Со силно полициско обезбедување и четири часа затворен граничниот премин Деве Баир за влез во земјава се одбележа 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Македонскиот државен врв рано наутро тивко му оддаде почит на македонскиот револуционер со положување цвеќе на неговиот гроб во црквата Св. Спас. По нив тоа го сторија и лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски, како и бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев кои упатија и пораки од црквата Свети Спас.
Бугарскиот технички министер Демерџиев по положувањето цвеќе на гробот ги оцени како драконски полициските мерки за обезбедување на овој настан.
„Односите меѓу нашите два народа не претпоставуваат вакви драконски мерки на кои сведочиме. Сигурноста треба да се ограничи на местото на одржување, сигурноста значи сите кои сакаат да дојдат слободно да можат да пристигнат на гробот на Гоце Делчев,“ изјави Демерџиев.
Тој додаде дека имало бугарски граѓани кои биле спречени на граница да влезат во Македонија и рече дека треба да се даде можност на сите да дадат почит.
„Ние не дојдовме овде да правиме провокации, туку да покажеме почит. Ние сме соседи и добрососедството треба да продолжи“, рече Демерџиев.
Тој не ги дочека стотина бугарски граѓани кои беа најавени дека ќе дојдат на скопското Кале. Застојот на границата настана затоа што македонскиот систем за контрола на граничниот премин беше во прекин, поради „технички проблеми“ и се создаде голема колона од возила. Бугарските државјани четири часа чекаа во своите возила на преминот Деве Баир, затоа што „падна“ граничниот систем. Откако граничната полиција го реши проблемот, почна со пропуштање на возила. Но, сетоа тоа се одвиваше бавно.
Демерџиев за овој проблем најави дека веднаш ќе донираат три генератори на струја за македонските гранични пунктови за да немаат како денешните проблеми со „пад на системот“ кој предизвика стотици автомобили да чекаат со часови. Тој изјави дека таквото однесување е неприфатливо, особено што не „соодветствува со насоките во кои се движат нашите два народа“, каде што нема причина за негативно однесување.
Од македонското Министерството за внатрешни работи, пак денеска соопштија дека на граничниот премин Деве Баир биле приведени тројца бугарски државјани за нарушување на јавниот ред и мир.
„Тие најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства,при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“, се вели во соопштението од МВР.
Лидерот на бугарската фондацијата Македонија, Виктор Стојанов, самоиницијативно ја напуштил колоната на возила која се наоѓала на граничниот премин Деве Баир меѓу Северна Македонија и Бугарија и се вратил назад, бидејќи не можел да чека системот за контрола да се врати во функција. Оваа фондација го организираше доаѓањето на државјани на источниот сосед со цел да оддадат почит на гробот на Гоце Делчев.
Демерџиев на новинарите во Скопје им кажа дека ги замолил европратеникот Андреј Џамбаски и пратеникот Костадин Костадинов да останат во Бугарија и да не предизвикуваат провокации. Тие на 14 јануари во Скопје заедно со уште стотина бугарски граѓани ја одбележаа смртта на револуционерката Мара Бунева и притоа скандираа „Македонија е бугарска“.
Но бугарскиот министер рече дека очекувал сите други бугарски граѓани да моѓе да дојдат на гробот на Гоце Делчев.
„Очекувам дека секој бугарски државјанин кој тргнал да положи цвеќе, да му се овозможи тоа да го стори без провокации“, изјави Демерџиев.
За опозицискиот лидер Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ е срамота тоа што што денеска се случува со толкаво полициско обезбедување да не можат граѓаните слободно да оддадат почит на еден великан како Гоце Делчев. Ова го изјави откако им беше оневоможено со него да дојдат стотици подржувачи.
„Срамота е ова денеска што ни се случува, да бидеме робови во својата држава, да бидеме заробеници кои ги држат во кафези, и кои што не можат во 21 век во слободна Европа да оддат почит на великанот, на човекот кој што Титан за македонската држава“ изјави тој.
Тој на скопското Кале пристигна со стотици поддржувачи и симпатизери на партијата со транспарент на кој пишуваше „ Гоце е Македонија“ и кои останаа зад полицискиот кордон. По заминувањето на политичките делегации полицијата им овозможи на граѓаните кои имаат желба да оддадат почит во мали групи да отидат до црквата Св. Спас.
Претходно под силно полициско обезбедување македонскиот државен врв денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. На чествувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев како дел од државната делегација присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието.
„ Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки.“, се вели во владиното соопштение.
Панихида оддржа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан кој зборуваше за делото на македонскиот револуционер. По завршувањето на панихидата, македонската државна делегација си замина. Никој од државниот врв не даде изјава во црквата Свети Спас.
По заминувањето на политичките делегации полицијата почна да пропушта мали групи на граѓани кои се дојдени на скопското Кале за да оддадат почит на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Одбележувањето на годишнината до раѓањето на револуционерот доаѓа во време кога односите меѓу Бугарија и Македонија дополнително се затегнаа со низа настани, како претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, па кусото повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и последното, тоа што бугарскиот Парламент, пред да се распушти во пресрет на изборите, изгласа декларација за осуда за насилството врз македонските Бугари.
Дополнително под засилена полициска безбедност беше организирано и чествување на Гоце Делчев во Делчево град кој се наоѓа во источниот дел од земјата во близина на македонско- бугарската граница, кое помина во мирна атмосфера.