Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека западната алијанса ќе распореди четири нови борбени групи низ Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка како дел од нејзиниот одговор на неиспровоцираната инвазија на Русија на Украина. Со ова Алијансата ќе има осум мултинационални борбени групи долж источното крило од Балтикот до Црното Море.
НАТО веќе има борбени групи во Естонија, Латвија, Литванија и Полска.
„Очекувам лидерите да се согласат да го зајакнат ставот на НАТО во сите домени со големо зголемување на силите во источниот дел на алијансата, на копно, во воздух и на море. Првиот чекор е распоредување на четири нови борбени групи на НАТО во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка“, изјави Столтенберг денеска во Брисел.
Столтенберг денеска говореше пред вонредниот самит на НАТО закажан за утре, 24 март, на кој ќе присуствува и американскиот претседател Џо Бајден. На самиот ќе учествува и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, соопшти владата.
Во меѓувреме продолжуваат жестоките борби во опколениот пристаништен град Мариупол и околу Киев, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски продолжува со својата кампања да ја притисне меѓународната заедница за да ја зајакне поддршката за неговата земја.
Кличко - Од почетокот на инвазијата во Киев убиени 264 цивили, меѓу нив и четири деца
Руските сили во изминатите две недели се обидуваат да со заземат Мариупол, пристанишен град на Азовското Море. Во Мариупол, каде што пред инвазијата имаше 400 илјади жители, сега има рушевини, илјадници мртви цивили и многу луѓе кои бараат пат како да излезат од градот.
Украинското Министерството за одбрана соопшти дека украинските трупи после жестоки борби успеале да ги истераат руските сили од предградието Макарив во Киев. Доколку се потврди тоа, тоа ќе им овозможи на украинските сили повторно да преземат контрола над стратешкиот автопат и да ги запрат обидите на руските сили да го опколат Киев од северозапад.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко вели дека од почетокот на инвазијата во главниот град на Украина загинале 264 цивили, меѓу кои и четири деца.
Тој вели дека во моментот се водат борби во село, кое се наоѓа на 20 километри од Киев.
Москва не достави ажурирани податоци за бројот на жртви од 2 март кога соопшти дека загинале 498 војници. Висок функционер на НАТО за агенцијата Асошиејтед прес вели дека се верува оти меѓу 7000 и 14 илјади војници загинале, но бројките не може да се потврдат независно.
Од Украинскиот Генералштаб денеска на Твитер објавија дека повеќе од 15 илјади руски војници загинале во борбите.
Црвен крст - Апокалиптични услови во делови од Украина
Помина речиси еден месец откако почна инвазијата на Украина. Од земјата се протерани речиси четири милиони луѓе, а десетици илјади се заробени во градовите без комунални услови и со сè помалку залихи од храна, со што се создаваат „апокалиптични“ услови велат од Црвениот крст.
Од Црвениот крст велат дека ситуацијата во некои делови на Украина е страшна и покрај санкциите и дипломатскиот притисок.
Претседателот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст Петер Маурер, кој денеска беше во посета на Москва за да изврши притисок врз официјалните лица да дозволат проток на хуманитарна помош во тешко погодените области, рече дека пустошот од конфликтот е огромен.
„Постојат практични чекори водени од меѓународното хуманитарно право што страните мора да ги преземат за да го ограничат страдањето“, рече тој.
Зеленски ги прекори ОН
Украинскиот претседател Зеленски денеска ги прекори Обединетите нации што не успеаја да го спречат рускиот напад, иако Генералното собрание се подготвува да гласа за нова резолуција со која се осудуваат дејствијата на Русија и повикува на хуманитарна помош за да се избегне натамошна катастрофа.
Во обраќањето пред јапонскиот парламент Зеленски ги критикуваше ОН за недостатокот на одговор на руската инвазија, препишувајќи го тоа, во голема мера, на структурата на светската организација, која и овозможува на Русија, која е постојана членка на Советот за безбедност, да ја блокира секоја осуда или акција во врска со инвазијата на Украина.
„Ниту Обединетите нации, ниту Советот за безбедност на ОН не функционираа. Потребни се реформи“, изјави украинскиот лидер преку видео обраќање пред јапонските пратеници.
Генералното собрание на ОН подоцна денеска треба да одржи состанок за Украина и за хуманитарна резолуција. За разлика од Советот за безбедност, каде Русија, заедно со другите постојани членки, имаат право на вето, резолуциите на Генералното собрание не може да се блокираат.
Во видео обраќање пак пред францускиот парламент, Зеленски ги повика француските компании да ја напуштат Русија и да престанат да ја спонзорираат „воената машина“ на Москва, како што направија многу други западни компании по бруталната инвазија на Кремљ врз Украина.
„Рено, Ошан, Лерој Мерлин и другите мора да престанат да ја спонзорираат руската воена машина“, повика Зеленски.
По руската инвазија во неговата земја, украинскиот претседател разговараше со повеќе законодавни тела преку видео врски, вклучително и со пратениците во САД, Велика Британија, Германија, Италија и Израел.
Генералниот секретар на НАТО и претседателот на САД денеска предупредија на заканата од употреба на руско хемиско оружје.
Бајден изјави дека заканата Русија да употреби хемиско оружје против Украина е „реална“. Претходно Столтенберг предупреди на „далекусежни последици“ доколку Москва користи такво оружје.
Неколку западни функционери, вклучително и Столтенберг, постојано предупредуваа дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина и дека таквиот потег би бил воено злосторство.
Од Русија стигнуваат вести дека Москва ќе почне да ги принудува „непријателските земји“, вклучително и сите земји од Европската унија, да ги плаќаат своите испораки на природен гас во рубљи.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека Русија ќе престане да прифаќа плаќања во валути кои се „компромитирани“ во рок од една недела. Тој не кажа дали и испораките на нафта ќе бидат засегнати од овој потег.
Најавата значи дека европските држави кои воведоа санкции кон Русија, заедно со Велика Британија, Канада, Јапонија, Швајцарија, Украина и Соединетите Американски Држави, ќе мора да купуваат рубљи со нивните евра или американски долари по стапки утврдени од руската централна банка, за да платат за природниот гас испорачан од Русија. Овој потег ќе ја зајакне рубљата со зголемување на побарувачката за неа.
Руската започна воена инвазија во Украина на 24 февруари, што резултираше со стотици цивилни жртви, огромна материјална штета и над 3,6 милиони бегалци надвор од границите на земјата.
Во Македонија, пак, од почетокот на руско-украинскиот конфликт, па досега, според информациите на Министерството за внатрешни работи, во земјава влегле 1.924 украински државјани, а на излез од државата во овој период се регистрирани 1.365 лица. Нема лица кои побарале статус на бегалец и сите кои доаѓаат се сместуваат кај роднини или пријатели, велат од македонската влада.