Достапни линкови

НАТО го зајакнува присуството од Балтичкото до Црното море


Претставниците на земјите-членки на НАТО пред почетокот на Вонредниот самит, 24 март 2022
Претставниците на земјите-членки на НАТО пред почетокот на Вонредниот самит, 24 март 2022

На вонредниот самит во Брисел, лидерите на земјите членки на НАТО се согласија да ја зајакнат одбраната на истокот како одговор на руската инвазија на Украина. Генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг рече дека руската инвазија на Украина е „најголемата безбедносна криза во една генерација“.

На вонредниот самит во Брисел лидерите на земјите членки на НАТО се договорија да го зајакнат присуството на Алијансата на источното крило на територијата. Договорено е да се формираат четири дополнителни борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.

„Сега имаме осум мултинационални борбени групи на НАТО од Балтикот до Црното Море“, рече генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг на крајот од вонредниот самит.

Тој потврди дека ќе се зајакне присуството на Алијансата во копнениот, морскиот и воздушниот простор на земјите на НАТО кои граничат со Украина.

Покрај самитот на Алијансата, денеска во Брисел се одржуваат уште два вонредни самити посветени на руската инвазија на Украина - самитот на Европската Унија со САД и самитот на Г7.

Лидерите на државите и владите на земјите на НАТО остро ја осудија руската инвазија на Украина, оценувајќи дека војната го наруши мирот во Европа и предизвика огромни човечки страдања и уништувања.

„Инвазијата на претседателот Путин долгорочно ја промени нашата безбедносна средина. Ова е нова реалност. Нова нормалност“, рече Столтенберг.

Во заедничката изјава, лидерите испратија порака до Русија дека секоја употреба на хемиско или биолошко оружје од страна на Москва би била неприфатлива и дека тоа ќе има тешки последици.

Според генералниот секретар на НАТО, тоа би била „многу опасна ситуација“ бидејќи евентуалната употреба на хемиско оружје би имала последици за земјите на НАТО кои граничат со Украина.

Од Самитот на НАТО му порачаа на Кремљ дека треба да покаже дека е сериозен во преговорите така што веднаш ќе примени прекин на огнот. НАТО ја повика Русија конструктивно да се вклучи во кредибилни преговори со Украина за да постигне конкретни резултати, почнувајќи со одржлив прекин на огнот и придвижување кон целосно повлекување на нејзините војници од украинска територија.

„Продолжувањето на руската агресија додека се водат разговорите е за жалење“, се вели во заедничката изјава на крајот од самитот.

За време на самитот, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, им се обрати и на лидерите на земјите од НАТО. Според официјалните информации, Зеленски побарал од НАТО еден процент од оружјето на Алијансата.

На прес-конференцијата Столтенберг не одговори на прашањето на новинарите дали НАТО ќе го исполни барањето на украинскиот претседател, но оцени дека Зеленски пренел „многу сочувствителни пораки “ и дека Алијансата веќе и дава „значајна поддршка“ на Украина.

„Ние имаме одговорност да спречиме конфликтот да ескалира во целосен конфликт меѓу НАТО и Русија. Тоа би било поопасно и подеструктивно“, рече Столтенберг.

Мишел: Путин мора да биде поразен

Во пресрет на самитот на Г7, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин мора да биде поразен, а за тоа да се случи „треба да ја поддржиме Украина колку што е можно повеќе“.

„Мораме да примениме санкции за да извршиме притисок врз Кремљ и заедно со земјите од Г7, заедно со НАТО, заедно со земјите-членки на ЕУ, ќе работиме напорно за да бидеме сигурни дека ќе останеме цврсто обединети бидејќи оваа војна мора да заврши.Од суштинско значење е да се заштити и промовира меѓународното право и демократските принципи“, рече Мишел.

На средбите присуствува и претседателот на Соединетите Држави, Џо Бајден, што е прва посета на американскиот претседател на самит на ЕУ во Брисел. Но, неговата посета на Брисел не е само симболична.

Руската инвазија на Украина му даде на западниот одбранбен сојуз на НАТО обновено чувство за потребата од негово постоење. И додека ЕУ се обидува да ги прекине енергетските врски со Русија, треба да изгради и зајакне други односи, особено со САД, пишува Би-Би-Си.

Инаку на 24 февруари започна руската инвазија врз Украина, како дел од таканаречената„специјална операција“ како што објави Русија. Од почетокот на војната повеќе од 10 милиони луѓе се раселени, a точниот број на загинати е непознат.

Според Обединетите нации, 4,2 милиони ја напуштиле земјата, а останатите се раселени внатре во Украина. Точниот број на загинати е непознат. До 19 март, најмалку 902 цивили се убиени, а 1.459 се повредени, соопшти Канцеларијата на ОН за човекови права.

И додека борбите и натаму траат, Русија ги засилува своите напади, а украинските одбранбени сили возвраќаат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG