Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Скопје порача дека се залага Северна Македонија да почне преговори со ЕУ. Тој вели дека за Германија Западен Балкан е од стратешко значење и се залага за прием на регионот во ЕУ, а тоа особено важи за земјава, рече Шолц, кој денеска престојува во официјална посета на Македонија. Германскиот канцелар е во дводневна посета на регионот. Пред да дојде во ги посети Приштина и Белград, а од кај нас заминува во Софија, на средби со бугарскиот државен врв.
„Од пред дваесет година на земјите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива и сега е време да следат дела. Германија е сериозна со ЕУ-интеграцијата на регионот ЕУ, особено ова важи за Северна Македонија. ЕУ на Северна Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори. Се чудев, се воодушевив на политичката сила која овозможи да дојде до договор со Грција, затоа остатокот од задачата треба исто така да ни успее. Граѓаните и Владата на Северна Македонија работеа многу на тоа, и сега треба да ги вложиме сите наши напори за тоа да се реализира“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата во Скопје.
Ковачевски вели дека земјава не може постојано да биде заложник на самитите на Европската Унија за тоа дали ќе има датум или нема да има датум.
Шолц вели дека треба да започнат пристапните преговори ветени пред две години и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.
Тој се заблагодари и што земјава ги следи позициите и мерките на ЕУ преземени кон Русија поради инвазијата во Украина.
„Тоа е уште еден доказ колку Северна Македонија е за европските вредности и се залага за нив и од моја гледа точка е многу важно да бидеме заедно по ставот за руската агресорска војна кон Украина. Ние сме сложни да ја поддржиме Украина и да и дадеме можност да ја одбрани својата земја“, рече германскиот канцелар.
Тој ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите.
„Колку побрзо напредувате, толку побрзо ќе напредуваат и пристапните преговори кога ќе започнат“, оцени Шолц.
Премиерот Ковачевски вели дека Македонија направила сè за да почнат пристапните преговори. Тој вели дека 45 проценти од македонското законодавство е веќе усогласено со европското.
Билатералните односи меѓу двете земји, како што оцени Шолц, не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа, како што кажа, е плус причина зошто Германија ја поддржува Северна Македонија на својот пат на ЕУ. Економските врски, се успешна приказна, вели Шолц, а тоа го покажуваат и бројките. Од 2014 до 2021 заедничката трговска размена е повеќе од дуплирана, односно од 2,2 милијарди евра тогаш, сега достигнала 4,7 милијарди евра.
Ова е втора посета на еден германски канцелар на Македонија, што според премиерот Ковачевски сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји. Претходно германската канцеларка Ангела Меркел ја посети Македонија во 2018 година, пред одржување на референдумот за промена на името.
Ковачевски вели дека поддршката што земјава ја добива од Германија е постојана и недвосмислена. Тој вели дека посетата на Шолц, токму во пресрет на Самитот на ЕУ е силен знак на поддршка на исполнетите критериуми на Северна Македонија. На 23 јуни треба да се одржи Самитот ЕУ- Западен Балкан. Бугарија го блокира стартот на преговори на Македонија со ЕУ, со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Изгледите да се тргне ветото до Самиот дополнително се комплицираат со превирањата во владината коалиција во Бугарија по најавата дека партијата „Има таков народ“ излегува од Владата.
„Еден од предусловите преговорите да бидат успешни е страните што преговараат да бидат доверливи во процесот, односно да сакаат да се дојде до решение. Ние сме страната што сака да се дојде до решение, исто така и Бугарија треба да биде подготвена тоа да го направи, меѓутоа постои една голема разлика меѓу нас и Бугарија. Ова прашање беше за нас заради почнување преговори за влез во ЕУ. Ние во ниту еден момент не го инстументализиравме ова прашање и не го политизиравме заради дневни политички пеони и водење внатрешна политика во државата. Сосема спротивно на тоа, во Бугарија ова прашање беше издигнато на ниво на внатрешна политика, често беше еднострано инструментализирано и политизирано, што не е добро“, рече Ковачевски.
Премиерот повтори дека откако МНР ќе дојде до документ што е заемно прифатлив за двете страни тогаш ќе може да бидат споделени тие документи со институциите во двете држави и оти во овој момент таков заемно прифатлив документ не постои.
Македонскиот премиер на прес-конференцијата со Шолц ја нагласи добрата економска соработка со Германија, а тоа како што вели, е потврдено со најголемиот број германски компании присутни во Северна Македонија во кои работат повеќе од 20.000 македонски граѓани.
Германскиот канцелар со највисоки државни и воени почести беше пречекан утрово пред платото на Владата.Претходно на аеродромот во Скопје германскиот канцелар го пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во делегацијата на канцеларот Шолц се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика, како и новоизбраниот специјален пратеник на Сојузната Влада на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.