„Средношколци, минатава учебна година постигнавме многу, останува сите заедно да ја истераме и оваа и да постигнеме уште повеќе“, порача лидерот на македонските средношколци, Лука Павиќевиќ, во разговор со РСЕ.
Според него, изминатата учебна година тимот на Сојузот на средношколци бил вреден, а годината работна и исполнета со различни активности, средби и преговори со институции. Дел од почнатото во минатата, продолжува и во новата учебна година, најави тој и издвои четири приоритети.
1. Средношколско организирање
Павиќевиќ вели дека заедно со Фондацијата Конрад Аденауер и Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и преку соработка со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), успеале да ја актуелизираат темата за средношколска демократија и средношколско организирање. А за да се случат промените, тие не застануваат тука.
„Уште од првиот пат кога бил напишан Законот за средно образование во 1994. та година, досега, никој во историјата на Македонија го нема регулирано ова прашање. Ние често велиме дека училиштата се тука да нè подготват за животот како возрасни луѓе. Зошто во една демократска држава каде треба да ја негуваме и развиваме демократската култура, училиштата не нè спремаат и не нè учат за тоа што значи да биде демократски живот? И токму затоа, со законските измени што ќе воведат средношколска демократија во сите училишта, Сојузот на средношколци се надева дека ќе ја измени оваа култура на однесување и дека средношколците ќе бидат посвесни за нивните права и обврски“, вели Павиќевиќ.
Идејата е средношколците да учествуваат во процеси кои ги засегаат нив, како еднакви партнери со наставниците, родителите и образовните власти. Преку иницијатива со ИДУЕП, тие договорија Клубот на млади пратеници во македонското Собрание да го внесе законот во собраниска процедура. Наесен ќе организираат јавна расправа за да побараат повеќе коментари и предлози и да го најдат најдоброто решение.
2. Бесплатен јавен превоз за сите
Во текот на летниот распуст, како што вели Павиќевиќ, извојувале голема победа за средношколците - преку одлука на Советот на Град Скопје, на предлог на градоначалничката Арсовска, се донесе одлука јавниот превоз за учениците во главниот град да биде бесплатен и во текот на летниот распуст.
„Со ова се исполнува едно од нашите барања за подобрување на средношколскиот стандард. Меѓутоа, ние како организација работиме на национално ниво и мораме да се грижиме и за останатите градови каде знаеме дека има проблеми со превозот. Па затоа, очекуваме со нашите предлог решенија да се воведе бесплатен јавен превоз за сите средношколци во државата. А тука ќе се вклучат и учениците од приватните училишта и тие што живеат на помалку од 2,5 километри од училиштето“, додаде средношколскиот лидер.
И во овој случај очекуваат поддршка од младите пратеници и влез во собраниска процедура од септември, а имплементација од следната календарска година. Павиќевиќ вели и дека не ги забораваат учениците кои имаат феријална пракса, па во законот стои одредба дека и тие во текот на летниот распуст би добиле право на бесплатен превоз.
3. Подобрени наставни програми
Според него, има процеси кои треба да почнат со ова раководство на Сојузот, иако нема да завршат во текот на неговиот мандат. Но, важно е дискусијата да почне, вели тој, и затоа ќе формираат специјална работна група која треба да состави документ како предлог за тоа како да изгледа нов предмет во средното образование - граѓанско и финансиско образование.
„Граѓанското образование за жал се изучува само во четврта година, во некои средни училишта, а ние сметаме дека треба да се изучува континуирано во текот на средното образование. Освен граѓанското образование што ќе треба да информира како функционира политичкиот систем и државата, сметаме дека многу важни вештини што треба да бидат вклопени се дебата, критичко размислување, медиумска писменост и финансиска писменост. Недозволиво е некој да наполни 18 години и да заврши средно образование, а да не знае како да пополни уплатница“, вели Павиќевиќ.
Има рок од едно полугодие да се изработи документот, а со него вели Павиќевиќ, би почнал реформскиот процес за подобри наставни програми и нови предмети во средното образование.
4. Психолошка поддршка во училиштата
Во планот на Сојузот на средношколци стојат и проекти за менталното здравје на учениците, кои се очекува да влезат во пракса од први јануари следната година.
„Нашата четврта програмска точка е психолозите да бидат ослободени од административната работа. Тие се вработени во училиштето, не за да бидат помошници на директорот или да вршат технички работи, туку навистина да бидат тука како сервис за учениците и нивното ментално здравје, особено сега во период кога се соочуваме со ’постпандемијата’“, додаде средношколецот.
Тој потсети и дека секој средношколец кој ќе наиде на проблем или пречка може да го контактира Сојузот преку официјалниот мејл, профилите на социјалните мрежи или преку претставниците на Сојузот во градот во кој живее, а такви има вкупно 17 во Македонија.
Лука Павиќевиќ ја доби довербата на македонските средношколци на последните избори, одржани во мај минатата година.