Достапни линкови

Болните од рак молат за лек - институциите ревидираат протоколи


Клиника за онкологија
Клиника за онкологија

Продолжува голготата со недостиг на лекови за болните со рак. Институциите проблемот ќе го решаваат со онколошки конзилиум и нови протоколи „адаптирани на буџетот“. Дополнителен проблем се и термини за контролните снимања кои се задолжителни за онколошките пациенти.

Се продлабочува проблемот со недостиг на лекови за пациентите со рак. Ако до пред еден месец главно се споменуваше недостигот на лекот херцептин, сега пациентите сведочат дека на Клиниката за онкологија недостигаат десетина лекови. Меѓу нив и оние за рак на дојка, дебело црево, метастази на коски, желудник... главно понова терапија која со месеци ја нема на Клиниката каде се лекува скоро цела држава.

А секое одложување на оваа терапија, посебно кога се работи за метастази- кога ракот се проширил низ телото, е недозволено.

„Во метастатски сетинг, одложување на терапија, под услов од таа терапија да има ефект, значи повторно разраснување на туморот. Во превод - џабе сте ја давале претходно, ако го немате континуитетот да ја продолжите. Бидејќи основниот параметар на успехот на вашата терапија е намалување на туморот, или барем стабилизација на болеста“, појаснува онкологот Милан Ристевски.

Ристовски, кој во еден период беше и директор на Клиниката на онкологија вели дека проблемот со недостиг на лекови за рак е стар со децении. Ова го потврдуваат и искуствата на пациентите, но како што забележува Македонка Икономова-Давчева од здружението „Љубов сме/Jemi dashuri“ - никогаш не било потешко. Или барем не во последните шест години, колку што минале откако таа била дијагностицирана со рак на дојка.

Преку здружението до неа секојдневно стигнуваат информации за тоа дека повторни има недостиг на некој од цитостатиците – лекови кои им се даваат на болните од рак. Се потсетува дека кога таа почнала да се лекува имало 3 лека, потоа се вовеле уште 4 нови, ама сега ги нема.

„Се враќаме назад, како пред пет години. Луѓе ни умираат“, револтирана е таа.

Многу ветувања, уште повеќе разочарувања

Кога пред три години, тогашниот министер за здравство, Венко Филипче најави дека во земјава ќе почне да се користи нова терапија за рак, со внесување на 30-тина лекови, ова внесе многу надеж кај пациентите. За да не се повторуваат проблемите со доцнењето на лековите, беше предвидено да се прави двегодишна голема централизирана набавка преку Министерството за здравство на т.н. биолошка терапија. Последната, во август 2021 година тежеше 47 милиони евра, две години претходно, во 2019, за истата намена беа склучени договори вредни 30 милиони евра, и уште за 2 милиони во 2021.

Годинава на Бирото за јавни набавки нема склучено договор за набавка на ваков вид терапија. Ама неколку месеци откако се јави проблемот со лековите, Клиниката за онкологија има распишано оглас за набавка на многу споменуваниот лек херцептин, неколку месеци подоцна од планираното. Постапката е во тек.

Инфографика - Кои клиники се најголеми должници во трет квартал до 2022
Инфографика - Кои клиники се најголеми должници во трет квартал до 2022

Според сега веќе поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, проблемот се јавил поради поголемиот број пациенти со рак што биле дијагностицирани во земјава. Сепак, ова не беше доволно оправдување за да го задржи своето директорско место. Кога во јавноста се појавија и наводи за можно препродавање цитостатици на оваа Клиника, сегашниот министер за здравство Беким Сали прати ревизија и побара оставка од директорот. Како причина го наведе долгот од 12 милиони евра на Клиниката, што ја става во топ 5 должници во земјава.

Терапија според буџетот

Од МЗ велат дека ревизијата е во тек, а проблемот со лековите ќе го решаваат со онколошки конзилиум кој ќе носи одлуки за „правилна и подобрена покриеност на пациентите со биолошка терапија“. Појаснуваат дека сега се обновуваат онколошките протоколи. И во иднина ќе се лекува согласно медицина базирана на докази, ама протоколите ќе бидат „адаптирани во рамките на актуелните можности на буџетот на клиниката“.

Во периодот околу директорската смена, полицијата уапси 24-годишен дебарчанец вработен на Клиниката за онкологија, кој во два наврати побарал мито од пациентка за да и даде препишана терапија од онколог. Прво побарал 50, а потоа 100 евра. Пациентки за РСЕ сведочат дека јавна тајна е оти кога недостига терапија, мора да се фаќаат врски, но немале лично искуство со барање мито.

И додека министерот чека ревизијата да покаже дали има или нема лекови за пациентите со рак, пациентите губат надеж. Згора на се, за многу од нив нема термини ниту за контролните прегледи како ехо или мамографија, а и кога ги има, не значи дека ќе завршат работа.

Икономова- Давчева е револтирана од сето она што се случува.

„Јас кога пред некој ден отидов да примам терапија, за прв пат по 6 години, мене ми се плачеше кога влегов таму. Искрено. Стојам на шалтер, доаѓа жена позади мене и прашува - имам упат за скен на коски. Докторот и вели - само што добивме допис, до Нова година апаратот ни е расипан. Знаете вие тоа што значи некој што има метастази два месеца да чека оти нема апарат“, вели пациентката.

Старо-нови проблеми има со термините за ехо и мамографија. Онколозите не можат да им дадат вакви упати на пациентките кои ги лекуваат, па жените се приморани да ги бараат од матичните лекари, исто како и останатите осигуреници.

Помал буџет за здравство во 2023 година

Во време на сериозни предизвици во здравството, во новиот буџет за 2023 година забележителни се кратења во овој сектор, пред се во програмите за скрининг меѓу кои и оние за рак на дојка и грло на матка. Според анализата на здружението ЕСЕ, ако досега 3% од вкупниот буџет одеше за Министерството за здравство, во новиот буџет уделот е паднат на 2%. Дополнително, статистиките на СЗО покажуваат дека 40% од македонските граѓани лекувањето го плаќаат од свој џеб, а 80% од овие пари одат на лекови.

Херцептинот на пример е на позитивната листа. Ама кога го нема на Клиниката, чини 2500 евра за доза, која се прима на 21 ден. Останатите лекови се многу поскапи, а и не може да се најдат. Дел од нив пациентите кои имаат финансиска можност, се обидуваат да ги набават од соседните држави.

„Овие лекови (болничките) подлежат на редовни тендерски постапки и многу често се случува или тендерите да задоцнат, или да се оддолжи тендерската постапка, така што се случува пациенти со хронични болести со месеци да останат без лекови“, анализира Борјан Павловски од ЕСЕ.

Борјан Павловски: Болнички лекови доцнат поради тендерски постапки
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:41 0:00
Директен линк

Токму менаџирањето до тендерите се споменува меѓу причините за недостигот на лекови. Онкологот Ристевски пак, кој беше на местото на Васев пред пет години, потсетува дека овој дел е исклучително важен за да нема прекини во достапноста. Вели дека во основа најниски цени може да се добијат во март, кога завршуваат големите тендери во Европа, па остатокот се продава поевтино. Во однос пак на тоа како во земјава се лекуваат пациентите со рак тој е дециден - „касниме барем по 10 години“.

Во групите на социјалните мрежи каде што пациентите со рак разменуваат искуства, информации, но и лекови, секојдневно има известувања за починати. По болестите на циркулаторниот систем, ракот, односно малигните неоплазми се втората најчеста причина за смрт во земјава.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG