Достапни линкови

Двајца тераат црна кампања – третиот користи


Негативна кампања за локалните избори 2021
Негативна кампања за локалните избори 2021

Помалите партии и независните кандидатски листи може да бидат најголеми добитници на црната кампања која меѓу себе ја водат владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Негативната кампања обично ги пасивизира гласачите, но тие може да побараат и трета опција. Левица е во позиција да извлече најголема корист од тоа, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Помалите политички партии и независните листи, но особено Левица, најмногу ќе профитираат од „црната кампања“ што во пресрет на локалните избори двете најголеми партии ја водат меѓу себе, велат политичките аналитичари.

До гласањето за локалните избори остануваат уште четири дена. Медиумите, а особено социјалните мрежи, се преплавени со спонзорирани објави за оцрнување на противникот. Спротивставувајќи се на кампањата „Најдоброто за мојата општина“ на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ објавува спотови со грешките на власта под слоганот „Ова не е најдоброто, ова не е нормално“. СДСМ, пак, се спротивставува со кампањата „Со Мицкоски не знаеш на што си“. Поединци на социјалните мрежи, пак, постојано монтираат фотографии и видео-снимки за оцрнување на политичките опоненти кои потоа се шират преку портали со сомнителен кредибилитет без импресум.

Политичките аналитичари велат дека црната кампања вообичаено служи за пасивизирање на неопределените гласачи и намалување на излезноста на изборите, со што тие би се свеле на пресметка меѓу најголемите партии. Од друга страна, на овие локални избори понудата е побогата. Освен СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со свои кандидати или советнички листи излегоа Левица, коалицијата ЛДП-ДОМ, како и ред други помали партии, а во поголемите општини има и независни советнички листи.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека црната кампања ќе ги натера гласачите да апстинираат од изборите.

„Но секако, долгиот негативен наратив од двете партии, односно негативните кампањи би ги натерале граѓаните да побараат трета опција. Теоретски, во науката е така. Јас мислам дека тука во најголем ќар ќе биде Левица. Таа е во позиција да освои најголем дел од колачот како трета опција. Другите можеби ќе добијат нешто локално, но на национално ниво најголем добитник може да биде Левица“, вели Арсовски.

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, вели дека не очекува големо прелевање на гласовите од двете најголеми партии кон некој трет. Тој посочува дека за разлика од претходни изборни циклуси сега и нема којзнае колку изразена црна кампања.

Негативната кампања можеби е ефикасна за консолидирање на сопственото стандардно гласачко тело, но не е ефикасна за привлекување на друго избирачко тело. Така што, секако дека во одреден дел може да има прелевање, но не некое огромно“, вели Муслиу.

На локалните избори кои треба да се одржат в недела, освен партиските кандидати ќе има и 25 независни кандидати за градоначалник и 57 независни листи за советници кои ги собраа потребните потписи. Во Македонска Каменица и во Чучер Сандево има по тројца независни кандидати за градоначалник. Во Кавадарци и во Македонски Брод, пак, има по 5 независни советнички листи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG