извршени се претреси во домови и канцеларии во Мадрид и во Аликанте. Полицијата распиша и потерница по два директори на компании за увоз.
Полицајци и цариници го пресретнале кокаинот во јужното пристаниште Алгесирас на 14 октомври во товарен брод што пристигнал од еден од најголемите градови во Еквадор, Гвајакил, кој се смета за центар на нелегалната трговија со дрога.
Бродот носел сандаци со банани кои сокриле идентично дизајнирани кутии со кокаин, а разузнавачките информации од еквадорската полиција ги известиле шпанските власти.
Една жена за која се верува дека е партнер на компанијата увозник е уапсена во централниот шпански град Толедо, а уште двајца осомничени се во бегство, соопшти полицијата.
Шпанија е главната влезна точка за дрога во Европа поради нејзините блиски врски со поранешните колонии во Латинска Америка и нејзината близина со Мароко, врвен производител на канабис.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете