Достапни линкови

Петков: Бугарите во С. Македонија да бидат рамноправни


Бугарскиот премиер Кирил Петков во Битола
Бугарскиот премиер Кирил Петков во Битола

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска во Битола присуствуваше на отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“, кој порача дека ќе биде мост меѓу двата народи. На посетата и претходеа протести против отварањето на центарот и признавањето на Бугарите во земјава.

Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола да биде мост меѓу двете земји и да помогне да се освојат срцата на двата народа. Бугарите во Северна Македонија да бидат рамноправни како и другите народи, па дури и темата за влез во Уставот за која толку многу се зборува е всушност реална и не дека не може да се постигне, рече бугарскиот премиер Кирил Петков на отворањето на Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола.

Запрашан кога ќе се дозволи Македонците да отворат македонски клуб во Бугарија рече дека колку има повеќе вакви клубови и активности од двете страни народот ќе биде поблизок.

„Колку повеќе имаме локални дејности, колку повеќе од двете страни има врска и народот се чувствува како едно, толку подобро зашто политичарите доаѓаат и си заминуваат, а ваквите врски остануваат. Ваквите центри даваат основа за добрососедство“, рече Петков.

Тој додаде дека за Бугарите во Македонија и за бугарскиот интерес е важно државата еден ден да биде член на Европската унија зашто од тоа зависи стабилноста на Балканот.

„Не може таа тема да ја користиме за внатрешно политички цели. Треба да кажеме дека политичките цели се нешто друго, а ова е национален интерес и треба да работиме заедно, синхорнизирано сите. Ако немаме мир и стабилност на Балканот, ако не можеме да ги минеме границите, нашите бизнисмени да работат од двете страни на градницата, народот да има една општа визија дека зедно можат повеќе, ништо немаме постигнато. Тоа е гледната точка за која треба да зборуваме“, рече Петков.

Тој истакна дека двете влади работат на изнаоѓање прифатливо решение за двете страни.

„Во прашање е да стигнеме до една општа позиција не само во Бугарија туку заедно со Северна Македонија. Таа општа позиција да е јасна. Она што не обединува е јасното разбирање дека за сите нас е важно Северна Македонија да биде во европското семејство. Двете влади разбираат дека сите заедници во Северна Македонија треба да се чувствуваат со рамноправни права. Дури и темата за влез во Уставот за која толку многу се зборува е всушност тема која е реална и не дека може да се постигне. Прашање е кога, како, во кои стапки. Се радувам имаме добра комуникација и од двете страни на границата работиме добро“, додаде бугарскиот премиер.

Клубот беше отворен со интонација на бугарската и македонската химна, како и со маршот „Изгреј зора на слободата“. Улицата „Рузвелтова“ во центарот на Битола беше затворена за минувачи и имаше силно полициско обезбедување. На отворањето присуствуваа педесетина лица, од кои мал дел битолчани.

„Македонски Бугари бараме од Владата да се отвори Уставот и да не запишат како државотворен народ, да го почитува договорот од 2017 и општата историја. Ако општата историја остане само празен текст од договорот од 2017 година, ќе е трагедија за нашиот народ овде оти нашите деца ќе продолжат да учат лаги. Ние не сме малцинство ние сме народот кој даде Илинденци во Македонија и на целата бугасрска нација“, рече Љупчо Ѓоргиевски од Бугарското здружение во Битола.

Низ Широк Сокак имаше протести на кои битолчани се побунија за тоа што Бугарија бара да се признаат Бугарите во земјава, а земјата не ги признава Македонците кај нив.

Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Двете земји преговараат за надминување на проблемите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG