Достапни линкови

Не одам на школски психолог за да не ме озборуваат


Илустрација
Илустрација

Родителите имаат свои проблеми, а училишните психолози еден куп административни обврски велат младите, истакнувајќи дека 'повикај го училишниот психолог' најчесто не е популарна опција за психолошка помош меѓу средношколците во Македонија

„Кога учениците ќе почнат со средно училиште, некои имаат тешкотии да се вклопат, а други не. Оние кои не можат да се вклопат често завршуваат со депресија и им треба помош да се прилагодат на другите. А кога младите зборуваат со родителите и ќе речат: ’Не сум ок, моите пријатели не ме сакаат, не ми оди добро на училиште’, тие секогаш враќаат со нешто како на пример: ’Moите проблеми се поголеми од твоите’. Затоа, кај децата расте омразата и лутината. Тогаш го затрупуваат чувството во себе и не одат да психотерапија и тоа станува сè поголемо додека еден ден не експлодира“, сподели 16-годишниот средношколец Берим Мухамед во изјава за РСЕ.

Тој вели дека досега немал потреба од психолошка помош од стручно лице, бидејќи има пријатели пред кои може да зборува отворено ако нешто го мачи и праќа порака до врсниците секогаш да имаат некој за разговор, дури и за најмал проблем. А ако некогаш проблемите не може да се решат со помош на блиските и самиот тој вели дека не би имал проблем да побара стручна помош.

Средношколецот Берим Мухамед
Средношколецот Берим Мухамед

„Ако имам таков проблем, јас би одел на терапија бидејќи е подобро да се зборува отколку некој само да страда во тишина или дури еден ден да дојде до тоа да се самоубие или да се повреди на некој начин. Но, мислам дека би барал некоја приватна опција, бидејќи ако отидам кај психологот во училиштето, многу луѓе ќе видат и ќе почнат озборувањата, а тоа не е добро, ако веќе и онака не ти оди добро во животот“, додава гимназијалецот од „Зеф Љуш Марку“.

Зошто не кај училишниот психолог?

Според искуството на Филип Ивковски, стручен соработник за млади во Црвен Крст, кој учествувал и во програми за врсничка едукација за ментално здравје, ѕидот помеѓу средношколците и стручните служби во училиштето е направен од „административни пречки“ и недоверба.

„Според ставовите кои ги имаме добиено досега, станува збор за прекумерна администрација на службите. Не сум сигурен дека доволно се искористуваат. Ние одиме на таа карта да влијаеме кај младите да го имаат пред себе фактот дека грижата за менталното здравје е и тоа како важна и ги упатуваме пред сè на семејството како можност за поддршка, а натаму како опција го укажуваме училиштето, вклучувајќи ги и стручните служби“, изјави Ивковски за РСЕ.

Но, нема релација меѓу младите и службите, па затоа и нема доверба, вели тој.

„Во училиште таа релација и доверба е на многу ниско ниво, пред сè бидејќи станува збор за училиште, па се помислува да не дознаат другите, професорите, соучениците и слично. Мислам дека тоа и тоа како влијае врз одлуката- дали да го посетам училишниот психолог или не. А од мои лични искуства, не како вработено лице, дури и самите служби се оградуваат од тој момент зашто знаат дека тоа ќе им биде дополнителна административна обврска бидејќи после една сесија со ученик, ќе имаат еден куп документација што треба да ја сработат“, додаде Ивковски.

Дека училишниот психолог не е прва опција за средношколците покажала и анализата на здружението на граѓани „Младите можат“, кои на последниот ден од распустот ги презентираа заклучоците и препораките од нивното национално истражување за моменталната состојба „Средношколците и пристапот до услуги за ментално здравје“за, како што велат, да си посакаат подобро ментално здравје во новата учебна година.

„Имаме препораки кои сакаме да ги испратиме до институциите. Пред сè сакаме да порачаме дека треба да се подобри односот меѓу училишните психолози и средношколците, бидејќи учениците сметаат дека психолозите во училиште имаат административна улога и дека се испратени кај нив само кога се недисциплинирани и имаат слаби оценки. Всушност, нивната улога не е тоа. Туку треба да бидат прва бесплатна психолошка помош за учениците“, истакна Никица Манџуковски, координатор за промоција и односи со јавност, во изјава за РСЕ.

Кој е виновен за јазот меѓу учениците и стручните служби?

„Вината не треба да ја бараме во младите кои на 14 години се „сунѓер“ што впива. Сакаат да ги искористат сите прилики, но важно е колку приликите им се тука. Клучната улога имаат училиштата кои треба да се свесни дека ако се веќе образовна институција, не треба на учениците да им дадат само некое формално образование, туку нешто многу повеќе. Ако треба и да се остане после часови за да му се помогне на ученикот... Мислам дека училиштата не се свесни дека и тоа е нивната улога, а не за џабе велиме дека училиштето е нашиот втор дом. Учениците не чувствуваат блискост. За ти пред некого да се отвориш треба да чувствуваш блискост. Мислам дека тоа го нема“, потенцира Манџуковски.

Тијана Ивановска, гешталт психотерапевтка која заедно со „Младите можат“ летово работела на пилот програми за работа со учениците на нивното ментално здравје во средните училишта, вели дека проблемот е системски, а не едностран и одговорноста повеќе ја гледа во нејзините колеги, отколку во младите.

„Не може училишниот психолог да го седнеме позади биро, и тој да седи и да чека некој да дојде со проблем. Тој не може да работи на некој реактивен начин - ’нешто се случува, па јас реагирам’. Идејата е проактивно да се работи. Јас да покренам иницијатива со која ќе отидам на терен, ќе проверам што се случува со учениците, ќе им ги истражам проблемите и предизвиците и според моите анализи ќе подготвам соодветна програма којашто ќе биде на ниво, на она што на нив навистина им треба. Кај нас тоа не функционира така. Психолошката служба е крајно пасивизирана“, истакна Ивановска за време на дискусијата во Europe House во Скопје, која Младите можат ја организираа како дел од проектот „Сè за младите“.

„Префрлање на топката“

Држејќи им обуки на наставници и психолози од училиштата каде ќе се практикува програмата, дошла до, како што вели интересни заклучоци.

„Повторно се случува она што се случува и во нашиот систем - си ја префрламе топката. Наставниците велат службата е крива. Службите велат наставниците се криви. И едните и другите велат учениците се криви, затоа што се мрзеливи и лажат, не се одговорни и дремат по социјални мрежи. Затоа што бегаат од часови... Тука се поставува прашањето - што е тоа што ги тера да бегаат од часови? Јас нема шанси да бегам од нешто што ми е убаво. Зошто би бегала ако се чувствувам пријатно? Значи ние нешто правиме во уилиштата коешто ги брка учениците“, додаде психотерапевтката.

Со надеж дека ќе ја подобрат ваквата слика, Ивановска и дечките од „Младите можат“ сакаат пилот програмите до 2025-та година да влезат во редовното образование. Но, за тоа да се случи, институциите мора да ги отворат ушите за информациите кои „Младите можат“ ги споделуваат изминативе 5 години откако отвораат теми за менталното здравје, велат од здружението.

„За тоа ни треба голема поддршка од институциите не ја добиваме баш во овој период, односно не сме слушнати од страна на институциите иако постојано се обидуваме да допреме до нив со веќе готови програми, со веќе спроведени анализи, но сето тоа завршува на некое основно ниво и не се продлабочува. Ќе работиме на тоа да ги мотивираме самите институции да разберат колку е важно да се зборува за менталното здравје“, истакна 21-годишниот Манџуковски.

Едната програма е наменета за училишните психолози и за класните раководители, со идеја темата - ментално здравје да се воведе во рамки на класните часови. А втората е програмата за средношколци, односно за тоа како тие подобро да се носат со ситуациите во кои се наоѓаат, додаде претставникот на „Младите можат“.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG