Достапни линкови

Дебатата за уставни измени во Собрание најдоцна во септември


Илустрација, Собраниска седница
Илустрација, Собраниска седница

Избори нема да го решат проблемот со двотретинско мнозинство за уставни измени, само ќе го искомплицираат процесот, смета претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој очекува предлог текстот на измените на Уставот да се изготви до почетокот на летото.

Дискусијата на утврдени предлог измени на Уставот може да почне во Собранието во септември, за да може евентуалното донесување да се поклопи со рокот во ноември кога треба да финишира европскиот скрининг, брифира Претседателот на собранието Талат Џафери. Тој посочи дека крајните рокови за формирање на текстот на предлог измените на Уставот со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата може да биде во летните месеци, односно во јуни или јули, по што е потребно да помина најмалку еден месец за усогласување за веќе во септември да се отвори јавна дебата на собраниска седница.

Според Деловникот, седница за уставни измени може да се одржи еден месец по утврдување на текстот на амандманите кои се предложени.

Проблемот е што за уставни измени засега нема двотретинско мнозинство од 80 пратеници. Според Џафери единствени излез од оваа ситуација за да се дојде од 80 пратеници е да се седнат пратениците и да разговараат за измените.

„Не мислам дека предвремени избори се излез на оваа ситуација, изборите може само да ги искомплицира работите“ рече Џафери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара само избори. Тоа го повтори и денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за Политика.

„Во Македонија на последните избори никој не доби мандат за промена на Уставот - ниту една партија не го претстави ова во својата програма. Затоа сметам дека предвремените избори се единствениот начин граѓаните да кажат што мислат и како мислат дека Македонија треба да се движи во наредниот период“, вели Мицкоски.

Во меѓувреме владејачката СДСМ го почна процесот за обезбедување на поголемо парламентарно мнозинтсво. Партијата синоќа одржа и средба со помалите коалициони партнери на кои како тема била отворена и опцијата за проширување на коалицијата со уште еден партнер Алијанса за Албанците кои со себе носат 8 пратеници во Собранието. За Џафери е добредојдено секое проширување на мнозинството кое како што вели ќе донесе функционалност на Собранието како институција.

Но во владината коалиција меѓу помалите партнери има сомнежи. Стравуваат дека влезот на Алијанса за Албанците во власта со 8 свои пратеници може да донесе од неа да излезат најмалку тројца, а најмногу 7 пратеници, брифираа помалите партии кои се дел од мнозинството. Според нив покрај тројцата „огнени“ пратеници од ДУИ Изет Меџити, Кастриот Реџепи и Мерита Колчи Коџаџику, прашање е како ќе се позиционираат четворицата пратеници на Алтернатива меѓу кои е и пратеникот Скендер Реџепи. Со тоа се отвора дилемата дали конечниот број на владејачкото мнозинство со влез на АА ќе брои вкупно 72 пратеника.

Клучното прашање за проширувањето на владината коалиција е која владејачка партија ќе се откаже од министерски места на сметка на Алијанса за Албанците. За тоа се зборувало и на вчерашната средба на коалиционите партнери на СДСМ во Клубот на Пратеници, но не биле донесени заклучоци и изјаснувања кои од партнерите во власта се за проширување на мнозинството.

Лидерот на Демократски сојуз Павел Трајанов предлага ДУИ која, според него, има потреба од нов партнер, да се откаже од две позиции.

„Ако се прави владина реконструкција г-динот Ахмети нема контрола врз својата пратеничка група и наместо 15 пратеници колку што имаше сега има 11 или 10, што значи дека тој треба да отстапи места. Не знам Алтернатива како ќе ги прифати тие работи “, вели Трајанов.

Неговата колешка претседателката на ЛДП Моника Зајкова изјави дека нејзината поддршка за окрупнување на владиното мнозинство ќе зависи од програмските цели на таа коалиција.

„За нас, се што значи движење на брзиот воз на Европската Унија и европска агенда, ние даваме поддршка, меѓутоа кога влегувате во една коалиција мора да знаеме кои ќе бидат програмските цели на таа коалиција, за што таа коалиција ќе се залага и која е целта“, вели Зајкова.

Во однос на поддршката за уставните измени, Зајкова вели дека одговорноста за нивно гласање е индивидуална на секој пратеник.

„За уставните измени процесот треба да започне и секој пратеник индивидуално одлучува за тоа каква одлука ќе носи понатаму врз основа на својата визија за иднината и развојот на државата и говоревме дека пратениците не треба да бидат предмет на никакви пазарења или притисоци, како што сме сведочеле во минатото“, рече таа.

Трајанов додава дека се неприфатливи тезите со поделби дека тие што се за уставни измени се за европски пат на државата.

„ Веќе 6 месеци поминаа од прифаќање на францускиот предлог, и ние уште немаме ниту една пишана буква за уставни измени, имаме само силна помпа во јавноста на највисоко ниво за уставни промени. Каде се?, дајте да ги видиме. Власта за овие 6 месеци ништо не подготви,“ вели Трајанов и додава дека одлуката за гласање за нив ќе ја донесе откако ќе се отвори јавна дебата за нив.

Опозициската БЕСА своите два гласа „за“ во Собранието ги условува со промена на формулацијата на албанскиот јазик во Уставот.

За измени на Уставот е потребна поддршка од 80 пратеници. Во најдобар случај, доколку се прошири сегашното пратеничко мнозинство од 64 на вкупно 72 пратеника, за гласање на уставните измени ќе бидат потребни уште 8 пратеници од опозицијата. Во моментов нема никакви информации како би можело да се обезбеди ова мнозинство. Од друга страна последните тензии меѓу Софија и Скопје уште повеќе ја усложнуваат атмосферата во која треба да се промени Уставот.

Измени на Уставот со вметнување на Бугарите во Преамбулата е услов кој произлегува од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на македонскиот пристапен процес во ЕУ. Последни уставни измени беа направени со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција кога државата го промени своето име во Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG