На 27-от ден од почнувањето на руската инвезија во Украина, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш повика да се стави крај на „апсурдната војна“ нарекувајќи ја непобедлив конфликт што ги става луѓето во жив пекол.
„Продолжувањето на војната во Украина е морално неприфатливо, политички неодбранливо и воено бесмислено“, изјави Гутереш пред новинарите во Њујорк.
Во меѓувреме, Русија и денеска продолжи да го гранатира окупираниот украински град Мариупол. Локалниот совет соопшти дека уште две огромни бомби паднале врз градот и дека Русија сака да го срамни со земја. Русија негира дека цели кон цивили.
Украинската армија ја предупреди јавноста за сè понеселективно руско гранатирање на клучната инфраструктура, а Владата на Украина ја повика Русија да дозволи да влезат хуманитарни средства во Мариупол и да ги пушти очајните цивили кои чекаат да излезат од градот.
Според официјални лица, во пристанишниот град на Азовското Море, кој пред војната имаше 400.000 жители, нема храна, лекови и вода.
„Не остана ништо“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски пред италијанските пратеници.
Покрај борбите во градот Мариупол кој со недели е нападнат, руската артилерија продолжува да ги гаѓа и источните градови Харкив, Суми и Чернихив.
Двајца новинари на Асошиетед прес го напуштија градот. Тие беа последните странски новинари, а во својот текст опишаа како Мариупол за само две недели станал руина.
Повеќе од 3,5 милиони Украинци досега ја напуштиле земјата, проценуваат Обединетите нации. Вкупно околу десет милиони луѓе се раселени, вклучително и оние во земјата.
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека од почетокот на руската инвазија потврдила 62 одделни напади врз здравствени установи во Украина.
Организацијата наведе дека 15 лица загинале во тие напади, а дека најмалку 37 се повредени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нема да биде возможно да се преговара за крај на војната без средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Во видео говорот пред италијанскиот Парламент, Зеленски, исто така, рече дека неговата земја е на работ да ја преживее војната и предупреди дека Москва сака да се пробие кон остатокот од Европа.
„За руските војници Украина е портата кон Европа во која сакаат да се пробијат, но не смееме да дозволиме да помине тоа варварство“, рече тој.
Зеленски го повтори апелот од претходните обраќања за воведување дополнителни санкции кон Русија.
Претходно, американскиот претседател Џо Бајден го повтори своето предупредување дека Москва можеби размислува да користи хемиско оружје, бидејќи офанзивата на теренот нема напредок.
Русија, инвазијата врз Украина, ја нарекува „специјална воена операција“ за разоружување на Украина и заштита од „нацистите“. Западот тоа го нарекува лажно оправдување за неиспровоцирана војна.
Мариупол е најголемиот град во регионот Доњецк кој сè уште го држи Украина, а кој Русија побара Киев да им го отстапи на сепаратистите поддржани од Москва. Руските медиуми во вторникот цитираа сепаратистички функционер кој вели дека половина од Мариупол сега е освоен.
Киев ја обвинува Москва дека илегално ги депортира жителите на Мариупол и областите на Украина кои се под контрола на сепаратистите во Русија. Украинската јавна обвинителка Ирина Венедиктова изјави дека Киев го истражува „присилното преселување“ на 2.389 деца од регионите Луганск и Доњецк во Русија.
Американската амбасада на Твитер тоа го нарече „киднапирање“.
Москва негира дека ги принудува луѓето да си заминат, велејќи дека прифаќа бегалци.
Украина, исто така, ја обвини Русија за блокирање на хуманитарниот пристап во Херсон, кој единствениот главен град на покраината што ја окупираше. Министерството за надворешни работи на Украина соопшти дека 300 илјади жители на Херсон останале без храна.