Достапни линкови

Бајден: Слободниот свет се противи на руската инвазија врз Украина


Американскиот претседател Џо Бајден денеска го завршува своето европско патување со голем говор во полскиот главен град Варшава, каде ќе се сретне и со претседателот Анджеј Дуда. Во меѓувреме руските сили го менуваат курсот на битките, се фокусираат на Донбас

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го завршува своето европско патување со голем говор во полскиот главен град Варшава, каде ќе се сретне и со претседателот Анджеј Дуда. Тој во своето обраќање ќе посочи дека „слободниот свет“ се противи на руската неиспровоцирана инвазија на Украина и дека постои единство меѓу големите економии за потребата да се запре Владимир Путин, соопшти Белата куќа.

Претходно Бајден одржа тридневни вонредни состаноци со сојузниците од Г7, Европскиот совет и НАТО, а ги посети и американските војници во Полска. Советникот за национална безбедност Џејк Саливан пред новинарите изјави дека говорот на Бајден ќе ги опфати „влоговите во овој момент, итноста на предизвикот што претстои, што значи конфликтот во Украина за светот и зошто е толку важно слободниот свет да го одржи единството и да се реши наспроти руската агресија“.

Претходно во текот на денот се очекува Бајден да се сретне со украинските бегалци и со американските хуманитарни работници кои помагаат да се одговори на потребите на бегалците кои побегнаа од конфликтот во Полска.
Полска е домаќин на илјадници американски војници како дел од борбената група на НАТО и прими повеќе од 2 милиони украински бегалци откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари.

Бајден вчерашниот ден го помина во посета на американските војници во близина на полската граница со Украина. Од Москва доаѓаат сигнали дека Кремљ го намалил интезитетот на нападот врз својот сосед за да се концентрира на освојување на територијата за која се борат сепаратистите поддржани од Русија.

Делови од источните украински региони Луганск и Доњецк, попознати како Донбас, паднаа под контрола на сепаратистите откако Русија илегално го анектираше украинскиот Кримски Полуостров во 2014 година.

Во вчерашното видео обраќањето украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека отпорот на неговите трупи и задале „моќни удари“ на Русија и го повтори својот повик за итни мировни преговори.

„Нашите бранители го водат руското раководство до едноставна и логична идеја. Мора да разговараме, да разговараме смислено, итно и праведно“, рече Зеленски.

„Руската војска ги засилува воздушните и копнените напади во регионот на Донбас“

Официјален претставник на американската одбрана, кој разговараше со новинарите во Пентагон под услов да остане анонимен, рече дека руската војска ги засилува воздушните и копнените напади во регионот на Донбас, но рече дека Русите досега не постигнале значителен напредок.

Официјалниот претставник, исто така, рече дека рускиот воен напредок кон Киев се чини дека е запрен бидејќи се насочува кон борбите на истокот на земјата.

Се чини дека руското Министерство за одбрана ја потврди промената кога вчера објави дека првата фаза од нејзината воена операција е завршена и дека сега ќе се фокусира на два источни региони.

„Главните цели на првата фаза од операцијата генерално се остварени“, рече Сергеј Рудској, заменик началникот на Генералштабот на руските вооружени сили.

Рудској додаде дека тоа ќе им овозможи на руските сили да се фокусираат на „главната цел, ослободувањето на Донбас“.

Еден од фокусите на инвазијата на Москва беше јужниот пристанишен град Мариупол, кој се наоѓа помеѓу окупираниот од Русија Крим и источните области под контрола на сепаратистите.

Тешките борби заробија десетици илјади цивили во опколениот град со намалени резерви.

Цивилни цели околу градот се уништени од руски воздушни напади, вклучително и театарот каде стотина се засолниле.

Официјалните лица на Мариупол на 25 март ја дадоа својата прва проценка -- врз основа на изјави на очевидци -- за бројот на загинатите од нападите врз Драмскиот театар во градот, велејќи дека се претпоставува дека се убиени околу 300 цивили.

Украинските власти тврдат дека 136 деца загинале поради руската инвазија

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер објави дека сè уште нема консензус во мировните преговори.

„Позицијата на Украина е јасна: прекин на огнот, безбедносни гаранции, без компромиси за територијалниот интегритет. Но, Русија се држи до ултиматумите“, рече тој.

Тој додаде дека на Украина и требаат повеќе санкции и повеќе воена помош „за да стимулира поконструктивен пристап“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG