Достапни линкови

Патот кон слобода од Одеса до Скопје


Стефан Ангеловски и Вероника Золотухина во Скопје
Стефан Ангеловски и Вероника Золотухина во Скопје

Македонецот Стефан и Русинката Вероника од Украина се млад пар кој руската инвазија го затече во Одеса. Патот кон Скопје не бил ни малку лесен. Уште најмалку педесет македонски државјани и нивни блиски се обидуваат да се евакуираат од Украина.

Стефан Ангеловски е Македонец, Вероника Золотухина Русинка која од свои 17 години, или скоро половина живот живее во Украина. Се запознале преку социјалните мрежи, а Одеса последните неколку месеци била нивен дом. Како што раскажуваат и двајцата, до минатата недела животот во градот бил вообичаен.

„Деновите во Одеса беа навистина мирни на почетокот, јас започнав да се грижам кога се појавија гласините дека летовите ќе бидат откажани, можеби ќе има конфликт, но луѓето тука беа смирени, никој не веруваше“, вели Золотухина.

Бегството на Вероника и Стефан од Одеса до Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:27 0:00


Ангеловски работел видеа од дома, а неговата девојка дизајнирала облека. Никој не претпоставувал дека ќе избувне војна. Се додека во 5 часот наутро не ги разбудила силна експлозија.

„Моментот кога јас бев исплашен беше кога Херсон беше нападнат, тоа е на 200 до 250 километри. Значи тогаш бев запрепастен затоа што видов експлозии и јас ги почуствував“, се потсетува Ангеловски.

Експлозиите се добро ги памети и неговата девојка.

„Беше утро, 5 часот, кога се разбудивме од експлозија. Слушнавме неколку експлозии. Сфативме дека времето е добро, немаше бура, немаше огномети, и почнав да се плашам, отворив интернет и ги видов вестите. Тоа беше првиот момент кога сфатив дека не се озборувања, туку има има нешто“, раскажува таа.

Ако претходно само размислувале, сега дефинитивно решаваат да ја напуштат Украина. Но тоа не одело лесно. Иако Одеса е подалеку од градовите каде биле најголемите напади како Киев или Харкив, и тука повеќе не било безбедно. Дополнителен проблем било тоа што Вероника нема украински документи. Таа пред 17 години од едно мало руско село дошла во Украина, во реонот на Донбас каде се уште живеат нејзините баба и дедо.

Вели дека има право на украински пасош, но бидејќи не патувала надвор од земјата подолго време, никогаш не го извадила овој документ. Сега поседува само стар руски пасош и украински документи за престој во земјата. Сега тоа ќе биде и најголемиот извор на страв за двајцата, дали со овие документи ќе можат заедно да стигнат во Македонија.

Два дена од Одеса преку Варна до Скопје

Раскажуваат дека прво почнале да ги откажуваат авионските летови. Вероника не можела да влезе во шенген зона па барале други алтернативи. Се обиделе да фатат воз до романската граница или кон Молдавија, но сфатиле дека е небезбедно. Стефан контактирал и со македонските власти за опците за евакуација.

За нивна среќа, Одеса бил градот од каде е решено да тргнуваат автобусите кои ќе евакуираат македонски и бугарски државјани. Коридорот е обезбеден преку координација со Владата на Република Бугарија и македонското министерство за надворешни работи, кои побараа сите граѓани кои се наоѓаат на територијата на Украина, доколку се во можност, да се упатат во Одеса, во просториите на Генералниот Конзулат на Република Бугарија.

Стефан и Вероника ги следат насоките и се качуваат во еден од овие автобуси. Два дена траел патот од Одеса до Варна, до каде е воспоставен коридорот. Потоа евакуираните требало сами да си го организираат патот до дома.

„Требаше да минеме низ Молдавија, Романија, Бугарија... 4 земји. На секоја граница бев испалашена. Имав само еден мал куфер со сите мои работи, само украински пари бидејќи не можев да ги сменам затоа што се беше затворено, банките и менувачниците беа затворени, и бев загрижена ги носев документите и морав да објаснувам 4 пати зошто имам вакви документи, дека не останувам во земјите само ја минувам границата. Беше ужасно. Патувавме два дена без спиење, без нормална храна , беше стресно, и за среќа стигнавме во Македонија и сега може малку да се одмориме од сето тоа“, раскажува Вероника.

Со нив патувале главно бугарски државјани. Запознале уште еден пар како нив чија крајна дестинација била Битола. Најголем проблем им било патувањето низ Молдавија. Поради лошите патишта, 4 часа биле потребни да се минат педесетина километри. Раскажуваат дека не забележале гужви на границите бидејќи патувале низ посебен безбедносен коридор за евакуација. Документите на Вероника биле проблем само во Бугарија, но брзо се објасниле со службениците кои им дозволиле да влезат кон Македонија. Но велат дека не успеале да се објаснат и со службениците од украинската амбасада во Скопје, од кои побарале помош за вадење документи за девојката.

„Се обидов да ја побарам овдешната украинска амбасада, им ја објаснив ситуацијата дека од 17 години живеам во Украина, моите документи се во ред, никогаш не сум го прекршила законот, ги прашав дали можам да извадам украински пасош бидејќи имам право на тоа, и ми рекоа дека не можат да ми помогнат за ништо“, појаснува Золотухина.

Од Украинската амбасада во Скопје велат дека не можат да издаваат украински документи на руски државјани. Дополнуваат и дека од почетокот на инвазијата до сега не се сретнале со такво барање.

Друг проблем на кој наишле Стефан и Вероника било тоа што од пари носеле само украински гривни, бидејќи како што раскажуваат, последните денови во Одеса гужвите пред банките и менувачниците биле толку страшни, што било невозможно да се купи друга валута. Во Македонија и двајцата увиделе дека е невозможно да ги користат овие пари.

Од Народната банка за РСЕ појаснуваат дека украинската гривна не е дел од курсната листа на банката, па оттаму со оваа валута не може да се тргува на девизниот пазар и менувачкиот пазар.

„Украинската гривна не е на списокот на валути за кои ЕЦБ објавува дневен референтнен девизен курс во однос на еврото. Листата на валути коишто може да се разменуваат и во однос на коишто се утврдува вредноста на денарот, е утврден во Курсната листа на Народна банка на Република Северна Македонија, која се формира и објавува врз основа на Одлуката за начинот на формирање и објавување на курсевите на Народната банка на Република Македонија.Согласно Одлуката, Народната банка ја утврдува листата на валути во согласност со списокот на валути за кои ЕЦБ објавува дневни референтни девизни курсеви во однос на еврото, а во којшто не е содржана украинската гривна“, стои во одговорот на НБРМ.

Ново бегство од војна

Ова не е прва војна на која сведочи Вероника. Се уште добро се сеќава на 2014 година и експлозиите во Донбас, на истокот на Украина, каде дошла да студира и живее со своите дедо и баба. Со горчина се потсетува на тие денови.

„Се беше добро, најдов работа, и 2014 првиот конфликт со Русија се појави во реонот Донбас. Дедо ми ми рече ако имам можност да заминам. Јас и мојот пријател решивме да заминеме за Одеса каде беше прилично мирно. Заминавме и видовме на вести како почнуваат да бомбардираат. Бев загрижена бидејќи моите баба и дедо живееја таму, но за среќа градот во којшто живеев Мариопол остана на украинска територија. По ова, повеќе од осум години ги немам посетено моите баба и дедо. Се слушаме само по телефон, вибер, и мислев дека сум на сигурно бидејќи го оставив тоа зад мене, но сега осум години подоцна ми се случува истото, морав да ги пакувам работите среде ноќ и повторно да заминам. Ужасно е“, раскажува таа.

Многу од нејзините пријатели се уште се во Украина. Вели дека во Мариопол поради бомбардирањата нема струја и вода, а интернетот е нестабилен и не може да контактира со блиските. Нејзината мајка е во Русија и е во шок од се што се случува, а тетката од Лавов успеала да избега во Црна Гора. Нејзини пријатели се заглавени во Исмаил, Запорожје, Харкив и не можат да се евакуираат.

„Никој не сакаше војна. Сите беа во шок, и изненадени, никој не го сакаше ова, бидејќи Русија велеше дека има некаков национален конфликт, дека сакаат да ослободат нешто. Но тоа е лага, тоа се лаги. Немаше конфликт. Сите зборуваат руски, многумина таму каде што живеев зборуваат руски, во регионот на Одеса сите зборуваат руски. Од 17 години јас зборувам руски, имам руски документи и никој никогаш не ми рекол ништо, немало никаков конфликт или национализам“, разочарана е таа.

Засега немаат конкретни планови што ќе прават во Македонија. Во нивниот дом во Скопје Вероника го покажува нејзиниот недовршен розов фустан, последното парче што го спакувала во куферот пред да излезе од својот дом во Одеса. Би сакала да го дошие и да продолжи да дизајнира, исто како во Одеса. Сепак свесна е дека прво ќе мора да ги среди своите документи. Стефан вели дека е тука за неа и ќе направи се што може за да биде добро.

„Моите планови сега во моментот се да најдам некоја било каква стабилна работа, имам резервни придоди, никогаш не побарав помош, ... помош барам само за нејзе да се легализира некаков статус тука , дали преку брак ќе го , или некаква работа, да има нешто стабилно, какао база и после тоа да размислиме што како“, вели тој.

Педесетина лица чекаат евакуација во Македонија

Во земјава официјално засега нема бегалци од Украина. Вероника ја нема на ниту една листа. Секојдневни се и вестите за македонски државјани кои не успеваат да ја напуштат Украина. Од МНР информираат дека додега педесетина македонски државјани се евакуирале од Украина, додека други 50 се сѐ уште на украинска територија заедно со нивни членови на семејството, од кои дел се и украински државјани.

„Од нив, 25 ги имаат напуштено резидентните места, и во моментов се упатени низ утврдени безбедносни коридори; нивното движење постојано го следиме сѐ до нивното напуштање на земјата, а потoа, нашите амбасади и конзулати од соседните земји ги преземаат сите активности за нивен безбеден трансфер назад кон земјава“, соопштија вчера од МНР.

За таа цел беше најавено испраќање дипломатска екипа во Украина составена од актуелниот амбасадор во земјата Крум Ефремов, заедно со уште еден искусен конзуларен работник. Тие ќе треба да го водат процесот на терен при асистирањето на евакуацијата на македонските државјани и со нив поврзаните украински граѓани. Од МНР додаваат дека секое движење низ Украина е сериозно отежнато, се одвива по споредни рути кои се преполни и движењето е бавно.

Од почетокот на воената инвазија во Украина на 24 февруари, земјата ја напуштиле над милион бегалци. УНХЦР побара од владите да продолжат да го одржуваат пристапот до територија за сите кои бегаат, за Украинците, но и државјани на трети држави кои живеат во Украина, а сега се приморани да избегаат од насилството. Нагласуваат дека не смее да има дискриминација кон ниту еден поединец или група.

„Тешко е да се коментира за идни сценарија, но од претходни ситуации на раселување можеме да заклучиме дека најголемиот дел од бегалците остануваат во соседните држави со цел да можат брзо да се вратат штом мирот повторно завладее и штом тие се почувствуваат безбедни да се вратат во својата татковина “, велат од македонската канцеларија на меѓународната организација.

Укажуваат дека се очекува бегалците да заминат во држави каде тие имаат веќе изградени мрежи за поддршка, каде имаат членови на семејства или пријатели, и ниедна држава во светот не е исклучок од таквите движења.

„Со овој степен на раселување, доколку нема деескалација на воените дејства, ситуацијата се развива да стане огромна бегалска криза“, додаваат од УНХЦР.

Македонските власти најавија дека во моментов се проверуваат државните капацитети за прифаќање бегалци. Најавија дека доколку има потреба и бегалци од Украина кои бараат прибежиште тука ќе им дадена поддршка.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG