Достапни линкови

Макотрпниот лет до Брисел - дали истиот води преку Копенхаген или сепак преку Софија?


Иван Дургутов, дипломиран правник и магистер по право при ПФ Јустинијан Први - Скопје, млад европски амбасадор,
Иван Дургутов, дипломиран правник и магистер по право при ПФ Јустинијан Први - Скопје, млад европски амбасадор,

Сакаме во ЕУ каде не се зборува за тоа кој си и што си, оти тоа не е работа на тие веќе зачленетите таму да го кажуваат. Редно е да ни го кажат - дали таквата ЕУ се уште постои. Затоа што целото ова што се случува, дури и да е од комшии, многу е!, пишува младиот европски амбасадор Иван Дургутов.

Немам дилема дека Европската Унија е најдобрата можност од оние понудените за иднината на земјата во која растев и во која живеам. Причините за тоа се многубројни, а истовремено и едноставни - безвизниот режим и можноста да се посети, искуси или студира во старата убавица Европа без долгите редици од минатото пред европските амбасади за мене се најдоброто нешто кое ни се случило. Понатаму, фактот дека најголемиот број од иселените мои другари се токму во земјите членки на ЕУ, па завршувајќи со тоа кој е најзначајниот трговски партнер на Македонија и еден од најголемите донатори кај нас.

Учествувајќи деновиве на една престижна конференција во срцето на данската демократија, во парламентот на Кралството Данска, имав чест да го запознаам и сегашниот дански министер за надворешни работи, кој во два претходни наврати беше и премиер на оваа скандинавска земја која се има зачленето во ЕУ пред јас да бидам донесен на овој свет. Една од темите кои ги отворивме како панелисти пред него беше и дали патот до Европската Унија сѐ уште води преку Копенхаген и критериумите кои го носат називот на овој студен, но многу убав град? Можеби, во меѓувреме, трасата е променета и кандидатите сега треба да наминат и до Софија? Можеме да тркнеме до Икеа, Декатлон, Старбакс или Мекдоналдс, ама за „солење памет“ и не мора.

Проевропската ориентација, но онаа вистинската, а не декларативната или ироничната, за мене е несомнена. Меѓутоа, некои од случувањата во рамките на самата Унија, но и во односот на Унијата кон нас како земја кандидат за членство, а сега и земја која веќе не се кандидира, туку преговара за тоа членство, упорно го измрдуваат возот од шините по кои треба да се движи и цртаат како изгледа недостигот на почит. Многумина (не)оправдано ќе речат цената за столчето во Брисел знае да биде преголема, Македонија тој стол ја чини поскапо од сите оние претходни држави кои требале да „платат“ и очигледно, се плашам, кажувајќи го ова нема да згрешат.

Уште од своето осамостојување, оваа наша мала и мила држава, се соочила со оспорено име, со оспорено знаме, а во поновите времиња и со отворено оспорување на јазикот кој го говорат нејзините граѓани и историјата која тие ја имаат. Малата Македонија, сепак, со сите свои предности и слабости, ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) во 2001 година пред една Словенија, а истата стапи во сила во 2004 година. Поднесовме апликација и добивме кандидатски статус во 2005 година пред Хрватска.

Пишувајќи ја оваа колумна, двете споменати земји се полноправни членки на Унијата, уживајќи ги придобивките и на Шенген зоната и на Европската монетарна унија (ЕМУ). Ние во преостанатото време се изнапотпишавме и неколку други договори и прифативме неколку други предлози, ама „фајде“ малку видовме. Покрај тоа што на двете досегашни знамиња го имаме сонцето, факт е дека не многу сончеви денови не огреаја досега при нашите евроатлантски интеграции. 30-тина година подоцна, таму сме каде што сме, а Балканот на наши плеќи континуирано продолжува повеќе да говори за историја отколку за иднина и да покажува пример кој не треба да се следи.

Имајќи солидни примери околу нас дека членството во Унијата, само по себе, не ве прави функционална и права европска држава, годината ја започнавме со нови перипетии на полето на „добрососедските“ односи. За танго се потребни двајца, а богами, ни добрите односи со соседот еден сам не може да ги изгради. Честопати, знаеме да бидеме дури и претерано самокритични укажувајќи на помалиот или поголемиот квалитет кај народните избраници во нашето собрание.

А, замислете, само замислете, во седиштето на европската престолнина Брисел, во рамките на прекрасниот објект на Европскиот парламент, каков човек седи и работи таму. Тоа е оној со ласкава титула европратеник, кој во времето кога не е во главниот град на ЕУ или во „столицата“, наоѓа за потребно да дојде во еден мал град наречен Скопје и да кажува работи за кои и просечен средношколец два пати би размислил пред да ги каже.

Токму овој европски пратеник е дел од единствената европска институција која е директно и непосредно избрана од државјаните на земјите членки на ЕУ. Токму овој човек треба да ги претставува вредностите на околу 447 милиони Европејци.

Јас од нивно име му велам НЕ, благодарам. Јаде, гризе туѓиот срам. Срам и за исценираниот инцидент подоцна во градот на Унеско и срам за целото ова кое дефинитивно е далеку од „билатерално прашање“. Ова е мултилатерално прашање, европско прашање, цивилизациско прашање, ова е прашање дали заедницата е „бирократија и хартија“ или „вредности и идеологија“. Ова е моментот кога треба да се увериме дека навистина сите ние светот го разбираме како поле, единствено, за културен натпревар помеѓу народите.

Непоправливиот оптимист во мене продолжува да дејствува и верува дека ЕУ е сѐ што соседот кој „урлаше“ на скопскиот кеј пред некој ден не е. И обратно, за мене, ЕУ е или треба да биде систем на цивилизациски достигнувања и патрон на демократијата, за мене ЕУ е заедница на 27 држави и 24 јазици (повеќе држави, помалку јазици), при што земјите не дискутираат дали нивниот јазик е нивен или е јазик на тие со кои делат граничен премин.

Кога велам дека ние, младите, сакаме во ЕУ, мислам на тоа дека сакаме во таа ЕУ за која верува(в)ме дека постои и во која разноликоста се слави, или славеше. И тоа инспирираше промена. Сакаме таму каде што ќе зборуваме за подобар животен стандард, посилна економија, поголеми и повеќе човекови права, за „реформа на менталитетот“ и за добри практики на антикорупциски поведенија.

Сакаме во ЕУ каде што не се зборува за тоа кој си и што си, оти тоа не е работа на тие веќе зачленетите таму да го кажуваат. Тоа што е редно да ни го кажат е дали таквата ЕУ сѐ уште постои и е жива.Затоа што целото ова што се случува, дури и да е од комшии, што е многу , многу е !

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG