Празни кафулиња на сончев ден е првото изненадување во Свети Николе. Во пладневна прошетка до светиниколскиот пазар може да се забележат само повозразни луѓе. Млади луѓе како да не живеат во Свети Николе. Во пазарен ден во центарот на македонскиот Исток има повеќе продавачи на тезгите отколку купувачи. Од стотина тезги колку што брои градскиот пазар вреден 300 илјади евра во земјоделското Свети Николе само десетина беа полни со овошје и зеленчук донесени од скопскиот Кванташки пазар.
„Нема народ, цените се огромни, ние од Кванташки купуваме тука носиме, колку да не сме дома, иначе е катастрофа“, вели пензионерот Славе Цветковски.
Тој вели дека со препродавањето овошје и зеленчук на светиниколскиот пазар обезбедува приход плус за семејството.
„Дома имам две внучиња, снаа и син, морам да помагам. Земам пензија од 10 илјади денари, а само за лекови трошам 3 илјади и за струја уште четири илјади денари.“
Неговата сосетка со тезга на пазарот Мирјана Крстевска вели дека овошјето и зеленчукот се исклучиво македонско производство, нешто донесено и од локалните села, но нема кој да ги купи.
„Нема кој да купи, џабе идеме, младиот свет што купува го нема, а старите ние толку ќе јадеме, тежок живот“, изјави таа.
Земјоделците се жалат дека годинава била особено тешка.
„Многу е тешко, ситуцијата е за никаде, суша е, нема производство, едвај чуваме некоја стока, се е скапо, не ни плаќаат, тешко е“, вели Трајан Петрушевски од околното село Сопот.
Светиниколчани се жалат дека миграцијата како вирус го заразила градот.
„Проблемот е во миграцијата, поготово во Италија и Швајцарија. Седат до сто дена во Италија и на сметка си добиваат по 3 илјади евра. Гледајте колку е празен градот, сите млади се на берба на јаболка во Италија, сезонска работа, колку ќе заработи толку. Но ако си работи чесно и не излегува навечер во град ќе си донесат дома пари, ако одат по кафеани нема да донесат дома пари“, ни објасни пензионерот Лазо Златев.
Подобар живот и повеќе вработувања со години им ветуваат политичарите на светиниколчани. Златев вели дека предизборните ветувања им личат на рибарски приказни.
„Тие стално ветуваат, јас велам што ќе речат политичарите пред изборите и рибарите и ловџиите во понеделник, фалење до колку сакаш. Можностите се тие. Во руралниот дел се занимаваат со земјоделитето. Ако има луѓе да се занимаваат со сточарство и земјоделство ќе имаат, ако не потешко“, вели тој.
Според последните статистички податоци кои се објавени на веб страницата на општината, во Свети Николе од речиси осум илјади работоспособно население вкупно 3200 се невработени.
„За младите нема каде да излезат, за работа нема избор каде и да сакаш некаде да работиш, и фирми нема доволно и тоа што го плаќаат е минималец“, вели Горица Ангеловска.
„Голема е невработеноста, точно е, луѓето бегаат, плати нема, инвеститорите не даваат пари и тоа е. “
Невработеноста во истокот на земјава е сериозен децениски проблем. Во недостиг на системски решенија, граѓаните особено младите масовно се иселуваат од градовите во источниот но и западниот дел од земјава. Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство. Македонија, но и речиси сите земји од Западниот Балкан, со децении стареат и ги губат младите, најчесто добро обучени кадри. Според проценките на меѓународните организации, Македонија до средината на веков ќе загуби најмалку уште 10 проценти од своето население, а процентот на жители постари од 65 години ќе се искачи до 25 отсто.
Според Стратегијата за демографски развој 2008-2015 на Владата, годишно од државата се иселуваат помеѓу 10-15 илјади лица. Тоа е како да се иселил еден град со број на жители колку Свети Николе.
Како решение за овој долгогодишен проблем во Свети Николе политичарите пред секои избори им ветуваат дека ќе го помогнат локалниот развој на градот со нови индустриски зони каде што инвеститори би граделе и би можеле да вработуваат. Но, и по две децении ветувањето не е исполнето и нова индустриска зона не е отворена. 37 годишниот Јовивца Јованчев детството го поминал во Свети Николе, но се образувал во Скопје. Пред неколку години повторно се врати во својот роден град за да продолжи да го развива семејниот биснис.
Неговата фирма Донитекс се занимава со текстилна индустрија, односно со производство на пешкири, постелнина, прекривки и јоргани. Со години се обидува да го прошири бизнисот, затоа што има побарувачка, ама нема просторни услови за да ја достигне побарувачката. Но, институционалните пречки го оневозможуваат тоа.
„Имаме ние индустриски зони кои што постоеле во социјализмот, се изградиле некои фабрики и тие индустриски зони се пополнети. Последните 20 години колку што постоиме во државава нема направено индустриска зона да може приватник да добие дозвола и да гради. Се е правено, лепено, долепувано и се работи во површини кои не се наменети за индустрија. Минатата година е донесен новиот ГУП на градот во кој има одредени парцели кои се наменети за индустриска намена, но за да се реализира тоа потребно е да се донесат ДУП-ови. Е сега таа приказна колку ќе трае ќе видиме“, вели Јованчев.
Последните податоци објавени во анализата индустриски и туристички зони во вардарскиот регион покажуваат дека и во тие две индустриски зони Овче Поле и Југ нема доволно услови за работа. Па така во индустриската зона Југ недостасува атмосферска канализација. Додека во индустриската зона Овче поле недостасуваат фекална и атмосферска канализација, снабдувањето со вода е од бунари, недостасува осветлување и сообраќајница во зоната.
Тој додава дека и претходно имало ветувања и обид за реализација за нови инудстриски парцели, но неуспешно.
„Продадени се неколку парцели во индустриска зона која е во близина на автопатот. Но таа индустриска зона е на најниската точка во близина на реката и на секој помал дожд се се поплавува. Локацијата не е е за таа намена буквално, и затоа никој ниту е заинтересиран ниту гради ниту ќе гради на тоа место“, вели тој.
Недостигот на нови индустриски зони за Јованчев веќе една деценија претставува сериозна кочница во обидот да го прошири својот бизнис, со тоа да ги зголеми платите и да вработи повеќе луѓе. Индустриски капацитет за неговиот бизнис ќе значи модернизација, место за повеќе сировини, повеќе продуктивност, а со тоа поголеми плати за неговите вработени и повеќе работна сила. Пандемијата и проблемите што ги донесе на светскиот пазар со транспортот, за текстилниот сектор може да значи и поголем пробив на европскиот пазар. За да може Јованчев да стане поконкурентен на пазарот, вели дека му е неопходно поголем индустриски капацитет.