Руската неиспровоцирана инвазија врз Украина влезе во втор месец, а западните сојузници воведоа уште еден сет санкции кон Москва, ветувајќи повеќе воена поддршка и помош за Киев.
Претседателот Володимир Зеленски им се заблагодари на НАТО и на Европската унија (ЕУ) што соработуваат за поддршка на Украина и воведување санкции кон Русија, но жали што овие чекори не биле преземени порано.
„Применивте санкции. Ние сме благодарни. Ова се силни чекори. Но, беше малку доцна... имаше шанса“, рече тој, додавајќи: „Ако имаше превентивни санкции, Русија можеби немаше да влезе во војна“.
Лидерите на 30-те земји на НАТО, Групата 7 и 27-те земји членки на Европската унија ги објавија санкциите и дополнителната помош по вчерашните самити во Брисел.
Дсега речиси 4 милиони цивили ја напуштија Украина, а борбите оставија десетици илјади луѓе заглавени во градовите без комунални услуги и намалени резерви на храна.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека е договорен хуманитарен коридор со Русија за да им се дозволи на цивилите да го напуштат опколениот град Мариупол со приватни автомобили, откако неколку претходни обиди не успеаја.
Верешчук денеска рече дека оние што ќе успеат да излезат од градот ќе можат да се возат со автобуси од блискиот град Бердјанск до градот Запорожје.
„Ќе направиме се што е во наша моќ автобусите полни со жители на Мариупол да стигнат денеска до Запорожје“, рече таа, додавајќи дека е постигнат договор за евакуација на цивилите од градот Мелитопол.
Мариупол, кој пред војната имаше 400.000 жители, е претворен во урнатини, со илјадници загинати цивили, а десетици илјади сè уште бараат пат до безбедно место, надвор од градот.
Претходните договори за хуманитарни коридори пропаднаа, а секоја страна ја обвинува другата дека ги направила непроодни. Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари.
Украина тврди дека ги потиснува руските сили во областите околу Киев
На линијата на фронтот, украинските сили тврдат дека ги потиснале назад руските трупи во некои области околу Киев и рекоа дека биле успешни во нападот на рускиот транспортен брод на морнарицата закотвен во Азовското Море во близина на Мариупол.
Британското Министерство за одбрана денеска потврди дека Украина повторно ги зазела градовите и одбранбените позиции на 35 километри источно од Киев. Министерството додаде дека украинските сили „веројатно ќе продолжат да се обидуваат да ги потиснат руските сили назад“ кон аеродромот Хостомел северозападно од Киев.
Министерството соопшти дека „логистичките прашања и украинскиот отпор“ исто така ги забавуваат руските обиди да го заобиколат јужниот град Миколаив додека се обидуваат да притиснат кон клучниот пристанишен град Одеса.
Западните сојузници воведоа нови санкции против Русија и ветија дека ќе испратат поголема воена и хуманитарна помош за Украина на невидена серија самити во Брисел, чија цел е да се нагласи унифициран одговор на руската воена агресија.
САД ќе работат на испорака на 15 милијарди кубни метри течен природен гас на пазарите на Европската унија оваа година во услови кога Европа се обидува да ги намали руските испораки на гас. Американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен денеска најавија формирање на работна група за намалување на зависноста на Европа од руските фосилни горива по руската инвазија на Украина.
„Денес се договоривме за заеднички план за таа цел, истовремено забрзувајќи го нашиот напредок кон безбедна, чиста енергетска иднина“, рече Бајден на прес-конференција, додавајќи дека нивната иницијатива, исто така, ќе се обиде да ја максимизира употребата на обновливите извори на енергија и да ја намали побарувачката на енергијата.
Бајден најави пакет помош од 1 милијарда долари за Украина и се сретна со фон дер Лајен пред да отпатува во Варшава на разговори со полските лидери за прашањата за енергија и бегалци. Бајден ќе отпатува и во Жешов, град во близина на полско-украинската граница.