Возот од Скопје до Битола патува од три до пет часа на дестинација од 175 километри.
За споредба, од Пекинг до Шангај пругата е долга 1.300 километри, а патувањето со воз трае четири и пол часа.
За три и пол часа ќе поминете 660 километри од Париз до Марсеј.
Главната Железничка станица во Скопје е прецизна слика за состојбите во македонската железница: темни ходници, возови што доцнат, растечени плафони, затворени повеќе од половина дуќани.
„Само погледнете какво е нивото на хигиената на централната Железничка станица Скопје“, вели Милан Димовски, кој го чекаше попладневниот воз за Велес.
На лошите услови, освен патниците, се жалат и вработените. Инфраструктурата е многу лоша и застарена, фирмата има недоволен број вработени, патувањето со воз не е доволно безбедно, велат тие.
Вработен во железница, кој ни се претстави како Авди, ситуацијата во фирмата ја опиша како „страшна“. Праговите на пругата се скапани, вели тој.
„Што да ви кажам? Пругата е катастрофа, нема нови прагови. Ги крпиме старите!“
И Сашо Трајковски, исто така вработен во железнци, со сличан коментар вели дека фирмата во моментов е „голема катастрофа.“
„Незадоволни сме од државата, од фирмата и од директорите“, рече Трајковски.
Официјалните статистички податоци покажуваат континуирано намалување на патниците во железничкиот сообраќај.
Тоа го потврдуваат сообраќајни инженери од македонската железница. Според нивните истражувања, во 1997 година имало над 1,7 милиони превезени патници, а оттогаш таа бројка се намалува и достигнува 540 илјади во 2018 година.
Возот од Скопје до Битола пред Нова година патуваше 8 цели часа. Понекогаш треба да имате среќа и воопшто да дојде. Меѓународни линии нема.
„Ги затворија станиците надолу кон Прилеп и Битола, ги опљачкаа, ги искршија објектите“, додава Димовски.
Трајковски револтирано раскажува: „Прво фирмата нема делови за машините, за да ги поправат и да има безбеден превоз. Пругата е нула, катастрофа. Кинеските возови се играчки за мали деца“, смета тој.
Пред неколку години Владата набави нови возови кои може да возат до 160 километри на час, но во Македонија нема пруга за толкави брзини.
Железничарите велат дека моментално, во летната сезона, просечната брзина е околу 50 километри на час, а на некои делници ограничувањето е пониско.
Македонски железници е еден од најголемите загубари во државата. Долгот на фирмата се трупа со години и според податоците на Министерството за финсии, Македоснки железници – Транспорт заклучно до јуни оваа година должи над 67 милиони евра. Македонsки железници – Инфраструктура, пак, должи над 26 милиони евра.
Партиите скоро во секоја предизборна кампања ветуваат инвестиции во македонската железница. Но, сето тоа останува само напишано во нивните партиски програми.