Достапни линкови

Вести

Белгија дозволува четиридневна работна недела

Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Белгиските вработени ќе можат да работат четири дена во неделата, откако владата се согласи на нов работен договор со цел да донесе флексибилност на инаку крутиот пазар на труд.

Откако федералната влада од седум партии постигна договор во текот на ноќта, премиерот Александар Де Кро изјави дека пандемијата ги принудила луѓето да работат пофлексибилно и да ги комбинираат приватниот и работниот живот.

„Ова доведе до нови начини на работа“, рече тој на прес-конференција.

Вработените кои ќе го побараат тоа ќе можат да работат и до 10 часа дневно доколку се согласат синдикатите, наместо максималните 8 сега, за да работат еден ден помалку неделно за иста плата.

Белгијците, исто така, ќе можат да изберат да работат повеќе во текот на една недела и помалку следната недела, што ќе им овозможи на луѓето подобро да управуваат со својот работен и приватен живот, на пример во случај на заедничко родителство.

Со договорот се воведува и „право на исклучување“ по нормалното работно време за компаниите со над 20 вработени. Со него се поставуваат нови правила за таканаречените работници на платформите како Убер, вклучувајќи и нови критериуми за нивно прифаќање како вработени.

Белгија има за цел да ја зголеми стапката на вработеност на 80% за 2030 година, наспроти 71,4% на крајот од минатата година.

види ги сите денешни вести

Најмалку 47 луѓе заробени откако се урна глечер во Индија

илустрација
илустрација

Се стравува дека најмалку 47 луѓе се заробени откако се урнал глечер во индиската хималајска држава Утаракханд, објавија денеска (28 февруари) локалните медиуми.

Инцидентот се случил во близина на автопат во регионот Чамоли, на помалку од пет километри од популарниот хинду храм Бадринат, кој секоја година го посетуваат стотици илјади верници.

„Најмалку 57 работници кои граделе пат во областа што граничи со Тибет се заробени. Од нив 10 се спасени и испратени во воен камп кај Мана (село) во критична состојба“, изјави полицискиот припадник Нилеш Ананд Барне.

Друг висок претставник изјави дека спасувачите се соочуваат со предизвик да стигнат до местото каде што 47-те работници се заробени поради обилните снежни врнежи.

Меторолозите очекуваат повремено намалување на видливоста поради обилните врнежи, зголемено време на патување поради прекин на сообраќајот и помали оштетувања на неасфалтираните патишта.

Зеленски во Вашингтон на разговори со Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володомир Зеленски (комбо фотографија)
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володомир Зеленски (комбо фотографија)

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има „голема почит“ за украинскиот претседател Володимир Зеленски пред нивниот состанок во Белата куќа, иако неодамна го нарече „диктатор“.

На прашањето на Би-Би-Си дали ќе се извини што неодамна го нарече „диктатор“, Трамп одговори дека не се сеќава дека го рекол тоа. Тој додаде дека Зеленски е „многу храбар“.

Трамп зборуваше по состанокот со британскиот премиер Кир Стармер за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија. Тој предвиде „многу добар состанок“ со Зеленски и истакна дека напорите за постигнување мир „се движат доста брзо“.

Овие состаноци доаѓаат откако администрацијата на Трамп ги шокираше западните сојузници со одржувањето на првите разговори на високо ниво на САД со Москва, откако Русија ја нападна Украина пред повеќе од три години. Американскиот претседател претходно го обвини Зеленски за војната и го прекори што веќе не започнал мировни преговори.

„Таму сте три години“, рече тој минатиот вторник.

„Требаше да се заврши... Не требаше ни да започне. Можеше да постигнеш договор“, му рече тој на Зеленски.

Сепак, по средбата со Стармер (27 февруари), Трамп им рече на новинарите:

„Мислам дека утре наутро ќе имаме многу добар состанок. Ќе се сложуваме многу добро“.

Зеленски ќе се обиде да обезбеди одредени безбедносни гаранции за Украина кои ќе го поткрепат секој потенцијален мировен договор.

Кога го прашаа за ова, Трамп само рече дека е „отворен за многу работи“, но дека прво сака да постигне договор меѓу Русија и Украина пред да одлучи какви мерки би можеле да се преземат за негово спроведување.

Се очекува Зеленски да потпише договор што ќе им овозможи на САД пристап до ресурсите на Украина за ретки минерали. Трамп посочи дека присуството на американски рударски компании во Украина би можело да дејствува како пречка за идни руски напади.

Британскиот премиер претходно изјави дека Велика Британија е подготвена да испрати војници во Украина по војната како дел од мировните сили, но само доколку САД, водечка членка на НАТО, дадат „гаранција“.

На прашањето дали САД ќе им помогнат на британските мировници доколку Русија ги нападне, Трамп рече:

„Британците имаат неверојатни војници, неверојатна војска и можат да се грижат за себе. Но, ако им треба помош, јас секогаш ќе стојам покрај Британците“.

Членот 5 на НАТО предвидува дека членките на алијансата помагаат во одбраната на секој сојузник што е нападнат. Пофалувајќи ја „личната посветеност на Трамп за постигнување мир“ во Украина, Стармер рече дека Велика Британија е „подготвена да испрати војници и авиони за поддршка на договорот“.

„Фокусирани сме на постигнување траен крај на оваа брутална војна во Украина“, рече тој.

Сепак, тој додаде дека тоа не смее да биде мировен договор „што го наградува агресорот или охрабрува режими како Иран“.

Кремљ на 27 февруари предупреди дека нема да се согласи на никакви територијални отстапки за Украина како дел од мировниот договор.

Стармер му порача на Трамп дека Британија е подготвена да испрати војници во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп одржува прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа во Вашингтон, 27 февруари 2025 година
Американскиот претседател Доналд Трамп одржува прес-конференција со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа во Вашингтон, 27 февруари 2025 година

Британскиот премиер Кир Стармер ги поздрави историски блиските односи меѓу САД и Обединетото Кралство на состанокот во Белата куќа со претседателот Доналд Трамп, додека се обидуваше да ги поправи заладените трансатлантски односи предизвикани од несогласувањата околу Украина и трговијата.

Стармер отпатува во Вашингтон на 27 февруари за да го повика Трамп да ја гарантира безбедноста на Украина доколку се постигне договор за ставање крај на руската инвазија на земјата.

На прес-конференцијата во Белата куќа со Трамп по нивната билатерална средба, Стармер повтори дека Британија е подготвена да придонесе за мировните сили во Украина доколку се постигне договор.

„Велика Британија е подготвена да испрати војници и авиони во воздух за да поддржи договор, работејќи заедно со нашите сојузници, бидејќи само така ќе трае мирот“, рече Стармер.

Тој предупреди да не се брза да се стави крај на војната по секоја цена.

„Мораме да го сфатиме како што треба. Мора да го освоиме мирот. Не може да биде мир што го наградува агресорот. Историјата мора да биде на страната на миротворецот, а не на напаѓачот“, рече Стармер.

Трамп не се обврза да го запре присуството на европски трупи, клучното барање на Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, кои отпатуваа во Вашингтон.

Стармер рече дека тој и Трамп разговарале за мировниот план кој ќе и помогне на „Украина да се обликува“ и кој „ ќе го спречи Путин да се враќа за повеќе“.

Тој додаде дека тимовите од Соединетите Држави и Велика Британија „ќе разговараат за тоа како ќе се погрижиме тој договор да остане, да е траен и да се спроведува“.

Британските медиуми објавија дека Стармер бара гаранции од САД за воздушна, разузнавачка, логистичка и комуникациска поддршка за европските мировни сили.

На прашањето за безбедносните гаранции на САД, Трамп рече дека е премногу рано да се разговара бидејќи допрва треба да се постигне прекин на огнот.

Пред средбата со Стармер, Трамп посочи дека може да му се верува на Путин дека нема да го прекрши мировниот договор.

Тоа не е став што го делат европските лидери или Зеленски. На прес-конференцијата со Трамп, Макрон рече дека Путин ги прекршил претходните договори со Украина, нагласувајќи зошто е неопходно силно одвраќање, кое вклучува и американска резревна поддршка.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се сретне со Трамп во Вашингтон на 28 февруари.

Трамп, кој ја презеде функцијата пред еден месец, настојува да стави крај на војната во Украина, одржувајќи долг телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на овој месец и го испрати својот тим за национална безбедност во Саудиска Арабија за да се сретне со нивните руски колеги.

Трамп на 27 февруари им рече на новинарите дека Вашингтон и Москва постигнале „голем напредок“ кон прекин на огнот.

Достапноста на Кремљ ја сврте политиката на Соединетите Американски Држави кон Русија во изминатите три години и ги шокираше европските лидери, кои се плашат дека Трамп ќе склучи договор „зад нивниот грб“ што ќе и наштети на Украина и ќе ја ослаби нивната сопствена безбедност.

Сега, европските лидери патуваат во Вашингтон ветувајќи дека ќе ја засилат својата улога во кое било решение за да го оддалечат американскиот претседател од она што тие се загрижени дека може да биде договор што ѝ дава премногу на Русија и ги остава ранливи

Во Германија почнуваат разговори за формирање владејачка коалиција

Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц
Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц

Конзервативците од блокот ЦДУ/ЦСУ, кои освоија најмногу гласови на неделните парламентарни избори во Германија, денеска ќе започнат разговори со Социјалдемократите (СПД) за формирање можна коалиција, изјавија извори од двата табора.

Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, кој треба да стане нов канцелар, претходно изјави дека сака да формира влада до Велигден, 20 април, но социјалдемократите истакнаа некои несогласувања околу формирањето на нивната петта „голема коалиција“.

На првиот денешен состанок се очекуваат по девет претставници од секоја страна, чија содржина нема да биде соопштена бидејќи постигнале договор за доверливост.

Овие разговори се првиот чекор пред коалициските преговори, а тие би можеле да траат со месеци.

„Светот не чека, работите и натаму брзо се менуваат“, рече Мерц во понеделникот, решен да „има конструктивни, добри и брзи разговори со социјалдемократите“.

Мерц спомена три точки како приоритети во разговорите: надворешната и безбедносната политика, „нерешеното прашање со миграцијата“ и економската ситуација.

Конзервативниот блок освои 28,6 отсто од гласовите на изборите, а Мерц веднаш изјави дека не сака коалиција со крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), која се најде на второто место со 20,8 отсто од гласовите.

Социјалдемократите се трети со околу 16 отсто од гласовите, што е голем пораз за партијата на поранешниот канцелар Олаф Шолц.

Во РС усвоен закон со кој се забранува работењето на Судот и Обвинителството на БиХ

илустрација
илустрација

Националното собрание на Република Српска (НСРС) усвои закон со кој се забранува работата на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) и на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ВСТС).

Со гласовите на претставниците на владејачката коалиција, предводена од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), беше усвоен Законот за неизвршување на законите и забрана на акти на вонуставни институции на БиХ, со кој се предвидува законите за Судот на БиХ, за Обвинителството на БиХ, СИПА и ВСТС повеќе нема да се применуваат територијата на РС.

Надлежните институции и тела на РС се должни да ги преземат сите мерки за да се обезбеди спроведување на овој закон, се наведува во неговото образложение, што до Собранието го предложи Владата на РС.

Пратениците на владејачката коалиција, исто така, усвоија закон со кој се основа Висок судски и обвинителски совет на РС (ВСТС), што треба да ги преземе овластувањата на ВСТС на Босна и Херцеговина, односно да ги пропише овластувањата, условите и мандатот за вршење на судските и обвинителските функции, како и за назначување на судиите и јавните обвинители.

Со исто толку гласови беа усвоени измените на Кривичниот законик на РС, според кои ќе одговараат сите функционери на РС кои не ги почитуваат одлуките на ентитетските тела и институциите во органите на БиХ, за што се закануваат затворски казни од шест месеци до пет години, како и забрана за вршење јавна должност.

Собранието на РС вечерва го усвои Законот за посебен регистар и јавност на работата на непрофитните организации кои финансиски или на друг начин им помагаат на странски субјекти, таканаречениот Закон за „странски агенти“.

Цел на законот, како што објаснува Владата на РС како предлагач, е да се објави работата на непрофитните организации, односно да се формира регистар на невладини организации кои се финансираат од странство, како и да се следи нивната политичка активност и политички активности, „кои ги дефинираат како агенти на странско влијание“.

Пратениците од опозициските партии во РС не присуствуваа на гласањето.

Овие закони Владата на РС ги упати во собраниска процедура веднаш по вчерашната пресуда на Судот на БиХ против претседателот на РС Милорад Додик за неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ.

Рокас: Задржете ги принципите на ЕУ

Евроамбасадорот, Михалис Рокас
Евроамбасадорот, Михалис Рокас

Важно е Северна Македонија да ги задржи основните вредности и принципи на ЕУ и активно тоа да го покажува во мултилатералните форуми, вклучително и во рамките на ОН. Со тоа ќе се потврди геостратешката потврда и заложба кон европскиот пат, а е и во согласност со членстовото во НАТО, рече денеска евроамбасадорот, Михалис Рокас на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитете Македонија – ЕУ.

Ова доаѓа како реакција кон тоа што Северна Македонија гласаше како воздржана за резолуцијата на ЕУ во ОН за мир во Украина, во кое се осудуваше Руската агресија врз Украина.

Рокас, предупредувајќи дека државата треба да се држи до европските принципи постети и на преостанатите обврски за отворање на првиот кластер. Тоа според него се носењето на уставните измени.

Сличен став има и полскиот амбасадор, Мариуш Бримора, кој е претставник на земјата претседавач со ЕУ ја потсети Северна Македонија на европските вредности.

„Гласањето во Обединетите нации и резолуциите во ОН предизвикаа реакции на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија овде. Акциите се погласни од зборовите. Не треба многу внимателно да се следат состојбите за да се сфати дека геополитиката денес е многу сложена“, рече Мариуш Бримора, амбасадор на Полска.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани потенцира дека подолго од две децении, овој Мешовит парламентарен комитет е столб на партнерството, кој го насочува нашиот дијалог и гарантира дека европската интеграција на Северна Македонија останува стратешки приоритет.

„ЕУ е одговорна да дејствува не со колебање, туку со стратешка визија. Процесот на проширување не може да остане второстепено прашање кога е клучна и неопходна геополитичка работа“, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашањеа.

Постапките на Македонија во Обединетите нации ги коментираше и францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер. За него гласањето било неочекувано.

Поранешен директор на затворот во Шутка и полицајци помагале затвореници да се шетаат на слобода

Затвор „Скопје“ (Шутка)
Затвор „Скопје“ (Шутка)

Обвинителството отвори предмет за десетмина затворски полицајци меѓу кои е и директорот на затворот во Шутка. Го сомничи дека како директор злоупотребувајќи ја својата службена должност, во период од март до јули 2024 им дал поволности на петмина осуденици и привремено ги ослободил, дозволил и наредил осудените кои биле од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности што согласно судските одлуки не им следувале.

Исто така биле издавани наредби со кои се дозволило осудените лица да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби, иако во Постапката за спроведување вон установа јасно е наведено дека спроведувањето на лица лишени од слобода од казнено поправната установа се спроведува единствено до суд, здравствена установа или друг орган.

Начинот на кој ова се случувало бил кога осудениците доставувале молба до директорот кој со факсимил или потпис ги одобрувал молбите на осудените повремено да го напуштат затворот.

„Врз основа на потписот третопријавениот – командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и процедурите за спровод, изготвувал наредба за спровод на осудените лица која наредба била одобрена од првоосомничениот, а во неколку наврати тоа го сторил второосомничениот – затворски полицаец и личен возач на директорот. Одобрените наредби третоосомничениот ги предавал на останатите осомничени затворски полицајци, кои иако знаеле дека таков спровод на осудено лице е спротивен на законот и процедурите, го извршувале користејќи службени возила и службено гориво на установата и ги носеле осудените до определените места ослободувајќи ги да извршуваат приватни работи, а по 8 до 10 часа ги враќале назад во затворот. За извршената наредба на дел од осомничените затворски полицајци првоосомничениот им одобрувал прекувремени работни часови. Со ваквите противзаконски дејствија била предизвикана штета на Буџетот на РСМакедонија, за сметка на мала имотна корист за петмината осомничени“, се вели во соопштението од обвинителството.

Десетоосомничениот кој е затворски полицаец при вршење физички проверки за бројната состојба на затворените лица не пријавил дека одредена група на осудени лица сместени во импровизирани простории не се присутни, туку напротив, констатирал дека нема отсутни.

„Така, при ненајавен вонреден надзор од страна на Управата за извршување на санкции, било констатирано дека недостасуваат 11 осудени лица, а истите не биле пријавени дека не се присутни. Со непреземање на дејствија што му биле во надлежност, осомничениот сторил кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“. За истото дело е осомничен и тогашниот директор на затворот кој бил должен да преземе соодветни мерки, во однос на просториите во кои биле сместени осудените лица, а кои не исполнувале законските услови. Со непреземање на дејствија и активности им овозможил на осудените лица да бидат сместени во импровизираните простории без посебен надзор како што налага Законот за извршување на санкции, со што создал и овозможил услови кои што довеле до нивно бегство“, пишуваат од обвинителството.

Јавниот обвинител бара мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело.

Студенти протестираат во Нови Пазар, го блокираа главниот пат

Протест „Побрзајте за Пазар“ во Нови Пазар
Протест „Побрзајте за Пазар“ во Нови Пазар

Студентите кои го блокираа Државниот универзитет во Нови Пазар во западна Србија, нивните колеги од Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш, како и жители од различни градови, се собраа на 27 февруари на протестот наречен „Побрзајте за Пазар“.

Откако се собраа пред Државниот универзитет, три часа ја блокираа клучката Бањска на главниот пат Рашка - Нови Пазар.

Вечерта на 26 февруари, студентите ги пречекаа своите колеги кои дојдоа од други градови во Србија во Нови Пазар.

Ги пречекавме во полн сјај, а денеска тргнавме на голем протест. Некои од главните пораки се дека сме тука, дека сме подготвени да работиме за подобра иднина и дека ќе се бориме за тоа“, изјави за Радио Слободна Европа Кристина Вељковиќ, студент на Универзитетот во Нови Пазар.
Насобраните пред зградата на Градската управа претходно одржаа шеснаесетминутен молк во знак на почит за загинатите во уривањето на настрешницата на реновираната Железничка станица во Нови Сад и бруцошот Ернад Бакан, кој загина во 20219 година кога беше прегазен на пешачки премин во Земун.

Студентите и граѓаните потоа продолжија низ Пешачката зона, каде од зградата Арх, еден од симболите на Нови Пазар, беше развиен голем транспарент со студентски барања.

Насобраните ги носеа знамињата на Србија, Бошњаците од Санџак и високообразовните институции од кои дојдоа.

Им се придружија граѓани од различни региони. Професорот Един Садиковиќ дојде од Тутин.

„Тука има многу мои студенти и нема подобро место за мене. Постои чувство на желба и волја за промени и младите од Нови Пазар испраќаат прекрасна порака и слика до цела Србија“, изјави Садиковиќ за Радио Слободна Европа.

Речиси три месеци во Србија траат протестите поради уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Студентите блокираат повеќе од 60 факултети ширум земјата, барајќи кривична и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад.

Кавга по пратеничко прашање за потрошувачката кошничка

Илустрација
Илустрација

Пратеничката Славјанка Петровска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска влегоа во конфликт на пратенички прашања во Собранието. Вербалниот судир меѓу нив започна на темата околу потрошувачката кошничка и начинот на кој таа се пресметува и после изјавата на министерката дека таа не купувала грашок во конзерва и не сфаќа зошто таква храна е ставена во потрошувачка кошничка за 4-члено семејство во која има и 13 литри млеко.

„Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа, се обрати Петровска до министерката, во склоп на традиционалниот демократски инструмент за пратенички прашања, во Собранието.

На ова реплицираше Димитриеска-Кочоска која и порача на Петровска дека дури не може да ѝ каже дека таа е почитувана за неа.

„Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. За грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме, па во најевтините маркети купувам замрзнат грашок, рече министерката од собраниската говорница.

Пратеничката Петровска и порача на министерката дека „ако имаше дно, вие го пробивте“. За неа ова биле неумесни коментари.

Веднаш стигна реакција од Форумот на жени на СДСМ кој ја осуди изјавата на министерката Кочовска нарекувајќи ја срамна, навредувачка и дискриминаторска и најдолен настан во Собранието.

Најмалку 11 загинати и 65 повредени во Конго по експлозии на митинг на лидерите на бунтовниците М23

Илустрација
Илустрација

Најмалку 11 лица загинаа во експлозии на митинг што во четвртокот го одржаа водачите на бунтовничката група М23 во заземениот град Букаву, источно Конго, јавува Асошиејтет прес.

„Во нападот има 11 ртвии во тек е проверка. Организаторот на нападот е меѓу жртвите“, изјави за новинарите Корнеј Нанга, лидер на Алијансата за реката Конго (АФЦ), во која е вклучен и М23. „Има 65 повредени, од кои шест се тешко повредени и моментално се во операциона сала.

Тој рече дека „по денешниот немил инцидент, должни сме да реагираме и да ги оддалечиме заканите подалеку од провинцијата Јужен Киву“.

Водачите на бунтовничката група М23, вклучително и Нанга, беа на средба со жителите кога се случија експлозиите во централниот дел на Букаву. Видеото и фотографиите споделени на социјалните мрежи покажуваат толпа луѓе кои бегаат од масовниот митинг во Букаву и раскрвавени тела на теренот.

М23 ги обвини властите во Конго дека го организирале нападот.

„Го обвинуваме и енергично го осудуваме криминалниот режим во Киншаса, кој штотуку го спроведе својот план за истребување на цивилното население“, се вели во соопштението на АФЦ. „Овој напад предизвика неколку смртни случаи, вклучително и неколку терористи од Киншаса и некои повредени. Двајца од нив беа веднаш приведени од нашите служби“.

„Овој кукавички и варварски чин нема да биде без последици“, се додава.

Претседателот на Конго, Феликс Цисекеди, го нарече нападот „грозоморен терористички чин што го извршила странска армија незаконски присутна на територијата на Конго“.

Бунтовниците се поддржани од околу 4.000 војници од соседна Руанда, според експертите на ОН, и ветија дека ќе маршираат до главниот град на Конго, Киншаса, оддалечен преку 1.000 милји (1.600 километри).

Бунтовниците М23 поддржани од Руанда го зафатија регионот заземајќи клучни градови и убивајќи околу 3.000 луѓе во најзначајната ескалација на конфликтот во повеќе од една деценија.

Во молскавична тринеделна офанзива, М23 ја презеде контролата врз главниот град Гома во источно Конго и го зазеде вториот по големина град, Букаву. Регионот е богат со злато и колтан, клучен минерал за производство на кондензатори кои се користат во повеќето електроника за широка потрошувачка, како што се лаптопите и паметните телефони.

Руанда го обвини Конго дека собира етнички Хуту борци одговорни за геноцидот во Руанда во 1994 година на малцинствата Тутси и умерените Хути.

М23 вели дека се бори да ги заштити Тутсите и Конго со потекло од Руанда од дискриминација и сака да го трансформира Конго од пропадната држава во модерна. Аналитичарите ги нарекоа тие изговори за вмешаност на Руанда.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG