Достапни линкови

Вести

Иран со нови ограничувања за тоа како жените може да се облекуваат

Илустрација
Илустрација

Наредбата на иранскиот претседател Ебрахим Раиси за спроведување на законот за хиџаб и чистота во земјата резултираше со нова листа на ограничувања за тоа како жените можат да се облекуваат.

Мохамад Салех Хашеми Голпајегани на Националната конференција за хиџаб изјави дека според новата наредба, „прекршителите“ ќе бидат казнети, додека женските владини службеници ќе бидат отпуштени ако нивните профили на социјалните мрежи не се во согласност со исламските закони.

Голпајегани е секретар на иранскиот „Штаб за наредување право и забранување на злото“, кој е одговорен за одредување и спроведување на моделите на однесување во општеството.

Врз основа на новиот закон за хиџаб жените кои ги објавуваат своите слики без хиџаб на интернет ќе бидат лишени од некои социјални права од шест месеци до една година.

Веста доаѓа во време на неодамнешните извештаи дека властите во Иран сè повеќе се спротивставуваат на жените за кои се смета дека го прекршуваат носењето хиџаб, кое е задолжително на јавни места во Иран.

Во последниве недели, на жените за кои беше проценето дека не ги почитуваат законите, им беше забранет влез во владини канцеларии, банки или да се возат во јавен превоз.

Хиџабот стана задолжителен за иранските жени и девојчиња над 9-годишна возраст по Исламската револуција во 1979 година. Многу Иранки го прекршија правилото со текот на годините и ги поместуваа границите на она што официјалните лица велат дека е прифатлива облека.

види ги сите денешни вести

Нема простор за паника од мајмунски сипаници, велат од Инфективна клиника

Клиника за инфективни болести во Скопје
Клиника за инфективни болести во Скопје

Директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана вели дека во Северна Македонија нема простор за паника околу мајмунските сипаници и нагласи дека е запознат е со случајот во Косово.

Цана потсетува дека во државата досега нема регистрирано случај на мајмунски сипаници, а доколку се појави, вели дека се подготвени за справување со болеста.

„Запознат сум со случајот, имав долг разговор со директорот на Инфективната клиника во Приштина. Пациентот е стабилен, сѐ е под контрола во моментов, нагласува Цана.

Директорот појаснува дека станува збор за изолиран случај на граѓанин на Косово, кој работел подолго време во странство.

„Не е автохтон, туку е импортиран случај. Граѓаните кај нас може да бидат мирни. Нема простор за паника. Апсолутно сме подготвени во случај и кај нас да се појави лице со мајмунски сипаници. Може да се справиме со такви случаи. Имаме експерти, тоа е поле на Инфективна клиника, така што, болеста како болест ни е позната и се што може да се преземе околу тоа, вели директорот на Инфективната клиника.“, вели Цана.

Преносот на мајмунски сипаници од човек на човек може да се случи преку контакт со заразен материјал од повреда или течности од кожата, устата или половите органи, вклучително и преку допирање, близок контакт и полова дејност. Може да се распространува и преку воздушен-капен пат при зборување, кашлање или кивање.

Косовскиот институт за јавно здравје соопшти дека во Косово е потврден првиот случај на вирусот Мпокс или мајмунски сипаници.

Лицето заразено со овој вирус е 30-годишен државјанин на Косово. Тој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември по враќањето од Западна Африка и имал симптоми како треска, осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете и чешање.

Италијанска новинарка уапсена во Техеран поради „новинарски активности“

Италијанската новинарка Сесилија Сала уапсена во Иран
Италијанската новинарка Сесилија Сала уапсена во Иран

Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека полициските власти во Техеран ја уапсиле новинарката Сесилија Сала, која била во Иран поради „новинарски активности“.

Министерството во соопштението на 27 декември рече дека Сала, која има подкаст наречен „Приказни“ кој го покрива животот на различни места низ светот, била приведен на 19 декември.

Причината за приведувањето не е наведена, но во соопштението се наведува дека амбасадорот од италијанската амбасада во Техеран бил во конзуларна посета „за да ги провери условите и состојбата на приведената Сала“.

„Семејството беше информирано за резултатите од конзуларната посета. Сала претходно имаше можност да оствари два телефонски разговори со своите роднини“, се вели во соопштението.

На 17 декември, Сала објави подкаст од Техеран за патријархатот во иранската престолнина.

Иран е рутински обвинет за апсење на двојни државјани и западни државјани под лажни обвиненија со цел да ги искористи за притисок врз западните земји.

Претходно овој месец, Реза Вализаде, двоен иранско-американски државјанин и поранешен новинар на Радио Фард (иранскиот сервис на РСЕ), беше осуден на 10 години затвор од Револуционерниот суд во Техеран под обвинение за „соработка со непријателска влада“.

Вализаде престана да работи за Радио Фарда во ноември 2022 година по една деценија служба. Тој се вратил во Иран на почетокот на 2024 година за да го посети своето семејство, но бил уапсен на 22 септември.

На неговите две судски рочишта, одржани на 20 ноември и 7 декември, претставникот на обвинителството наводно бил отсутен, а таа улога ја презел судијата.

Извори блиски до новинарот тврдат дека тој паднал во „безбедносна замка“ и покрај тоа што добил неофицијални гаранции од иранските безбедносни службеници дека нема да се соочи со правни проблеми по неговото враќање во Иран.

Иран е меѓу најрепресивните земји кога станува збор за слободата на печатот. Репортери без граници го рангираа Иран на 176-то место од 180 земји во својот Светски индекс за слобода на печатот за 2024 година.

Медиумски надзорник со седиште во Париз вели дека Иран сега е исто така еден од најголемите светски затворачи на новинари.

Вселенската сонда на НАСА „безбедна“ по најблиското приближување до Сонцето во историјата

На илустративна фотографија на НАСА се гледа како сондата Паркер поминува покрај Сонцето
На илустративна фотографија на НАСА се гледа како сондата Паркер поминува покрај Сонцето

Меѓупланетарната сонда Паркер Солар успешно го направи најблиското прелетување до Сонцето во историјата и испрати сигнал до Земјата, објави во петокот НАСА.

Леталото помина на само 6,1 милиони километри од површината на Сонцето на 24 декември, летајќи низ надворешната атмосфера на Сонцето, позната како корона, во мисија што треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за ѕвездата најблиску до Земјата.

Патувајќи со брзина до 692.000 км на час, леталото издржа температури до 982 Целзиусови степени, се вели во соопштението на НАСА.

НАСА соопшти дека оперативниот тим во лабораторијата за применета физика Џон Хопкинс во Мериленд добил сигнал од сондата непосредно пред полноќ во четвртокот.

Се очекува леталото да испрати детални телеметриски податоци за неговиот статус на 1 јануари, додаде НАСА.

„Оваа студија одблиску на Сонцето и овозможува на Соларната сонда Паркер да направи мерења кои им помагаат на научниците подобро да разберат како материјалот во овој регион се загрева до милиони степени, од кое потекло е сончевиот ветер и како енергетските честички се забрзуваат до брзини блиску до брзината на светлината“, додава агенцијата.

Соларната сонда Паркер беше лансирана во 2018 година и постепено влегува во сè потесни орбити околу Сонцето, користејќи ја гравитацијата на Венера за време на прелетувањето.

Клековски: Лековите поевтини од кутија цигари, не треба да бидат на позитивната листа

илустрација
илустрација

Матичните лекари ќе добијат зголемена капитација, а пациентите проширена позитивна листа на лекови. Ова се дел од новините кои за идната година ги најави директорот на Фондот за здравството осигурување, Сашо Клековски.

Фондот за здравството осигурување има повеќе дилеми за тоа како да ја прошири позитивната листа, но приоритет ќе имаат лековите за кардиоваскуларни болести, оти како што рече директорот на ФЗО, Сашо Клековски, тие се причина за 60 отсто од смртните случаи во земјава.

Тој истакна дека лековите кои во моментот се поевтини од една кутија цигари и чинат од 50 до 100 денари, не би требало да бидат на позитивната листа.

„Треба да се ослободат средства за понови и поскапи лекови. Говорам за таму каде што товарот врз граѓаните е поголем. Според проценката од СЗО, 65 отсто од потрошувачката на лекови е платена од џебот на граѓаните. Тој процент мора да го намалиме, но и тука ни треба стратегија“, рече Клековски на брифинг со новинарите.

Од ФЗО најавуваат и поскапување на специјалистичките прегледи, иако како што велат, тоа нема да биде радикално.

„Цената на основен специјалистички преглед е 280 денари и таа е цената од пред повеќе од 10 години. Разгледуваме неколку опции. Цената нема да порасне како во приватните болници, но зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 до 15 денари“, изјави директорот на ФЗО.

Во меѓувреме, Фондот и Министерството за здравство со поддршка од ЕУ преку нова стратегија ќе го решаваат проблемот со недостиг на кадри, особено во внатрешноста. На здравствените установи не им недостигаат само лекари и медицински сестри, туку и болничари и хигиеничари, но ретко кој сака да работи на овие позиции.

Според Клековски, неминовна ќе биде и регионализацијата, а тоа ќе значи функционирање на поликлиниките надвор од Скопје како дневни амбуланти. Болнички капацитети пак, ќе има само во неколку поголеми регионални центри.

Вработените со договор на дело повторно ќе извисат

Уште еден проблем на кој укажуваат од Фондот е нерешениот статус на голем дел од лекарите. Над илјада здравствени работници од целата државата чекаат трајно вработување, но нивните договори, според најавите од Клековски, нема да бидат трансформирани со закон.

„Сите јавни здравствени установи имаат обврска да поднесат барање до Министерството за здравство, но и до Министерството за финансии преку Фондот. Тоа е барање за нови согласности за вработување во 2025 година и треба да се реализира до 31 март 2025 како краен датум“, објасни Клековски.

Со одлука на ФЗО, на овие здравствени работници, договорите на дело им се продолжени за уште три месеци.

Таргетот на новите вработувања ќе биде за околу 1500 лица, но новото решение за кое размислуваат здравствените власти, отвора можност да не добијат трајно вработување оние кои сега работат со вакви договори, бидејќи на оглас ќе може да конкурира кој било.

„Теоретска шанса има, но станува збор генерално за средномедицински кадар. Не станува збор за лекари. Не верувам дека понудата на работна сила е толку голема. Во најголем дел од здравствената заштита има голем недостиг на овие кадри“, додаде Клековски.

Решавањето на работниот статус на околу илјада вработени во здравството кои имаат договор на дело, требаше да се реализира до крајот на оваа година. Министерот за здравство, Арбен Таравари зборувајќи за огромниот дефицит од кадри, рече дека до крајот на 2024 ќе има решенија барем за дел од нив.

Решение за овој проблем најави и еден од неговите претходници, екс министерот Фатмир Меџити, кој меѓу другото, ветуваше и дисперзија на кадри од Клиничкиот центар низ целата државата.

Минчев: Новиот закон за правична застапеност не смее да биде предмет на политика

Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска (27 декември) изјави дека не е важно кога ќе биде донесено законското решение за правична застапеност, туку дека тоа треба да биде направено солидно и да не е предмет на политики и партии.

Законското решение, вели Минчев, треба да биде содржајно, квалитетно, долгорочно и да има вистинска примена.

„Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, која произлегува од Охридскиот рамковен договор. Во рамки на тоа посебно законско решение, мојот став беше тоа да биде направено солидно и да не е предмет на партии и политики, затоа што такви законски решенија не доведуваат во состојба како минатото законско решение, кое беше предмет на оценка на Уставниот суд“, рече Минчев на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање дали по укинување на Балансерот од страна на Уставниот суд, во догледен рок ќе биде донесено ново законско решение за правична застапеност во јавната администрација.

Во врска со ова законско решение, како што подвлече, треба да бидат вклучени експерти од областа на Уставот.

Тој посочи дека втората фаза на имплементација на законското решение е многу поважна од временскиот период кога ќе биде донесено.

„Кога ќе биде креирано такво Нацрт предлог законско решение, тоа треба да биде испратено до Венецијанската комисија, да добиеме позитивно мислење и после тоа да го почнеме процесот на носење на тој закон“, рече Минчев.

Тој истакна дека кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен.

„Многу фама се крева околу укинувањето на балансерот, но статистичките податоци го велат следното - Од 2001 до 2015 година не постоел балансер како дигитална алатка за правична застапеност на етничките заедници, а од 2015 година е воведен и траел до одлуката на Уставниот суд за негово укинување, во 2024 година. Интересен е податокот дека во овој период, кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен“, рече Минчев.

Антикорупциската комисија во јануари годинава поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Уставниот суд на 9 октомври го укина „балансерот“, по што од „Вреди“ најавија дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност.

Турција планира да извезува струја во Сирија

илустрација
илустрација

Турција планира да извезува електрична енергија во Сирија и да работи на обнова на енергетската инфраструктура, изјави турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар.

Тој најави дека ќе ја предводи турската делегација при утрешната посета на Сирија, каде ќе се разговара за снабдувањето со енергија, инфраструктурата и други прашања.

„Треба брзо да обезбедиме електрична енергија за делови од Сирија каде што нема струја, прво преку увоз. На среден рок планираме да го зголемиме инсталираниот производствен капацитет“, посочи Бајрактар.

Министерот додаде дека Анкара може да соработува со новата сириска влада на полето на екстракција на нафта и природен гас, истакнувајќи ја можноста за изградба на нафтовод помеѓу Сирија и Турција, што би бил поврзан со постојниот нафтовод Ирак-Турција.

Падот на владата на Башар ал Асад од рацете на бунтовниците, вклучително и фракциите поддржани од Анкара, практично ја направи Турција доминантен странски актер во Сирија на сметка на Иран и нејзиниот сојузник Русија.

Турција и Иран со години се натпреваруваат за влијание на Јужен Кавказ, а се чини дека ова ривалство сега се прошири и на истокот.

Штајнмајер го распушти Бундестагот и закажа избори на 23 февруари

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер
Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер

Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер денеска (27 декември) го распушти германскиот Парламент и закажа предвремени парламентарни избори на 23 февруари. Ова следува откако трипартиската владејачка коалиција предводена од канцеларот Олаф Шолц се распадна.

Шолц го загуби гласањето за доверба во парламентот претходно овој месец, по повлекувањето на Слободната демократска партија (ФДП), чиј лидер е министерот за финансии Кристијан Линднер. Со тоа, владата остана без поддршка на парламентарното мнозинство.

Губењето на довербата го означи фактичкиот почеток на изборната трка за нов канцелар на Германија.

Според досегашните анкети, фаворит за наследник на Шолц е лидерот на конзервативната коалиција Христијанско-демократска/Христијанско-социјална унија (ЦДУ/ЦСУ), Фридрих Мерц.

Тој ја обвини владата за преголеми регулации кои го задушиле економскиот раст.

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на Шолц во повеќето анкети заостанува зад ЦДУ/ЦСУ за повеќе од 10 процентни поени.

Крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) исто така ја надминува СПД во анкетите, иако со мала предност. На четврто место засега се наоѓаат „Зелените“.

Естонската морнарица со патроли за заштита на електричните кабли со Финска

илустрација
илустрација

Естонските вооружени сили започнаа поморска операција за заштита на подводниот електричен кабел Естлинк 2 во Балтичкото Море, соопшти министерот за надворешни работи на Естонија Маргус Цакна.

„Доколку постои закана за подводната критична инфраструктура во нашиот регион, ќе има и одговор“ напиша Цакна на платформата X.

Финските власти го задржаа бродот поврзан со Русија, кој моментално се наоѓа во финските територијални води, за да истражат дали тој го оштетил кабелот за пренос на струја во Балтичкото Море и неколку интернет кабли, соопшти финската полиција.

„Финската полиција и граничната служба вчера (26 декември) извршија контрола на бродот „Eagle S“, преземајќи ја командата врз него“, рече началникот на полицијата во Хелсинки, Јари Лиуку, на прес-конференција.

Припадниците на крајбрежната стража се качија на бродот, кој е регистриран на Куковите Острови, додека тој се наоѓаше во Балтичкото Море, и го пренасочија во финските води.

Истрагата се фокусира на сомнежот дека сидрото на бродот „Eagle S“ го оштетил кабелот, објави финскиот јавен сервис Yle, повикувајќи се на полициски извори.

Електричниот кабел Естлинк 2, кој пренесува струја од Финска до Естонија преку Балтичкото Море, беше оштетен во средата.

Поправката на овој 170-километарски интерконектор ќе трае неколку месеци, а прекинот на кабелот може да предизвика потешкотии во снабдувањето со електрична енергија за време на зимата, соопшти финскиот оператор за пренос на електрична енергија Fingrid.

Пратениците го отповикаа привремениот претседател на Јужна Кореја

Хан Дук-со на Светскиот економски форум во Давос, јануари 2024 година
Хан Дук-со на Светскиот економски форум во Давос, јануари 2024 година

На 27 декември, јужнокорејските пратеници го отповикаа вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Хан Дук-со.

Барањето на опозицијата за смена беше поднесено на 26 декември, откако привремениот претседател одби да именува судии на Уставниот суд.

Уставниот суд има шест месеци да ја потврди или отфрли смената на конзервативниот претседател Јун Сук Јеол, што пратениците ја изгласаа на 14 декември по неуспешната вонредна состојба во земјата.

Хан Дук-су ја презеде привремената претседателска функција, а Џун Сук-Јол беше суспендиран додека се чека пресудата на Уставниот суд.

Пресудата на Уставниот суд се носи со двотретинско мнозинство, но три места се слободни по пензионирањето на судиите минатата есен.

Воената состојба е без преседан во модерната демократска ера на Јужна Кореја, која започна во доцните 1980-ти, по децениската воена диктатура.

Мрачното политичко минато на Јужна Кореја е обележано со низа моќни воени лидери кои постојано прогласуваа воена состојба.

Јужна Кореја воспостави силна демократија по падот на воените режими, но останува силно поларизирана со процеси кои зависат повеќе од харизмата на политичарите отколку од демократските институции, посочуваат аналитичарите. Во меѓувреме, успеа да развие силна економија, четврта по големина во Азија со познати светски брендови.

На внатрешните услови во Јужна Кореја влијае и нејзината комплицирана меѓународна позиција, пред се поради тензиите со Северна Кореја, која се заканува со користење на нуклеарно оружје.

Прв случај на мајмунски сипаници во Косово

илустрација
илустрација

Косовскиот институт за јавно здравје соопшти дека во Косово е потврден првиот случај на вирусот Мпокс или мајмунски сипаници.

Лицето заразено со овој вирус е 30-годишен државјанин на Косово. Тој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември по враќањето од Западна Африка и имал симптоми како треска, осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете и чешање.

„Пациентот е во стабилна здравствена состојба. Институтот ги следеше сите пријавени контакти на заразеното лице и членовите на неговото семејство, на кои им беа дадени препораки за мерки за превенција и контрола на инфекцијата“, се вели во соопштението.

Институтот повика на претпазливост, додавајќи дека луѓето со мајмунски сипаници обично имаат благи или умерени симптоми, кои траат две до четири недели.

Мајмунските сипаници се пренесуваат со близок контакт.

Тие обично се придружени со благи симптоми, но во некои случаи вирусот може да биде фатален за луѓето.

Вирусот е придружен со симптоми слични на грип, како и гнојни плускавци по целото тело.

Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална вонредна состојба за јавно здравје.

Прогласувањето на болеста за глобална вонредна здравствена состојба значи дека може да се распределат повеќе ресурси и да се преземат активности на глобално ниво за да се спречи ширењето на вирусот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG