Вести
Бајден одобри итен одговор на САД за помош по земјотресот во Турција
Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека неговата администрација тесно соработува со официјална Анкара, за да може Вашингтон најитно и најефикасно да одговори на последиците од разорниот земјотрес што утринава ги погоди Турција и Сирија.
Бајден изјави дека американските тимови брзо се распоредуваат за да започнат со поддршка на турските напори за пребарување и спасување.
„Тимовите на терен мора итно да ги решат потребите на повредените и раселените по земјотресот“, вели американскиот претседател во соопштение објавено од Белата куќа.
Во земјотресот загинаа повеќе од 2.300 луѓе, а илјадници се повредени во јужна Турција и северозападна Сирија.
види ги сите денешни вести
Локалните ќе покажат дали треба предвремени парламентарни избори, порача Мицкоски
Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, изјави денеска (14 ноември) македонскиот премиер, Христијан Мицкоски.
„Тоа е јасно, на сите анкети тоа се говори. Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат кои самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме, зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено“, вели премиерот.
Тој посочи и дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата што ја предводи, секогаш е подготвена за избори.
„Имаме локални избори следната година и граѓаните на тие локални избори ќе кажат дали се потребни парламентарни или не се потребни“, рече Мицкоски на денешниот Бизнис форум „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“.
Премиерот порача дека локалните избори би биле прв тест.
„Ако тие речат црвен картон има Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш јасна е пораката, ние нема воопшто да ја игнорираме таа порака“, рече тој.
Но, ако победи ВМРО-ДПМНЕ, очекува реформи во сегашната опозиција и нова средба на следните, редовни парламентарни избори во 2028 година.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети на вчерашната средба со граѓаните во Кичево истакна дека во октомври следната година заедно со локалните ќе се одржат и воредни парламентарни избори.
„Христијан Мицкоски на седница за пратенички прашања излезе отворено и рече повелете да одиме на избори. Јас го држам за збор. Локалните и парламентарните избори ќе се одржат во октомври следната година“ рече Ахмети.
Инаку, самиот Мицкоски на првите пратенички прашања за неговата Влада одржани на 31 октомври ја фрли ракавицата за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните во октомври следната година. Тој ова го кажа откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.
Последните парламентарни избори се одржаа на 8 мај, а по нив ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја формираа новата Влада на Северна Македонија.
СДСМ и ДУИ, по седумгодишно владеење, заминаа во опозиција.
Обвинителството собира докази по експлозијата во Ќерамидница
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската населба Ќерамидница, каде утрово при експлозија на направа во двор на куќа беше повредено едно лице, соопштија од Обвинителството.
„Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видео надзор на објекти. Подигнатите траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење“, стои во соопштението.
Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со настанот.
Тој додаде дека „убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“.
По експлозијата која се случила утрово во 09:20 часот, повреденото лице било веднаш пренесено во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за да му биде укажана медицинска помош, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Трета година по ред нема подобрени изгледи за глобалното затоплување
Трета година по ред нема подобрување на проекциите за глобалното затоплување, а најновите податоци од САД и Кина се очекува дополнително да го потврдат тоа, се вели во извештајот на „Climate Action Tracker“, објавен денеска (14 ноември) од група научници и аналитичари кои ги проучуваат владините политики и тоа го преведуваат во проекции за затоплување.
Како што пренесува АП, според овој извештај, Земјата и понатаму е на пат да биде за 2,7 целзиусови степени потопла од прединдустриското време.
Извештајот доаѓа во време кога се одржува Конференцијата на ОН за климатски промени-(КОП29) во Баку, Азербејџан.
Ако емисиите продолжат да растат, а проекциите за температурата не се намалат, луѓето треба да се запрашаат дали разговорите за климата во ОН прават нешто добро, рече извршниот директор на невладината организација „Climate Analytics“, Бил Харе.
Светот се загреа за 1,3 целзиусови степени во однос на прединдустриското време. Тоа е блиску до границата од 1,5 степени за која земјите се договорија за време на преговорите за климата во Париз, во 2015 година.
Климатолозите велат дека атмосферското затоплување, главно предизвикано од согорувањето на фосилни горива, предизвикува поекстремни и штетни временски прилики, вклучувајќи суши, поплави и екстремна топлина.
„Веќе треба да гледаме дека глобалните емисии се намалуваат“, а тоа не е така, рече Харе.
Главното прашање во Баку е колку богатите земји ќе им помогнат на сиромашните земји да ги декарбонизираат своите енергетски системи, да се справат со идните штети од климатските промени и да ја платат штетата од екстремното затоплување.
Старата цел од 100 милијарди долари годишна помош станува застарена и главниот фокус е да се стаса до нова, повисока бројка.
Специјална независна комисија од експерти составена на барање на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска (14 ноември) објави сопствена проценка за трошоците и финансиите, повикувајќи на тројно зголемување на старата обврска.
„Напредните економии треба да покажат јасна посветеност“ за помош на сиромашните земји, се вели во извештајот.
Коалицијата на сиромашни земји во Баку бара годишно финансирање од 1,3 трилиони долари за климатските промени. Во извештајо стои дека на земјите во развој им требаат околу еден трилион долари годишно од сите надворешни извори, а не само од владини грантови.
Извештајот објаснува колку би чинело да се декарбонизира светската економија и од каде би можеле да дојдат парите. Вкупните трошоци за климатска адаптација за сите земји се предвидува да достигнат 2,4 трилиони долари годишно.
Хјуман рајтс воч: Присилното раселување од Газа е воено злосторство
Наредбите на израелската армија за евакуација во Појасот Газа, кои доведуваат до принудно раселување на населението, претставуваат воено злосторство, се наведува во новиот извештај на Невладината организација Хјуман рајтс воч (ХРВ).
„ХРВ собра докази дека израелските функционери вршат воено злосторство со присилно преместување на цивили“, се вели во денешниот (14 ноември) извештај на ХРВ.
Во него, стои и дека „израелските дејствија исто така ја исполнуваат дефиницијата за етничко чистење“ во областите каде армијата им нареди на Палестинците да заминат и од каде што нема да можат да се вратат.
Израелските власти ги повикуваат жителите на цели делови од територијата да се евакуираат поради воени операции, нагласувајќи дека на овој начин придонесуваат за заштита на цивилите.
Обединетите нации проценија дека во октомври имало 1,9 милиони раселени жители на Појасот Газа.
Вкупно, на таа територија на почетокот на војната меѓу Израел и Хамас имало околу 2,4 милиони жители.
Најмалку 22 лица беа убиени на 13 ноември во израелските напади низ Појасот Газа, додека израелските сили го продлабочија упадот во северниот град Беит Ханун, принудувајќи ги повеќето од преостанатите жители да побегнат на други делови од територијата, објави Ројтерс.
Војната во Појасот Газа избувна на 7 октомври минатата година кога екстремистите предводени од Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, го нападнаа Израел каде, според израелските податоци, убиле 1.200 луѓе и киднапирале повеќе од 250 заложници.
Повеќе од 43.500 Палестинци се убиени во Појасот Газа за време на војната, според здравствените власти на територијата под контрола на Хамас.
Мицкоски за средбата Давкова-Радев: Очекувам достоинствен процес
Очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека до крајот на оваа година ќе можеме и да го продолжиме нашиот процес на достоинствен начин, изјави денеска (14 ноември) премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашната средба на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, на маргините на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербеџан.
Премиерот истакна дека иако не знае каков бил речникот на средбата, знае дека поминала во добра атмосфера.
„Нашите аргументи се немилосрдни. Добив информација дека тие аргументи се презентирани на таа средба. Истото она што ние го правиме со нашите стратешки партнери му е предочено на господинот Радев и очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека ова е навистина двонасочна улица и дека навистина до крајот на оваа година ќе можеме и ние да продолжиме со нашиот процес на достоинствен начин, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“.
Како што информираа од Кабинетот на претседателката, на средбата било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.
Бугарскиот претседател Радев, се вели во соопштението, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.
Сиљановска-Давкова, како што посочуваат од Кабинетот, нагласила дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.
Техеран: Иран ќе преговара за нуклеарната програма, но без притисок
Иран изрази подготвеност да го реши спорот со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со почитувањето на заштитните мерки за својата нуклеарна програма, но нема да го стори тоа под притисок, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по средбата со генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси во Техеран.
Европските сили бараат Одборот на МААЕ следната недела да донесе нова резолуција против Иран со цел да го стави под притисок, со оглед на оценетото како недоволна соработка досега.
Месеци наназад, Гроси се обидува да постигне напредок во преговорите со Иран, вклучувајќи го и прашањето за поширок надзор на нуклеарните објекти, како и да добие објаснување за откриени траги на ураниум на недекларирани објекти.
„Топката е на теренот на тројката европски држави-Франција, Германија и Велика Британија. Подготвени сме да преговараме врз основа на нашите национални интереси и неотстапливи права, но не под притисок и закани“, напиша Арагчи на социјалната мрежа X, по средбата со Гроси.
Средбата се одржа во контекст на претстојното преземање на функцијата од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација во јануари.
Трамп во 2018 година, во својот прв мандат, еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.
По изборите во САД, милион нови корисници на Bluesky, алтернативата на „X“
Социјалните медиуми Bluesky добија милион нови корисници во неделата по изборите во Соединетите Држави, бидејќи некои корисници на „X“ бараат алтернативна платформа за да ги објавуваат своите мислења и да комуницираат онлајн со други, пишува агенцијата АП.
На 13 ноември, Bluesky објави дека неговиот вкупен број на корисници пораснал на 15 милиони, од околу 13 милиони на крајот на октомври.
Предводена од поранешниот извршен директор на Твитер, Џек Дорси, Blysky беше мрежа која ја користите само со покана, се додека не беше отворена за јавноста во февруари. Периодот само со покана и даде време на страницата да изгради алатки за умереност и други функции.
Платформата наликува на „X“ на Илон Маск, со извор на „откривање“, како и хронолошки приказ за профилите што ги следат корисниците. Корисниците можат да испраќаат директни пораки и да закачуваат објави, како и да најдат „почетни пакети“ кои обезбедуваат на одбрана листа на луѓе да следат привилигирани објави.
Постизборниот пораст на корисници не се случува прв пат за Bluesky кој има корист од луѓето што го напуштаат X. На пример Bluesky доби 2,6 милиони корисници во неделата откако X беше забранет во Бразил во август, соопшти компанијата.
Околу 500 000 нови корисници се регистрираа за еден ден минатиот месец, кога X сигнализираше дека блокираните профили ќе можат да ги видат јавните објави на корисниците.
И покрај растот на Bluesky, платформата „X“ на Маск минатата недела објави дека „доминирал во глобалните разговори за американските избори“ и поставил нови рекорди. Платформата забележа скок од 15,5% во регистрациите на нови корисници на денот на изборите, соопшти X, со рекордни 942 милиони објави ширум светот.
Претставниците на Bluesky и на „X“ не одговорија на барањата за коментар.
Bluesky покажа конкурентен став кон Х преку запаливи коментари, вклучително и објава на денот на изборите на „X“ која се однесуваше на тоа како Илон Маск ги гледа резултатите од гласањето за новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Низ платформата, новите корисници - вклучувајќи новинари, левоориентирани политичари и познати личности - објавуваа мемиња и споделија дека со нетрпение очекуваат да го користат просторот без реклами и говор на омраза. Некои велат дека тоа ги потсетува на раните денови на „X“, кога сè уште беше Твитер.
МОН: Направени се измените на Концепцијата за основно образование
Министерството за образование и наука информира дека се направени измени на Концепцијата за основно образование на чија потреба во изминатиот период, како што наведува, „упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта“.
„Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина. Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст“, соопшти ресорното министерство.
Посочува дека како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, како и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.
Во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа, министерката за образование Весна Јаневска рече дека е стопирана концепцијата за 7, 8 и 9 одделение и тука се прават одредени промени во однос на наставните планови и програми.
„И она што е најзначајно и ја интересира јавноста, се одделуваат сите посебни предмети, тие веќе не се интегрирани. Од концепцијата задржуваме, тоа што јавноста и ние како Влада сметаме дека е во ред, а тоа се дополнителни, додатни, дополнителни предметни, други наставни обврски, други ненаставни предмети, изборни предмети, огромен број, при кој учениците ќе може да стекнуваат знаења и вештини и одредени компетенции“, изјави Јаневска во интервјуто.
Тошковски за експлозијата во Ќерамидница: Одлучно ќе се бориме против криминалот
Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со денешниот настан во кој експлозивната направа била фрлена во двор во скопска Керамидница.
Одговарајќи на новинарско прашање на дебатата „Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“, Тошковски посочи дека јасно и одлучно ќе се борат против криминалот и против организираниот криминал.
„Убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“, рече министерот.
Во однос на прашањето дали можело да им се влезе во траг на напаѓачите, имајќи предвид дека нападот бил најавен на социјалната мрежа ТикТок, министерот одговори дека ќе постапат во рамките на капацитетите што ги имаат.
„МВР не може да направи чуда, но може да работи чесно, посветено и професионално и во рамки на сето она што е надлежност на министерството, согласно капацитетите што ги имаме, ќе постапиме. Нема да се мижи како што се мижело претходно“, рече тој.
Утрово од Министерството за внатрешни работи информираа дека едно лице е повредено денеска од експлозивна направа која била фрлена во двор во скопска Керамидница, соопшти МВР.
Украина одби нов напад на руски дронови
Системите за противвоздушна одбрана соборија 21 од 59-те беспилотни летала лансирани од Русија кон цели во Украина рано на 14 ноември, објавија украинските воздухопловни сили.
Останатите 38 беспилотни летала биле изгубени на локацијата откако нивните навигациски системи биле заглавени од украинските системи за електронско војување, соопшти воздухопловството.
Исто така, во руското гранатирање загинале две лица, а осум беа ранети во изминатите 24 часа во селото Шевченко во источниот украински регион Доњецк, објави регионалното обвинителство.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила два украински беспилотни летала рано на 14 ноември - еден над регионот Курск и еден над регионот на Белгород.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете