Вести
Курти ја одби поканата на Ковачевски за присуство на „Отворен Балкан“
Косовскиот премиер Албин Курти ја одбил поканата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски да присуствува и учествуваа во регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ која ќе се одржи во Охрид следната недела на 7 и 8 јуни. Косовските медиуми јавуваат дека во писмото кое му го испратил на Ковачевски било посочено дека „Косово е посветено на Берлинскиот процес“.
Во него е наведено дека Косово и Северна Македонија треба да соработуваат во делот како „да ја спречат Србија да промовира руски и кинески интереси во регионот, додека истовремено негира независност, суверенитет и територијален интегритет на Косово и блокира еднакви можности за граѓаните на Косово“.
Амбасада на САД во Приштина: Отворен Балкан ќе успее ако во него влезат сите земји од регионот
„Република Косово ја поздравува регионалната соработка заснована на принципите на рамноправност, од која на крајот граѓаните ќе имаат корист. За таа цел ние сме активно ангажирани во Берлинскиот процес, кој покрива многу регионални иницијативи, вклучувајќи го Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ), кој беше усвоен од шесте држави на Западен Балкан на самитот во Софија во 2020 година и кој е целосно поддржан од Европската унија“, се вели во писмото на косовскиот премиер до неговиот македонски колега.
Отворен Балкан е иницијатива која ја покренаа Србија, Албанија и Македонија во која основна цел е заеднички економски и политички простор и постојано повторуваат дека оваа иницијатива е инклузивна и ги повикуваат другите земји од Западен Балкан да се приклучат.
види ги сите денешни вести
Путин: Војната е комплицирана, но победата е се поблиску
Рускиот претседател Владимир Путин ја одржува традиционалната прес-конференција и телевизиска конференција за крајот на годината, настан што го искористи за да го зајакне својот авторитет и да ја покаже својата огромна контрола врз политичката сцена во земјата.
„Економијата е важна, да почнеме со неа и покрај провокативните прашања“, рече на почетокот Путин и додаде дека економската состојба во земјата е стабилна и додаде дека годинава растот на БДП во Русија може да биде 3,9 или 4 проценти.
Путин потоа додаде дека Русија е пред Европа, а Кина, САД и Индија се пред Москва во однос на економскиот развој.
„Еврозоната спие, но тоа не значи дека нема нови економски можности. Приходите на населението пораснаа, но имаме некои проблеми со инфлацијата, можеби економијата е прегреана и централната банка си постави барање да ги намали инфлација“, рече Путин.
Во исто време, приходите на домаќинствата растат над инфлацијата. Генерално, ситуацијата е стабилна и сигурна, тврди Путин.
Економскиот раст во голема мера е резултат на зајакнувањето на суверенитетот, вели тој. „Некои производители го напуштија рускиот пазар, што доведе до фактот дека нашите претприемачи почнаа сами да ги произведуваат овие производи. Ова е особено важно за нашата земја“, рече тој.
Тој беше прашан за поскапувањето, особено на лебот и горивото.
Тој одговори дека потрошувачката на некои стоки е зголемена над залихите и дека Русите јадат месо „значително“ над светскиот просек. Што се однесува до путерот, вели дека не се произведува доволно млеко за да се задоволи побарувачката на тој производ.
Путин понатаму вели дека растот на цените е лош, но дека ќе се намали со одржување стабилни макроекономски услови.
„Победата е се поблиску“
Потоа следеше прашање за војната на Русија во Украина или, како што ја нарекува Кремљ, „специјална воена операција“. Путин беше прашан дали „победата е близу“.
Рече дека ситуацијата „драстично се менува“ и дека руските војници секојдневно „заземаат територии“.
„Војната е комплицирана“, рече тој и додаде дека „сè поблиску сме до решавање на нашите примарни задачи од специјалните операции“.
Путин, одговарајќи на дополнителни прашања од гледачите, рече дека не може да одреди датум кога Русија ќе ја врати контролата врз регионот Курск по украинската офанзива претходно оваа година.
„Нема воена смисла Украина да влезе во регионот Курск“, посочи тој, додавајќи дека „сигурно ќе се ослободат од нив“.
„Се ќе се изгради. Во тоа нема сомнеж. Ќе се обноват и училиштата, градинките, патната инфраструктура“, најави тој и додаде дека на секому кому му е уништен домот ќе добие отштета.
Подготвен да се сретне со Трамп
Рускиот претседател изјави дека е подготвен за разговори „во секое време“ со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој во изборната кампања повторуваше дека ќе постигне мировен договор со Украина во рок од неколку часа по доаѓањето на функцијата.
Запрашан за предлозите на Трамп во врска со можниот мировен договор, Путин ја поздрави средбата со идниот републиканец.
"Не знам кога ќе го видам. Тој не кажува ништо за тоа. Не сум разговарал со него повеќе од четири години. Подготвен сум на тоа, се разбира. Во секое време." рече Путин и додаде:
„Ако некогаш имаме средба со новоизбраниот претседател Трамп, сигурен сум дека ќе имаме многу да разговараме“, рече тој, додавајќи дека Русија е подготвена за „преговори и компромиси“.
Кремљ неодамна ги поздрави острите критики на Трамп за одлуката на претседателот Џо Бајден да му дозволи на Киев да користи ракети доставени од САД за да ја нападне руската територија.
„Падот на Асад, не е пораз за Русија“
Според Путин падот на поранешниот сириски лидер Башар ал Асад не е „пораз“ за Русија, и тврди дека Москва ги постигнала своите цели во земјата.
Асад побегна во Москва на почетокот на овој месец по шокантното напредување на бунтовниците кое стави крај на половина век владеење на семејството Асад, обележано со репресија и обвинувања за огромни прекршувања на човековите права и граѓанска војна.
Русија беше клучниот поддржувач на Асад и му помогна во 2015 година, што го сврте бранот на конфликтот.
„Сакате да го претставите она што се случува во Сирија како пораз на Русија? Ве уверувам дека не е. Дојдовме во Сирија пред 10 години за да не се создаде терористичка енклава како во Авганистан. Во целина, ја постигнавме нашата цел“, рече Путин.
Лидерот на Кремљ рече дека допрва треба да се сретне со Асад во Москва, но планира да го стори тоа наскоро.
„Сè уште не сум го видел претседателот Асад од неговото пристигнување во Москва, но планирам, дефинитивно ќе разговарам со него“, рече тој.
Инаку прашањата и одговорите за новинарите е комбинирано со телевизиската програма „Резултати на годината“, каде граѓаните можат да му поставуваат прашања на претседателот.
Собирањето на прашања од јавноста започна на 8 декември. Еден ден пред настанот, руските граѓани испратија над 1,6 милиони прашања. Минатогодишната комбинирана сесија траеше повеќе од четири часа, додека најдолгата „директна линија“ беше во 2013 година, која траеше речиси пет часа.
Повеќето прашања се вртат околу „специјалната воена операција“, како што Москва официјално ја нарекува својата инвазија на Украина, и здравствената заштита, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Сиромаштијата, социјалните тешкотии и поплаките за здравствената заштита и недостигот на инфраструктура се теми кои се повторуваат во сесиите за прашања и одговори, во кои Путин се обидува да се претстави како клучна фигура во решавањето на проблемот.
Најмалку девет мртви во израелски воздушни напади во Јемен
Низата интензивни израелски воздушни напади ги погодија и главниот град на Јемен, Сана и пристанишниот град Ходаја, убивајќи најмалку девет лица, објавија медиумите кои се под контрола на Хутите.
Ал Масира ТВ, главната телевизиска куќа со која управува јеменското движење Хути што го контролира поголемиот дел од земјата, информираше дека седуммина се убиени во израелскиот напад на пристаништето Салиф, а две лица загинале во нападот на нафтената фабрика Рас Иса.
Нападите исто така, имале за цел и две централни електрани јужно и северно од главниот град Сана.
Во соопштението, израелската војска наведе дека „извела прецизни удари на воените цели на Хутите во Јемен, вклучувајќи ги пристаништата и енергетската инфраструктура во Сана".
„Ги предупредувам водачите на терористичката организација Хути: долгата рака на Израел ќе дојде и до вас“, наведе израелскиот министер за одбрана, Кац во објава на социјалната мрежа Икс.
Претходно денеска (19 декември), израелската војска соопшти дека пресретнала проектил лансиран од Јемен.
Хутите кои го поддржуваат Иран, а САД ги смета за терористичка организација, отпочнаа со напади на меѓународни бродови во близина на Јемен од минатиот ноември, во знак на солидарност со Палестинците во израелската војна со Хамас. И Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
Израелската војска уби над 45000 Палестинци, расели околу 2,3 милиони жители и ја опустоши крајбрежната енклава, оставајќи ги жителите во недостиг на храна, вода, лекови и уништени болници.
Поради војната, Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
Зеленски: Само заедно, САД и ЕУ можат да ја спасат Украина
За Украина е особено важно од почеток на следната година да постои единство меѓу САД и европските земји, порача украинскиот претседател Володомир Зеленски пред почеток на денешниот Самитот на ЕУ во Брисел.
„Тоа е особено важно, затоа што тоа единство ни е потребно за да обезбедиме мир. Само заедно, САД и Европа навистина ќе може да го запрат рускиот претседател Владимир Путин и да ја спасат Украина“, изјави Зеленски при доаѓањето на Самитот во придружба на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Зеленски притоа се заблагодари за европската поддршка за украинскиот народ и го поздрави единството што постои во ЕУ по ова прашање, нагласувајќи дека со европските лидери ќе разговара за итните потреби на Украина во зајакнувањето на нејзината инфраструктура.
„Наш врвен приоритет, и за тоа ќе разговараме денес, е заштита на нашиот енергетски сектор. Тука говорам и за сигурноста на нуклеарните централи, што може да претставуваат опасност не само за Украина, туку и за Европа ако нешто тргне како што не треба, како и за заштитата на складиштата со гас, кои исто така се важни и за Украина и за другите Европејци“, рече Зеленски.
Тој додаде дека, според него, потребно е и удвојување или зголемување колку што е можно повеќе на украинското одбранбено производство од што зависи резултатот на бојното поле, како и обезбедувањето на сигурноста на училиштата, што е особено важно за украинските деца и нивните семејства.
Кошта од своја страна порача дека ЕУ мора да бидеме многу јасна дека Украина може да смета на нејзината целосна поддршка за што и да e и онолку колку што е потребно и сега во време на војна и во иднина во услови на мир. Тој потенцираше дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува и да работи со Украина за таа да извојува победа во војната и да обезбеди сеопфатен, праведен и одржлив мир.
„Оваа војна е во Украина, е против украинските граѓани, е на европска почва и ги крши универзалните принципи наведени во Повелбата на Обединетите Нации, како правото на самоопределување, правото на територијален интегритет и право на безбедни граници. Затоа оваа војната не е само за Украина и не е само за Европа, туку е и за меѓународното право. Правото мора да надвладее и инвазијата мора да биде поразена“, изјави Кошта.
Зеленски учествува на делот од Самитот на ЕУ посветен на состојбата во Украина и треба да ги информира своите колеги за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја.
Генералниот секретар Руте во посета на Бугарија
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска пристигнува во посета на Бугарија каде на полигонот Ново Село ќе се запознае со активностите на Мултинационалната борбена група со рамковната земја Италија, чиј домаќин е Бугарија. Ова го соопшти прес-центарот на бугарското Министерството за одбрана.
Руте во рамки на посетата ќе оствари средба со вршителот на должноста министер за одбрана, Атанас Запријанов и началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов. Ќе се разговара за прашања од актуелната агенда на Алијансата. На средбата ќе учествува и министерот за надворешни работи, Иван Кондов.
Марк Руте ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО на 1 октомври оваа година. Руте (57) беше премиер на Холандија 14 години (помеѓу 2010 и 2024 година).
На 17 октомври 2022 година на официјална церемонија, Италија ја прифати улогата на рамковна држава на борбената група, додека Бугарија продолжува да служи како земја домаќин, информира Министерството за одбрана на својата веб-страница.
Од Министерството за одбрана додаваат дека „создавањето на борбено способна група на бугарска територија е израз на решеноста на државата и сојузниците да ја споделат одговорноста за обезбедување на безбедноста на земјите-членки, преку придонес во зајакнувањето на одбранбениот потенцијал на источното крило на НАТО“.
Украински проектили и дронови погодиле рафинерија во Ростов
Украина погоди руска територија со најмалку 13 проектили и 84 беспилотни летала, предизвикувајќи пожар во нафтена рафинерија во јужниот регион Ростов, соопштија руските власти во четврток (19 декември).
Додека Русија напредува со своето најбрзо темпо од почетокот на војната во 2022 година, Украина постојано се обидува да ја нападне руската нафтена инфраструктура-која финансира значителен дел од воената економија на Русија.
„Руската противвоздушна одбрана собори 84 беспилотни летала над руските региони, вклучително и 36 над Ростовската област“, соопшти Министерството за одбрана.
Вршителот на должноста гувернер на Ростов, Јуриј Шљусар, рече дека Украина го погодила регионот со најмалку 13 проектили и десетици беспилотни летала, предизвикувајќи пожар во нафтената рафинерија Новошахтинск, која постојано била цел на Украина.
„Најмалку едно лице е повредено за време на нападот“, рече Шљусар.
Не е јасно кои проектили ги истрела Украина кон Ростов, иако на почетокот на месецот, Киев го погоди рускиот воен аеродром со ракети ATACMS од американско производство, што предизвика голем руски напад врз енергетската инфраструктура на Украина.
По одобрението на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, Украина на 19 ноември ја погоди Русија со шест американски ракети со долг дострел, а на 21 ноември со британски ракети „Сенка на бура“ и „ХИМАРС“ од американско производство.
Рускиот претседател Владимир Путин, по тие напади, на 21 ноември истрела нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел, позната како „Орешник“, кон Украина.
Андриј Коваленко, шефот на украинскиот официјален Центар против дезинформации, на Телеграм напиша дека ракетниот напад бил фокусиран на хемиската фабрика Каменски „која произведува ракетно гориво специјализирано за компоненти на цврсто гориво за ракетни мотори“.
Зеленски со Макрон разговарал за распоредување војници во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера во Брисел се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон со кого разговараше за распоредување на војници во Украина како начин за постигнување на стабилен мир.
„Ние споделуваме заедничка визија: сигурните гаранции се клучни за постигнат мир“, напиша Зеленски на платформата „X“.
Зеленски изјави дека разговарале за иницијативата на Макрон за распоредување сили во Украина кои би можеле да придонесат за мир.
„Разговаравме за клучните приоритети за зајакнување на одбраната на Украина од руската агресија, фокусирајќи се на зајакнувањето на капацитетитее за противвоздушна одбрана. Благодарни сме и на Франција што обучи една бригада за нашата армија и се согласи да обучи друга. Се надеваме дека и другите партнери ќе се приклучат кон опремување на нашите бригади“, напиша Зеленски.
На состанокот во Брисел, организиран од генералниот секретар Марк Руте, учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц и шефовите на држави и влади на Полска, Италија, Данска и Холандија.
Зеленски денеска (19 декември) треба да присуствува како гостин на Самитот на ЕУ.
Годишна прес-конференција на Путин
Рускиот претседател Владимир Путин денеска (19 декември) ќе ја одржи годишната прес-конференција, позната и како „директна линија“, јави ДПА.
Прес-конференцијата ќе биде комбинирана со телевизиски пренос, при што граѓаните ќе можат телефонски да разговараат со претседателот.
Двата формати беа комбинирани за првпат во 2020 година, а трендот конечно се зацврсти минатата година. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека ова се случило бидејќи Путин нема многу слободно време.
Путин го откажа настанот во 2022 година кога руските сили ја нападнаа Украина.
Според руски медиуми, повеќе од милион прашања од граѓаните веќе се упатени до Владимир Путин.
Повеќето прашања како што додаде Песков, биле поврзани со конфликтот во Украина и здравството.
Стоп за мобилните телефони во училиштата во Бразил
На бразилските ученици наскоро нема да им биде дозволено да ги користат своите мобилни телефони на училиште, откако Конгресот синоќа (18 декември) усвои закон со цел да се подигне свеста кај младите за штетното влијание на екраните.
Пратениците, родителите и левичарската влада на претседателот Луис Инасио Лула да Силва водат кампања за ограничување на употребата на мобилни телефони во основните и средните училишта.
Повеќе од половина од бразилските деца на возраст од 10 до 13 години поседуваат мобилен телефон. Кај тинејџерите на возраст од 14 до 17 години таа цифра достигнува 87,6 отсто.
Законот, што ќе важи за ученици на возраст од 4 до 17 години, беше одобрен од Сенатот и сега треба да биде потпишан од претседателот Лула пред да стапи на сила.
Според неговиот текст, со цел „да се зачува менталното, физичкото и психичкото здравје на децата и адолесцентите“, мобилните телефони ќе бидат забранети во училиштата. Ова ќе важи и во училницата и за време на паузите.
Во исклучителни случаи, законот дозволува користење на електронски уреди за образовни цели.
Бразилскиот министер за образование Камило Сантана исто така се изјасни за поддршка на ограничувањето на употребата на мобилни уреди во училиштата.
Воена помош од Лондон за Киев вредна 225 милиони фунти
Велика Британија ќе испрати дополнителна воена опрема вредна 225 милиони. Британски фунти за Украина за да и помогнат во војната против Русија.
„Храбриот народ на Украина продолжува да им пркоси на сите очекувања со својот нескротлив дух“, наведе британскиот министер за одбрана Џон Хили во изјавата.
„Но, тие не можат сами да го направат тоа - затоа Велика Британија ќе ја зајакне својата меѓународна лидерска улога во Украина во 2025 година“, додаде министерот.
Пакетот вклучува 92 милиони фунти за украинската морнарица и 68 милиои фунти за опрема за противвоздушна одбрана.
Тоа беше објавено откако Хили се сретна во Киев со неговиот украински колега Рустем Умеров и вклучува и 39 милиони фунти за анти-дронови системи и заштитна опрема за вооружените сили на Украина, јави ДПА.
Лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан на самит во Брисел
Шефовите на држави и влади на Европската унија усвоија декларација на крајот од самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржа денеска (18 декември), во Брисел.
Во неа, нагласија дека ја потврдуваат својата „целосна и недвосмислена посветеност“ на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ.
„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“, се наведува во декларацијата и се додава дека „Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, како што е наведено во Декларацијата од Гранада“.
Лидерите на ЕУ изјавија дека „во контекст на радикалните промени во глобалната геополитичка ситуација, руската воена агресија против Украина и конфликтите на Блискиот исток и на почетокот на новиот лидерски циклус на ЕУ, стратешкото партнерство меѓу Европската унија и Западен Балкан е поважно од кога било“.
Документот ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното право и обновената посветеност на приматот на демократијата.
Преку него, се порачува дека владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми и силната улога на граѓанското општество, се клучни за обезбедување на функционална демократија.
„Во оваа смисла, постапките ќе зборуваат погласно од зборовите бидејќи партнерите преземаат одговорност и ги спроведуваат неопходните реформи“, се наведува во текстот од самитот ЕУ-Западен Балкан.
Се вели и дека поддршката за Украина останува јасен знак за стратешка ориентација.
Сите земји од Западен Балкан се повикани да „остварат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, вклучувајќи санкции, нивно спроведување и спречување на тоа тие да бидат заобиколени.
Од лидерите од регионот, на самиот учествуваа македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот со Претседателството Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во однос на регионалната соработка, беше истакнато дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи, вклучително и оние со земјите-членки на ЕУ, се составен дел од процесот на проширување.
„Сè уште е потребно вложување на дополнителни одлучни напори за помирување и регионална стабилност, како и изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови меѓу партнерите и проблемите вкоренети во наследство од минатото, сето тоа во согласност со меѓународното право“, се вели во декларацијата.
Лидерите на ЕУ посочија дека „недостигот од нормализација на односите меѓу Приштина и Белград ги кочи двата партнера“ и ги повикаа Србија и Косово, без одлагање, да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот за нормализација на односите, вклучително и Договорот за патот кон нормализација.
Тие го поздравија и усогласувањето на декларацијата од страна на партнерите од Западен Балкан.
За 10 години повеќе земји излегоа од ЕУ отколку што влегоа
Овој самит е прв на кој учествува новиот состав на Европската комисија.
Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта рече дека ова е важен собир, бидејќи ЕУ и Западен Балкан припаѓаат на исто европско семејство.
„Не само што делиме ист континент, туку поважно е да споделуваме заеднички вредности“, рече Коста.
Претседателот на Европскиот совет уште еднаш потврди дека проширувањето е приоритет на новите структури во ЕУ.
Шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, пред почетокот на самитот изјави дека регионот на Западен Балкан е многу важен за ЕУ.
„Јасно е дека Европската комисија заедно со мене навистина сака да види напредок во процесот на проширување во следните пет години од мандатот и ние сме подготвени да работиме на тоа“, рече Калас.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, истакна дека во последната деценија повеќе земји ја напуштиле Европската унија отколку што влегле во неа, додавајќи дека „време е да се смени тој тренд“.
„Проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на ЕУ и колку е поголема Унијата, толку е помоќна“, рече Мецола и предупреди дека ако ЕУ не работи на тоа да ги вклучи земјите од Западен Балкан, тогаш тоа ќе го искористи некој друг.
Германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека ова е важен самит со земјите на кои пред две децении им беше ветено членство во ЕУ.
„И сега мораме да го завршиме овој процес со сосема ново темпо, така што изгледите за пристапување ќе се трансформираат во вистински пристап“, рече германскиот канцелар.
Шолц додаде дека земјите од Западен Балкан мора да ги спроведат неопходните реформи, но посебен акцент стави на решавање на билатералните прашања, како меѓу земјите од регионот, така и со членките на ЕУ.
Самитот се одржа непосредно по важните одлуки на Брисел поврзани со процесот на проширување. Црна Гора затвори три поглавја во пристапните преговори, а Албанија отвори еден кластер.
Србија се надеваше дека ќе го отвори кластерот 3 во декември, меѓутоа, во отсуство на едногласност меѓу членките, ЕУ го покани Белград да развие преговарачка позиција, а Брисел ќе се занимава со ова прашање по значителен напредок на Белград во однос на владеење на правото и дијалогот со Косово.
Од 2020 година, самитите ЕУ-Западен Балкан станаа редовни и се одржуваат еднаш годишно.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете