Звукот на силни експлозии што го разбудиле утрото на 24 февруари во 5 часот и 30 минути засекогаш ќе ги памети украинскиот државјанин Сергеј Лагода. За многумина датумот кога започна руската инвазија на Украина, а за Сергеј денот кој засекогаш го промени неговиот живот.
„Кога прогласија евакуација од Ирпин и Буча, коридорот поминуваше покрај нашето село и веќе постоеше реална опасност од влегувањето на руските трупи во нашето село. На 8 март решивме да бегаме, бидејќи во соседните дворови паѓаа мини и утрото тргнавме накај Одеса, каде што мојата баба живее на село близу Молдавија и Романија. Мојата сопруга има познаничка во Македонија, која што ни препорача да дојдеме тука бидејќи е помирно. На 23 март ја напуштивме Украина и на 24 веќе бевме во Македонија“, се сеќава Сергеј.
Сергеј, неговата сопруга и трите деца биле принудени да го напуштат домот, по само една година откога се вселил во новата куќа. На десетина километри од украинскиот град Буча, еден од градовите кои беа најсилно погодени од конфликтот. За пошироката јавност тој стана познат по снимките од воените злосторства кои, како што тврдат украинските власти, биле извршени врз нивни жители од страна на руските војници. Неговата „нова“ куќа денеска е урната во еден од ракетните напади на руските сили.
Иако првично се надевал дека брзо ќе се врати дома, реалноста била сосема поинаква, па морал да се снаоѓа. Едно од децата сега веќе оди во градинка, другото е ученик во основно училиште, а најголемиот син посетува онлајн часови на украински. Но, неговите обиди да отвори своја фирма во земјава засега се безуспешни.
„Генерално гледано се е ок, но сепак во однос на работењето... јас регистрирав фирма во Македонија, воопшто не беше проблем, ама отварање сметка на фирма испадна голем проблем. Четири банки ме одбија, сега чекам уште од една банка одговор. Доколку државата дозволува да се основа фирма би требало логично да може да се отвори сметка. Ова прашање се уште не е решено и мене не ми е јасно зошто банката не отвара сметка, доколку државата дозволува регистрирање правно лице и затоа се уште немам можност да работам“, вели Сергеј.
Мажена за Македонец, кој триесетина години живее во Запорожје, Наталија Тасевска не ни помислувала дека ќе и се случи војна. Иако првично не сакала да се евакуира, стравот од радијација во случај на напад на нуклеарната централа, како и желбата да го спаси својот двегодишен син биле пресудни за да тргне на пат кон Македонија.
И по една година вели дека и е тешко да му објасни на детето зошто не можат да ги посетат баба му и дедо му кои одлучиле да останат во Украина.
„Не можам да кажам што конкретно правевме на вториот, третиот или четвртиот ден, бидејќи сето тоа време ни беше како еден ден, оти цело време си под стрес, постојано читаш вести, кога прогласуваа воздушна опасност се симнувавме во подрум (немаме скривница), со мало дете, се запознавме со сите соседи, сето ова беше како еден ден, како во сон, мозокот никако не го регистрира сето тоа што се случува и истовремено сѐ се случува во еден ден. На детето не му кажавме дека е војна, се обидувавме да објасниме дека треба да сме на сигурно, во подрум, дека таму нема прозорци и не е како дома“, раскажува Наталија.
По седум дена поминати во подрум, во страв од ракетните напади и семејството на седумнаесетгодишниот Александар Петровски заминува од Украина. Со чести контроли, претреси, испрашувања на секој граничен премин, шест дена траело нивното патување до Скопје. Во моментот семејството на Александар живее во стан под кирија во скопски Аеродром. Сега е ученик во средно училиште, а во слободното време работи и како келнер во пицерија.
Македонски јазик научил од неговиот татко кој е по потекло Македонец, па така не му било тешко брзо да се вклучи и во образовниот систем и да добие нови пријатели.
„Имам куп другари Македонци, затоа што се многу доби луѓе, сакаат да им правиш друштво, да шеташ со нив, да разговараш, професорите се одлични. Не е тешко. Само малку требаше да поживеам да позборувам, да имам комуникација со македонските деца и се лесно беше“, вели Александар.
За полесно справување со проблемите со кои се соочуваат овие и други украински државјани се грижи здружението „Заеднички дом за мајки и деца од Украина“. Александар Бондаринко кој е еден од основачите на здружението вели дека се обидуваат да им помогнат на овие луѓе онолку колку што можат.
„Им помагаме на луѓето со сместување со вработување, со училиште. Во соработка со невладините организации имаме заеднички проекти да донесеме некоја храна, облека. Многу добра соработка имаме со Црвен крст, од град Скопје. Од јуни почнавме со курсеви на македонски јазик. Во 2023 година имаме уште еден проект, да почнеме со часови на англиски јазик во соработка со Каритас. Се надеваме да им помогнеме на сите онолку колку што можеме“, вели Бондаринко.
И по една година од војната, Сергеј, Наталија и Александар сѐ уште се надеваат дека еден ден ќе се вратат во родната Украина. Но за разлика од порано, сега веќе ништо однапред не планираат.
„Од 24 февруари немам никакви планови, имав план да го одбележам својот роденден на 26 февруари, ама од почетокот на војната, за која воопшто немаше никакви причини, јас веќе немам никакви долгорочни планови. Сега си го живеам секој ден,“ вели Сергеј.
„Ништо не планирам. Денес го имам денот, имам храна, прошетка со моето дете, мојот сакан сопруг, а што ќе биде утре, никој не знае,“ вели Наталија.
„Сега планирам тука да останам, а за понатаму не знам како ќе биде“, ни изјави Александар.
Според статистиката на МВР заклучно со јануари во земјава влегле 29 419 лица украински државјани, а излегле 23 020 лица. Според овие бројки излегува дека тука останале повеќе од 6000 лица од земјата во која веќе една година се води војна. Престој од хуманитарни причини засега добиле 378 украински државјани.
Како туристи тие смеат да останат тука само три месеци, а ако сакаат подолго, најчесто бараат дозвола за привремен престој од хуманитарни причини, според Законот за странци, со која тука можат да останат една година.
На 24 февруари Русија ја нападна Украина, откако претходно рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој формално ги призна отцепените региони Доњецк и Луганск како независни. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сите граѓани кои беа подготвени да ја бранат земјата од руските сили, велејќи дека Киев ќе издаде оружје на секој што го сака.
По неколкудневните напади на 28 февруари на белоруската граница се одржаа разговори меѓу руските и украинските претставници со цел итен прекин на огнот и повлекување на руските сили. Разговорите тогаш беа безуспешни, исто како и другите обиди да се стави крај на руско-украинскиот конфликт.