Македонски бизнисмени од Канада го финансираат Македонскиот културен клуб во Благоевград кој треба да се отвори на 30 октомври. Бугарски милионер и филантроп ги финансира бугарските клубови со спорни називи во Македонија.
Отворањето на вакви центри ја бранува политичката јавност во двете земји, затоа што и во Македонија и во Бугарија, нивното отворање се смета за провокација.
Формално, бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ во Македонија се основани од македонски државјани кои се чувствуваат како етнички Бугари. Македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Бугарија го отвораат бугарски државјани, кои се чувствуваат како етнички Македонци.
Организаторите велат дека работат на приближување на двата народи.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите изјави дека ваквите клубови не се во функција на добрососедските односи и не им прават услуга ниту на бугарската заедница во Македонија, ниту на македонската во Бугарија.
„Бугарскиот амбасадор беше на отворање на клубот, бугарскиот премиер беше на отворањето на другиот клуб во нашата држава, така што е јасно кој стои зад тоа. Јас велам дека тој начин не помага ниту на бугарската заедница, ниту на добрососедските односи. Ги охрабрувам граѓаните да отвораат клубови во двете страни во согласност со законите, но дајте да не влегуваме во негативен натпревар без да се имаат предвид сензитивностите во двете општества“, рече Османи.
За 30 октомври е најавено отворање на Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград во југозападна Бугарија. Како што може да се прочита во поканата за отворањето, тој е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонско меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло. Тој често излегува со анти-ЕУ и анти-НАТО ставови.
Министерот Османи рече дека позициите на оваа организација од Канада не се во функција на стратешките интереси на Македонија и оти нема да присуствува на отворањето.
За разлика од него, премиерот Димитар Ковачевски пред три дена рече дека „на овој начин се постигнува зближување меѓу граѓаните и државите“. Тој рече дека нема да присуствува на отворањето, но ги повика сите што можат да одат во Благоевград.
Претседателот Стево Пендаровски вчера ја добил поканата да присуствува на отворањето, но веќе имал планирани обврски, па во негово име ќе присуствува генералниот секретар на Кабинетот на Претседателот, Миле Бошњаковски.
Присуство најави и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Свое присуство најави и партијата Левица.
Заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на бугарското Министерство за надворешни, Костадин Коџабашев, на редовниот брифинг изјави дека е очигледен обидот на опозициските македонски партии да провоцираат тензии во Софија и Скопје со отворање приватен клуб со името на Никола Вапцаров.
Бугарската десничарска партија ВМРО-БНД најави протест, а Коџабашев ги повика граѓаните да бидат мирни и да не подлегнуваат на провокации.
Советот на Општина Благоевград пред десетина дена усвои декларација со која се спротивставува на отворањето на клубот. Сметаат дека се работи за „антибугарска провокација“ и оти Вапцаров е бугарски поет. Но градските власти на Благоевград потоа објаснуваат дека тоа значи забрана за отворање на клубот.
Никола Вапцаров е македонски поет од Бугарија, убиен во 1942 година од тогашните бугарски власти затоа што бил комунист.
Македонските власти најавија дека веќе работат на отворање на друг, државен Културен центар во Благоевград со почитување на сите процедури.
Во април годинава беше отворен бугарски Културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. На отворањето присуствуваа тогашниот бугарски премиер Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова. Тоа предизвика остри критики од македонските власти.
Месец и половина подоцна, популарниот пејач Ламбе Алабаковски го запали центарот во Битола, за што доби условна затворска казна.
Ванчо Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.
На почетокот на овој месец, пак, беше отворен уште еден бугарски клуб со името „Цар Борис Трети“ во Охрид. На отворањето присуствуваше бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов. На отворањето имаше протести, а неколку дена подоцна беше оштетена таблата со името на клубот.
Борис Трети бил бугарски цар за време на Втората светска војна, кога како сојузник на Нацистичка Германија окупира голем дел од денешна Македонија. Бугарските историчари сметаат дека треба да се зборува за анексија, а не за окупација. Власта до 1944 не ја опишуваат како фашистичка, туку како „авторитарен режим под влијание на фашистички идеи“.
Клубовите ги финансира бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски преку неговата Фондација „Бугарско сеќавање“.
Македонските пратеници почнаа процедура за законски измени за да се забрани отворање на здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам.
Во Софија скоро две децении постои државен македонски Културно-информативен центар. Во Скопје исто така уште од 2003 година има бугарски државен Културно-информативни центар, кој е сместен токму на улица Никола Вапцаров во центарот на градот, на само стотина метри од споменикот на Александар Македонски на Плоштадот Македонија.