Достапни линкови

Што ќе значат за Украина изборите за американскиот Конгрес?


Капитол во Вашингтон е седиште на американскиот Конгрес.
Капитол во Вашингтон е седиште на американскиот Конгрес.

Дали финансиската поддршка на САД кон Украина може да ослабне ако американската економија во наредниот период потоне во рецесија, е меѓу дилемите на кои дебатираат демократите и републиканците во пресрет на таканаречените „избори на средината на мандатот“. Пишува Тод Принс.

Украинските трупи во септември ги пробија руските сили во североисточниот регион Харкив, што беше зачудувачка контраофанзива предводена од украинската решителност, промислена со тактика на бојното поле и моќното оружје од Западот.

САД обезбедија повеќе оружје, финансиска и друга помош од сите други земји членки на НАТО заедно: над 650 милијарди долари од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари годинава, со која започна најголемата војна во Европа од Втората светска војна.

Поддршката опстојува и покрај длабоките поделби во Вашингтон. Расколот беше целосно прикажан во кампањата во Конгресот, која ќе кулминира со гласањето на 8 ноември.

Но, иако руската војна не ги надмина грижите на Американците, се поголем број републикански пратеници и помал број демократи рекоа дека се загрижени за неограничената финансиска посветеност на Украина.

Членови на делегација од Горниот дом на Конгресот на САД, предводена од водачот на републиканското малцинство во Сенатот, Мич Меконел (втор од лево) го посетија Киев за да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 мај.
Членови на делегација од Горниот дом на Конгресот на САД, предводена од водачот на републиканското малцинство во Сенатот, Мич Меконел (втор од лево) го посетија Киев за да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 мај.

Анкетите покажуваат дека републиканците се подготвени да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом кој има вкупно 435 места. Контролата над Сенатот, каде се води борба за 34 од вкупно 100 места, е отворено прашање, со само неколку места кои одредуваат кој ја одредува агендата на Домот. Инаку, демократите ги контролираат двата дома од 2020 година.

Републиканските лидери велат дека посветеноста на САД кон Украина не може да биде без ограничувања.

„Мислам дека луѓето кои ќе бидат заглавени во рецесија не ќе можат да и пишуваат бланко чекови на Украина“, изјави конгресменот Кевин Мекарти кој ќе стане лидер на Претставничкиот дом доколку републиканците ја преземат контролата.

„Тие едноставно нема да го направат тоа“, додаде тој.

Како претседател на Претставничкиот дом, Мекарти ќе има широка можност да назначува конгресмени, кои се скептични кон Украина, да претседаваат со комитетите за буџет и надворешни работи, а исто така ќе има моќ да одлучува кои закони ќе бидат ставени на гласање.

Предизборните анкети покажуваат рекордна инфлација, цени на горивата, зголемени стапки на криминал и закана од рецесија. Овие економски теми се на врвот на листата што ги загрижуваат Американците.

Овие теми традиционално се сметаат како силна страна на републиканците. Војната во Украина, нуклеарните закани на Русија и другите прашања од надворешната политика добија слабо внимание низ целата земја и во кампањите што ги преплавија американските ТВ канали.

Сепак, малкумина конгресмени јавно го доведоа во прашање праќањето на оружје во Украина кое го поттикна претседателот Џо Бајден.

Во мај, Претставничкиот дом гласаше со 368 гласови „за“ и 57 „против“ за усвојување на предлог-законот со кој беа доделени 40 милијарди долари помош за Украина. Сите 57 гласови против беа од страна на републиканците.

Законот конечно беше одобрен од Сенатот, но гласањето беше знак на незадоволство кај гласното крило на Републиканската партија кое ги критикуваше долготрајните војни на САД во Ирак и Авганистан.

Џон Хербст, поранешниот американски амбасадор во Киев, ги нарече коментарите на Мекарти како вознемирувачки, но рече дека не очекува дека републиканската контрола врз еден или двата дома на Конгресот материјално ќе влијае на поддршката за Украина.

„Сигурен сум дека ќе продолжиме да испраќаме значителна помош за Украина“, рече Хербст.

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси (лево) и првата дама на Украина Олена Зеленска на состанок со членовите на Конгресот на Капитол Хил во Вашингтон, 20 јули 2022 година.
Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси (лево) и првата дама на Украина Олена Зеленска на состанок со членовите на Конгресот на Капитол Хил во Вашингтон, 20 јули 2022 година.

„Малку помалку помош, според мене, е прифатливо затоа што им даваме толку многу, но би бил изненаден ако има голем пад во нашата поддршка“, изјави тој за Радио Слободна Европа.

Се чини дека повеќето републиканци „длабоко во себе ја разбираат потребата од воена помош“ за Украина, рече тој.

Доколку во меѓувреме републиканците ја преземат контролата врз Сенатот, лидер на тој дом ќе стане Мич Меконел. Долгогодишниот сенатор беше посилен во своите јавни изјави за поддршка на Украина.

„Помагањето на Украина не е само симболичен гест. Тоа е буквално инвестиција во нашата сопствена национална безбедност и безбедноста на нашите сојузници“, рече тој во говор во Сенатот во септември.

„Администрацијата на Бајден и нашите сојузници мора да направат повеќе за да и ги обезбедат на Украина ресурсите што и се потребни за да ја одбие руската агресија“, рече Меконел.

Сомнежите на демократите

Но, не се само републиканците кои изразуваат сомнеж. Минатиот месец, 30 демократи во Претставничкиот дом, кои ја сочинуваат левичарската прогресивна пратеничка група во Конгресот, испратија писмо до Бајден во кое ја повикуваат неговата администрација, меѓу другото, да отвори разговори со Кремљ за ставање крај на војната во Украина.

Сепак, секоја индикација дека републиканците или демократите ја намалуваат помошта за Украина, може да му даде поттик на рускиот претседател Владимир Путин.

„Пораките од САД се клучни за влијанието врз пресметките на Москва во Украина“, напиша минатиот месец на Твитер Роб Ли - поранешен американски маринец и воен експерт од Кралскиот колеџ во Лондон.

„Ако Кремљ мисли дека САД се посветени на долгорочна поддршка за Украина, поверојатно е дека ќе преговара порано“.

Олена Зеленска, прва дама на Украина на состанок со членовите на Конгресот на САД во Вашингтон, 20 јули 2022 година
Олена Зеленска, прва дама на Украина на состанок со членовите на Конгресот на САД во Вашингтон, 20 јули 2022 година

Пратеникот Мајк Тарнер, кој треба да претседава со Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом доколку републиканците ја освојат контролата, рече дека „никој од републиканското раководство не повикува на прекин на помошта за Украина“.

За време на посетата на Киев на 3 ноември, републиканскиот сенатор Роб Портман и демократскиот сенатор Крис Кунс ја повторија поддршката на САД за претседателот Володимир Зеленски и рекоа дека таа ќе продолжи без оглед на исходот од среднорочните избори.

„Сигурен сум дека помошта од Америка на двете страни во борбата на украинскиот народ ќе продолжи во Конгресот“, изјави Кунс за новинарите.

Различни резултати имаат анкетите во кои на Американците им се поставуваат прашања за војната во Украина.

Според анкетата на истражувачкит центар „Пју“ спроведена во септември, сè поголем број републиканци и гласачи наклонети кон републиканците велат дека
Вашингтон дава премногу помош на Украина.

Вака во септември одговориле 32 отсто од испитаниците во споредба со 17 отсто во март. Меѓу демократите, 11 отсто велат дека САД даваат преголема поддршка, во споредба со осум отсто во мај.

Генерално, анкетата покажа дека околу 18 отсто од Американците мислат дека Вашингтон не дава доволно поддршка, што е намалување од 42 отсто во март.

Некои членови на Конгресот изразија загриженост за тоа како се користи американската помош во Украина, што е поврзано со угледот на Украина како земја со ендемична корупција и слабо владеење на правото.

Даниел Вајдиќ, од компанијата „Јорктаун солушнс“ со седиште во Вашингтон која лобира за Украина, вели дека Киев треба „подобро“ да објасни како ја користи помошта, особено невоената.

Закана од рецесија

Гласањето на 8 ноември се нарекува „избори на средината на мандатот“ затоа што се на половина од четиригодишниот мандат на актуелниот демократски претседател Џо Бајден. Историски гледано, на овие избори партијата која ја контролира Белата куќа речиси секогаш губи места во Конгресот.

Исто така, историски, економските прашања се главните двигатели на американските гласачи.

Доколку американската економија потоне во рецесија во наредните месеци како што очекуваат многу економисти, високата поддршката за Украина може дополнително да ослабне.

Сепак, доказите за руските воени злосторства би можеле да го ублажат уморот од Украина на Западот, рече Вилијам Кортни, поранешен американски амбасадор и аналитичар во корпорацијата „РАНД“ која делумно е финансирана од американското Министерство за одбрана.

Протест против руската инвазија на Украина во Вашингтон, 6 март 2022 година.
Протест против руската инвазија на Украина во Вашингтон, 6 март 2022 година.

„Како што Украинците заземаат повеќе територии кои беа окупирани од Русите, а злосторствата се откриваат, тоа ќе ја зајакне политичката поддршка за Украина во САД и Европа“, рече тој за РСЕ.

Стравувајќи од кратења под контрола на републиканците, некои поддржувачи на огромната помош за Украина се заложија за замрзнување на дополнителната помош за Украина во декември, пред новиот Конгрес официјално да започне со работа следниот месец. Помошта ќе биде дел од поголем пакет за да се осигура дека оружјето и хуманитарната помош ќе продолжат во 2023 година.

Членовите на Украинско-американскиот координативен совет, организација во дијаспората, по изборите ќе отпатуваат во Вашингтон за да лобираат за поголема помош во текот на 2023 година.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG