Достапни линкови

Далеку е „Шангај“ кога студентите се само бројка


Илустрација - Економски факултет Скопје
Илустрација - Економски факултет Скопје

Како македонските универзитети да заслужат место меѓу најдобрите илјада според Шангајската листа и како им е на нашите студенти во странство чии факултети се веќе таму, но и зошто тие не останале да студираат дома?

Деветнаесетгодишната Калина Качоровска од Скопје, која студира Меѓународни односи на Варшавскиот универзитет, вели дека уште од мала знаела дека македонски универзитет нема да и биде опција за студии.

„Дали тоа ќе беше Полска како природен избор, бидејќи сум половина Полјачка, или ќе биде нешто друго - не бев сигурна, но знаев дека нема да биде Македонија. Секогаш бил муабетот кај мене дома дека реално ако сакам убав живот, убав животен пат, дека треба да одам во странство. Не заради тоа што тука земјата или луѓето не чинат, туку затоа што едноставно, работите кои ми се нудат тука не се доволни за „потенцијалот“ што го имам јас“, изјави Качоровска за РСЕ.

На Варшавскиот универзитет, студентите не се третираат само како бројка, како што тоа се прави во Македонија, истакна Качоровска.

Студентката Калина Качоровска
Студентката Калина Качоровска

„Студентите во Македонија се гледани како бројка. Нема тука никаква индивидуалност, никаков простор за коментари, за конкретна активност, за истакнување. Не! Студентите се бројка. Тие се дел од некаква статистика - толку и толку имаат десетки, толку и толку паднаа и толку, тука завршува разговорот. Додека пак, во Полска преку различни техники и избори кои универзитетот ги нуди, се бара индивидуалност кај студентите, да бидат сите различни луѓе, различни индивидуи, а не дел од едно стадо“, вели студентката.

Прилепчанецот Тале Локвенец, во прва година се запишал на Машинскиот факултет во Скопје. Но како што вели, самата средина не му дозволила доволно да се развива во тој момент, па за да види дали има нешто подобро, па го „фатил патот“ за Англија на додипломски на Универзитетот во Ворвик, кој е еден од 150-те најдобри глобално. Потоа стигнал и до мастер на Харвард, во Кембриџ, Масачусетс, САД кој според последната Шангајска листа е најдобар во светот. Локвенец сега е тазе магистер по Компјутерски науки со диплома од Харвард.

Магистерот Тале Локвенец
Магистерот Тале Локвенец

„Се чувствувам привилегирано за можностите што сум ги имал во текот на мојот живот кои ми озвозможиле да стигнам до таму, заради тоа што Харвард е една исклучителна средина, но, поразителен е фактот што македонските универзитети не се наоѓаат на Шангајската листа. Посебно затоа што има огромен број на исклучително квалитетни студенти кои имаат што да понудат и во светски рамки“, изјави Локвенец за РСЕ.

Харвард не е недостижен, ако навистина се потрудиш до таму да стигнеш, порачува тој.

„Би сакал да ги охрабрам сите средношколци во Македонија кои се потрудиле и вложувале во себе во текот на средношколските денови, да аплицираат на најдобрите факултети во светот. Во Македонија едноставно овие универзитети се малку дури и табу тема и средношколците се исплашени воопшто да се обидат да аплицираат“, додаде магистерот.

„Професорите се тука за студентите во секое време“

Освен различните активности, ресурси, лаборатории, училници, библиотеки, пристап до софтвери и слично, Локвенец и Качоровска ја истакнуваат достапноста на професорите како една од најголемите предности на нивните факултети.

„Во кое било време надвор термините за консултации, може да се пише на мејл, да се отиде во канцеларија или да се пише на самиот факултет и во рок од да речеме десет минути до еден час, дефинитивно се добива некаква порака назад. Сто проценти се достапни дури и за време на распусти, за време на викенди, кога не ни треба да бидат, меѓутоа се“, вели Качоровска.

Ваква е атмосферата и на Харвард, вели Локвенец.

„Тие се целосно посветени да ги поттикнат интересите и желбите за истражување и да им дадат насока на студентите. Едноставно, тие делуваат како 24-часовни ментори кои се тука за тебе во секое време да ти помогнат да напредуваш во твојата кариера“, додава тој.

Според него, внимателната селекција на студенти на Харвард прави здрава, компетитивна средина, бидејќи сите наоколу се мотивирани. Студентката во Варшава, пак, вели дека жали што нејзините пријатели кои студираат во Македонија може да завршат со пропаднати желби и идеи.

„Јас посакувам да можев да учам во Македонија. Посакувам да ми нудеше доволно добри услови, околности, професори и програми за да можам да останам тука. Криво ми е што јас не можев да останам и што останаа моите другари и што ете, гледам како им е сега и колку... не се мачат, меѓутоа едноставно им пропаѓаат некои желби, некои идеи коишто ги имале за тоа како ќе биде на факултет“, истакна студентката.

Како е во Скопје?

Зорана Антовска, студентка на Правниот факултет во Скопје, има впечаток дека нејзините професори се лесно достапни и надвор од термините за консултација. Поради пандемијата најчесто со нив комуницирале преку мејл и ретко се случувало да не добијат одговор. Таа потенцира дека новите генерации бараат нови форми на комуникација со професорите.

„Важно е да се нагласи дека овие генерации сакаат се повеќе можности за соработка со професорите и надвор од факултетските амфитетари. Без разлика дали се работи за пракса, препорака или редовна работа, искучително важно е овој процес сè повеќе да се развива и стимулира. Мислам дека Правниот факултет навистина развива квалитетна работна сила, за којашто вреди да се бориме да ја задржиме овде“, изјави Антовска за РСЕ.

Според неа, студентите повеќе мака мачат со административни проблеми за кои се бара решение преку органите на факултетот и студентските организации. Сподели и дека кога таа била претседател на студентското собрание најголема тешкотија ѝ било да обезбеди продолжување на крајните рокови за пријавување на испитите и почетокот и должината на испитните сесии.

Конкуренцијата на универзитетите резултираше со нивно придвижување па сега се борат за повеќе студенти. Но причината што не стигнуваат до “Шангај“ е сосема друга. Деканите велат дека мака мачат со обезбедување на финансии за што поголем број научни трудови и конференции на професорите, а ова би влијаело на рејтингот на факултетите и на позицијата на македонските универзитети на Шангајската листа. На последното рангирање, каде клучни се академските достигнувања, во првите илјада, нема ниту еден македонски универзитет.

Колку е далеку „Шангај“?

„Шангајската листа е комплицирана, таму се брои колку Нобеловци имате да работат на универзитетот и слични други параметри за кои немаме никаква теорија да се натпреваруваме, но генерално, потребен е еден холистички пристап од повеќе аспекти“, изјави за РСЕ, Иван Чорбев, Декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Добро е и што воопшто нè има на некоја листа, со оглед на долгогодишно неинвестирање во инфраструктурни проблеми, вели првиот човек на Филозофскиот факултет во Скопје. За да расте македонската наука и да растеме на листи како Шангајската, потребно е поголемо вложување во науката од страна на државата, се согласуваат Чорбев и Дуев.

„Еве на пример, го имате ФИНКИ којшто има 4000 студенти, а нема зграда. Без долгорочна стратегија за развој на универзитетот многу тешко може да очекуваме брзи резултати. Филозофскиот факултет и сите единици се борат на свој начин, со сопствени средства, бидејќи немаме финансиска поддршка од државата, да ги мотивираме нашите колеги, да ја развиваме научната инфраструктура за на некој начин да го подигнеме квалитетот и рејтингот не само на факултетот, туку и на универзитетот“, истакна деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, во изјава за РСЕ.

„Сами толку можеме“

Од Филозофски велат дека само оваа година организирале осум меѓународни конференции, инвестираат во дата бази за пристап до професорите како помошна алатка за истражување, сами финансираат учество на меѓународни конференции.

„Филозофскиот факултет има 2200 активни студенти, од друга страна „Мајка Тереза“ има вкупно 1000 студенти на целиот универзитет. Тој добива од државата 2, 5 милиони евра за капитални инвестиции, а Филозофскиот факултет - нула. Така што, мора генерално да се рангира внатрешно, квалитетот во Македонија, а не да биде обратно, а потоа да одиме кон подобрување на сите состојби“, вели Дуев.

„ФИНКИ во насока на зголемување на престижот на УКИМ, се бори на неколку фронтови и од неколку аспекти мора да се работи. Првенствено, науката е за младите луѓе и затоа работиме на задржување на млади и надежни научници како свои вработени. Секако тоа не е лесно со неатрактивните плати во македонското високо образование, но се обидуваме од сопствени средства да го направиме работењето на ФИНКИ поатрактивно и финансираме објави на научни статии од сопствени средства“, додаде Чорбев.

Тој вели дека ФИНКИ се бори за учество во разни мрежи, асоцијации и фондови во Европа и светот и сака да привлече меѓународни проекти, но за повеќе, мора државата да помогне за да се подобри научната дејност на универзитетите.

„Сами можеме до тука. За повеќе, треба помош од буџетот, ова е јавен универзитет. А и генерално науката во светот секогаш е финансирана во голема мера од државата“, вели првиот човек на ФИНКИ

Според него, индустријата мора да се мотивира за соработка со универзитетите, за да постои економија со додадена вредност и да не бидеме производители на основни ресурси со примитивна технологија, туку да обезбедиме софистицирани, скапи производи кои имаат поголема додадена вредност, а тоа како што вели се постигнува со научна работа. За да има повеќе пари за наука, Факултетите треба да ѝ помогнат на индустријата да произведе подобри продукти, за да има повеќе пари за наука, заклучува Чорбев.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG