Достапни линкови

Колку е ризично укинувањето на буџетот за бесплатни прегледи за трудници?


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Бесплатните прегледи за жени кои не се здравствено осигурени воведен во 2016 година за намалување на смртноста на новороденчињата, се укинува. Министерството за здравство тврди дека и натаму сите може да добијат лекарски прегледи, невладините велат дека на терен не е така, а лекарите се загрижени.

Министерството за здравство нема веќе да обезбедува буџет за бесплатни прегледи за време на бременост и породување за жени кои не се здравствено осигурени.

Оваа мерка како дел од Програмата за активна здравствена заштита за мајките и децата е воведена уште пред неколку години со цел сите жени да добијат здравствена заштита и да се намали смртноста кај родилките и доенчињата, која беше алармантно висока во земјава.

Но од оваа година буџетот за жените без здравствено осигурување се укинува.

Од министерството тврдат дека укинувањето нема негативно да влијае врз здравјето на трудниците, поради тоа што сите жени може да имаат здравствено осигурување, бидејќи законот дава можност по различни основи да се пријават во системот.

„Доколку некои граѓани немаат статус на осигуреници, тоа не значи дека немаат законска можност. Граѓаните имаат можност да го искористат своето законско право да се обратат со барање до надлежните подрачни единици на Фондот за здравствено осигурување“, стои во објаснувањето од министерството за здравство на прашањето на РСЕ зошто одлучиле да ја укинат оваа мерка.

За жените кои не можат да бидат опфатени во системот на задолжително здравствено осигурување, а тука се претежно лицата без документи за идентификација, од министерството велат дека за нив остануваат да важат бесплатните прегледи во текот на бременоста и пораѓањето.

Д-р Душко Филиповски од Здружението на матични гинеколози пак, вели дека ниту една пациентка, особено бремените пациентки нема да бидат вратени за преглед, но проблемот е што самиот систем за неосигурените лица не дозволува издавање упати или терапии.

„Ниедна пациентка нема да биде вратена особено бремена, тоа лекарската етика не го дозволува, меѓутоа доколку пациентката не е осигурена не можеме ние да ја упатиме на понатамошно иследување ако е тоа потребно или да препишеме терапија, затоа што системот не дозволува, затоа апелирам до пациентките по кој било основ, а законот дава такви можности да се осигураат“, вели д-р Филиповски.

Укинувањето - ризик особено за жените од обесправени и маргинализирани заедници

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕССЕ) пак предупредува дека иако законски сите имаат право да бидат опфатени со здравствено осигурување, реалноста не е таква и на терен граѓаните се соочуваат со реални проблеми.

Борјан Павловски од ЕССЕ, кој што е и координатор на Програмата за јавно здравје и здравје на жените укажува на тоа дека често пати се случува работодавачите да не уплаќаат редовни придонеси за вработените или пак да се чека долго на административни процедури за да се добие здравствено осигурување.

„Иако според законите стои дека сите имаат право на здравствено осигурување реалноста не е таква и постојат граѓани и жени кои не се осигурани и поради тоа ние сметаме дека министерството мора да ја остави оваа ставка во програмата“, вели Борјан Павлосвки, координатор на Програмата за јавно здравје и здравје на жените.

Сведоштва на жени

Во истражувањето што неговото здружение заедно со други граѓански организации го спровеле на терен, се споделуваат неколку лични искуства на жени низ земјава кои се соочиле со проблеми во осигурувањето.

„Немав здравствено осигурување четири месеци, затоа што фирмата каде што работев не ми платила придонеси, а потоа фирмата отиде во стечај. Поднесов пријава во Трудовиот Инспекторат и чекав 23 дена, дури потоа можев да добијам здравствено осигурување“, вакво искуство имала 22 годишна жена од Делчево.

„Шест месеци немав здравствено осигурување. Бевме осигурани врз основа на вработеност и јас и мојот сопруг, меѓутоа во исто време останавме без работа и јас си сопругот. Бидејќи имаме повеќе од 245 000 денари приход за ланската година, требаше да плаќаме 1 500 денари во Фондот. Ние немаме доволно пари и останавме без здравствено осигурување целото семејство“, изјавила 40 годишна жена од Делчево во истражувањето на ЕССЕ.

Според Павловски укинувањето на мерката претставува ризик особено за ранливите категории на жени, кои што доаѓаат од обесправени и маргинализирани заедници.

Тоа, предупредува, може да резултира со ненавремени прегледи кои потоа носат други здравствени ризици.

„Дури и извештајот на Фондот покажува дека околу 10% од населението не се здравствено осигурани, што значи постојат пречки во реалноста, затоа оваа мерка мора да остане како опција и една жена да е годишно заслужува да добие бесплатни прегледи и породување ако не е здравствено осигурана, а не да се дозволи да заврши со некакви последици врз здравјето на мајката или новороденото“, додава Павловски.

Дел од лекарите кои што работат во болниците велат дека бројката на здравствено неосигурани лица е мала.

Но, сепак се плашат дека укинувањето на оваа мерка ќе се одрази негативно. Жените помалку ќе доаѓаат на контролни прегледи, на кои што може навреме да се отркијат и да се превернираат одредени болести што ги носи бременоста.

Д-р Лазар Кировски од Гинеколошко-акушерската болница од Чаир вели дека и онака станува збор за мала бројка на неосигурани лица, па оттука вели нејасно е што би добило министерството со укинување на оваа ставка од Програмата.

„Со тоа што ќе се укине оваа ставка многу помалку ќе доаѓаат на прегледи, ако треба да плаќаат од свој џеб. Тоа значи дека нема да се контролираат некои болести или состојби, тежина, притисок, шеќер и може да се случи кога пациентките ќе дојдат на пораѓање да преминат во ризични пораѓања, со покачен шеќер или голема слабокрвност, така што може да се соочиме со проблем кога тие жени ќе дојдат во болниците на пораѓање. Јас не се согласувам со укинувањето на ставката за осигурување. Дополнително се работи за многу мала бројка на неосигурани и затоа не ми е јасно што би добило министерството со тоа“, вели д-р Кировски, специјалист со над 30 годишно искуство.

Програмите доведоа до намалување на смртноста на новороденчиња

Македонија до пред неколку години се бореше со алармантно висока стапка на смртност на новороденчиња.

Токму поради тоа од 2016-та година министерството за здравство почна со програми, преку кои беше воведена и мерката со која беше одлучено здравствено неосигурените бремени жени целосно да бидат ослободени од сите прегледи и партиципации кај гинеколог и при породување, а средствата за партиципација на болниците да им ги исплаќа Министерството за здравство од сопствениот буџет.

Оттогаш земјава бележи пад во стапката на смртност на новорденчиња.

УНИЦЕФ дури ја рангираше Македонија меѓу првите три земји во светот со најголем пад на стапката на смртност кај новороденчињата.

Според податоците на министерството за здравство ако во 2016 смртноста била 25 отсто, во 2017 паднала на 21 отсто, во 2018 на 16 отсто, во 2019 година на 12 проценти, додека 2020 изнесуваше десет отсто, од вкупно третираните бебиња на одделението за интензивна нега и терапија.

И додека здравствените власти се уверени дека укинувањето на оваа мерка нема да влијае негативно, кај граѓанските организации и кај дел од лекарите расте загриженоста од враќање на проблемите со кои преходно се соочуваа пациентките.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG