Достапни линкови

Пред бугарскиот центар во Скопје врие полиција, внатре класична музика и изложба


Полиција пред Културно-информативен центар на Бугарија, кој е преселен на нова локација во центарот на Скопје, 25.11.2022
Полиција пред Културно-информативен центар на Бугарија, кој е преселен на нова локација во центарот на Скопје, 25.11.2022

Бугарскиот културен центар во Скопје, по 20 години функционирање, доби нови простории во центарот на градот. Мирната атмосфера внатре, не одговараше на многуте полицајци пред објектот. Овој настан доаѓа во период на зголемени тензии по оштетувањето на бугарскиот клуб во Охрид.

Под силно полициско обезбедување денеска беше отворен новиот објект на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје.

Полицијата ги блокираше приодите кон кусата пешачка улица Никола Вапцаров која води кон Плоштадот Македонија и ги пренасочуваше пешаците по околните улички. Отворањето помина без инциденти.

Клубот го отворија бугарскиот министер за култура Велислав Минеков и амбасадорот Ангел Ангелов, а на церемонијата присуствуваше и македонската министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Внатре, мирна атмосфера со класична музика и отворање на изложба на македонски и бугарски уметници.

Директорката на центарот Антонија Велева рече дека клубот ќе придонесе за зближување и за запознавање, како на претставниците на културната средина, така и на две општества.

На отворањето присуствуваше и лидерот на бугарската партија Преродба Костадин Костадинов, кој ја смета Македонија за втора бугарска држава.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува.
„Таквите изјави се најмалку европски и таквите изјави воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан како што е овој денес“, рече таа.

Бугарскиот министер, одговарајќи на прашања на новинарите дали и бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ придонесуваат за зближување на двата народи, рече дека „вие треба да оцените“.

Културно-информативниот бугарски центар во Скопје е еден од 11-те такви центри на Бугарија во странство. Тој функционира веќе 20 години, но сега добива нови простории.

Свеченото пуштање во употреба се одвива во период на зголемени тензии меѓу двете земји, откако бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид во изминатите неколку дена два пати беше нападнат.

Клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, кои се основани од македонски државјани кои се чувствуваат како Бугари, ја брануваат македонската јавност во изминатиот период поради спорните имиња. За разлика од нив, бугарскиот Културно-информативниот центар во Скопје е официјална државна институција под капата на бугарската држава.

Три напади врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид за месец и половина

За само месец и половина откако беше отворен, во тензична атмосфера со протести, се случија три напади врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид. За последниот напад со огнено оружје, бугарските дипломати ги известиле и челниците на Европската комисија (ЕК). Нападите наидоа на осуда и од бугарските и од македонските власти.

Бугарскотото МНР ја повика и македонската амбасадорка, Агнеса Руси-Поповска, за да ѝ биде врачен остар демарш, а бугарскиот претседател Румен Радев ги потсети македонските власти дека патот на Македонија кон ЕУ „минува низ признавањето и почитувањето на правата на македонските Бугари, на бугарското културно и историско наследство“.

Претходно и клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола беше цел на напад. Популарниот пејач Ламбе Алабаковски, ја запали вратата на клубот за што доби условна затворска казна.

Отворањето на бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид предизвикаа незадоволство и кај јавноста и кај политичарите во Македонија, кои ги оценија како провокација.

Бугарија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски, идентитетски и јазичен спор. За надминување на проблемите беше формирана и мешовита комисија за историски и образовни прашања.

Во двете земји различно се толкуваат историски личности и настани од поблиското минато, што ги обременува односите меѓу двете земји.

Ванчо Михајлов, родум од штипско Ново Село бил соработник на фашистите во Втората светска војна, кој тврдел дека Македонците се Бугари.

Цар Борис Трети владеел во Бугарија од 1918 до 1943 година, а во негово време во 1941 година Бугарија станува сојузник на нацистичка Германија, со што за возврат добива територии, вклучително и голем дел од денешна Македонија.

Во Македонија, овој период од историјата се нарекува „бугарска фашистичка окупација“, додека историчарите во Бугарија сметаат дека точниот термин е „анексија“, а дека власта во Бугарија пред 1944 година треба да се дефинира како „авторитарен режим под влијание на фашистичките идеи“.

На почетокот на овој месец, македонското Собрание донесе измени на Законот за здруженија и фондации според кој се забранува именување по спорни историски личности. Според законот, и клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ имаат три месеци да ги променат имињата. Официјална Софија изрази стравување дека тоа може да го ограничи правото на здружување на Бугарите во Македонија, бидејќи има „еднострано толкување на историските факти“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG