Достапни линкови

Матичните лекари ќе штрајкуваат, пациентите ќе страдаат, а државата му се посветила на проблемот


Протест на матичните лекари пред Министерството за здравство, 7 април 2022 година.
Протест на матичните лекари пред Министерството за здравство, 7 април 2022 година.

Матичните лекари најавуваат тридневен протест од амбулантите, при што нема да издаваат упати и рецепти. Велат дека скапотијата се прекрши на нивниот грб, а државата нема слух за нивните барања. Пациентите се загрижени, а од Министерството за здравство тврдат дека се бараат решенија.

Првите три дена од следната недела, на 5, 6 и 7 септември дел од матичните лекари ќе протестираат од своите работни места, така што три дена нема да издаваат упати и рецепти. Најавата стигна од Здружението на приватни лекари -ЗПЛРМ, кои во повеќе наврати од почетокот на годинава бараа слух од институциите за нивните барања, меѓу кои покачување на капитацискиот бод, но и електронско здравство, повисоки буџети за специјалисти и рурални амбуланти, решавање на проблемот со преземање на пациентите по пензионирање на докторите.

Пензионерката Перса Бошкова вели дека е загрижена поради најавениот протест на докторите, бидејќи треба да добие термин за операција на кој чека со месеци. Таа мора и редовно да оди на прегледи и да прима терапија, па затоа вели дека протестот доаѓа во многу лош период за неа.

„Е како не ќе е проблем, му треба на човек лекови да земе, да оди на прегледи со упат, проблем е за пациентите“, револтирана е Бошкова.

Уште кога дознала за протестот вели дека почнала да прави планови што да направи, па вели дека првата работа што ќе ја направи денеска е посета на нејзиниот матичен лекар, за да и бидат препишани лековите за следниот месец. Иако загрижена, сепак е солидарна со лекарите и нивните барања.

„Па имаат право луѓето. И пациентите страдаат и докторите страдаат. А државата си прави како што сака . Они си седат си земаат плата и баш им е гајле што се случува“, револтирана е пензионерката.

Средби има, решенија нема

Во приватната здравствена заштита има околу 1500 матични лекари кои примаат средства од Фондот за здравство и се задолжени за грижата за здравјето на целото македонско население. Главен приход за нивната работа се средствата кои ги добиваат од државата, преку т.н. капитационен бод или капитација, која зависи од бројот на пациенти што ги имаат, но нивната старост. Бодот од 55 беше покачен на 63 денари пред три години. Тој се множи по коефициент според староста на пациентите, при што лекарите најмногу пари добиваат за децата и пензионерите, а најмалку за младите до 35 години. Според Фондот за здравство, најголем дел од матичните доктори во јуни добиле капитација од околу 150 000 денари, за кои сметаат дека се доволни за нивната работа.

Болно здравство - без доволно лекари, пари и опрема
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:41 0:00

Сепак, во време на економска криза, лекарите не се согласуваат со ваквото тврдење и велат дека се принудени на протест бидејќи не успеваат да опстанат со парите што ги добиваат од државата.

„Ние се се трудиме да бидеме лојални граѓани на оваа држава, но државата не смее да не заборава со години, на вакви поскапувања. Во секој ресор нешто се придвижи, само кај нас ништо не се движи и луѓето се револтирани“, појаснува докторката Лилија Чолакова Дервишова, инаку претседателка на ЗПЛРМ.

Таа додава дека членството е револтирано, а најавите за протестот биле реакција на инертноста на институциите за нивните барања.

„Горивото е поскапено, струјата сега којашто ќе не очекува е веќе застрашувачки. За да можат да опстојат сите овие амбуланти, едноставно мора да имаа од буџетот, од народните пари дел и за приватните лекари“, нагласува докторката.

Од Министерството за здравство пак велат дека проблемите се таложени со години, „но посветено работат на решавање на отворените прашања“. Прво за корекција на капитацијата на сите избрани лекари, а понатаму и за стимулации за младите доктори.

„За таа цел, уште во јуни МЗ иницираше постапка пред Владата и таа се очекува да биде усвоена во најскоро време. Неспорно е дека моменталната глобално-економска состојба во државата, како и пошироко ќе ги детерминира конечните исходи и резултати, но сигурни сме дека во еден партнерски однос со матичните лекари ќе дојдеме до заеднички прифатливи решенија, впрочем така како што и започнавме“, се наведува во одговорот на Министерството за здравство.

Загрозена иднината на единствената амбуланта во Лозово

Годишно од Фондот за здравство само за капитација кон матичните лекари се исплаќаат околу 57 милиони евра. Највисоката исплатена капитација по лекар во јуни била 290 000 денари. Сепак ова е далеку под она што го добиваат лекарите во единствената амбуланта во Општина Лозово. Најавите дека се бараат решенија не им се од голема помош. Во амбулантата во две смени работат двајца матични лекари. Со работа почнале во 2007 година, со цел да им помогнат на своите сограѓани и да останат во родното место. Почетокот бил добар, а парите кои ги добивале ги инвестирале во опрема и подобрување на условите за работа.

Само докторката Сузана Јовановска-Илиевска живее во Лозово. Вториот доктор од нивниот тим секојдневно патува од Велес.
Само докторката Сузана Јовановска-Илиевска живее во Лозово. Вториот доктор од нивниот тим секојдневно патува од Велес.

Сега, не би ни можеле да помислат на инвестиции, децидна е Сузана Јовановска Илиева, докторка амбулантата.

Прв проблем им бил иселувањето на луѓето од Лозово. Кога почнале со работа имале над 2200 пациенти, сега таа бројка е помала за скоро една четвртина. Втор голем удар им задала пандемијата, која си го земала данокот преку здравјето на здравствените работници. А сега на ред е да се издржи и економската криза. Годинава за првпат добиле сметка за струја од 18 000 денари, вели Јовановска Илиева, потсетувајќи дека и амбулантите плаќаат индустриска струја.

Иако сумата која ја добиваат на прв поглед изгледа висока, докторката појаснува дека овие пари служат за сè. Со нив треба да платат кирија, струја, државни давачки. Да мислат од каде ќе купат пелети за зима, гориво, основни медицински материјали, да платат хигиеничарка, сметководство, хартија. А притоа мора да се даде плата за двата тима составени од доктор и медицинска сестра.

Двете медицински сестри кои работат во амбулантата во Лозово. Едната секојдневно патува од Велес, другата од Свети Николе.
Двете медицински сестри кои работат во амбулантата во Лозово. Едната секојдневно патува од Велес, другата од Свети Николе.

Затоа веќе сериозно размислуваат прво за укинување на еден од двата тима, а со тоа да стават и крај на двосменското работење во жителите во Лозово. Опасност прети и за опстанокот на целата амбуланта.

„Ако се вака остане и работите се движат по таа линија, доаѓа до неминовното, а тоа е затворање на самата ординација и отворање на еден голем проблем за целото население тука, бидејќи да бидеме реални, во вакви услови тешко дека нашите млади колеги ќе се нафатат да дојдат и да работат во вакви мали средини“, искрена е докторката од Лозово.

Сали: Пациентите се тие што трпат

Минстерот за здравство Беким Сали пак не го поддржува најавениот штрајк, бидејќи, како што вели, не може преку пациенти да се бојкотира работа и да се даваат повици за масовно земање упати и терапии. Вели декашест месеци дискутираат за наоѓање решенија, но и дека промени не се прават во краток рок или под притисок.

„Се бара време, тоа е единствената работа што сум ја побарал од матичните лекари, но за жал нема слух. За жал ние ќе продолжиме со нашата интензивна работа околу промените во примарната здравствена заштита. Моите колеги за жал ќе продолжат со бојкотирање, а пациентите се тие што трпат“, изјави Сали.

Матичните лекари уште на средината на февруари најавија протест од работа и примање на итните пациенти, без да издаваат рецепти и упати. Сепак, овој протест беше прекинат истиот ден, откако по средбата со здравствените власти беше договорено формирање работни групи преку кои ќе се бара решенија.

Бидејќи решение немаше, стотици матични лекари Светскиот ден на здравјето - 7 април го одбележаа со полчасовен протест пред зградата на Министерството за здравство. Како главна причина го наведоа неисполнетото барање и ветување од владејачката партија СДСМ која на минатите избори вети дека капитацискиот бод од 63 денари ќе се покачи до 90 денари за еден пациент.

Покрај бодот, тие бараат и измени на законот за здравствена заштита со кои ќе им се овозможи полесно лекување на хронично болните пациенти, но и стратешки измени со кои пациенти кои биле заведени кај матичен лекар кој заминува во пензија да им бидат префрлени на младите лекари, со што тие ќе се мотивираат полесно да разработат една амбуланта.

Чолакова Дервишова истакнува дека средби имало, но тоа е недоволно. Децидна е дека сите институции многу добро ги знаат проблемите на лекарите, но немаат слух за нив. Во изминатиот период, вели таа, не успеа да се смени ниту еден правилник, а не пак да се најде решение за финансиите. Единствено забележува, се менуваат директори и министри во здравството.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG