Достапни линкови

 
Колку Македонија е подготвена за примање бегалци од Украина

Колку Македонија е подготвена за примање бегалци од Украина


Бегалци на украинско-полската граница
Бегалци на украинско-полската граница

Над половина милион бегалци ја напуштија Украина поради руската инвазија во земјата. Македонските граѓани нудат помош, а меѓународните институции смируваат дека земјава има искуство со бегалски бранови. Засега нема конкретни најави за пристигнување на украински бегалци во земјава.

„Битола, Северна Македонија. Може да примам една жена или жена со дете“.

Ова е еден од ретките македонски постови на Фејсбук групите креирани од луѓе од Европа и регионот, со цел да помогнат за сместување на илјадниците украински бегалци кои бегаат од војната во нивната земја.

Постот го објави битолчанката Ана Митрејчевска, вознемирена од последните случувања во Украина. Вели дека е подготвена кај неа дома да прими неколку лица од земјата зафатена од војна, со цел барем малку да помогне во сета оваа криза.

„Сите сме луѓе, денес се тие бегалци утре можеме да бидеме ние, можеби нас ќе ни треба помош. Тоа лично ме поттикна да пишам дека можам да примам дома бегалци“, вели Митрејчевска.

Раскажува дека како млад човек честопати патувала низ Европа преку Еразмус проектите. Запознала многу луѓе, создала нови пријателства, меѓу кои и со врсници од Украина. Набрзо по објавата на нејзиниот пост на Фејсбук била исконтактирана од познаничка од Украина. Сакала да дојде во Битола, заедно со детето на нејзината сестра која како медицинска сестра не смее да ја напушти Украина. Сепак, поради долгиот пат и немањето превоз, во последен момент ги сменила плановите. По 12 часа чекање на граница, конечно ја минала украинската граница и се сместила во хостел во Полска. Но останала отворена поканата да дојде во Битола.

Митрејчевска вели дека нејзиниот дом е отворен за луѓето од Украина. Додава и дека многу нејзини пријатели би примиле украински бегалци доколку се јави потреба од тоа.

„Ова е катастрофа. Во 21 век уште војни да има... ете и нуклеарно може оружје ќе има. Катастрофа е, сѐ може да се реши со договор, нема потреба од војни, од насилство“, разочарана е таа.

Македонија не е на патот на украинските бегалци

Повеќе од половина милион луѓе ја напуштија Украина откако Русија ја започна својата инвазија минатата недела, соопштија вчера од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР). Километарски редици беа формирани на граничните премини со соседна Полска, Молдавија, Унгарија, Романија, Словачка. Пребегани има и во Белорусија. Сепак секој нема дозвола да излезе од земјата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди општа воена мобилизација по руската инвазија во земјата во раните утрински часови во четвртокот при што се воведе привремена забрана за напуштање на земјата за мажите на возраст меѓу 18 и 60 години. Ваквата забрана важи и за медицинарите.

Засега Македонија не е на патот на украинските бегалци. Како што појаснуваат од „Лесја Украинка“ здружение на Украинците во земјава иако до нив не стигнале вакви најави, внимателно ги следат случувањата. И од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија за Радио Слободна Европа потврдуваат дека заклучно со 28 февруари, немало искажано интерес кај украински државјани, бегалци од руската инвазија, за доаѓање во земјава. За оние кои сакаат да им помогнат од Амбасадата отворија сметка за собирање средства за поддршка на Украина, со назнака дека парите ќе бидат искористени за хуманитарни потреби.

На сличен чекор се решија и од македонскиот Црвен крст. Во знак на солидарна помош, издвоија 10.000 евра за украинскиот Црвен крст. Ја отворија и сметката на Фондот на солидарноста за помош за населението во Украина, како и телефонскиот број 143 400, каде со секое вртење се донираат по 100 денари. Велат дека има интерес, а колку се собрало ќе се знае на 15 март, кога помошта ќе биде предадена на нивните украински колеги.

Како што појаснува Сузана Тунева Пауновска од Црвениот Крст, тие се подготвени за прифаќање бегалци од Украина, бидејќи поради бројните бегалски кризи, одамна разработиле систем за поддршка на лицата што имаат потреба од хуманитарна помош, здравствена заштита, психосоцијална поддршка...

„Во моментот во нашата држава сѐ уште функционира балканската рута, што значи ние сме присутни на терен и нема потреба да градиме некој нов систем, само „апгрејт“ ќе направиме на постоечкиот“, појаснува Тунева Пауновска.

Во овој момент смета дека најефикасна е помошта во финансиски средства. Додава дека нема услови за праќање конвои со помош од Македонија, бидејќи границите кон Украина се во „една похаотична ситуација“.

„Македонија е мала држава која ќе се приклучи во глобалниот одговор за поддршка на населението во Украина. Меѓутоа, сепак, сметам дека поголемите сили, ЕУ, САД, ќе го покријат најголемиот дел од потребите на населението. Ние секако како хумана нација, како држава којашто имала потреба од помош треба да одговориме и да бидеме присутни во тој глобален апел за помош,“ додава таа.

Расположени да пружат помош се и македонските хотелиери, но не по секоја цена. Според проценките на Крсте Блажевски, претседателот на ХОТАМ, околу десет отсто од хотелските капацитети, односно 6000 легла би можеле да бидат ставени на располагање доколку има потреба за сместување бегалци. Бројката вели дека би била и многу поголема ако се вклучат сопствениците кои нудат приватно сместување. Но забележува и дека хотелиерите сами не би можеле сами да ги покријат ваквите трошоци со оглед на загубите од пандемијата и растот на цените на енергесите.

„Ќе треба секако некој да стои позади тоа, дали државата, дали ЕУ, ние сме спремни да даваме услуги и за такви гости кога им е најтешко. Има дел од хотели кои можат да се искористат и да се даваат на тие бегалци, секако зависи колкав е тој период, нормално кој колку што ќе може да издржи“, вели Блажевски.


Токму хотелите беа првиот избор на меѓународните организации при сместувањето настотици бегалци од Авганистан кои кон крајот на минатата година допатуваа во земјава, по повлекувањето на западните сили од оваа земја. Голем дел од овие бегалци веќе се заминати, бидејќи и според најавите, Македонија беше нивно краткотрајно прибежиште додека да се организира долгорочното сместување во западните земји.

Капацитети за сместување бегалци има и во прифатно-транзитните центри „Винојуг“, на јужната и „Табановце“ на северната граница кои беа најактуелни за време на бегалско-мигрантската криза во 2015 година. Центрите можат да обезбедат краткорочно сместување за вкупно 971 лице. Капацитетот може да се прошири до 2.000 во итни ситуации. Како што велат познавачите на состојбите, од помош може да биде и центарот за азиланти во Визбегово, чијшто капацитет е малку искористен последниве години.

Од македонската влада велат дека земјава е солидарна со случувањата во Украина и подготвени се да излезат во пресрет.

„Доколку се има потреба и бегалци од Украина бараат прибежиште тука ќе дадеме поддршка на граѓаните и ќе понудиме капацитети во рамки на нашите можности. Надлежните институции веќе имаат добиено задолженија да ги разгледаат сместувачките капацитети коишто се под нивна сопственост, притоа се согледува нивната функционалност и можност да се стават на располагање“, се наведува во одговорот.

Ситуацијата во меѓувреме ескалираше, а според украинските власти само во првите три дена од инвазијата имало скоро 200 цивилни жртви, меѓу кои и деца.

Десетици загинати цивили при интензивното гранатирање на Харков
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Македонските бегалски кризи

Земјава од своето осамостојување, на неколку наврати ја покажа својата гостопримливост и заштита на бегалците од околните региони. Во 1991 година, по паѓањето на комунистичкиот режим во Албанија, околу 1180 лица, претежно од пограничните региони побараа заштита во земјава. Сите овие лица, беа сместени во прифатилишта во Ресен, Охрид и Струга. По надминување на состојбите во Албанија, голем број од нив се вратија назад, додека помал дел, претежно од подрачјето на Мала Преспа останаа во државата.

Во текот на 1992 година, околу 35.000 лица кои бегаа од кризата во Босна и Херцеговина дојдоа во Македонија. Беа сместени во 7 колективни центри ширум државата, но и по домаќинствата. Земјава на овие лица им пружаше заштита, се до 1997 година, период кога по надминување на состојбите во Босна и Херцеговина, а врз основа на Договор за репатријација меѓу двете земји и организирање летови, овие лица беа вратени во својата земја.

Како последица на кризата на Косово пролетта 1999 година, вкупно 360.000 лица главно етнички Албанци побараа меѓународна заштита во Македонија. 234.000 лица беа сместени по семејства. Останатите 126.000 престојуваа во 8 колективни центри, изградени за таа намена од кои 91.476 прибежиште најдоа во најголемиот колективен центар „Стенковец“, лоциран близу Скопје. Со подобрувањето на безбедносната состојба на Косово, најголем дел од нив, до крајот на годината доброволно се вратија во своите домови.

Кон крајот на 2014 година беше забележан досега невиден прилив на бегалци и мигранти од земјите како Сирија, Пакистан, Авганистан... коишто што транзитираа низ територијата на Македонија кон земјите членки на Европската Унија. Од јуни 2015 година до крајот годината македонските власти пребројаа 388.233 бегалци кои транзитирале низ државата. Со одлука на Владата т.н. балканската миграциска рута официјално беше затворена во 2016 година.

Сепак ова не го запре нивното транзитирање низ Македонија. За нивна поддршка и понатаму постојат прифатно-транзитните центри „Винојуг“ на јужната и „Табановце“ на северната граница. Само во 2020 година, над 33 000 бегалци и мигранти минале низ Македонија следејќи ја балканската рута. Лани транзитирале околу 20 000 лица. На прсти се бројат тие што останале во земјава.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG