Достапни линкови

Вести

Оставката на Заев на пленарна седница на Собранието

Премиерот Зоран Заев во Собрание
Премиерот Зоран Заев во Собрание

Oставката на премиерот Зоран Заев што ја поднесе вчера до македонскиот парламент треба да се најде на денешната собраниска пленарна седница која претходно беше закажана за пратенички прашања. Заев преку писмо ги информираше претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците дека поднесува оставка од функцијата премиер и објасни дека „одлуката ја донел како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на одговорност за изборите. Според него, резултатите од последните избори, иако беа локални, имаат принципиелна и политичка тежина за политичкиот момент во кој се наоѓа државата.

Заев ја достави до Собранието оставката од премиерската функција

„Во такви услови, за мене лично и како премиер, поради политиките во кои верувам, поради демократските и европските вредности во кои верувам, би било политички неодговорно и неоправдано да продолжам да ја водам Владата на евро -атлантскиот пат“, наведе Заев во поднесената оставка. Тој посочи дека верува оти новиот премиер од редовите на СДСМ ќе успее да го постигне тоа на подобар начин и со успех за граѓаните и државата. Откако ќе биде прифатена оставката на Заев, шефот на државата Стево Пендаровски треба да му даде мандат на новиот премиер, за кого Заев претходно најави дека ќе биде новоизбраниот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Пендаровски – Нема политичар кој ќе го продаде својот народ, ако цената за ЕУ е идентитетот

Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена да ѝ го довери мандатот на партијата, односно на пратениците кои имаат повеќе од половина од пратениците во парламентот со 120 пратенички места. Мандатарот има рок од 20 дена да ги достави до Собранието програмата за работа и составот на владата.

Заев заминува - за едни како херој, за други како предавник

На крајот на октомври, на изборната ноќ од вториот круг од локалните избори, кога стана јасно дека СДСМ е поразен од ВМРО ДПМНЕ, Заев јавно објави дека поднесува оставка како претседател на партијата и премиер на Северна Македонија. Заев беше избран за претседател на СДСМ во 2013 година, првата влада ја формираше на 31 мај 2017 година, а втората на 30 август 2020 година.

види ги сите денешни вести

Северна Македонија е втората најзагадена држава во Европа

Скопје, загаден воздух
Скопје, загаден воздух

Поголем дел од светската популација дише нечист воздух, при што само 17 отсто од градовите на планетата ги исполнуваат упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) за загадување на воздухот, се наведува во извештајот што го подготви швајцарската компанија за следење на квалитетот на воздухот Ај Кју Еар (IQAir).

На листата со 138 најзагадени земји во светот во 2024 година, Македонија е на 35 место со просечна концентрација на ПМ2,5 честички од 23,3 микрограми на метар кубен.

И покрај намалувањето од скоро два микро грами во годишниот просек и подобра позиција за три места во светската ранг-листа, Македонија останува втора најзагадена држава во Европа, зад Босна и Херцеговина. Таа во светската листа е на 29 место со 25,3 микрограми на метар кубен.

Србија е третата најзагадена држава во Европа, Албанија десетта, Косово е на 15 место, Бугарија на 18, а Грција на 20 место.

Компанијата анализирала податоци од 40 000 мониторинг станици во 138 земји и открила дека воздухот во Чад, Конго, Бангладеш, Пакистан и Индија е најзагаден. Во Индија се шест од деветте најзагадени градови, со најзагаден воздух во малиот индустриски град Бирнихат на североистокот на земјата.

Експертите забележуваат дека реалното загадување на воздухот би можело да биде многу поголемо, бидејќи многу делови од светот немаат мониторинг потребен за да се добијат попрецизни податоци. Во Африка, на пример, има само една мониторинг станица на 3,7 милиони луѓе.

„Дишењето нечист воздух во текот на долг временски период може да предизвика респираторни заболувања, Алцхајмерова болест и рак“, вели Фатима Ахамад, главен научник и експерт за последици од загадување на воздухот во малезискиот Центар за планетарно здравје - Санвеј.

Светската здравствена организација проценува дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе секоја година. СЗО претходно откри дека 99 отсто од светското население живее на места кои не ги исполнуваат препорачаните нивоа на квалитет на воздухот.

Неколку градови како Пекинг, Сеул, Јужна Кореја и Рибник во Полска успешно го подобрија квалитетот на воздухот преку построги регулативи за загадување од возила, електрани и индустрија. Тие, исто така, промовираат употреба на почиста енергија и инвестираат во јавниот транспорт.

Неодамна објавена студија покажа присуство на високо ниво на микропластика во белите дробови на птиците, што се смета за доказ за широко распространето загадување на воздухот. Друга студија покажа дека загадениот воздух ја намалува способноста на луѓето да се фокусираат на секојдневните задачи.

Кина се надева на праведно и трајно решение за војната во Украина

илустрација
илустрација

Кина соопшти дека се надева дека може да се најде „праведно и трајно решение“ за војната меѓу Украина и Русија, бидејќи високи претставници на САД и Украина треба да разговараат за конфликтот во Саудиска Арабија.

„Се надеваме дека страните ќе можат да постигнат праведно и трајно решение што ќе биде прифатливо за сите“, рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг на прес-конференција во Пекинг.

Како одговор на прашање за претстојните преговори, таа рече дека „Кина ги поддржува сите напори кои придонесуваат за мирно решавање на кризата“.

„Кина е исто така подготвена да продолжи да работи со меѓународната заедница за да одигра конструктивна улога во политичкото решение на кризата“, додаде таа.

Инаку денеска (11 март) во Џеда, Саудиска Арабија се одржува нова рунда разговори меѓу американски и украински делегации. Во изјавите пред посетата, украинскиот претседател Володомир Зеленски вети „многу работа“ на дипломатскиот фронт, велејќи дека неговиот тим бил ангажиран со администрацијата на Трамп на различни нивоа.

Лајен: Европа треба да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана

Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК
Урсула фон дер Лајен, претседателка на ЕК

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен повика на „наплив“ на европските трошоци за одбрана, бидејќи блокот од 27 нации се соочува со агресивна Русија и слаба поддршка од САД.

Обраќајќи им се на пратениците во Стразбур, фон дер Лајен рече дека безбедносниот поредок на Европа „се разнишува“, што укажува на тоа дека континентот повеќе не може да се потпира на „целосната заштита на Америка“.

„Времето на илузии сега заврши. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана“, рече претседателката на Европската Комисија пред парламентот на ЕУ.

„Ни треба наплив на европската одбрана. И таа ни треба - сега“, додаде Лајен.

Брисел веќе испрати јасен сигнал дека се движи во таа насока, при што лидерите на ЕУ минатата недела го одобрија планот на комисијата чија цел е да се мобилизираат до 800 милијарди евра (860 милијарди американски долари) за зголемување на трошоците за одбрана.

Одбранбениот план предлага да им се обезбедат заеми на членките поддржани од ЕУ до 150 милијарди евра и ги олеснува фискалните правила за да им се овозможи на државите да трошат многу повеќе.

Европските влади се под притисок да ја засилат одбраната бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп размислува дали Соединетите Држави - гарант за безбедноста на Европа од Втората светска војна - треба да ја продолжат својата централна улога во НАТО.

Оддалечувањето на Трамп од трансатлантските партнери на Соединетите Држави доаѓа додека тој бара зближување со Русија за да се стави крај на војната во Украина - што ги зголемува стравувањата дека Киев може да биде принуден на неповолен договор.

Изјавувајќи дека на рускиот претседател Владимир Путин „не може да му се верува“, фон дер Лајен истакна дека Кремљ троши повеќе на својата војска „отколку цела Европа заедно“.

„Сите посакуваме да живееме во помирни времиња. Но, уверена сум дека, ако ја ослободиме нашата индустриска моќ, можеме да ги одвратиме оние што сакаат да ни нанесат штета. Време е да се изгради европска одбранбена унија која обезбедува мир на нашиот континент преку единство и сила“, рече таа.

Планот на комисијата, исто така, им овозможува на земјите-членки да ги пренаменат таканаречените „кохезиони“ фондови наменети за развој на посиромашните европски земји и ги укинува ограничувањата на инвестициите во одбраната од страна на Европската инвестициска банка.

Дискусиите за тоа како да се зголеми воената моќ на блокот ќе продолжат на самитот во Брисел следната недела, при што комисијата предвреме ќе претстави бела книга со дополнителни опции за „суштински да го зголеми финансирањето на европската одбрана“.

Поранешниот филипински претседател Дутерте уапсен по налог на Меѓународниот кривичен суд

Поранешниот претседател на Филипини, Родриго Дутерте
Поранешниот претседател на Филипини, Родриго Дутерте

Филипинската полиција го уапси поранешниот претседател Родриго Дутерте, откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог со кој се товари за злосторства против човештвото за време на неговата смртоносна „војна против дрогата“.

На Дутерте му беше доставен налог од Интерпол по пристигнувањето на главниот аеродром во Манила и беше приведен, соопшти Кабинетот на претседателот Фердинанд Маркос Јуниор.

Илјадници луѓе беа убиени во бруталната војна на Дутерте против дрогата, која се одржа додека тој беше претседател од 2016 до 2022 година.

Седумдесет и деветгодишниот Дутерте ги бранеше дејствијата, негирајќи дека тој ги наредил убиствата на осомничените и велејќи дека полицијата му наложила да убива само во самоодбрана.

Поранешниот портпарол на Дутерте, Салвадор Панело, го осуди апсењето, велејќи дека е „незаконско“ бидејќи Филипините се повлекле од МКС.

МКС претходно соопшти дека има јурисдикција на Филипините ако се работи за наводни злосторства извршени пред земјата да се повлече од членството.

Апсењето дојде откако Дутерте ги повлече Филипините од договорот од 2019 година за формирање на судот, кој започна да ги истражува наводите за систематски вонсудски убиства под негов надзор.

Филипините до минатата година одбиваа да соработуваат со истрагата на МКС за наводни злосторства против човештвото. Во видеото објавено на Инстаграм од ќерката на Дутерте, тој ја доведува во прашање причината за апсењето.

„Кој е законот, а кое е кривичното дело што го направив?“, вели тој во видеото.

Не беше јасно со кого зборува.

„Ме доведоа овде не по моја волја, тоа беше туѓа волја. Сега мора да одговарате за лишувањето од слобода“, додаде тој.

Според податоците на полицијата, 6200 осомничени се убиени за време на операциите за борба против дрогата за кои велат дека завршиле со престрелки. Но, активистите тврдат дека вистинскиот биланс бил многу поголем, а илјадници луѓе биле убиени под мистериозни околности.

Полицијата негира вмешаност во убиствата и ги отфрла обвиненијата на групите за човекови права за систематски егзекуции и прикривање. Хјуман рајтс воч го нарече апсењето „клучен чекор за одговорноста на Филипините“ и рече дека властите треба брзо да го екстрадираат Дутерте на МКС.

Генералниот секретар на НАТО, Руте во посета на Косово

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Членови на Северноатлантскиот совет, предводени од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и заменичката генерална секретарка Радмила Шекеринска, денеска ќе престојуваат во Косово во посета на меѓународната мисија предводена од Алијансата, КФОР.

Како што соопшти НАТО, Руте, Шекеринска и постојаните амбасадори на земјите членки при Алијансата ќе имаа средби со командантот на КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, како и со директорот на Советодавниот тим за врски на НАТО (НАЛТ), бригадниот генерал Кристијан Наврат. Покрај ова, тие ќе имаат можност и за разговори со војници ангажирани во НАТО и НАЛТ.

Предвидено е делегацијата на НАТО да има средби и со шефот на Мисијата на Европската Унија во Приштина, Аиво Орав, со првиот човек на ЕУЛЕКС, генерал-мајор Џовани Барбано, со специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН и шефица на УНМИК, Каролина Зиадех и со в.д. раководителката на Мисијата на ОБСЕ, Корнелија Тејлор.

Дополнително, како што се наведува во соопштението, Руте ќе се сретне и со претседателката на Косово Вјоса Османи и со косовскиот премиер Албин Курти.

Руте вчера беше во Босна и Херцеговина откако беа усвоени неуставни закони од ентитетот Република Српска. Тој порача дека НАТО нема да дозволи тешко стекнатиот мир во Босна и Херцеговина да биде загрозен и да се создаде безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина.

Парламентарни избори во Гренланд

илустрација
илустрација

Жителите на Гренланд, територија што е дел од Данска, но ужива автономија, денеска (11 март) гласаат за нов парламент.

Избирачките места ќе бидат отворени во 11 часот по Гринич и ќе бидат затворени во 22 часот.

Излезни анкети нема да има, а официјалните резултати се очекуваат на 12 март.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Гренланд, право на глас имаат околу 40 500 од 57 000 жители на оваа островска земја.

На последните општи избори во 2021 година гласаа околу 27 000 жители на Гренланд.

Во Парламентот на Гренланд има 31 место, а за мнозинство се потребни 16 пратеници.

Масовен напад со дронови ја погоди Москва и други руски градови

илустрација
илустрација

Голем напад со беспилотно летало ги погоди Москва и Московскиот регион на 11 март, предизвикувајќи штета на станбени згради и инфраструктурата.

Според Андреј Воробјов, гувернер на Московската област, во нападите загинало едно лице, а три други се повредени. Жртвите се пријавени во градот Видноје и селото Јам во близина на градот Домодедово.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени вкупно 337 беспилотни летала, но не се знае колку вкупно биле испратени.

Масовниот напад доаѓа додека високи американски и украински претставници се подготвуваат да се сретнат во Саудиска Арабија на разговори за тоа како да се стави крај на војната во Украина. Во последниве денови, Русија ги засили сопствените напади врз украинската инфраструктура и цивилни цели додека дипломатијата околу војната се засили.

Нападот со беспилотно летало во областа на Москва го означува првиот напад од големи размери на руска територија во последните неколку недели.

Украина не ја презеде одговорноста за нападот.

Воробјов изјави дека остатоци од соборените беспилотни летала паднале и врз станбена зграда во Раменскоје, при што биле оштетени најмалку седум станови.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин на својот канал Телеграм објави дека силите за воздушна одбрана уништиле повеќе од 70 украински беспилотни летала кои се упатиле кон Москва. Тој потврди и дека остатоците од соборениот дрон го оштетиле покривот на станбена зграда на улицата Домодедовскаја.

Бројни слики и видеа објавени од Москва и околината од страна на жителите покажуваат напади со беспилотни летала врз станбени згради. Во Раменскоје, беспилотно летало удри во висококатница на автопатот Северноје, предизвикувајќи пожар на горните катови. Дополнително, во приградската населба Високи Берег во Раменскоје, се запалила двокатна куќа по напад со дрон. Извештаите укажуваат и на оштетени високи згради во Видноје.

Украинските телеграмски канали исто така дистрибуираа снимки од експлозии низ московскиот регион.

Нападот влијаеше и на воздушниот сообраќај на главните аеродроми во Москва. Руската Федерална агенција за воздушен транспорт извести дека аеродромите Жуковски и Домодедово привремено ја прекинале работата поради нападите со беспилотни летала. Подоцна, аеродромот Внуково исто така престана да прима и испраќа летови.

Колку се важни информациите на американското разузнавање за воените напори на Украина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Московската железничка управа потврди и оштетување на железничката инфраструктура на станицата Домодедово на аеродромот. Во меѓувреме, извештаите од Рјазан покажуваат дека мета бил воениот аеродром Дјагилево.

Гувернерот на Рјазан, Павел Малков, изјави дека силите за воздушна одбрана го пресретнале нападот брзо и ефикасно, без пријавени жртви или оштетувања на станбените згради и социјалната инфраструктура во областа, што, според него, ги покажува силните одбранбени способности на земјата.

Ситуацијата останува тензична бидејќи властите го проценуваат целосниот обем на штетата и продолжуваат да ги следат потенцијалните закани.

Студентите го блокираа влезот во РТС во Белград и РТВ во Нови Сад

Студентите го блокираа влезот на РТС во Белград, Србија, 11 март 2025 година
Студентите го блокираа влезот на РТС во Белград, Србија, 11 март 2025 година

Во рамките на масовните студентски протести во Србија, беше блокирана зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, а во еден момент дошло и до „тепачка“ со полицајците. Насобраните најавија дека блокадата на зградата на РТС ќе трае 22 часа.

„Вечерва од водителката на РТС бевме наречени толпа. Затоа вечерва (10 март) ја блокираме зградата на РТС. Без насилство, без упади. Сите вработени ќе смеат да излезат од зградата - но никој нема да влегува“, изјавија студентите на Медицинскиот факултет во Белград.

Блокадата на РТС траеше цела ноќ, околу стотина луѓе се собраа пред главниот влез на зградата на телевизијата во Белград, а полицијата сè уште е внатре во зградата.

Блокирана е и зградата на Радио Телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад.

Директорот на РТВ Горан Караџиќ го отфрли барањето на студентите РТВ да известува за тоа што се случува пред блокираната зграда на тој медиум, поради што студентите продолжуваат да ја блокираат зградата на покраинскиот сервис, им изјави студентот Борис на новинарите, а пренесе Бета.

Неколку десетици студенти и граѓани се собраа пред Радио телевизија Крагуевац (РТК) во знак на солидарност со студентите кои ги блокираат јавните сервиси во Белград и Нови Сад, јави телевизијата Н1.

Студентите преку блокади и протести бараат властите да одговараат за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.

На социјалните мрежи беше објавено дека некои студенти отишле во Кошутњак, белградска населба, со цел да блокираат друго студио на РТС од кое може да се емитува програма, пренесува Бета.

Блокада на РТС, Белград 11 март 2025
Блокада на РТС, Белград 11 март 2025

Во текот на вечерта и во добар дел од ноќта, студентите ги блокираа сите влезови во зградата на РТС и не дозволуваат влез во зградата, но најавија дека е дозволен излез од зградата.

Полицијата соопшти дека ќе интервенира само доколку демонстрантите се обидат насилно да влезат во зградата.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата не дејствувала против демонстрантите, туку била нападната, иако на снимките објавени на социјалните мрежи јасно се гледа дека полицијата со палки напаѓала и тепала студенти и граѓани, пренесува Бета.

Во метежот е повреден еден полицаец, а српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека неговите сериозни повреди на окото ги нанеле демонстранти кои ги нарече „болшевички пленумци“.

Блокада на РТС, Белград 11 март 2025 година
Блокада на РТС, Белград 11 март 2025 година

Сепак, на видеата објавени на социјалните мрежи се гледа дека повредениот полицаец на протестите бил во цивилна облека, дека се движел меѓу студентите и дека најверојатно бил повреден од сопствените колеги во униформа, кога во еден момент се обидел да им се придружи, пишува Бета.

Масовните собири организирани од студентите во блокадата во неколку поголеми градови во Србија досега се мирни и не се забележани инциденти.

Студентите преку блокади и протести бараат објавување на целокупната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад за да се утврди одговорноста за несреќата, кривично гонење на напаѓачите на учесниците во претходните протести, како и запирање на постапката против уапсените за време на демонстрациите.

Владата тврди дека ги исполнила сите барања на студентите, а експертската група формирана од Сенатот на Универзитетот во Белград го демантираше тоа. Студенти од повеќе делови на Србија пешачат кон Белград за да се приклучат на новиот протест закажан за 15 март.

Kомеморација по повод 82 години од холокаустот на македонските Евреи

илустрација
илустрација

Еврејската заедница во Република Северна Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија во рамки на одбележувањето 82 години сеќавање на холокаустот на македонските Евреи, денеска (11 март) во Скопје, ја организираат централната комеморативна активност со оддавање почит пред Споменикот на 7144 депортирани македонски Евреи во скопскиот Монопол.

Свои обраќања по тој повод, како што најавуваат организаторите, ќе имаат претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, амбасадорката на Државата Израел Симона Франкел и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски.

Бројни делегации, владини и државни претставници и претставници на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ќе оддадат почит на Могилата на депортираните македонски Евреи и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на Градските гробишта „Бутел“.

„Застрашувачко место“: Осумдесет години по ослободувањето на Аушвиц
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе се одржи и промоција на книгата „Спасувањето, прогонот и холокаустот во Царството Бугарија (1940-1944)” од Леа Коен, а промотор на книгата ќе биде Проф. д-р Тодор Чепреганов.

Општина Штип и Еврејската заедница вчера во рамки на комеморативната програма им одадоа почит на 535 Евреи од Штип, кои беа убиени во логорот на смртта „Треблинка“. По тој повод се оддржаа Поворка на живите, полагање на цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи во Штип и посета на еврејските гробиште.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви истакна дека по 82 години од кобната ноќ меѓу 10 и 11 март се уште се силни спомените за 535 Евреи од Штип кои биле депортирани и убиени во „Треблинка“.

На 11 март 1943 година, 7144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип беа депортирани во центарот за убивање Треблинка, окупирана Полска или 98 проценти од вкупното еврејско население од тоа време во Македонија.

ЕУ размислува за заедничко финансирање на одбраната

Илустрација
Илустрација

Министрите за финансии на Европската унија на 10 март почнаа да разговараат за тоа како да се финансираат трошоците за одбраната преку ново заедничко задолжување, постоечките фондови на ЕУ и поголема улога на Европската инвестициска банка.

Разговорите на министрите уследија по состанокот на европските лидери минатиот четврток, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја замрзна американската воена помош за Украина и фрли сомнеж во посветеноста на Вашингтон кон европските сојузници.

Полскиот министер за финансии Анджеј Домански, кој претседава со разговорите, рече дека самитот ја потврдил „апсолутната политичка волја Европа да биде поодговорна за сопствената безбедност и да најде пари за масовното превооружување на Европа“.

Министрите ќе работат на предлогот на Европската комисија ЕУ да собере 150 милијарди евра со задолжување за заеми на владите за заеднички одбранбени проекти.

„Она за што Германија е многу отворена и што ние експлицитно го поддржавме е дека секогаш кога има вистински европски проекти во областа на одбраната, треба да се размислува и за заедничко финансирање“, рече германскиот министер за финансии Јорг Кукиес.

Едно од спорните прашања поврзани со заедничкото задолжување е од кого да се купат системи за оружје. Франција ја предводи групата земји кои претпочитаат да купуваат од европски компании, додека Германија е поотворена за купување надвор од Европа.

Долгогодишната дилема стана акутна откако Вашингтон го суспендираше обезбедувањето на Украина со разузнавачки информации, муниција и друга опрема, предизвикувајќи загриженост дека таа може да го стори истото со други земји, правејќи некои напредни системи за оружје бескорисни.

„Многу е важно средствата да се искористат за купување европски производи кои се дел од нашата стратешка автономија“, изјави францускиот министер за финансии Ерик Ломбард.


Министрите, исто така, ќе разговараат за користењето на кохезионите фондови на ЕУ за плаќање на проекти со двојна употреба кои би биле од корист и за цивилите и за војската, како и за новата политика за кредитирање на ЕИБ, банка во сопственост на владите на ЕУ, за да се прошири опсегот на проекти за кои може да позајми и да се зголеми износот на пари на располагање.

Министрите во вторник ќе разговараат за тоа како да се променат фискалните правила на ЕУ за да се обезбеди простор за повеќе национални трошоци.

За да се отстранат бариерите на ЕУ, Комисијата предложи да им се дозволи на сите 27 влади на ЕУ да ги зголемуваат трошоците за одбрана за 1,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) секоја година во период од четири години, без да предизвикаат дисциплински чекори според правилата за долг на ЕУ на кои се заснова еврото.

Министрите ќе разговараат за проширување на сегашната дефиниција за трошоците за одбрана, која сега ја зема предвид само воената опрема. Сегашните правила не ја разгледуваат изградбата на фабрики за муниција и зајакнувањето на патиштата и мостовите за да им се овозможи на тенковите да минуваат како трошоци за одбрана, а многу влади сакаат да го променат тоа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG