Достапни линкови

Фукујама - Бугарските тврдења за С.Македонија се исти со руските за Украина


Фукујама - Ако западот не го сопре Путин во Украина, тоа ќе се прелее на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:49 0:00

Фукујама - Ако западот не го сопре Путин во Украина, тоа ќе се прелее на Балканот

Поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет различно од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења за Украина, вели Френсис Фукујама, професор, филозоф и автор на „Крајот на историјата и последниот човек“. Тој во интервјуто вели дека многу европски земји имаат крајно десничарски екстремни движења и од тоа мораат да се пазат. Фукујама додава дека исходот од војната во Украина ќе одреди како ќе изгледа светот и дека по руската инвазија повеќе ќе се цени живеењето во либерален поредок.

Професоре Фукујама, светот е во очекување како ќе заврши руската инвазија врз Украина. Вашата оценка е дека мотивот на Владимир Путин е неговата интенција да ја поткопа демократијата. Како и да заврши ова, како ќе изгледа светот потоа?

Мислам дека исходот од конфликтот ќе одреди како ќе изгледа светот. Мислам дека може да замислиме многу лошо сценарио од гледна точка на демократијата и добро сценарио. Лошото сценарио очигледно е ако Путин успее и ја урне избраната власт во Киев и инсталира марионетска влада и успее да присвои делови или цела Украина во поголема Русија. Но од друга страна не верувам дека ќе успее и може да биде заглавен и според некои сценарија да биде принуден да се повлече од Украина што ќе биде многу понижувачки за него. И во тој случај ми изгледа дека ќе има добар исход, не добар за Украина, страшен за Украинците, но за демократскиот свет воопшто кои покажаа солидарност, во одбивање на агресијата и тие ќе го зачуваат европскиот поредок каков што постои од 1991 година.

Постои ли можност за создавање на два паралелни света - Русија има свои социјални мрежи, најавува и свој интернет, западните земји се на други социјални медиуми. Каде би се среќавале овие два света?

Мислам дека Русите веќе се обидуваат да се одвојат себе од западниот интернет и од западниот медиумски свет. Секако инвазијата и сите санкции кои следуваа ќе го забрзаат тој процес. Мислам дека до некоја мера ќе се обидат да се приклучат на некој начин на кинескиот. Кина веќе создаде свој интернет, тие не им дозволуваат на своите граѓани да имаат пристап до западните избори и тие се доволно голема земја да креираат свој медиумски простор. Русија може да се приклучи на тоа, но јас не верувам дека тие сакаат да бидат помладиот партнер на Кина во таков поглед. Тие ќе имаат проблем бидејќи навистина не се доволно голема земја и не може да го направат тоа што го прават Кинезите да имаат свој интернет и свои одделни платформи. Но тие ќе се обидат да го направат тоа...

Која е опасноста од таа поделба?

Колку е опасна таа поделба? Мислам дека поделбата е опасна засега ако различни делови од светот креираат свои реалности. Тоа веќе е случај. Русија ја затвори својата популација од какво било реално сознание што се случува во Украина. Им кажува дека се работи за ограничена воена интервенција, дека не е војна, не е инвазија, Украинците нема да бидат повредени и како резултат на тоа многу Руси веруваат дека ништо погрешно не се случува. Тоа одвојување и изолација очигледно ќе продолжи. Прашање е дали е можно бидејќи ќе има мајки чии синови нема да се вратат дома, бидејќи биле убиени во Украина и дека ќе има многу информации кои ќе протекуваат, бидејќи навистина технолошкиот свет овозможува навистина да биде тешко да изолирате цела земја. Ќе биде опасно, но има ограничувања колку може да се оддели.

Вашата оценка е дека кризата сега покажа дека либералниот свет каков што постои сега не може веќе да се зема здраво за готово, туку дека се работи за постојана борба. Истовремено се повеќе луѓе се воодушевуваат на авторитарните лидери. Ја прави ли сето ова таа борба уште потешка? Која е опасноста за иднината на демократиите во светот?

Мислам дека една од поголемите промени кои се случија во последните неколку недели е како дополнение на оние геополитички закани како Русија и Кина многу демократии сега имаат и внатрешни закани. Имаат крајно десничарски или народно десничарски движења кои целосно не ја прифаќаат демократијата и се закана за демократијата целосно. Го видовме тоа многу живо во Соединетите Американски Држави со подемот на Доналд Трамп и движењето кое тој го преставува. На шести јануари минатата година тие се обидоа да упаднат во Капитол и се обидоа насилно да ги сменат изборите и прилично искрено ќе се обидат да го сторат тоа во 2024 година кога ќе се одржат следните претседателски избори. Мислам дека има многу сериозна закана за демократиите кои се соочуваат не само со надворешни, туку и во своите политички системи. Многу европски земји имаат крајно десничарски екстремни движења и од тоа мораат да се пазат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторува дека во Украина се брани и Европа. Европските земји презедоа санкции кон Русија. Дали се тие доволни?

Не мислам дека економските санкции сами по себе се доволни да ја казнат Русија. Основно она што се случува на терен, воено, ќе биде поважниот исход. Мислам дека ако Украинците успеат да ја запрат руската инвазија и да ја свртат ситуацијата и да нанесат тешка воена цена на Русија, тоа навистина ќе го убеди Путин да отстапи и ќе ја загрози неговата позиција во Русија. Но не е прашање дека економските санкции ќе имаат многу големо влијание врз руските граѓани. Тие ќе почувствуваат голема рецесија, невработеност, големо нарушување на животот на средната класа.

Професоре, како го оценувате позиционирањето на Кина во контекст на руската инвазија врз Украина? Има ли опасност за разгорување на конфликт во тој дел од светот?

Мислам дека Кина е во голема мера на страната на Русија, но не се целосно на руска страна, бидејќи тие изразија почитување кон суверенитетот на други земји како централен столб на нивната надворешна политика. Тие на пример едноставно не ја прифатија руската инвазија врз суверенитетот на друга земја. Мислам дека многу луѓе веруваат дека тие внимателно набљудуваат и прават сопствени планови што да прават со Тајван за кој тие веруваат дека е дел од Кина. Има многу шпекулации во последните години дека тие всушност ќе искористат војска за принудно да го припојат Тајван. Очигледно дека американските и западните реакции на тоа е нешто на што може да се смета. Би рекол дека едно од добрите влијание на инвазијата врз Украина е што покажа дека западниот свет е спремен да возврати и дека нема да биде толку лесно едноставно да употребите воена сила. Но, ние навистина не знаеме што има во умовите на кинеските лидери, ние можеме само да шпекулираме за одлуките кои тие би ги донеле.

Во контекст на Македонија, која веќе две години чека датум за почнување на преговорите со Европската унија поради блокадата од Бугарија. Спорот меѓу двете земји почна со прашања поврзани со историјата, а дел од општеството препозна сличност со тврдењата на Путин за Украина. Какво е вашето мислење, има ли сличности професоре?

Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично.

На Балканот, Приштина и Белград имаат нерешени прашања, ситуацијата во Босна и Херцеговина е комплицирана. Има ли опасност од прелевање на конфликтот на Балканот?

Мислам дека ако Путин успее на својот пат да ја стави под своја контрола Украина и успешно да ја искористи воената сила и западните сојузници не може да направат ништо за да го запрат тоа ќе има голем прелевачки ефект, бидејќи секако многу актери на Балканот би сакале да ја направат истата работа. Србите во Босна не се среќни со Дејтонската спогодба и сакаат да прогласат независност на Република Српска. Мислам дека ако тоа се случи само ќе ги охрабри. Од друга страна ако Алијансата е обединета и Путин не успее тоа најверојатно е добра работа и ќе го ограничи тој прелевачки ефект, но кога е во прашање војната навистина не може да се превиди кој ќе биде ефектот на долг рок од конфликтот но ќе биде доста поинаку од она што луѓето си го замислуваа пред почнување на конфликтот.

Што препорачувате за малите демократии и кршливи како македонската и многу други низ светот, што треба да направат за да станат поотпорни пред налетот на авторитарните тенденции?

Мислам дека агендата за која било земја внатрешно и надворешно, бидејќи двете се поврзани е дека има многу предизвици во владеењето во Северна Македонија, проблеми со корупцијата, има проблеми со националниот идентитет и тоа се работи на кои треба да се одговори. Ако политичкиот систем соодветно работи. Но исто така особено за малите земји прашање е и надворешното поврзување и од таа перспектива добивањето помош од други демократии е важно. Го разбирам и го ценам фактот дека Северна Македонија е многу разочарана од одговорот на Европската унија на нејзините напори да се приклучи и мислам дека тоа е многу лошо. Како човек од надвор не може да сторам нешто многу околу тоа, но мислам дека треба се има поголема свесност за последиците за членството во ЕУ за место како ова.

Внатрешните поделби во многу демократски општества се видливи а наративите како шовинизмот, нациоанализмот кои се сметаше дека припаѓаат на минатото повторно се враќаат. Што мислите дека доведе до ова?

Мислам дека постојат повеќе причини. Едната е поврзана се опуштеноста. Ние имавме триесет годишен период, по завршувањето на Студената војна имавме релативен мир и сигурност во целиот регион без активни воени конфликти без директни искуства од навистина страшни диктатури и луѓето почнаа да ги забораваат придобивките од живеењето во либералниот и демократски светски поредок и почнаа да бараат повеќе и мислам дека прашањата на националните идентитети стануваат помоќни во моменти како овој. Една работа од исходот од руската инвазија врз Украина е поголемо ценење на тоа зошто е добро да живееш во либерален поредок во кој едноставно не користиш воена сила за да ги постигнеш своите цели. Тоа е можеби еден добар ефект од сето ова.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG