Достапни линкови

Остри критики од државниот врв за отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“


Бугарската делегација на отворањето на културниот центар во Битола.
Бугарската делегација на отворањето на културниот центар во Битола.

За претседателот Стево Пендаровски отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола не придонесува кон зближување на народите. Додека пак премиерот Димитар Ковачевски порача дека ист пристап и реципроцитет трба да има и за бугарските граѓани со македонско самосознание.

Отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола денеска предизвика рекации од државниот врв. За претседателот Стево Пендаровски не придонесува кон зближување на народите. Додека пак премиерот Димитар Ковачевски очекува ист пристап од бугарската страна.

На вчерашното отворање на центарот присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.
Именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не придонесува за зближување на народите и нивните култури, се вели во писмената реакција на претседателот Стево Пендаровски.

Отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури, но во ваков случај тоа, како што наведува претседателот, не служи на таа благородна кауза.

„Не спорејќи ја добрата намера на премиерот Петков, вчера во Битола во составот на бугарската делегација беа и двајца претставници на поранешната власт во Софија кои беа најгласни противници на македонскиот пат кон Европа. Со самото нивно присуство и изјави беа минимизирани пораките за добрососедство и соработка кои беа испратени од бугарскиот премиер“, наведува Пендаровски.

Во писмената реакција, Претседателот вели дека „во 2017 година, идејата да се формира комисија составена од историчари беше да се најде компромис за историските настани и личности кои треба да бидат заеднички чествувани и од македонскиот и од бугарскиот народ“.

„За жал, вчера во Битола беше направен обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока“, наведува претседателот Стево Пендаровски во својот став.

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека очекува ист пристап и реципроцитет и за бугарските граѓани со македонско самосознание.

„Се работи за контроверзна историска личност, која во Република Северна Македонија е доживувана на различен начин од различни групи на граѓани. Сепак, бидејќи се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Во Република Северна Македонија е овозможено сите граѓани слободно да ги практикуваат своите етнички, религиски и идеолошки убедувања“, вели Ковачевски.

Премиерот додава дека Владата ќе продолжи со ваквиот пристап, а со нетрпение вели го чека денот кога и Македонците во Бугарија ќе можат на ист начин да ги практикуваат своите уверувања.

„Воедно и Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања“, изјави премиерот Ковачевски.

Бугарија нема да каже ДА за членство на Македонија во ЕУ се додека не ги вметне Бугарите во македонскиот устав, порача денеска од Охрид, бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која присуствуваше на отворањето на Културно информативниот центар „Балкански хоризонти“.

Во однос на тоа што Бугарија бара признавање на правата на Бугарите во Македонија, а истовремено не ги признава правата на Македонците во Бугарија Јотова вели дека бугарскиот устав почивал на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното.

„Ние немаме малцинства во нашата земја, додека кај вас е различно, и како што видовме со последниот попис сте една повеќенационална земја“ рече Јотова.

Бугарскиот премиер Петков на вчерашното отворање порача дека културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола треба да биде мост меѓу двете земји и да помогне да се освојат срцата на двата народа. Бугарите во Северна Македонија да бидат рамноправни како и другите народи, па дури и темата за влез во Уставот за која толку многу се зборува е всушност реална и не дека не може да се постигне, рече Петков.

Запрашан кога ќе се дозволи Македонците да отворат македонски клуб во Бугарија рече дека колку има повеќе вакви клубови и активности од двете страни народот ќе биде поблизок.

Низ Широк Сокак имаше протести на кои битолчани се побунија за тоа што Бугарија бара да се признаат Бугарите во земјава, а земјата не ги признава Македонците кај нив.

Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Двете земји преговараат за надминување на проблемите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG