Достапни линкови

Вести

Камчев излегува од притвор

Јордан Орце Камчев
Јордан Орце Камчев

Бизнисменот Орце Камчев излегува од притвор откако Апелациониот суд ја уважи жалбата. Судот ја прифатил и понудената гаранција од 11 милиони евра дека тој нема да ја напушти земјата. Камчев ќе има обврска еднаш неделно да се јавува во судот и да не го напушта местото на живеење, односно да не излегува од Скопје. Камчев пред неколку дена беше хоспитализиран во Систина.

На 29 декември од притвор излезе и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. И Камчев и Мијалков беа во притвор за предметот “Плацевите на Водно”. Обвинети во случајот се и поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Ратка Куновска Камчева, кои се товарат за „перење пари“.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.

види ги сите денешни вести

Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји идната недела во Москва

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, на покана на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, од 31 март до 2 април ќе престојува во официјална посета на Русија, соопшти денеска (28 март) портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џакун.

Тој најави дека за време на посетата на Русија, Ванг ќе се сретне со Лавров и со руските лидери, со кои ќе разговара за развојот на кинеско-руските односи и меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес.

На редовниот брифинг со новинарите, Гуо рече дека Кина и Русија се сеопфатни стратешки партнери и дека меѓу Кина и Русија постои трајно добрососедско пријателство, пренесоа кинеските медиуми.

Орбан: Брисел се подготвува за војна иако во моментов нема таква закана

Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (28 март) изјави дека Брисел се подготвува за војна, иако, како што наведе, во моментов нема закана од војна.

„Нема закана од војна, Унгарија нема да војува со никого. Остануваме на страната на мирот и ако Европа започне војна, ние сигурно нема да влеземе во неа“, рече Орбан на прес-конференција.

Орбан рече дека во моментов не се чини дека Европа е под непосредна закана од војна и дека е многу малку веројатно дека „некој би нападнал членка на НАТО“.

Според него, оние кои се подготвуваат за војна обично го прават тоа за да покренат „некој чин на војна“, додавајќи дека во моментов се водат политички подготовки за подлабоко вклучување во конфликтот.

Тој додаде дека унгарските семејства не треба да преземаат посебни мерки.

Земјотрес од 7,7 степени го погоди Мјанмар, се урна висококатница во Бангкок

Последици од уривањето на зграда во Банкок, 28 март 2025 година
Последици од уривањето на зграда во Банкок, 28 март 2025 година

Најмалку едно лице загинало, а 50 други се повредени откако висококатница во изградба се урнала во Бангкок по силниот земјотрес што во петокот го погоди соседен Мјанмар, соопштија тајландските власти.

Службите за итни случаи претходно соопштија дека 50 лица се наоѓале во зградата што се урна во паркот Чатучак по земјотресот што го погоди Мјанмар, Тајланд, а бил почувствуван и во југозападна Кина.

Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди центарот на Мјанмар, соопшти Американскиот геолошки институт.

Последици од земјотресот во Мјанмар, 28 март 2025 година
Последици од земјотресот во Мјанмар, 28 март 2025 година

Епицентарот бил на 16 километри северозападно од градот Сагаинг, на длабочина од 10 километри, соопшти Институтот.

Силни потреси биле почувствувани стотици километри подалеку во Тајланд и југозападна Кина.

Будистички монах поминува покрај оштетена зграда на манастирски комплекс по земјотресот, во Најпитав, Мјанмар, 28 март 2025 година
Будистички монах поминува покрај оштетена зграда на манастирски комплекс по земјотресот, во Најпитав, Мјанмар, 28 март 2025 година

Зградите во Бангкок обично не се дизајнирани да издржат земјотреси, па штетата може да биде значителна, пренесе Би-Б-Си.

Тајландската влада одржува итен состанок.

Путин сугерира Украина да биде ставена под привремена администрација на ОН

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека треба да се смета како опција ставањето на Украина, која тој ја нападна во 2022 година, под администрација на Обединетите Нации за да се овозможи одржување нови избори во земјата.

„Таква практика постои и во принцип, се разбира, може да се разговара за можноста за привремена администрација на ОН со САД, европските земји и, се разбира, и со нашите партнери и пријатели“, рече Путин за време на состанокот со војниците на нуклеарна подморница во базата во Архангелск.

Како што пренесуваат светските агенции, целта е да се одржат демократски избори на кои на власт ќе дојде влада способна да дејствува за мировен договор.

„Потоа ќе почнеме преговори за мировен договор, ќе потпишеме легитимни документи кои се признати во светот и се безбедни и стабилни, рече Путин.

Руската влада постојано се обидуваше да го дискредитира легитимитетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Редовниот мандат на Зеленски заврши во мај 2024 година, но не може да се закажат избори поради воената состојба која е во сила веќе три години. Путин, исто така, постојано се повикуваше на нацистички слики и реторика од Втората светска војна за да ја оправда инвазијата на Украина, и покрај фактот што Зеленски е Евреин.

Украинскиот парламент во февруари усвои резолуција со која се потврдува легитимноста на Зеленски со јасно мнозинство. Многумина во Украина веруваат дека одржувањето на избори во услови на тековниот конфликт би било непрактично и нефер, бидејќи би било тешко да се обезбеди учество на војници и раселени цивили. На меѓународно ниво, Зеленски и понатаму е признат како претседател.

Путин, исто така, повтори дека Русија претпочита мирно решение на конфликтот со Украина, „но не на нејзина сметка“.

Тој рече дека е подготвен да преговара – вклучително и со Европејците, но истакна дека Русија нема да биде измамена.

Во воена смисла, рускиот претседател еднаш рече дека е сигурен дека Москва ќе победи. Руските сили веќе зазедоа 99 проценти од Луганската област и повеќе од 70 отсто од областите Доњецк, Херсон и Запорожје, кои Москва исто така ги анектираше.

Француското обвинителство бара седум години затвор за Саркози

Поранешниот француски претседател Никола Саркози
Поранешниот француски претседател Никола Саркози

Француското обвинителство побара седумгодишна затворска казна и парична казна од 300.000 евра за поранешниот претседател Никола Саркози, кој се соочува со обвиненија за незаконско финансирање на кампањата од режимот на сега починатиот либиски владетел Моамер Гадафи.

На Саркози му се суди од јануари под обвинение за прикривање на проневера на јавни средства, пасивна корупција, незаконско финансирање кампања и криминален заговор за извршување кривично дело.

Обвинителот Себастиен де Ла Туан ги опиша обвиненијата против Саркози и другите 12 обвинети како „корупција од висок интензитет“. Де Ла Туан рече дека Саркози склучил „фаустовски пакт за корупција со еден од најомразените диктатори во последните 30 години“.

Обвинителите побараа и петгодишна забрана за политичка активност и користење на одредени привилегии.

Надвор од судницата, адвокатите на Саркози им рекоа на новинарите дека бараните казни се строги и неосновани и дека тој е невин.

„Ќе продолжам да се борам сантиметар по сантиметар за вистината и да верувам во мудроста на судот“, објави Саркози на Фејсбук, додавајќи дека случајот е политички мотивиран.

Премиерот на Австралија најави парламентарни избори за 3 мај

Австралискиот премиер Ентони Албанезе
Австралискиот премиер Ентони Албанезе

Австралискиот премиер Ентони Албанезе распиша парламентарни избори за 3 мај, а гласањето ќе биде во заднината на несогласувањата за климатските промени, нуклеарната енергија и пазарот за недвижнини.

По речиси десет години во опозиција, централно-левичарската Лабуристичка партија на Ентони Албанезе дојде на власт во мај 2022 година.

Партијата има тесно мнозинство од 77 од вкупно 151 пратеници во Долниот дом на австралискиот Парламент и 40 од 76 претставници во Сенатот.

Лабуристите ја заменија тогашната многу непопуларна конзервативна влада на Скот Морисон.

Потврдени конечните изборни резултати во Косово

Илустративна фотографија - косовскиот Парламент.
Илустративна фотографија - косовскиот Парламент.

Косовската Централна изборна комисија (ЦИК) денеска ги потврди резултатите од парламентарните избори одржани на 9-ти февруари, отворајќи го патот за формирање на нови институции.

ЦИК на седницата одржана во четвртокот со 9 гласа „за“ и 2 „против“ ги потврди конечните изборни резултати.

Двајца членови на ЦИК од Движењето Самоопределување, Сами Куртеши и Албин Красниќи, се спротивставија на потврдувањето на резултатите, иако Врховниот суд ја одби нивната жалба за поништување гласовите преку пошта и повторување на гласањето.

Ќе ги следиме законските прописи и ќе поднесеме барање до Уставниот суд за привремена мерка... додека не се исцрпат сите законски канали, не може да се гласа за потврдување на конечните резултати“, рече Куртеши.

Според конечните резултати, на изборите победи Движењето Самоопределување со 42,30 отсто од гласовите, потоа Демократската партија на Косово со 20,95 отсто и Демократската лига на Косово со 18,27 отсто од гласовите.

На четврто место е коалицијата на Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива која доби 7,06 отсто.

Српската листа – најголемата српска партија во Косово – освои 4,26 отсто од гласовите.

По потврдувањето на конечните изборни резултати, ќе следи конституирање на новото Собрание на Косово, а потоа и формирање на нова Влада.

Според Уставот и Деловникот на Собранието, по потврдувањето на конечните изборни резултати, претседателката на Косово Вјоса Османи во рок од 30 дена мора да свика конститутивна седница на Собранието.

Функцијата претседател на Собранието и припаѓа на партијата која победи на изборите, во случајов на движењето Самоопределување.

„Коалицијата на подготвените“ - Доведување на Украина во најдобра позиција за преговори

Одбранбен самит „Коалиција на подготвените“ во Париз, Франција, 27 март 2025 година.
Одбранбен самит „Коалиција на подготвените“ во Париз, Франција, 27 март 2025 година.

Лидерите од повеќе од 30 земји се состанаа во Париз на разговори за тоа како да се зајакне позицијата на Украина на бојното поле и надвор од него, додека ветија нова помош и ги разгледуваа предлозите како да се распоредат европските сили во земјата за да се надополни идниот мировен договор.

По самитот на „Коалицијата на подготвените“ на 27 март, во која не се вклучени Соединетите Држави, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека лидерите собрани во Париз се пообединети за Украина од кога било досега и дека мора да се погрижат да се спротивстават на планот на Русија за одолговлекување на преговарачкиот процес со цел да приграбат повеќе украинска земја.

„Нашата цел е јасна“, рече Макрон на прес-конференцијата по самитот.

„За да постигнеме мир и да го направиме тоа, мораме да ја ставиме Украина во најдобра можна позиција“, рече тој.

Францускиот претседател изјави дека министрите за надворешни работи од членките на коалицијата добиле задача по самитот да разгледаат конкретни правни прашања поврзани со сите мировни сили предводени од Европа кои го поддржуваат прекинот на огнот, и им било кажано за тоа да подготват извештаи во рок од три недели.

„Во Украина ќе дејствуваат сили за убедување, претставени од неколку земји“, рече Макрон. „Не е Русија таа што може да одлучи дали силите за убедување можат да бидат стационирани во Украина.

Тој додаде дека во моментов нема договор за испраќање сили предводени од Европа и дека не се согласиле сите земји-членки да учествуваат, иако истакна дека тоа не е неопходно за да се оди напред.

Говорејќи пред самитот со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Макрон рече дека предложените мировни сили нема да бидат на првите линии на војната и нема да бидат задолжени за следење или спроведување на прекини на огнот - работа што тој сугерираше дека може да им припадне на мировниците на ОН.

Макрон додаде дека голем број вклучени земји презеле дополнителни обврски за да ѝ помогнат на Украина, вклучително и најавата на Франција за нов пакет воена помош во вредност од 2 милијарди евра (2,1 милијарди долари) на 26 март.

Покрај тие предлози, лидерите разговараа и за тоа како би можеле да ги координираат актуелните прашања што се дискутираат во разговорите предводени од САД со Москва и Киев, вклучително и спорното барање на Русија за укинување на санкциите пред да се имплементира примирјето.

Претходно оваа недела, рундите координирани од САД разговори со Киев и Москва во Саудиска Арабија доведоа до објавување на договор за кој Белата куќа рече дека резултирал со договор „да се развијат мерки за спроведување“ на неодамнешните обврски за запирање на нападите врз енергетските капацитети и прекин на огнот во Црното Море.

Но, Русија исто така бара да се исполнат голем број услови, вклучително и олеснување на санкциите, во замена за придржување до договорот.

Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика украинските партнери да бидат „барем онолку отпорни колку што сме ние“ во однос на условите поставени од Русија за спроведување на неодамнешниот договор за прекин на огнот во Црното Море.

Зборувајќи со новинарите во Париз пред состанокот на европските и другите партнери во четврток, Зеленски рече дека се согласил да ги продолжи разговорите за прекин на огнот во Саудиска Арабија за да обезбеди континуирана американска помош и размена на разузнавачки информации.

„Ја покажавме нашата издржливост. И сега е многу важно нашите партнери да бидат барем исто толку издржливи како ние, иако имаат повеќе способности“, рече Зеленски.

Во услови на високо стратешка дипломатија што САД ја започнаа за ставање крај на војната во Украина, европските лидери се обидуваат да обезбедат место на преговарачката маса, но досега беа исклучени од рундите на разговори во кои беа вклучени Москва, Киев и Вашингтон.

Макрон рече дека формирањето на европски безбедносни сили ќе биде тема на разговор во четврток, но нагласи дека силите нема да бидат на првите линии и нема да имаат задача да го следат или да го спроведуваат прекинот на огнот, работа што тој посочи дека може да падне на мировниците на ОН.

Наместо тоа, рече тој, силите за поддршка на европските трупи ќе бидат стационирани понатаму во Украина за да ја одвратат Русија и да обезбедат обука и поддршка на украинските сили.

Дали оваа иницијатива ќе резултира со акција останува да видиме.

Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп вклучен во разговорите со Русија и Украина, ја нарече идејата за коалиција „поедноставена“.

Неколку часа пред почетокот на тој состанок, Макрон најави дека Франција ќе ѝ обезбеди на Украина нов пакет воена помош во вредност од две милијарди евра, кој ќе вклучува противтенковски ракети, системи за противвоздушна одбрана, борбени ракети Мираж, оклопни возила, муниција и друга помош.

„Мораме да продолжиме да даваме директна поддршка за Украина, од суштинско значење е да се задржи нејзината отпорност“, рече Макрон по објавувањето на помошта.

Македонска и турска компанија потпишаа договор за отворање на фабрика за барут

Илхами Келеш, генерален директор на МКЕ, и Шефшет Демировски – сопственик и извршен директор на АТС Груп.
Илхами Келеш, генерален директор на МКЕ, и Шефшет Демировски – сопственик и извршен директор на АТС Груп.

Македонската компанија АТС Груп, единствена во одбранбената индустрија, денеска потпиша меморандум за соработка со МКЕ - најголемата државна одбранбена компанија во Турција. Како што беше истакнато, клучен дел од договорот е планот за отворање нова фабрика за производство на барут во Северна Македонија.

Договорот го официјализираа генералниот директор на МКЕ, Илхами Келеш, и извршниот директор и сопственик на АТС Груп, Шефшет Демировски, кои рекоа дека договорот ќе даде резултат во насока на заеднички инвестиции и создавање на нови работни места.

Како што истакнаа потписниците, партнерството ќе ја зајакне позицијата на двете компании на меѓународниот пазар, со посебен фокус на Турција и Северна Македонија.

Исто така, беше кажано дека соработката ќе опфати трансфер на технологии, модернизација на производствените линии и подобрување на капацитетите, со што ќе се зголемат можностите за извоз.

Дополнително, меморандумот предвидува заеднички вложувања во истражување и развој, програми за обука и техничка експертиза.

На потпишувањето присуствуваа министрите за одбрана и надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и заменик-министерот за национална одбрана на Турција, Хеибет Муса

Пет години во НАТО: Членството донесе стабилност, вели Муцунски

Знамиња на Македонија и на НАТО.
Знамиња на Македонија и на НАТО.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека членството во НАТО внесе оптимизам и позитивно се одрази врз регионот.

Денеска Северна Македонија одбележува пет години од членството во Алијансата, откако на 27 март 2020 година македонската Амбасада во Вашингтон го предаде инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт департментот на САД, со што земјата официјално стана 30-та членка на НАТО.

Муцунски нагласи дека земјата останува целосно посветена на евро-атлантските и европските интеграции, кои претставуваат клучна стратешка цел на државата.

„Денеска имаме можност како земја членка на НАТО да придонесеме кон градење на политичка и безбедносна стабилност, не само за нас, туку и за регионот и Европа, каде што природно припаѓаме. Заедно со вас сојузниците, заеднички ја градиме нашата иднина и заедно се справуваме со безбедносните предизвици со кои се соочува европскиот континент, а кои имаат и глобални импликации“, рече Муцунски.

Муцунски подвлече дека НАТО не само што ја зајакна безбедносната стабилност на земјата, туку и отворила нови можности за регионална соработка.

Според него, добрососедските односи и заедничките иницијативи со соседните земји значително придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и просперитетот на целиот регион.

Во своето излагање, министерот ја нагласи тријадата на македонската надворешна политика – полноправното членство во НАТО, целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и стратешкото партнерство со САД. Овие три приоритети, според него, се во целосна согласност со националните интереси на земјата.

Муцунски се осврна и на растечките безбедносни закани во Европа, посочувајќи дека земјава како дел од НАТО, е подготвена за колективен одговор и одбрана.

Тој истакна дека зајакнатата координација меѓу сојузниците е клучна за справување со глобалните предизвици.

Во таа насока, министерот потсети дека државата активно придонесува кон зајакнувањето на источното крило на НАТО, со свои сили стационирани во Бугарија, Романија и Латвија.

Дополнително, македонските војници се дел од мисиите на КФОР на Косово и ЕУ Алтеа во Босна и Херцеговина, со што земјата ја покажува својата посветеност кон глобалната безбедност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG