Достапни линкови

Марковиќ – Меѓународен притисок и дипломатска бравура за договор со Бугарија


Марковиќ - Откажувањето од ЕУ ќе го направи Преспанскиот договор бесмислен
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:14 0:00

Марковиќ - Откажувањето од ЕУ ќе го направи Преспанскиот договор бесмислен

За формулирање на договор со Бугарија ќе биде потребна комбинација од силен меѓународен притисок и дипломатска бравура за да се најдат формулации кои ќе ги задоволат двете страни, но не сум сигурен дека бугарската страна ќе биде задоволна со тоа, вели универзитетскиот професор Ненад Марковиќ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре Марковиќ, го делите ли оптимизмот на премиерот Зоран Заев, па и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија може да ги започне преговорите за членство со ЕУ до крајот на годинава?

Многу пати почнувале до крајот на годината, така што можеби сум малку помалку оптимистичен во однос на претходни ситуации кога тоа било најавувано. После две вета и ова кое ни е трето, нормално е човек да покаже први знаци на скепса и резервираност. Мене ми се чини дека е прерано со оглед дека во Бугарија треба да се формира Влада, треба да се надмине проблемот, треба да помине одредено време на акомодација на тој проблем и какво и да има решение за некаква имплементација на тоа решение или барем почеток на имплементација, па после тоа да се отворат самите преговори. По мене, самиот факт што Бугарија не може да состави влада е првиот проблем, а вториот проблем и да ја состави, да разгледаме и едно хипотетичко сценарио, тоа веројатно ќе биде влада во која односите ќе бидат многу натегнати, па ќе нема огромен простор за попуштање кон Македонија и тоа само по себе ќе создаде атмосфера во која многу тешко ќе се одвиваат преговорите. Единственото нешто што може да помогне во одредена мера, и тоа не е магично стапче, иако така го доживуваме овде, е меѓународниот притисок, но и меѓународниот притисок има, а тоа често го забораваме тука, своја лимитирана моќ, свој лимитиран дострел, до каде може да оди и колку може да постигне. И САД и другите земји-членки на ЕУ, од кои големото мнозинство јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со позицијата на Бугарија, можат да направат одреден притисок, но тоа не значи дека ќе ја скрши Бугарија. Бугарија во ова виде една голема шанса, виде, јас би рекол, една можност да го добие она што историски го посакува многу долго време, иако јас не мислам дека ова ниту е климата, ниту атмосферата, ниту начинот тоа да се постигне.

Имајќи ги предвид познатите ставови на Бугарија, може ли да се дојде до решение кое нема да задира во македонскиот идентитет?

Јас не мислам дека треба да дојде до какво било друго решение. Мора да се најдат многу специфични и многу иновативни формулации кои би биле прифатливи за двете страни. Имам впечаток дека Бугарија сепак тргнува кон сценариото да нè понижи во одредена мера, односно да прифатиме нешто што е понижувачко. Тука би направил паралела со Преспанскиот договор. Зошто Преспанскиот договор е многу различен од Договорот со Бугарија, што е суштинската разлика? Суштинската разлика е што видовме концесии од грчка страна. Грција мораше да прифати македонски народ, македонски јазик, ние прифативме одредени идентитетски консеквенци во членот 7, тоа не ме радува претерано, меѓутоа ајде да речеме дека за таа тема ни кај македонскиот етнос, кај македонскиот народ во самата Македонија немаше консензус. Антиквизацијата беше тема која доста го поларизираше народот. Но, ние за Илинден или за АСНОМ имаме целосен консензус, и историски и национален итн. и ако тука бугарската страна се обиде да влезе во некакви идентитетски параметри и нивно менување, мислам дека тоа ќе биде многу лошо дочекано, не само од Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, во која нема некој особен прогрес за прашањата кои се спорни, туку, не знам колку е спремна и оваа влада, која има доста полиберална позиција во однос на претходната, да прифати таков тип на компромис. Ако решивме дека нема да се навлегува во идентитетски прашања, тогаш нека не се навлегува. Нека се најдат формулации кои ќе ги задоволат двете страни, но не сум сигурен дека бугарската страна ќе биде задоволна со тоа. Мислам дека сепак се оди на одредена идентитетска интервенција и дека тоа е крајната цел на Бугарија, нешто што Бугарија не го криела во последните 50-60 години. Вие и по составот на комисијата, на луѓето, од бугарска страна можете точно да видите кои се интенциите. Така што јас не сум претеран оптимист во оваа смисла, меѓутоа комбинација од притисок и одреден компромис кој би бил... Ќе треба да се случи дипломатска бравура во однос на формулирањето на тој договор и ќе видиме каде ќе биде реципрочниот момент. Со Грција имаше реципрочен момент во Преспанскиот договор, со Бугарија не гледам дека Бугарија е спремна да прифати што било, освен признавање на македонската нација од 1945 година наваму, што не е нешто. Тоа е стекната позиција, тоа секако не може да го негира, така што не гледам што Бугарија прифаќа, а самиот проблем на асиметричноста во односот во ЕУ наметнува ние да не можеме да разговараме како партнери. Ако тие ја имаат моќта на ветото, а ние ја немаме, тоа не е реципрочен однос.

Колку засилувањето на евроскептицизмот го отвора патот во регионот на трети страни?

Патот е отворен, никогаш и не бил затворен. Прашањето е на мерка, колку други политички центри на моќ ќе ја искористат таа ситуација. Јас да сум на нивно место, секако би ја искористил, зошто да не? Кога веќе некој ми дава таков пенал со својата импотентност да заузда или на некој начин исконтролира една своја членка, тогај јас не знам зошто не би го шутнал тој пенал и не би ја искористил дадената прилика. Сепак, тоа се големи геополитички играчи кои не би промашиле ваква златна шанса. Тоа е празен гол, малтене. Така што, потоа не треба да се бара вината исклучиво во внатрешните политички фактори, кои би биле некаков прокси или, да не искористиме глупави термини, би соработувале со овие центри на моќ, зашто и некој друг се потрудил таа атмосфера да биде создадена. Тогаш вината ќе биде на повеќе страни.

Целото интервју со универзитетскиот професор Ненад Марковиќ, кој е и член на Советот за безбедност, може да го погледнете на видео-снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG