Достапни линкови

Скопје во срцето на урбанистичкиот хаос


Згради во изградба во Скопје
Згради во изградба во Скопје

Градежната експанзија која во последните неколку години го следи Скопје, го смени изгледот на главниот град. Зелените површини се редуцирани, а секојдневно никнуваат многу згради на мала површина. Архитектите велат дека е неопходно власта да вложува во рамномерен регионален развој.

Jа реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 26 октомври 2019.

Со динамика која тешко може да се следи, во последните неколку години градот, кој треба да биде метропола и симбол за урбано живеење, го менува својот изглед. Дел од скопјаните велат дека овој тренд оди до фазата на непрепознатливост, на градежен бум и непочитување на урбанистичките правила. Нерамномерниот развој на Скопје е голем недостаток, укажува претседателот на Асоцијацијата на архитекти, Мартин Пановски. Градот не функционира како организам, а така ќе биде сè додека истиот постои како збир однеколку општини.

„Овој град претставува збир на помали гратчиња. Гратче Карпош, гратче Центар, гратче Аеродром, секој од нив има свој градоначалник којшто го планира урбаното планирање во таа зона. Сè додека овој град не стане град со еден градоначалник, мислам дека не може да зборуваме за урбано планирање во овој град. Страшна работа ни се случи кога се подели градот. Не викам дека не треба да има локални задници кои ќе се грижат за сметот и други работи, но транспортот и урбаното планирање мора да бидат под една капа“, вели Пановски.

Како и во секоја друга сфера, така и во урбанизмот, политиката е длабоко всадена, а не случајно, законите и урбанистичките планови се изработуваат во интерес на некому и некои.

Според последните статистички податоци се намалува бројот на станови што се градат во скопскиот регион, но се зголемува во Општина Аеродром, каде што во изминатите неколку години веќе се изгради речиси цела една населба. Само во радиус од 500 метри во Аеродром се изградени 30 нови станбени згради на местото каде што беа старите воени бараки, односно се изградија многу згради без скоро никаква зелена површина меѓу нив.

Жителите на Аеродром покажаа голема свест за последиците од урбанистичкиот хаос во нивната општина, вели Искра Манојловска од граѓанската иницијатива „Аеродром сака да дише“. Сепак, протестите не донесоа успех и градежната експанзија таму продолжува.

„Сликата зад мене е доволен доказ за тоа како се измени начинот на живот на Аеродромци. Позади мене порано имаше парк во којшто внуци си играа со нивните баби и дедовци, а сега има градежници, се гради облакодер, понатаму сообраќајот е значително отежнат во последните години. Оваа општина и Скопје нема капацитет да ги прифати сите нови возила и жители коишто се населуваат во овие нови згради, бидејќи се гради без план и без некаква идеја и визија за понатаму“, изјави Манојлоска.

Но, урбаната мафија не е само потенцијалниот инвеститор. Таа може да се најде и кај општинската администрација, предупредува Пановски.

„Не проблемот во градежните компании толку, не се тие кои секогаш налагаат што сакаат. Прво секогаш треба да имате малку подотворена врата, за да наложите. За жал, така функционираат работите. Имате закон во кој ја избирате понудата којашто е најевтина. Не е важно кој ви ја работи и со какво портфолио, вие добивате најевтино нешто. И сакате од најевтино, да имате да имате најубаво нешто. Не можете, за која било работа. Досега не успеавме да наидеме на фидбек или слух од чинителите во државата, цело време мислат дека сакаат архитектите да се збогатат, не е точно, ние наместо со десет сакаме да работиме со дваесет луѓе и работата да биде завршена најдобро што може“, вели Пановски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првите седум месеци од годинава се издадени дозволи за изградба на 3763 станови во цела Македонија, што е помалку од лани, кога имало 3829. Најголем број од дозволите се во скопскиот регион, каде што се градат над 60 отсто од становите. Од јануари до јули лани во скопскиот регион биле издадени дозволи за изградба на 2332 стана, а во истиот период годинава 2067. Сепак, падот не се одразува во Општина Аеродром, која во изминативе неколку години е под засилена градежна експанзија. Ако во првите седум месеци лани била дозволена изградба на 970 стана во Аеродром, во истиот период годинава се дозволени уште 1162 стана.

Претседателот на Групацијата за градежништво, Никола Велковски смета дека е неопходно власта да вложува во рамномерен регионален развој и да ги развива и другите градови за да го намали притисокот врз Скопје, вели тој.

„Аеродром во моментот се гради најмногу во една зона, кај поранешните воени бараки, бидејќи има детален план направен пред 5 години, тука има поголеми објекти, чисти се имотно-правните односи на земјиштата, постапките се пократки, инфраструктурно е веќе среден Аеродром , блиску е до градот, и затоа тука сега напаѓаат градежните компании. Тоа се објекти по 7, 8000 илјади квадрати, па интересот си го наоѓаат зашто наместо да одат на три четири помали објекти, гради еден поголем и практично најмногу се гради во оваа зона“, вели Велковски и додава:

„Јас и порано бев противник да се поставуваат толку густо населени структури, затоа што ние веќе го поминавме билансот од 1000 жители по хектар, затоа што мислам дека нема ни потреба од тоа. Генералната политика на централната власт треба да оти во тој правец да се дисперзира градбата. Скопје веќе во моментов има сигурно 6-7000 илјади слободни станови“, вели Велковски.

Граѓаните кои ги прашавме велат дека Скопје е пренатрупано и дека е време да се стави ред на урбанистичкиот хаос.

„Што да ви кажам луѓе, гледајте Скопје што го направија. Што да правиме муабет понатаму. Два потписа треба да се завршат многу раоти. Кој ќе земе пари и како ќе се ме пари, ние не сме тие.“

„Мислам дека е претерано. Малку повеќе. Треба веќе ред да се стави, дефинитивно. Нема воздух, треба да се расчисти,“

„Пренатрупано е, многу возила има.Има места каде да се гради, понастрана од центарот, на подалечни локации.“

„Тотален хаос е, од она што било дозволено и она што се гради.“

„Потребно е повеќе зеленило, парк за децата да си играат, зеленило ни треба, чист воздух“, велат дел од анкетираните и револтирани граѓани

Од друга страна, од Асоцијацијата на архитекти, сметаат дека и мораториумот кој во моментот функционира во општина Центар не е решение на проблемот, затоа што како што велат, поттикнува изградба на дивоградби и не дозволува рамномерен развој на градот.

Заживување на јавните простори и напуштените објекти

Како и во многу други земји, така и кај нас, постојат голем број напуштени објекти од фабрики и корпорации, кои заминале во стечај, особено по приватизацијата за време на транзицијата. Оваа појава не е непозната во светот, а дел од државите ги обновуваат овие објекти. Но обидот да заживее таков простор, односно да се пренамени не е лесен, најчесто заглавува во административните лавиринти, a резултатот е тажна слика од напуштени индустриски објекти кои се опасност за децата и за здравјето, кои ја уништуваат естетиката на градот, а нивните дворови стануваат мини депонии. Невладината организација „Културно Ехо“, лани ја започна иницијативата за редефинирање на напуштените индустриски објекти. Обидот го направија со истражување за некогашната фабрика за обработка на хромова руда „Купром“ во скопската населба Хром.

„Бидејќи најголем дел од објектите се фабрики односно индустриски капацитети кои се во државна сопственост, самите по себе поседуваат културно историски идентитет, на тој начин со овој проект би сакале да го поттикнеме воведувањето на индустриското наследство како гранка на културното наследство во државата, кое сеуште не е воведено како дисциплина кај нас ,а веќе е докажана европска пракса“, вели Симона Димковска од невладината „Културно ехо“.

Од град Скопје тогаш изјавија дека не можат да интервенираат бидејќи повеќето од објектите на „Купром“ се во приватна сопственост. Една година подоцна од Културно ехо велат дека од иницијативата не се откажуваат, но слух од надлежната општина Ѓорче Петров, нема.

„Не навлегувајќи во однос на тоа колку законски регулативи се кршат со моменталната состојба во која се наоѓа индустрискиот комплекс, заклучуваме дека системот (општината) е целосно нефунционален и индиферентен по однос на ова прашање. Фабриката и денеска е неоградена и ја загадува животната средина, односно во дел од објектите, како и дворното место се наоѓаат базени со непозната течност и нафтени деривати кој ја загадуваат почвата, подземните води и речното корито на реката Варадар. Се соочуваме со општина чиј став по ова прашање е целосно индиферентен (независно од тоа кој е на власт), доказ за тоа се сите поминати години“, велат од „Културно ехо“.

Во меѓувреме, иницијативата Купром ја презентирале во Владата. Истражувањето на организацијата покажало дека просторот каде се наоѓа фабриката е со променет урбанистички план во стамбено домување (згради), со тшто како што велат, „јасно се гледа дека истата индеферентна Општина која го запушта и обезвреднува овој простор со години уназад, наеднаш вредно „работи“ на случајот“.

Но, за разлика од Купром (кој се уште е негативен пример), од „Културно ехо“ посочуваат и светли примери, како што е напуштената сала „Партизан“ во Општина Карпош, што би претставувала прва успешна ревитализација од ваков тип.

„Нашата организација достави две идејни решенија за ревитализација на салата. Двете идејни решенија го задржуваат автентичниот дух на објектот, но и додаваат нови современи соджини. Се надеваме дека час поскоро Партизан ќе стане јавен простор каде граѓаните ќе спортуваат. Целосно реализирање на овој проект ќе претставува успешен пример на соработка помеѓу невладиниот сектор со локалната власт, а од кој најголема придобивка ќе имаат граѓаните“, велат од организацијата „Културно ехо“.

Од Асоцијацијата на архитекти пак велат дека кај ваквите иницијативи проблем претставуваат урбанистичките планови кои не се флексибилни.

„Јас имав проект според кој поранешна фабрика требаше да стане старечки дом. По закон, односно план таму е индустриска зона. Иако имавме барање тоа да се пренамени будејќи буквално ниту една фабрика во таа зона не работи, тоа не е возможн0о законски значи. Треба да чекаме десет години, за измена на генерален урбанистички план. Има и истражувања кои покажуваат дека има големи проблеми од имотно-правен карактер. Фабриката е купена, земјата не е купена итн“, вели Пановски и додава дека кога се врши таквата пренамена потребно е да се гледа и економската логика и оправданост од таква потреба.

„Еден голем проблем е дали имаме потреба. Одиме да гледаме како е во Прага или Белград ги имате таму тие работи, ама видете ја културната сцена, колку се инвестира во самата култура за да има потреба од културен дом да се направи некаде. Во моментот нема. Еве Мала станица ви зјае празна. Тоа значи дека нема потреба културната сцена од таков објект. Затоа и никој не инвестира, за да инвестирате мора да има економска логика“, вели Пановски.

Но, обидите за поурбано Скопје и можностите што ги нуди не застануваат тука. Здружението „Мелеем Скопје“ е здружение за развој на урбана култура и актуелизација на простор и се занимава со актуелизирање на заборавени и напуштени јавни простори во Скопје и во другите градови низ Македонија. Архитектите од оваа здружение бираат локации кои може да се искористат подобро, односно користат урбани интервенции да се подобри функцијата на јавните простори во нашиот град и да се информираат луѓето за нивната важност за нашиот град.

„Сметам дека институциите треба повеќе да првин да не сметаат дека секоја акција е против нив, значи број еден. Туку уште повеќе да поддржат вакви дискусии, затоа што сметам дека некогаш се малку скептични да не случајно нашите работилници се некој бојкот, меѓутоа не се бојкот, меѓутоа не се бојкот, тие се инструмент преку кој што ние ќе дознаеме што точно е потребен на овој простор, на корисниците на тој простор, кој што тие ќе можат да го користат, за носење на одлуки. Значи, ние сме на иста страна. Така што треба повеќе да земаат од нас и уште повеќе да застанат на наша страна за да добиеме и ние повеќе сила и да ни биде полесно да не се чувствуваме како да заглавуваме во бирократии премногу, затоа што некогаш тоа троши многу енергија, вели Сара Симоска“, архитект и основач на МЕЛЕЕМ.

Урбанизам v.s зеленило

Урбанистичката експанзија во Скопје во изминатите години уништи голем дел од јавното зеленило. Според последните податоци од пописот во 2002 во Скопје по глава жител му следува по 12 метри квадратни градско зеленило, а европскиот просек е двојно повисок, односно по 25 квадратни метри.

„Изминатите 10 години како последица на градежната експанзија, а во центарот на Скопје и како последица на проектот Скопје 2014 зеленилото во градот честопати било жртвувано за сметка на новите градежни објекти кои задоволуваа нечии лични, политички и бизнис интереси. Несоодветен беше и третманот, голем број дрвја се самоуништија, се исушија“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов презентирајќи го Зелениот катастар.

Преку овој Катастар се попишуваат дрвјата во Скопје. Според податоците кои на средината на јануари ги презентираше Шилегов, попишани се 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во градското зеленило.

Како што најавија градските власти целта на Зелен катастар е подобро управувањето со јавното зеленило. Во меѓувреме, нејасни се податоците и колку метри зеленило има по глава на жител, затоа што немаме спроведено попис веќе 17 години.

Урбанистичкиот хаос во Скопје и во Прага
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:29 0:00

Прага - град кој ги почитува строгите урбанистички правила

Прага важи за град кој се држи до строгите урбанистички правила. Како поинаку кога голем дел од градот се под заштита на УНЕСКО. Тоа пак забранува големи интервенции, но и нови градби кои не се во склад со оние старите. Од друга страна, се зголемува интересот за нови станови што градот го прави за еден од најскапите во Европа. За да се избегне урбанистичкиот хаос се спроведува проект за заживување на таканаречните градски сиви зони.

Гоце Атанасов

Готските катедрали, калдрмените улици, но и замокот на ридот што се издига над реката Влтава создаваат од Прага, главниот град на Чешка, слика на совршен туристички сон. Меѓутоа, далеку од сликите како на разгледниците има стари напуштени фабрики и затворени пивари - во голема мерка напуштени откако Кадифената револуција го урна комунизмот пред 30 години. Градските власти на нив гледаат како неискористено богатство. Тие имаат за цел да им дадат на овие области, кои зафаќаат големи делови од центарот на градот, нов живот во обид да го олеснат акутниот недостиг на домување, да создадат работни места и да привлечат инвестициски проекти.

Марек Ваха, од Прашкиот институт за планирање и развој вели дека целта е да се задржи градењето во границите на градот.

„Тоа е во самиот центар на градот што не служи за никаква цел, а ние имаме потреба таму да израснат нови квартови не заради тоа што луѓето тешко доаѓаат до стан, туку градот да биде покомпактен, поеколошки и поекономичен“, изјави Ваха.

Предложените проекти вклучуваат претворање на една напуштена фабрика за млеко во продавници и станови и пренаменување на дел од една стара железничка станица во канцелариски и станбен простор.

„Принципот на метрополитниот план и нашето размислување за градот е тоа што сакаме да го искористиме потенцијалот во градот - да ги искористиме сивите местата за градење“, додава Ваха.

Меѓу компаниите кои работат на проектот е и „Пента Инвестментс“, водечка локална инвестициска група со средства од 10 милијарди евра. Во моментов таа работи на локацијата на една пиварницата од 17 век.

Управниот директор на Пента Петр Паличка додава дека новите проекти на компанијата „радикално го менуваат“ лицето на чешката престолнина, но и дека се обидуваат тоа да го направат на одговорен начин.

„Зградите што ги градиме овде се надеваме дека ќе останат многу години и тие радикално го менуваат лицето на одделни делови од градот. Ние го правиме тоа на одговорен начин и би сакале и другите учесници да го прават истото, следејќи го принципот да се создаде нешто добро и да го подобрите лицето на градот“, вели Паличка.

Сепак, не е лесно да се спроведат обемни градежни работи во историски град, заштитен од УНЕСКО. Навигацијата низ лавиринтите на долгиот процес на дозволи, комплициран од фактот што секоја од 57-те окрузи во Прага има своја власт, во голема мерка ги блокираше странските инвеститори досега.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG