Филмско, музичко и медиумско студио од холивудски калибар, со сертификат за еколошка градба во Скопје.
Прво студио од ваков тип на целиот Балкан во Скопје. Ова пред неколку дена во изјава за Македонската радио телевизија го најави познатиот американски актер Џон Малкович.
Тој најави дека ќе го посети Скопје веднаш откако Владата ќе го одобри проектот „Скопје технолошки парк“.
„Решивме да го наречеме проектот „Стоунбриџ студија“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ“, истакна Малкович.
Малкович, роден во Илиноис, САД во 1953 година, е еден од најпознатите холивудски актери.
Добитник е на Оскар, а се има одиграно улоги во десетици филмови. Најпознат е по неговата улога во „Опасни врски“, „Во линијата на огнот“, „Полињата за убивање“ и секако „Битието Џон Малкович“ од 1999 година.
Филмските студија се дел од поголем предлог инвестициски проект
Филмските студија кои ги најави американскиот актер Малкович се всушност дел од проектот „Скопје Технолошки Парк“.
Станува збор за иницијатива на „СТП Капитал Партнерс Холдинг“, македонска компанија основана од група компании и партнери базирани главно во САД кои што изминативе години соработуваа со македонската влада, како и со експерти и инвеститори од разновидни технолошки сектори со цел изградба на технолошки центар во близина на главниот град, кој како што е идејата би бил најголем во регионот.
Основачот на „СТП Капитал Партнерс“ е Иван Видаковиќ кој е Македонец по мајка и Црногорец по татко.
Тој за РСЕ вели дека идејата е да се изградат 4 филмски студија.
Предвидена е и филмска работнилница, монтажни објекти и „сценографии“, со што вели ќе може да се снимаат 2 до 3 филмови истовремено.
Вели дека партнер за изградбата на студијата ќе биде позната фирма од Америка која веќе изградила неколку вакви студија во повеќе земји.
„Во план ни е да ги поканиме и уметниците од Македонија и регионот, не би откривал засега имиња, бидејќи се уште не сме добиле согласност и не сме ги контактирале.Тоа ќе го направиме во следните десетина дена. Во однос на зелените филмски студија, имаме партнер од Америка, тоа е позната девелоперска фирма која што изградила веќе доста студија, моментално гради и во Лондон и тоа би било прво вакво студио од таков калибар во Европа. Замислата е да биде изградено на простор од 24.000 метри квадратни, 4 студија, еден би бил за користен за разни цели на пример снимање ТВ емисии, друг дел да се користи за музичко студио во копмлекс на проектот, потоа би имало голема работилница каде прават сите потребни монтажни обејкти сценографии кои ќе ги опслужува тие студија “, вели Видаковиќ.
Но, овој проект освен изградба на филмски студија предвидува и други амбициозни планови.
Видаковиќ вели дека сакаат да изградат и образовен центар, како и центри за податоци и управување со податоци, вештачка интелигенција и роботика, образовна технологија, како и сајбер безбедност.
Тврди дека со тоа ќе дојдат познати странски компании од оваа област во земјава.
„Станува збор за комплексен проект со битни фирми.Ние имаме тим на експерти кои се многу посветени и практично се е веќе што би се рекло „lined up“ се чека само одлука на „Скопје Технолошки Парк“, кој што е всушност главниот проект, а овој (со филмските студија) е паралелно проект кој се гради во рамки на Скопје технолошки парк проектот“, додава Видаковиќ.
Апликацијата за проектот е доставена до Владата уште на 27 јануари, но досега немаат повратен одговор.
Видаковиќ вели дека очекува Владата да биде побрза и поефективна во процедурите.
Владата без официјален став
Владата е запознаена со идејата за прокетот, но прво треба да одлучи дали истиот би бил од стратешки интерес за државата.
Од таму официјално не соопштуваат ништо.
Радио Слободна Европа праша дали е точна најавата на познатиот американски актер Џон Малковиќ дека во рамки на проектот „Скопје технолошки парк“ ќе се градат студија за снимање филмови? Дали Владата имала контакт со актерот и од каде доаѓа ваквата негова изјава?
Од таму само брифираат дека „Скопје Технолошки Парк“ е проект кој во моментов е во процедура за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект за кои течат роковите за постапување согласно Законот, а процедурата и условите за добивање на тој статус велат дека е иста како и за сите други добиени барања за стратешки инвестиции.
Кои се условите за добивање статус стратешка инвестиција?
Институција која објавува повик за поднесување барање за утврдување на статусо – стратешка инвестиција е Владата на РСМ, а потоа посебна Комисија за стратешки инвестициони проекти носи одлука кој предлог проект ќе го добие статусот.
Доколку Комисијата оцени дека некој предлог-проект ги исполнува законските барањата и е од стратешко значење за државата, потоа дава препорака до Владата да донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект.
На крајот, Владата донесува го утврдува статусот и дава согласност на предлог-договорот за стратешки инвестиционен проект, по претходно добиено позитивно мислење и од Државното правобранителство на Република Северна Македонија.
Основачот на проектот Скопје Технолошки Парк, Иван Видаковиќ вели дека мотивот за една ваква амбициозна инвестиција да ја реализира токму во Македонија освен профитот е одливот на млади мозоци и вели дека доколку се обезбедат вакви центри со образовни институции во областа на технологијата дека ќе придонесе и за спречување на одливот на млади од регионот.
Дали холивудски студија се стратешка инвестиција за земјава?
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и поранешен директор на Фондот за иновации, Јован Деспотовски гледа потенцијал во оваа идеја.
Тој и самиот се заинтересирал за изјавата на познатиот американски актер Малкович и смета дека и веќе побарал информации и од Владата.
„ТИРЗ досега не беше вклучен во плановите за изградба на студија на Малкович, но сметам дека има потенцијал за синергија и веќе побарав повеќе информации од Владата за овој проект. Ваквите инцијативи кои особено нудат шанса за младите може во голема мера да се спојат со ова што го правиме. Имаме умни млади луѓе кои може и треба да ја движат државата напред. На ваков начин ќе им понудиме можности тука да го капитализираат интелектуалниот потенцијал кој го имаат. Вака иднината им е овде, дома“, вели Деспотовски.