Достапни линкови

Инвеститорите секогаш победници во “играта“ за лукративна урбанизација


Градежни работници, градилиште
Градежни работници, градилиште

Градежната експанзија во Скопје не престанува, а највидлива е во општините Центар, Карпош, Аеродром и Кисела Вода каде и се изградиле најмногу станови. Во меѓувреме, се изготвија Измени на Законот за урбанистичко планирање.

Ликот на Скопје видливо се измени во изминатите години, а на секоја слободна парцела никна нова зграда. Агресивната урбанизација продолжува и денес и покрај противењата на граѓаните да не се заменува зеленилото и просторот на сметка на изградбата на нови станови. На крајот инвеститорите секогаш излегуваат победници, а за тоа говорат многуте примери.

Узурпација на Центар

Најмногу внимание во јавноста во изминатиов период предизвика планираната урбанизација во општина Центар.

Последен во низата на примери каде државно земјиште ќе се пренамени во градежно се три парцели кај зградата Тифани и во близина на главната пошта.

За 7 евра по квадрат државата приватизираше земјиште спроти НИП Нова Македонија кое го купи фирмата ЗСФ КОМ на бизнисменот Фатмир Етеми која се бави со изградба на згради.

На просторот кај поранешната фабрика за мебел Треска ,исто така, во план е изградба на згради. Општина Центар со одлука на Советот организираше и конкурс за идејно решение за тоа како да изгледа тој дел од градот. Но, идејното решение се уште не е познато во јавноста.

Во меѓувреме, компанијата „Фешн Груп“ и „Обвновители“ на МПЦ го оградија паркингот спроти хотелот Холидеј Ин и стартуваа со градежни активности на тој плац каде е во план изградба на три згради од 16, 20 и 22 ката.

Аеродром рекордер

Освен во општина Центар, градежната експанзија е највидлива и во скопските општини Аеродром, Карпош и Кисела Вода каде најголем дел од просторот се „збогати“ со нови згради. Тоа го говорат и податоците на Државниот завод за статистика.

Аеродром е општината каде во последните шест години, се завршени најмногу станови, 4793 на број.

Потоа следи Карпош со 3360 завршени станови за време на истиот период. На трето место е Кисела Вода со 1307 завршени станови и во Центар 1176.

Вкупно овие 4 општини од 2015 до 2021 година добиле 10 636 станови, а изградбата не запира. Истражувањето на РСЕ објавено минатата година покажа дека над 80 отсто од завршените станови во Скопје се токму во овие општини. Истражувањето покажа дека општина Центар е рекордер по издадени одобренија за градба и објекти.

Генерален урбанистички план

Изгледот на еден град се дефинира со урбанистички планови. Генералниот урбанистички план- ГУП се носи на секои десет години. Во моментов се уште во функција е ГУП-от за Скопје 2012-2022 година.

Постапката за изработка на новиот ГУП 2022-2032 е започната. Во неговата подготовка, како што најавија од Град Скопје, во рамките на предвидените процедури освен поддршката од Министерството за транспорт и врски како ресорно министерство, ќе биде вклучен и поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа.

Советот на градот Скопје, според законот за просторно и урбанистичко планирање, го донесува ГУП-от.

Детален урбанистички план

Детален урбанистички план се однесува на секоја општина посебно и исто така, според законот, го донесува Советот на општината. ДУП-от како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Времетраењето на еден ДУП е 5 години. Но, во одредени општини се случуваше еден ДУП да се менува по два пати во рок од шест месеци, како што беше случајот со ДУП-от Мал ринг во општина Центар.

Нови законски одредби

Министерството за транспорт и врски изготви измени на Законот за урбанистичко планирање, Власта ги најави како „најтемелна реформа“ во урбанизмот и градежништвото во земјава.

Предложените измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање се објавени на интернет страницата на Единствениот регистар на прописи- ЕНЕР на 5 јануари, годинава. Измените прво треба да бидат разгледувани во Владата и доколку бидат усвоени, потоа треба да влезат во собраниска процедура.

Целта на предлог законот, како што е наведено на ЕНЕР, е да се одговори на потребите на единиците на локална самоуправа како носители на процесот на урбанистичко планирање, да се поедностават одредени чекори од процесот и да се овозможи повисок степен на флексибилност во делот на содржината на урбанистичките проекти. Исто така, целта е и рамномерен просторен развој создавање и унапредување на условите за хумано живеење и работа на граѓаните.

Во нацрт Извештајот на Министерството за транспорт и врски објавен на ЕНЕР е наведено дека ова законско решение треба да овозможи поедноставни постапки за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови и воведување на поголема флексибилност во улогите на учесниците во постапките, како и во однос на содржината на урбанистичките проекти.

Јавна расправа

Вкупно 35 организации: невладини, граѓански иницијативи, академски и научни институции, доставија заедничко Барање за јавна расправа за Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање.

Со самото ставање на измените на одреден закон на ЕНЕР започнува јавната расправа. Начинот на вклучување на засегнатите страни, како што се наведува, е барања за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни, како и јавни дебати по одредени прашања преку користење на електронски интерактивни алатки достапни на порталот ЕНЕР.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG