Средното училиште СУГС„Браќа Миладиновци“ во Драчево, годишно троши повеќе од 5700 кубни метри вода од централен градски водовод или околу 164 автоцистерни, кои кога би се наредиле една зад друга, би направиле колона долга околу 2,7 километри.
Но, овие бројки се очекува да се намалат, благодарение на петмина средношколци од тимот ’Извор Миладиновци’, кои добија задача да најдат иновативно решение за подобрување и заштита на водните ресурси и да ги намалат штетните ефекти од климатските промени.
Весна, Сања, Даниела, Емануел и Мухамедин со помош на нивните ментори го вратија во живот стариот бунар во училишниот двор кој не функционирал последниве дваесет години и поставија систем ’капка по капка“.
„Сакавме да покажеме дека навистина е потребно да размислуваме на таа тема. Бидејќи, ајде, некое обично домаќинство можеби не троши големо количество на вода, но ние како училиште трошиме навистина многу вода и потребна ни е“, изјави за РСЕ, Даниела Павловска, една од членките на тимот.
Во училишниот двор има стакленик за расад, пластеници за одгледување на цвеќе, зачинска градина и градини за одгледување на раноградинарски култури, мини овоштарник, парк... Ова е единственото училиште во Македонија и едно од ретките кое има своја мини зоолошка градина со околу 50 видови животни. Па средношколците се среќни што освен што ќе заштедат питка вода, ќе помогнат и во делот на поефикасно и поекономично одржување на просторот.
Истакнувајќи ги бенефитите, средношколците велат дека на овој начин во училиштето ќе се намали потрошувачката на питка вода од изворот Рашче за сметка на реконструираниот бунар, а со тоа сметките за вода ќе бидат драстично намалени и фондот на финансиски средства со кој ќе располага училиштето ќе биде пренаменет на нагледни средства, микроскопи, современ лабараториски материјал, алатки за практична настава, а ќе има и повеќе вода за Скопје.
„Парите кои училиштето веќе нема да ги дава за високи сметки за вода, ќе ги зачува за потребите на учениците. За тоа сме уште посреќни. На нас ветеринарите на пример ни недостасуваат неколку алати кои треба да ги купи училиштето. Претходно немало пари да го стори тоа, а на овој начин ќе има. Уште поголем успех е тоа што ќе остане и за следните генерации“, сподели Павловска.
Внимаваат ли младите колку вода трошат?
„Баш пред почетокот на проектот на социјалните медиуми ми излегуваа статии на тема - ајде да ја зачуваме водата и слично. И кога ќе направев муабет со луѓе од мојата генерација тие велеа: „Имаме вода, зошто сега да мислиме како ќе ја зачуваме? Секако ќе ја има!“ И никој не размислуваше на таа тема и не сакаше да се замара со тоа“, вели средношколката Павловска.
„Мислам дека свеста кај младите за трошење на вода е на доста ниско ниво. Има такви кои не ја исклучуваат чешмата додека ги четкаат забите. Со проектов научив дека треба рационално да ја користиме водата, затоа што еден ден може да ја снема. Сега уште повеќе ја ширам таа порака меѓу моите врсници“ изјави 16-годишната Сања Велковска за РСЕ.
„Мислам дека младите би требало да внимаваат колку вода се троши, особено во услови на економска криза“, потенцираше 18-годишниот Емануел Исени.
Што научија?
Освен рационално да ја користат водата, членовите на младиот тим велат дека научиле и екстра лекција.
„Интересна беше и дружбата во тимот, а освен тоа научивме и што значи да се биде колегијален кон членовите во тимот, кон професорите и кон менторите. Научивме и дека треба да бидеме мотивирани за сè што правиме и никогаш да не се откажуваме. Навистина сум среќен што идејата се реализираше“, вели Исени.
„Проектот ми ги отвори хоризонтите да размислувам за поголеми работи, а не да се вртам во некој мал круг само мислејќи: „Еј, потребна ни е водата, треба да ја зачуваме...“ И тука да ставиме граница. Туку да лоцираме и други работи што ни се потребни, да видиме што следно треба да заштитиме. Целото училиште, сите ученици ако даваат идеи, можеме уште нешто паметно да направиме“, додаде Павловска.
„Браќа Миладиновци“ е едно од петте македонски училишта кои во април оваа година добија средства за реализирање на еко иновација, во рамки на програмата „АПШИФТ“ финансирана од Шведска, која ја спроведува УНИЦЕФ и здружението ЛЕАД во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој.