Основецот Кристијан Лазовски за својот дванаесетти роденден сакал неговите пријатели да се забавуваат, но и нешто да научат низ игра. Така, со друштвената игра ’Living Globally’, тие научиле нешто повеќе за климатските промени и заштитата на животната средина.
„Сите пријатели имаа позитивна реакција. Тогаш видов и колку младите не се свесни што се случува и решив да се обидам да помогнам како што можам“, изјави за РСЕ, 13-годишниот ученик во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје.
Вели дека низ игра разбрал како може да ѝ помогне на Земјата, па почнал да ги менува навиките.
„Почнав да рециклирам, да користам метални цевки за повеќекратна употреба, кога е можно, односно кога не врне, одам со велосипед до училиште и користам јавен превоз. А по роденденот, многу од децата кои учествуваа во играта почна да прават слични работи како мене. Кај некои од нив навистина се сменети навиките“, додаде Лазовски.
Тој верува дека со вакво учење може да се направи разлика во ставовите на младите, па затоа и станал дел од тимот кој стои зад играта. Негова задача е да помага со давање идеи, тестирање и промоција меѓу врсниците.
„Мора да е разбирливо за да биде јасно“
Триесетидвегодишната Јасмина Пислевиќ е на чело на тимот составен претежно од млади луѓе, седум на број. За време на нејзин истражувачки престој во Германија, пред четири години, во таканаречена „жива лабораторија“ се развивале идеи кои на едноставен јазик ќе ги доближат концептите за заштита на животна средина, климатски промени и одржливо живеење, до сите.
„Целта беше научните податоци да можат да допрат до обичниот граѓанин кој треба да ги применува секојдневно. Информациите кои се на високонаучно ниво не се доволно блиски за да може да ги разбере секој. Па така, дојдовме до идеја да ги вклучиме и младите луѓе преку алтернативниот начин - изработка на игра“, изјави креаторката Пислевиќ за РСЕ, сеќавајќи се на почетоците.
’Дупки на патот’
Екстра мотивација за Јасмина да ја продолжи мисијата , биле „дупките“ кои таа ги забележала во образовниот систем. Тоа што ѝ недостасувало неа некогаш, не сака да им недостасува на младите денес.
„Јас лично имав проблем со едукативниот систем и кај нас и во странство. Секогаш ми пречеше тоа што сме ставени сите во еден калап што не функционира за сите еднакво. Бидејќи недостасуваа алатки и начини за подобро разбирање, отсекогаш имав желба да спроведам нешто со коешто ќе го сменам начинот на учење и ќе ги вклучам директно самите ученици. И искуствено, ем преку забава, ем преку конкретни примери ќе може да ги научиме работите, да ги применуваме и да ги разбираме и логички“, додаде креаторката.
Редовниот образовен систем како главна цел
Нејзината мисија е концептот да влезе и во редовното образование кај нас.
„Животна средина и климатски промени засега се само некако допрени преку неколку предмети во образовниот систем, но не постојат како еден посебен предмет. Мојата мисија е да станат, бидејќи тоа е неопходно за иднината која доаѓа, а и за сегашноста секако. Ова не е само една игра, туку е цел концепт, што би можел да се вклопи во редовниот образовен систем“, истакна Пислевиќ.
„Засега вратите се затворени“
„Изгледите се генерално само преку големите невладини организации коишто се членки на Обединетите Нации. Тоа е еден макотрпен процес, што поминува низ многу административни слоеви, а за жал и многу лични интереси, коишто секако, не секогаш може да се сретнат меѓусебно и процесот не зависи само од креаторот, туку зависи и од тој одговор. Јас се обидов да дојдам и до Министерството за образование и наука, бев дел и од Министерството за животна средина преку проекти. Се обратив и до Бирото за развој на образование, меѓутоа од таму немаше слух. Има процеси и концепти коишто самите тие ги опфаќаат. УНИЦЕФ работи на подобрување и на промена на програмата и тие воведуваат експериментална наука, но сѐ уште воведување на предмет како овој не е во планот“, вели креаторката.
„Не мора да има идол, мора да има директно вклучување на младите“
Според Пислевиќ, за да бидат мотивирани за еко-акција, младите во Македонија не мора дома да имаат идоли од типот на еко активистката Грета Тунберг која се прослави гловално со праќање на пораки за спас на планетата и на седумнаесетгодишна возраст стана олицетворение на еколошки загрижените млади луѓе и нивни гласноговорник. Таа вели дека долгорочно, повеќе може да се смета на ефектот од директно вклучување на младите, отколку на надежта дека во Македонија ќе се појави некој идол со кого младите ќе се идентификуваат.
„Грета Тунберг траеше кратко, веќе „не постои“. Таа дефининитивно имаше едно моментално влијание и ја покрена свеста и можеби мотивираше во моментот некого, меѓутоа тоа не го гледаме долгорочно. Баш напротив, сметам дека директно вклучување на секој од младите преку ваков начин на предизвици има ефект. Младите треба да се слушнат и да се вклучат. Тестирањето на играта покажа дека токму ова дава огромен ефект“, додаде Пислевиќ.
Играта Living Globally од скоро доби и дигитална верзија. Во моментов е ограничена на четири играчи, но тимот планира нова верзија која ќе може да ја играат од два до шест играчи, со повеќе улоги. Тимот сака да направи повеќе игри, повторно, фокусирани на одржливо живеење и заштита на животната средина.